Македонија и Србија збратимени и во загадениот воздух
Градовите во Македонија и во Србија секоја година се високо на листата на најзагадени во светот. Честите дефекти на мерните инструменти, посебно за доминатните загадувачи во воздухот ПМ2,5 и ПМ10 честичките, долгите периоди на сервисирање и загубата на податоци, создаваат искривена слика за нивото на загадувањето.
Континуираната изложеност на овие честички предизвикува сериозно нарушување на здравјето, па во Македонија и Србија околу 20 отсто од сите смртни случаи годишно се последица на овие отровни честички. Постапката за набавка на нови мерни инструменти е во тек. Од македонското Министерството за животна средина ветуваат дека набавката на опрема ќе заврши оваа година, со пари од ИПА 2 програмата. Од друга страна, граѓани и еколошки активисти се заинтересирани за поставување на мали мерни сензори за мерење на загадувањето, но и за да се лоцираат изворите на загадување. Д-р Алесандро Залдеи од Националниот институт за биометеорологија од Италија поттикнува создавање на ваква хипер локална мрежа, но само со квалитетни мерни станици кои се можат да дадат релевантни податоци и споредливи податоци.
Проблематични мерења
Неколкукратните надминувања на нивото на отровни честички во воздухот, секоја година ги вбројуваат градовите во Македонија и во Србија на листата најзагадени во светот. Државните мерни станици кои го мониторираат аерозагадувањето покажуваат дека концентрацијата на ПМ10 честички постојано ги надминува стандардите. Ако според европски норми се толерира нивното ниво да се искачи на 50 µg/m3 во 35 дена од годината, на картата на Македонија не постои локација каде не бил пробиен европскиот праг. Во Кавадарци на пример, тоа било случај дури 156 дена. Состојбата е идентична и во Србија. Таму, ваквата слика е забележлива во 80 отсто од градовите. Ваљево е на врвот. Таму секој втор ден или 174 денови во годината, присуството на отровните ПМ10 честички било повисоко. Во Нови Пазар 151 ден, а во Смедерево 146 дена.
Состојбата со загадениот воздух е уште позагрижувачка ако се знае дека во одредени градови воопшто нема мерни станици, а таму каде постојат, не се мониторираат сите отровни честички. Најчесто се расипуваат токму мерните инструменти за суспендираните честички (ПМ10 и ПМ2,5) кои и во двете земји се доминатни загадувачи. Овие информации е разбирливо да предизвикуваат недоверба во државните институции, бидејќи се креира впечаток дека нешто се крие, односно дека загадувањето можеби е повисоко од прикажаното.
„Не се мери тоа што најчесто е лошо“, вели Дејан Лекиќ од Националната еколошка асоцијација на Србија.
За граѓаните да бидат свесни за состојбите и да знаат што дишат, еко-активисти во двете земји креираат сензорни мерни апарати со кои се обидуваат да создадат густа мрежа за следење на загадувачите. Но, податоците од нив за државните институции не се релевантни.
Постоењето на тие мрежи е мошне важно, смета Алесандро Залдеи, експерт од италијанскиот Национален институт за биометеорологија. Тој појаснува дека таа мрежа од сензори и уреди кои не чинат многу, може да даде релевантни и споредливи податоци. Сепак, Залдеи укажува дека е неопходно да се дефинира кои се минимум стандардите коишто треба да ги поседува еден уред за да дава доволно квалитетни податоци.
„Треба да создадеме мрежа која ќе биде способна да ни даде релевантни, добри податоци. Колку добри? Не како што ги дава станицата која чини стотици илјади евра која се користи во официјалната европска мрежа. Но, доволно добра за да ни даде релевантни податоци кои ќе може да бидат искористени за да се креира детална слика. Кога зборуваме за евтини сензори, треба да се стави некоја рамка под која не смее да се поминува, бидејќи кога ќе пристапите на Интернет, таму има сензори кои се продаваат за само неколку евра“, вели Залдеи.
Граѓаните сега се оставени пред изборот – да чекаат државните мерни станици комплетно да профункционираат, или да се потпрат на податоците од приватните сензори. Тие бараат навремени и прецизни информации за воздухот што го дишат, да се лоцира изворот на загадување и да има конкретни мерки против виновникот.
„Важно е да престанеме да се вртиме во круг“, порачува Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“, Македонија.
Ист „вирус“ ги напаѓа мерните инструменти и во двете земји
Мерните станици и во двете земји покажуваат слични симптоми и слабости, а дефекти најчесто се случуваат кај мерачите за најситните отрови.
