Зелената метропола стана бетонска џунгла
По едно дрво на тројца жители, ова е најновата пресметка за која се залагаат експертите во светот за луѓето во градските средини да имаат поквалитетен живот. Но пресметките на сите досегашни домашни власти се различни од овој есап. Промените на Скопје низ годините се темелат на бетонизирање на зеленилото. Не се добројуваат исечените дрва кои најчесто се заменуваат со кревки стебла на кои им треба десетици години да го дадат истиот ефект како исечените крошни. Нови паркови никнуваат само во партиските предизборни програми и најчесто немаат ништо заедничко со дефинициите за урбано зеленило во официјалните учебници. Се сади кој што сака и кој каде сака, на истиот принцип без стратегија и се бетонизира, а професорите велат дека така венее и зеленилото и квалитетниот живот во Скопје.