Во Македонија има 22 мерни станици распоредени низ повеќе градови, но граѓаните, особено во зимскиот период кога загадувањето е највисоко, немаат комплетни информации за состојбата. Жителите на скопските општини Центар и Карпош од почетокот на годинава не знаат колкаво е присуството на отровните ПМ 2,5 честички во воздухот. Податоци немаат ни кумановци, за кои е непознаница колкаво е присуството на ПМ 10 честичките.
И во српската табела за мерни станици, во графиконот за ПМ 10 и ПМ 2,5 честички наместо измерени концентрации во воздухот стои знакот „X“ . Присуството на овие честички не го мери речиси секоја втора мерна станица, односно во 25 од вкупно 40 мерни станици колку што ги има во цела Србија, со исклучок на Белград.
Мерните станици во Белград (30 на број) го мерат присуството на отровните честички во воздухот и тие во март најчесто беа со црвена боја што покажуваше зголемено ниво на токсини.
Дупките во податоците ги оставаат граѓаните без основни информации за присуството на отровните честички и креираат целосно искривена слика за квалитетот на воздухот.
Дејан Лекиќ од Националната еколошка асоцијација, коментирајќи ја состојбата во Србија предупредува дека главен проблем е што сите автоматски станици не мерат ист сет параметри за квалитетот на воздухот.
„Во случај кога недостигаат анализатори на суспендираните честички (ПМ2,5 и ПМ10), тогаш и перцепцијата за состојбата е лажна. Без такви анализатори кои даваат податоци во концентрацијата во реално време се Сремска Митровица, Шабац, Лозница, Кикинда, Краљево, Врање, Крушевац, Суботица, Сомбор и Кикинда. На тоа треба да се додадат и голем број градови со над 50.000 жители кои воопшто не се опфатени со автоматско следење, како што се Лесковац, Пожаревац, Јагодина, Стара Пазова, Бачка Паланка“, вели тој.
Во Македонија, државниот мониторинг систем од аспект на просторна покриеност, набавка на нови станици и обем на загадувачки материи кои се следат е подобар од повеќето земји во регионот, но одредени загадувачи кои се од суштинско значаење за следење на воздухот се недоволно покриени или воопшто не се дел од мониторингот, оценува д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.
„Концентрациите на фината фракција на суспендирани честички (РМ 2.5) се следат само на неколку станици, а концентрациите на елементарен јаглерод воопшто не се дел од мониторинг системот, а измерените просечни концентрации на елементарен јаглерод во Скопската агломерација се меѓу највисоките во Европа. Недоволното одржување на инструментите и долгите периоди на сервисирање, резултира со чести испади на поедини системи и голема загуби на податоци, што во основа е и најголемиот проблем, кој дури може да предизвика целосна загуба на основната функција на системот за мониторинг, а тоа е оцена на квалитетот на воздухот во зоната на набљудување“, потенцира Мираковски.
Како причина за дефектите, властите ги наведуваат: неочекуваните прекини на доток на електрична енергија, проблемите во преносот на податоците, дефектите на клима уредите и на пумпите за земање примероци, а изговорот зашто побрзо не се санираат е ист, нема пари и кадар.
Од македонското Министерство за животна средина велат дека „во тек е реализација на постапка на набавка на нови мерни инструменти во рамки на проект финансиран од ИПА 2 програмата, со цел замена на постоечките инструменти со нови“. Набавката на опрема за мониторинг станиците е планирано да биде завршено оваа година.
Континуираната изложеност на овие честички предизвикува сериозно нарушување на здравјето на граѓаните. Како дел од Западниот Балкан, Македонија и Србија се меѓу земјите во кои од 250 до 300 лица на 100.000 жители умираат како последица на загадувањето, односно околу 20 отсто од сите смртни случаи годишно се од отровните честички.
„Со меѓународни рефрентни методи потврдено е дека ефектите постојат. Овие ефекти од воздухот или од екологијата учествуваат дури со 20% во причините за смрт, што воопшто не е за занемарување. Бројките што почнавме да ги следиме од 2012-2013 година, а тоа се потврди и од Светската здравствена организација покажуваат дека околу 20 од причините од смртните случаи се поради аерозагадувањето. Иако сега на годишно ниво умираат околу 20.000 луѓе во Македонија, значи 4-5.000 се од аерозагадувањето. Дистрибуцијата по градови е најразлична, Скопје поради најгустото население има и најголем број. Но секаде во градовите е од 17 до 20%, што се големи бројки. Може да издвоиме три групи на земји. Овде на Западен Балкан ситуацијата е најлоша. Кај нас околу 250 до 300 луѓе на 100.000 жители умираат поради аерозагадувањето. Тука Македонија и Босна се водечки во тие бројки, и Србија е тука отприлика. Косово има многу малку, затоа што е млада популација – 70 луѓе умираат на 100.000 жители. И тоа е најзагрозената група на земји. Средна Европа има околу 120 до 150 на 100.000, тоа се Хрватска, Чешка, Словачка, а најдобри во свет секогаш се нордиските земји каде што бројот на смртни случаи може да биде 10 на 100.000 и каде што нормите на СЗО се веќе исполнети“, вели д-р Ѓоргов.
„Хроничната изложеност на ПМ честичките има удел во ризикот од развивање кардиоваскуларни и респирабилни болести, како и рак на белите дробови. Смртноста поврзана со загадувањето на воздухот е за околу 15-20% повисока во градовите со високо ниво на загадување споредено со релативно чистите градови“, пишува во извештајот за состојбата со животната средина во Македонија.
Државни VS приватни мерачи
За поголема информираност на граѓаните за осцилациите на нивото на отровни честички, советникот од „Зелен хуман град“, Горјан Јовановски, се залага за што помасовно поставување на сензорни мерачи на воздухот кои ќе помогнат и да се лоцира изворот на загадувањето. Тој очекува на овој начин да се запре праксата да се штитат субјектите кои се извори на загадувањето. Планот е да се постават што поголем број сензорни мерачи во секоја населба, во секоја улица и да се види како се движи загадувањето и од каде се шири. Идејата за поставување на хипер мрежа ја реализира заедно со Александар Долстер, кој објаснува дека мерачот за квалитет на воздухот кој самите го изработуваат е сензибилен на ПМ2,5 и ПМ10 честичките. Има интерес кај граѓаните и општините за овие сензорни уреди и намерата е да ги постават во училишта, градинки и на други објекти.
„Бидејќи овие сензори прават мерење на секои 15 минути може да видиме графички како се движи загадувањето низ градот, значи од каде потекнува, каде тргнува, дали дошло од УСЈЕ и тргнало натаму, дали дошло некаде од Сарај, дали од некоја дива депонија од Вардариште. Значи, ќе може многу убаво да се види како се шири за да можеме понатаму да бараме конкретни мерки за решавање на тие централни подрачја од каде што извира ова загадување. Така што овој проект со поставување на хипер мрежа, хипер локална мрежа на сензори навистина ќе придонесе да не може потоа да излезе некој и да каже, знаеш јас мислам дека е од ваму или од ваму и да се обидува да штити одредени интереси. Податоците се јавни, податоците се достапни секој може да види точно од каде извира аерозагадувањето и ќе можеме врз база на тие податоци да бараме конкретни мерки да се преземат коишто не дека и сега не ги знаеме како конкретни мерки, но тогаш кога ќе отидеме со податоци, ќе удриме на масата и ќе речеме, еве ги податоците не можеш да бегаш од ова. Пробуваме да направиме обрач околу големи индустриски објекит, но секако тука доаѓаат и објекти кои имаат Б-интегрирана дозвола, тоа се помали – ресторани, пекари кои што не знаеме на што се греат, што горат и колку тие придонесуваат за аерозагадувањето, секако има и домаќинства што горат несоодветни материјали. Секакво горење придонесува за аерозагадувањето“, вели Јовановски.
„Имаме лабораториски документи со калибрација и да кажеме 2% до 5% се точни во споредба на официјалните од нашата Влада. Сакаме да имаме подобар квалитет на мерења да ги поставиме веднаш до државните и тогаш ќе направиме подобра калибрација. Една мерна станица ќе се вклучи, па втора, па трета и така ќе знаеме од каде е потеклото на загадување“, објаснува Долстер.
Набавката на овие граѓански мерачи кои ќе овозможат индикативни мерења во Македонија е регулирана со Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, предложен од Министерството за животна средина и просторно планирање. Но од таму велат дека резултатите од сензорните уреди не можат да бидат основа за мониторинг и за нив се неприфатливи.
„Мерењата со мобилните сензори покажуваат поприлично нереални резултати заради тоа што сензорите имаат висока вредност на граница на детекција и не може со сигурност да се земат предвид измерените податоци. Резолуцијата при мерењето е различна и резултатите може да покажат разлика и до 1.000 пати. Друга причина за несигурноста на резултатите е што истите имаат висока осетливост на промени на температурата и влажноста и постои голема веројатност да не можат да се разграничат различните загадувачки супстанции. Истовремено се појавуваат и системи од сензори, или таканаречени „smart systems“, кои пак претставуваат мрежа од сензори поставени на различни локации, но најчесто во близина на некоја референтна мониторинг станица со мерни инструменти кои работат според референтни методи. Овие сензори може да бидат употребувани единствено за научни истражувања, но и тука треба да се внимава при анализа и користење на резултатите“, сметаат од македонското Министерство за заштита на животната средина.
Покрај државните, во последните години и во Србија различни еколошки и други здруженија на граѓани спроведуваат мерења со помош на бројни апликации. Раководителот на Секторот за мониторинг и информациски систем за животна средина во Војводина Драган Ѓурица ги анализира различните податоци добиени со официјалните и сензорните мерачи и заклучува дека „неофицијалните“ уреди не се сертифицирани и податоците се толкуваат врз основа на моментално измерените вредности, без да се вклучат метео параметрите.
Националната еколошка агенција има неколку свои апликации, а Дејан Лекиќ укажува дека во Србија има повеќе од 350 граѓани или еколошки организации кои користат мерачи со поевтини сензори и тоа само за присуството на концентрацијата на ПМ честичките.
„На државната станица се покажа дека квалитетот на воздухот е зелен, беше оценет како одличен, а на некоја станица што ја поставил еден или петмина граѓани, се покажа виолетова боја дека воздухот е многу загаден. Зошто е тоа така? Па, затоа што во оваа земја не се мерат суспендираните честички и тоа на ниту еден начин не е означено кај зелената боја на државната веб-страница. Би било логично, не затоа што тоа е сега не знам каква тајна, ништо не треба да се крие, но логично би било државата на својата страница на која не ги мери суспендираните честички, а кои се покажаа и како доминатен загадувач во Србија да каже, во ред ние овде мериме некои други супстанции, сулфур диоксид, азот диоксид или озон, не го мериме она кое очекуваме дека ќе имаме зголемување и тоа е тоа. Не го мериме она што е најчесто лошо. И граѓаните тогаш рекоа – аха, тие се обидуваат да скријат нешто. А всушност, тоа не е прикривање, никогаш и немало мерач на ПМ-честички. Тој мерач чини пари, треба да се обезбедат средства, треба луѓе, да калибрираш, инсталираш, поврзуваш… Има илјада работи што треба да се направат прво. Но, државата во 2013 година имаше 39 станици на територијата на Република Србија, а во 2023 година има четириесет. Апликацијата која ја направив ги користи и двата извори и јасно покажува дали тој извор е граѓанска таканаречена станица или државна станица. Јасно е назначено ако е државна станица која не мери суспендирани честички, пишува „не мери ПМ“. Јас само се обидувам да им ги понудам на луѓето, сите извори на информации, а тие сами нека ги извлечат своите заклучоци“, објаснува Лекиќ.
Овие „граѓански“ сензори најчесто се поставуваат на балкони, прозорци или на места до кои е можно да се спроведе електрична енергија и да имаат достапност до безжична мрежа која се користи за трансмисија на податоците.
Српска ситуација
„Воздухот во зоните Србија и Војводина во 2022 година е прекумерно загаден, зашто во градовите и општините доминантна е трета категорија според законските одредби“, се наведува во податоци од Националната еколошка асоцијација, којашто уште на почетокот од годината, врз основа на податоци од официјални мерни станици, го објави својот извештај „Воздух 2022“.
Сѐ уште не постои официјален извештај од Агенцијата за заштита на животната средина за претходната година, иако законска обврска е да биде објавен на почетокот од март, односно „најдоцна 60 дена од истекот на календарската година за претходната година“.
Дали и колку ќе се подобри состојбата со загадувањето на воздухот во Србија, ќе се види откако ќе почне имплементацијата на „Програмата за заштита на воздухот во Република Србија за периодот од 2022 до 2030 година, со акциски план“ – документ што владата на Република Србија го усвои на 8 декември 2022 година и со којшто се утврдени бројни активности за подобрување на моменталната состојба. За негова реализација неопходни се дури 2,6 милијарди евра. Во Програмата, меѓу другото, се предупредува дека за дури 67 отсто од емисиите на суспендирани ПМ 2,5 честички во Србија, вината е во индивидуални ложишта, додека податоците од Агенцијата наведуваат дека тој процент во 2021 година достигнал дури 80 отсто!
Различните проценки покажуваат и дека од последици од загаден воздух во Србија годишно умираат над 10 илјади граѓани. Со бројни студии е докажано дека загадениот воздух му нанесува голема штета на здравјето, а особено се опасни суспендираните ПМ честички, коишто влегуваат во крвотокот и во сите органи и се предизвикувачи на сите главни кардиоваскуларни заболувања, како и на дијабетес, деменција, но и на бројни невролошки заболувања. Едновремено, загадениот воздух спречува целосен развој на белите дробови кај децата, влијаат врз нивниот имунитет, како и врз когнитивниот развој.
Воздухот во 2021 година
Но, да тргнеме по ред. Според официјалните податоци од Агенцијата за заштита на животната средина, воздухот во Република Србија и во текот на 2021 година бил прекумерно загаден речиси во сите најголеми градови, поради пречекорување на толерантните вредности на една или повеќе загадувачки материи.
Годишниот извештај за состојбата на квалитетот на воздухот во Република Србија за 2021 година укажува дека во зоните Србија и Војводина воздухот бил „чист или незначително загаден“, освен во градовите: Ваљево, Нови Пазар, Краљево, Зајечар, Крагујевац, Чачак, Лозница, Параќин (Поповац), Суботица, Сомбор, Сремска Митровица и Зрењанин. Воздухот бил прекумерно загаден и во агломерациите Белград, Ниш, Панчево, Смедерево, Косјериќ, Бор и Ужице.
Инаку, податоците од Владата на Србија покажуваат дека во 2019 година дури 92,4 отсто од населението живеело во агломерации (3,053 милиони) во коишто воздухот бил прекумерно загаден и каде што дошло до пречекорување на толерантните вредности за една или повеќе загадувачки материи, додека тој процент во 2014. година изнесувал 57,5 отсто. Значи, во период од шест години, состојбата значително е влошена, што веројатно продолжило и по 2019 година.
Инаку, овој бирократски јазик не е можно да го одбегнеме во овој случај, затоа што – во согласност со членот 5 од Законот за заштита на воздухот, Уредба за одредување зони и агломерации – територијата на Република Србија е поделена на три зони и осум агломерации и податоците, покрај конкретните градови, се објавуваат токму во согласност со оваа поделба.
„Во Бор, воздухот бил прекумерно загаден, што уследило по пречекорувањето на граничната вредност на сулфур диоксид и суспендирани честички ПМ10. Во Белград, воздухот бил прекумерно загаден поради пречекорување на граничната вредност на азот диоксид и суспендирани честички ПМ10 и ПМ2,5. Ниш, Ужице, Панчево, Ваљево, Нови Пазар, Суботица, Смедерево и Косјериќ биле прекумерно загадени поради пречекорување на граничните вредности на суспендирани честички ПМ10 и ПМ2,5. Нови Сад, Лозница, Чачак, Краљево, Зајечар, Крагуевац, Параќин (Поповац), Сремска Митровица, Сомбор и Зрењанин биле прекумерно загадени по пречекорување на граничните вредности за суспендирани честички ПМ10“, прецизирано е во извештајот на Агенцијата за заштита на животната средина за 2021 година.
Категории на квалитетот на воздухот во 2021 година по станици
Како што се додава, оценката за квалитетот на воздухот во 2021 година е изведена врз основа на мерење на концентрацијата на загадувачки материи во државната мрежа и во локални мрежи за мониторинг на квалитетот на воздухот. Собраните податоци добиени се од страна на 29 локални самоуправи, а тоа – како што се наведува во извештајот – досега е најголем прилив на податоци за квалитетот на воздухот, затоа што заедно со податоците од државната мрежа, обработено е вкупно 201 мерно место. Се додава и дека ефикасноста на мониторингот за квалитетот на воздухот во текот на 2021 година, во државната и во локалните мрежи за квалитет на воздухот, за сите загадувачки материи била од 83 до 91 отсто.
Извештајот како притисок
Од друга страна, извештајот за 2022 година од Националната еколошка агенција, покажува дека меѓу градовите, општините и населените места во коишто воздухот бил прекумерно загаден поради пречекорување на средните дневни концентрации на ПМ10 честички во 2022 година, убедливо на прво место било Ужице со дури 160 дена, во текот на кои тие вредности биле пречекорени.
Потоа следат Поповац со 146 дена, Ваљево со 144 дена, Нови Пазар со 141, Смедерево и Радинац со 128, Белград, Земун и ТБ со 105, Пирот со 102, Косјериќ со 101 ден. Во првите десет уште се Панчево, Војловица и Велики Црљени, со по 92 дена.
Број на денови со пречекорувања на средните дневни гранични концентрации на ПМ 10 во 2022 година
Појаснувајќи како неговата организација веќе има резултати за претходната година, а државната Агенција нема, Дејан Лекиќ од НЕА прецизира дека Агенцијата за заштита на животната средина ги почитува законските (60 дена) во коишто сите институции што изведувале мониторинг (автоматски и мануелен) имаат обврска да ги достават податоците од своите системи.
Овој рок, додава нашиот соговорник, не е почитуван најчесто од повеќе причини, а практиката покажала дека поради малите капацитети на учесниците во процесот, средината од годината е реалниот рок за собирање и за анализа на податоците, а потоа и за изработка на националниот Извештај за состојбата на воздухот.
„Националната еколошка асоцијација (НЕА) својот извештај го заснова само врз податоци од автоматски мониторинг и тоа само од оние државни страници од коишто податоците ѝ биле на располагање на јавноста во текот на целата година, како и од ‘граѓански‘ анализатори што исполнувале основни услови, во смисла на достапност на податоците за целата година, а коишто биле собирани во реално време преку системот ексЕко. Намерата на НЕА била, како и претходната година, јавноста правовремено да биде известена за загрижувачката состојба на квалитетот на воздухот во поголемиот дел од земјата и така да изврши посилен притисок врз надлежните институции, во што покус рок да почнат да применуваат адекватни мерки за намалување на концентрациите на загадувачки материи во воздухот“, прецизира Лекиќ, којшто од 2001 година бил на раководни места во Сојузниот хидрометеоролошки завод, во Министерството за заштита на животната средина и во Агенцијата за заштита на животната средина. Во периодот од 2010 до 2018, во неа ја вршел и должноста помошник директор.
Што работи агенцијата
Квалитетот на воздухот во Србија е контролиран на повеќе рамништа од страна на различни државни органи – тоа го работат Агенцијата за заштита на животната средина, како дел од Министерството за заштита на животната средина, потоа Покраинскиот секретаријат за урбанизам и за заштита на животната средина, како и локалните самоуправи.
Од Агенцијата за заштита на животната средина не дадоа одговори на нашите прашања. Сепак, од податоците достапни на интернет-презентацијата, се гледа дека нејзините надлежности во областа на квалитетот на воздухот произлегуваат од одредби во Законот за министерства и од Законот за заштита на воздухот.
Утврдените задачи на Агенцијата за заштита на животната средина во областа на заштита на квалитетот на воздухот, предвидуваат изведување државен мониторинг за квалитетот на воздухот, вклучувајќи спроведување пропишани и усогласени програми за контрола на квалитетот на воздухот.
Едновремено, Агенцијата води информациски систем за квалитетот на воздухот за Република Србија, ја информира јавноста за квалитетот на воздухот и врши оценување на квалитетот на воздухот во зоните и во агломерациите, како и категоризација на квалитетот на воздухот врз основа на резултати од мерењата според нивото на загаденост, поаѓајќи од пропишаните гранични и толерантни вредности.
Агенцијата е обврзана да изготвува и објавува Годишен извештај за состојбата на квалитетот на воздухот во Република Србија, како и да изведува размена на податоци за квалитетот на воздухот со Европската агенција за животна средина (ЕЕА), со Европската мрежа за информации и набљудување (ЕИОНЕТ) и за потребите на известување во согласност со преземените меѓународни обврски (Протоколот ЕМЕП). Учествува и во изготвување законски и подзаконски прописи од областа на заштитата и унапредувањето на квалитетот на воздухот.
Од фондацијата РЕС, чијшто обем на работа е животната средина, оценуваат дека состојбата во Србија е „мошне незадоволителна“ во поглед на квалитетот на воздухот, што впрочем го покажуваат и официјални документи – Програмата за квалитет на воздухот и извештаите од Агенцијата за заштита на животната средина.
„Оној кого што го интересираат споредби, може да ги погледне извештаите од Европската агенција за заштита на животната средина, која што собира извештаи од 41 агенција ширум Европа. Според тие извештаи, граѓаните на Србија губат повеќе години од животот во однос на вкупниот број жители како последица од загадувањето со честички, и тоа повеќе од граѓаните во други 39 држави“, предупредува Александар Мацура од РЕС фондацијата.
Поради тоа, во повеќе наврати од РЕС фондацијата е укажувано дека не може само со ангажманот на Агенцијата да се оствари корисна јавна политика за заштита на воздухот, како и дека е потребно да ѝ биде даден јасен мандат и доволно средства за независно да го следи квалитетот на воздухот.
„Агенцијата, пред сѐ, има надлежности што се поврзани со следење на состојбата и известување за квалитетот на воздухот. Ние мислевме дека постои простор да се разгледа зголемување на надлежноста на Агенцијата, по примерот на некои модели од Европа и од светот, за да се овозможи подобра координација на дејствувањата кон намалувањето на загаденоста и намалувањето на последиците на загаденоста во однос на здравјето“, истакнува Мацура.
Покраината проследува податоци
Раководителот на Секторот за мониторинг и информациски систем за животна средина и в.д. помошник на покраинскиот секретар, Драган Ѓурица прецизира дека Покраинскиот секретаријат за урбанизам и за заштита на животната средина управува со седум автоматски станици, односно со локална мрежа за мерење на квалитетот на воздухот на територијата на Автономната покраина Војводина. Станува збор за станиците во Зрењанин, Суботица, Нови Сад, Сомбор, Кикинда, Обедска бара и во Делиблатска пешчара.
Собраните податоци, т.е. измерените вредности се „валидираат според стандард“ и таквиот готов податок ѝ се доставува на Агенцијата за заштита на животната средина, додава тој.
„Податоците се точни и се применливи, а врз основа на нив потребно е понатамошно изготвување планови за квалитетот на воздухот, што е обврска на единиците на локалната самоуправа (според Законот за заштита на воздухот и соодветните правилници). Плановите за квалитет на воздухот треба да содржат и мерки за унапредување на квалитетот, односно намалување на загаденоста, врз основа на кои се изведува понатамошно спроведување на мерките, што во практиката е многу сложено зашто е неопходна мултисекторска соработка и планирање средства итн…“, наведува Ѓурица.
Кога се во прашање ингеренциите на АП Војводина, нашиот соговорник прецизира дека покраинскиот секретаријат само дава мислење за документот.
„При изработката на планови за квалитет, нарачателот ангажира експерти од неопходните области коишто учествуваат во изработката на документот, Покраинскиот секретаријат доставува само мислење, Министерството дава согласност, а пред усвојувањето во собранието на единиците на локалната самоуправа, предвидена е и јавна дебата“, наведува тој.
Мацура предупредува дека Република Србија со задоцнување од 11 години во однос на законски пропишаните рокови, донесе Програма за квалитет на воздухот, што треба да претставува основа за дејствување кон намалување на загаденоста.
„Локалните самоуправи носат Планови за квалитет на воздухот, но тие главно се со недоволен квалитет и не се спроведуваат во целост. Чесно е да се каже дека локалните самоуправи не можат самите да го решат проблемот. Отсуствуваат реакции од институциите надлежни за реагирање на ризици по јавното здравје што доаѓаат од животната средина, иако прецизно е опишано кој и што треба да работи“, додава Мацура.
Што е мерено и како
На сајтот на Агенцијата за заштита на животната средина постои дел на којшто е можно да се видат мерните станици и резултатите во живо, како и табеларни прикази од мерењата.
Слично е и кога станува збор за АП Војводина, и нејзините податоци се достапни онлајн, но во прашање е значително помала бројка на мерни станици.
Од овие платформи видливо е дека Агенцијата на своите 70 станици го следи квалитетот на воздухот со мерење на следните честички: суспендирани честички (ПМ10 и ПМ2,5), потоа сулфур-диоксид (SO2), азот-диоксид (NO2), јаглерод-моноксид (CO), Бензен (C6H6), озон (O3).
Лекиќ предупредува дека главниот проблем е што сите автоматски станици не го мерат истиот збир од параметри за квалитет на воздухот, а тоа – особено во случајот со недостаток на анализатори за суспендирани честички (ПМ2,5 и ПМ10) – создава лажна слика за состојбата со квалитетот на воздухот. А токму пречекорувањата на границите за овие честички се апсолутно доминантни на територијата на целата земја (освен во Бор кога е во прашање сулфур-диоксид, како и во неколку големи градови каде што поретка е појавата на пречекорување на концентрациите на азот-диоксид и приземен озон).
„Па така, во места без анализатори на концентрации на суспендирани честички во реално време, се вбројуваат Кикинда, Сремска Митровица, Шабац, Лозница, Заечар, Параќин, Краљево, Крушевац, Врање (станици на Агенцијата за заштита на животната средина), како и станиците со коишто раководи Покраинскиот секретаријат во Зрењанин, Суботица, Сомбор и во Кикинда. Кон тоа треба да се додадат и низа градови со над 50 илјади жители, коишто воопшто не се покриени со автоматски мониторинг: Лесковац, Пожаревац, Јагодина, Стара Пазова, Бачка Паланка, Рума…“, додава тој.
Лекиќ нагласува и дека дополнителен мониторинг се спроведува со т н.р. „мануелни“ методи, каде што во правилни временски растојанија се земани примероци од воздухот и дополнително се анализирани во овластени лаборатории. Така добиените податоци не се на располагање во реално време, но влегуваат во анализата при оценувањето на квалитетот на воздухот на годишно рамниште.
Покрај споменатите честички што се следени во реално време, со мануелната метода за контрола се доаѓа и до податоци за концентрациите на саѓи, флуороводороди, толуен, ксилен, етилбензен, како и за вкупните таложни материи во воздухот.
На пример, во наведениот извештај од 2021 година тоа изгледа вака:
Концентрацијата на саѓи во 2021 година ги пречекори максимално дозволените вредности за околу 60 дена на шест локации – на една во Ужице, две во Шабац и пет во Ваљево. Во Крагуевац и во Севојно овие вредности биле надминати во тек на 40 дена, а во Зрењанин во тек на 29.
Неофицијални мерења
Покрај државни, односно „официјални“ мерења, во последниве неколку години, со помош на сѐ побројни апликации, и разни еколошки и други здруженија на граѓани, како и самите граѓани почнаа да спроведуваат вакви активности. Коментирајќи ги разликите во добиените податоци помеѓу официјални и неофицијални мерења, Ѓурица оценува дека до разлики доаѓа главно затоа што „неофицијалните“ мерења се изведени со направи „што не се типски и сертифицирани“.
„Податоците се толкувани врз основа на моментално измерени вредности, без да се има предвид мерната несигурност, без опфаќање метео параметри и не земајќи ги предвид правилниците од Светската здравствена организација како најстроги при толкувањето резултати што влијаат врз здравјето на луѓето“, наведува тој.
Националната еколошка агенција има неколку свои апликации, а Дејан Лекиќ укажува дека граѓаните или еколошките организации користат мерачи коишто во моментов во Србија се повеќе од 350, а кои имаат поевтини сензори и тоа само за мерење концентрации на ПМ честички, што станаа достапни со развојот на технологијата.
„Овие ‘граѓански‘ сензори најчесто се поставени на балкони, прозорци или места во надворешната средина, до кои е можно да се спроведе електрична енергија и кои се во дофат на безжичната мрежа што се користи за трансмисија на податоци. Имајќи го ова предвид, сосема е логична разликата што е воочлива во мерењата помеѓу државните и ‘граѓанските станици‘, но битно е да се нагласи дека според податоците собрани од платформата ексЕко во последниве две години, граѓанските мерачи даваат за 10 до 20 отсто пониски вредности за концентрации на суспендирани честички во просек“, истакнува Лекиќ.
Наместо епилог
Александар Мацура предупредува дека постои прецизна правна рамка во која точно се знае кои мерки треба да бидат преземени од некоја институција кога се утврдуваат ризиците врз јавното здравје и животната средина.
„На пример, ако постои ризик врз јавното здравје што се јавува во повеќе локални самоуправи, Националниот совет за јавно здравје е институцијата што мора да се занимава со таа тема. Според сѐ што знаеме ние, Националниот совет за јавно здравје никогаш не одржал ниедна седница од каков било вид. Своевремено се именувани членови, но никогаш не заседавал“, предупредува Мацура.
Тој додава дека така се одредени и институциите што би требало да иницираат проценка на ризик и да наложат некакви здравствени мерки, или какви било други мерки што би биле реакција на постојната ситуација. Потоа, вели Мацура, би требало да се отпочне и со носење и спроведување суштински мерки што можат и мораат да даваат резултати.
„Да“ за квалитетни станици
Треба да се создаде мрежа која ќе биде способна да ни даде релевантни, добри податоци, а уредите кои би давале вакви податоци би требало да чинат од 3.000 до 10 илјади евра што е пазарната цена на 90 отсто од добрите инструменти кои се сега достапни на пазарот, вели Алесандро Залдеи од Националниот институт за биометеорологија од Италија. За да се избегнат непрецизни и нерелевантни податоци, Залдеи вели дека мора да се внимава при нивното поставување, на пример местоположбата, бидејќи во спротивно тие се бескорисни.
„Не е во ничиј интерес да се манипулира со добиените податоци, бидејќи тоа е ризично и бескорисно, а манипулацијата може да биде со преместување на мерната станица во добра или во лоша област“, истакнува Залдеи.
Тој нуди решение кое балансира меѓу скромните можности на државата и потребите на граѓаните со поставување на квалитетни мерни станици на локално ниво за да се подобри мониторингот и да се следи нивото на отровни честички во секоја улица и населба што не е достапно со државните мерни станици.
„Ако нешто се детектира, тогаш може да побараат во општината или до владата да се инсталира референтна станица таму каде што има критична точка. Вообичаено во Италија, јас мислам и во цела Европа, има мобилни станици кои можат да се движат токму за ваквата апликација во одредена област. Тоа ќе и помогне на таа локална мрежа направена по прифатлива цена да детектира каде се критичните точки. Тогаш тие податоци ќе се споредат со официјалните и ќе се утврди дека има таква точка и ќе се преземат мерки за ублажување. Но ако сензорот само дава бројки без да се има предвид температурата, влажноста, тој е бескорисен“, објаснува Залдеи.
Од сегашната понуда на уреди на пазарот, Залдеи вели дека минималната цена на еден мерач за квaлитетно мониторирање, се движи меѓу 3.000 и 4.000 евра. Тој се реферира и на категоризацијата на уреди од американската Агенција за заштита на животната средина и на заклучокот дека „технологија под 3.000 долари не е на ниво да дава добри податоци.
Поентата е со примена на овие европски искуства да се идентификуваат изворите на загадување, да се преземат мерки за ублажување на ефектите во микро средината, а за граѓаните да се достапни информации со реални параметри.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии и Автономија.
Уредник: Соња Петрушевска Поповска
Новинари: Ангела Рајчевска (МКД), Далибор Ступар (СРБ)
Снимател: Наќе Батев
Фотограф: Томислав Георгиев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска