fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
 

Македонските планини на удар од „зелените транзиционери“

makedonskite planini na udar od zelenite tranzicioneri featured

Македонските планини на удар од „зелените транзиционери“

Како мета за пикадо изгледаат одредени делови од мапата на Македонија на кои се обележани местата на кои се планира изградба на ветерни електрани. Растат апетитите на инвеститорите за профит преку производство на струја од ветерници во Македонија, а со тоа се зголемува опасноста да се повтори грешката со малите хидроцентрали. Детектиравме сериозни закани коишто незабележано поминуваат во јавноста поради недостиг од транспарентност околу предвидените проекти за изградба на ветерни електрани. При тоа, Владата почна да менува заштитени зони за да може да се гради нечија ветерница, само кратко откако конечно забрани изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Ваквата неконзистентна политика го оправдува сомнежот во начинот на кој се спроведува транзицијата кон зелена енергија. Таа ќе биде јалова ако носи непоправливи штети на природата.

Демнат опасности

Енергетската криза ја забрза транзицијата на Македонија кон искористување на обновливи извори на енергија. Расте бројот на капацитети за производство на струја од сонце, но порасна и интересот за изградба на ветерници. Доказ за тоа се документите за намери и еколошките студии што инвеститорите во изминатиов период ги поднеле до Министерството за животна средина и просторно планирање. Од нив, може да се види дека има голем интерес за изградба на ветерни електрани во јужниот дел од земјата, меѓутоа дека интересот се проширува и на останатиот дел од државата.

Вообичаено во јавноста има позитивни реакции за инвестиции во обновливи извори на енергија. Политичарите и компаниите навикнаа да го користат превезот „зелена енергија“ за да ги потенцираат придобивките од ваквите инвестиции и позитивните ефекти врз намалување на загадувањето од фосилни горива. Меѓутоа, нашето истражување покажа дека приказната има и втора, потемна страна.

Во процесот на изградба на ветерниците и потоа во текот на нивната работа се зголемуваат ризиците по животната средината и опасностите од уништување на природата. Имено, во документите што ги анализиравме јасно се прецизира дека за реализација на овие проекти е потребна изградба на пристапни патишта, канали, далноводи и друга инфраструктура. Тоа може  да доведе до деградирање на планински предели и заштитени подрачја, загрозување на флората и на фауната, па дури и до загадување на изворите на вода за пиење. Постојат ризици од  хаварии и целосно уништување на пејсажите.

makedonskite planini na udar od zelenite tranzicioneri 1

Градежните зафати за поставување на ветерниците се обемни, а поради големата тежина и габарит на деловите транспортот до локациите предвидени за градба е предизвик. | Фотограф: Дарко Андоновски

Без исклучок, сите заинтересирани инвеститори ветуваат дека ќе применуваат најдобри практики за заштита на животната средина, но и речиси без исклучок, на сите локации има по некоја жешка точка. Па така, во намерата за изградба на ветерен парк „Петрово“ кај Гевгелија со 11 турбини и вкупна моќност од 40 MW се предвидува изградба на далноводи, трафостаница, пат од 3 километри за поврзување со автопатот Демир Капија – Смоквица, како и изградба на внатрешни патишта до секоја од турбините.

Известување за намера за ветерен парк „Петрово“

Ветерен парк е планиран и кај Стојаково во Богданци, со 10 ветерници или вкупно 25 MW. И таму освен енергетската инфраструктура е предвидена изградба на нов пат. Во близина на ветерната електрана има добро развиени шуми на прнар и габер, а од 167 регистрирани видови птици, три имаат статус на загрозени. Во близина се наоѓа и значајното растително подрачје „Богданци“ и Емералд подрачјето „Чурчулум – Паљурци“ од посебен интерес за зачувување.

Студија за оценка на влијанието врз животната средина на проектот за Стојаково

Не треба да се занемари и фактот дека проектите носат закана од појава на свлечишта и ерозии поради интервенцијата врз теренот. Во Долнени има план за парк со 8 турбини со вкупно 50 MW, на сртовите на Бабуна, на надморска височина од околу 1.400 метри. Кај Гевгелија, пак, има план за ветерен парк Кожуф во Конско со 5 турбини и со капацитет од 10 MW. И таму е во план изградба на пристапен пат од околу 3,5 километри. Локацијата е на надморска височина од 1.700 до 1.780 метри.

Известување за намера за ветерен парк „Кожуф“

Намера за реализација на ветерни паркови со електрани има и за Дојран. „Дојран 2“ предвидува 11 турбини со вкупен капацитет од 50 MW во близина на Фурка, на надморска височина од 440 до 110 метри, на 9 километри од езерото. „Дојран 1“ има ист капацитет ама е на надморска височина од 240 до 710 метри. Таму освен дабова шума и земјоделски полиња има и приватни плантажи. Локацијата е на 6,2 километри од Дојранско езеро.

Известување за намера за ветерен парк „Дојран 2“

Паркот Дрен треба да никне кај Демир Капија со моќност од 10 MW и 4 турбини на максимална надморска височ  ина од 736 метри. План има и Старо Нагоричане. Проектот „Рамно 2“ предвидува 10 турбини со вкупна моќност од 50 MW, на надморска височина од 600 до 1.000 метри. Таму има и заштитени подрачја, како орнитолошкиот локалитет кај реките Пчиња, Петрошница и Крива река, како и Емералд подрачјето Пчиња – Герман.

Карактеристично во повеќето случаи е што се нагласува дека влијанијата кои ќе произлезат од реализацијата на проектот ќе се разгледуваат во градежна и оперативна фаза, што народски може да се толкува и како „после свадба тапани“.

Загрозени извори

Предвидениот ветерен парк „Кичево“ на Бистра, кој зафаќа дел од заштитената зона на изворот „Студенчица“, од кој со пивка вода се снабдуваат Кичево, Македонски Брод, Прилеп, Крушево, Пласница, Долнени и мал дел од Кривогаштини отвори дилеми околу начинот на кој се спроведува транзицијата кон зелена енергија во Македонија. Случајот кој го објави Код на телевизија „Телма“ покажа дека власта е подготвена на отстапки кога е во прашање заштитата на животната средина. Македонската Влада на седница во јануари ненајавено ги смени заштитените зони и отвори пат да се реализира изградбата на ветерна електрана во широката заштитна зона на изворот.

Во известувањето со намера за овој проект, инвеститорот навел дека планира изградба на 6 турбини со вкупна моќност од 35 MW, на надморска височина од 1.800 до 2.000 илјади метри. Трафостаницата би се простирала на 2 илјади квадратни метри со зграда на уште 300 квадрати, далекувод со 46 столбови и пат од 19 километри.

Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ вели дека такво нешто не смее да се дозволи во планинските подрачја над 1.800 метри надморска височина, чијашто важност е од непроценливо значење, толку повеќе што тој дел на Бистра е карстен предел.

„Ќе се поставува ветерната фарма директно над изворот Студенчица, односно изворот Казани, илјада метри повисоко на карстен терен. Карстниот терен, карстниот медиум е многу специфичен, со бројни пукнатини внатре, не се знае горе она што ќе се гради, што ќе се исфрлаат различни материи, масла или што и да е, каде ќе доспее во внатрешноста. Бидејќи овој извор снабдува околу 150, 160 илјади луѓе, значи голем број население и е стратешки извор, значи навистина е можно утре да не сме свесни, да се појави проблем со загадување или барам да има промена на квалитетот на изворот Студенчица, со што ќе има делекусежни последици по населението“, предупредува професорот Милевски.

Владата тврди дека нема опасност по изворите, иако сега се дозволува изградба на ветерници во пошироката зона.

„Со ажурирањето на заштитните зони на предметното извориште, предвидени се бројни мерки за заштита, како и активности и дејности кои се забранети да се вршат во нивни рамки, а сè со единствена цел сочувување на квалитетот на чистата и питка подземна вода која се користи за водоснабдување на повеќе населени места“, велат од Владата.

makedonskite planini na udar od zelenite tranzicioneri 4 vlada

Владата ги смени заштитните зони на изворот Студенчица за да се изградат ветерници | Фотографија: Дарко Андоновски

Од Министерството за животна средина велат дека одлуката за промена на заштитните зони е донесена според Елаборат за нивно ажурирање изработен од Градежниот институт на Македонија и Институтот за јавно здравје. Инвеститорот во својата намера, пак, навел дека влијанијата врз животната средина ќе се разгледуваат во градежната и оперативната фаза. Паркот треба да се издигне на Бистра, којашто располага со висококвалитетни пасишта и е во непосредна близина на НП „Маврово“.

„Отстранувањето на вегетацијата може да предизвика појава на ерозија на места каде ќе се реализираат градежните активности. Употребата на градежна механизација ќе генерира високо ниво на бучава, генерираниот опасен отпад и инцидентните излевања на опасни материјали и супстанции може да предизвикаат негативни влијанија врз животинските видови во проектното подрачје“, пишува во известувањето  за намера за проектот „Ветерен парк Кичево“.

Очигледно е дека во земјава лесно се дава институционална поддршка за проект кој може да доведе до штети врз природата и до загадување изворите на вода за пиење. Од друга страна, државата нема капацитет за соодветна контрола и за навремено спречување негативни влијанија, што искуствено се покажа во повеќе случаи на деструкција од малите хидроцентрали.

Не по секоја цена

Во Стратегијата за искористување на обновливи извори на енергија се лоцирани петнаесетина потенцијални локации за изградба на ветерни електрани. Тоа се долината на Вардар, Овче Поле и повисоките планински делови, каде има високи брзини на ветрот. Од 15 локации, само 3 се на надморска височина до 1.000 метри, а сите други се на планински делови, некои и на повеќе од две илјади метри надморска височина, каде не се препорачува изградба на ветерници.

Прашавме каква е во моментов состојбата на терен. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека вкупната инсталирана моќност на ветерниците во земјава во моментов изнесува 72,8 MW. Функционира ветерниот парк во Богданци на ЕСМ, како и ветерниот парк Богословец, приватна инвестиција на компанијата „Тхор Импекс“ којашто поседува лиценца за пробна работа. Оттаму информираат дека во 2022 година РКЕ има издадено лиценца за вршење на пробна работа од ветерни електроцентрали со инсталиран капацитет од 36 MW.

Пред десетина години никна Паркот на ветерни електрани „Богданци“, прв ваков објект во Македонија | Фотографија: Дарко Андоновски

А, уште неколку се на пат да се реализираат. Од Министерство за економија велат дека веќе издале четири овластувања за изградба на ветерни електрани со вкупна инсталирана моќност од 145 MW досега, од кои изградени и пуштени во употреба со соодветна дозвола се 72,8 MW, додека другите се во фаза на развој и изградба.

Потенцијал за искористување на ветерната енергија има и добро е да се искористи за поголема енергетска и економска независност, објаснува професорот Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност МАЦЕФ. Но, инвестицијата е скапа оти треба да се прават трафостаници, далекуводи, друга инфраструктура. Преносната мрежа е презаситена, има барања за изградба на нови постројки, а нема доволно капацитети за акумулација на енергија за да се балансира кога нема ветер.

„Имаме проблеми за користење на ветерна енергија. Поврзување со мрежа, преносниот систем, акумулација на енергија. Ова се пречките за поголемо користење на енергија и  нормално детекција, мерење, испитување, тоа треба да биде подолготрајно, да не биде инвестицијата јалова и нормално да се купуваат постројки најсовремени коишто овозможуваат користење на брзини на ветер релативно мали, бидејќи во Македонија немаме баш такви потенцијали, долготрајно и во континуитет да имаме провев, дување на ветер“, објаснува Димитров.

Од друга страна, и професорот потврдува дека има и негативни аспекти од ветерниците.

„И овој вид на енергија не е толку „невин“ во однос на природата, има доста студии кои ги покажуваат штетните влијанија на овие постројки “, укажува професорот Димитров.

Милевски вели дека треба многу да се внимава на локацијата, местоположбата и на ефектите од ветерниците зашто лесно може да ги повториме грешките со малите хидроцентрали. Професорот го загрижува и тоа што во студиите се споменуваат и Јакупица и Јабланица.

„Планината Јакупица ни е еден од најдобрите стратешки извори на подземна вода, каде што е и резервниот извор Коритиште, доколку некогаш нешто се случи со Рашче, Скопје како квалитетна алтернатива го има само тоа. Така да, не смее да се експериментира дури и со вакви „зелени“ извори на енергија. Кај нас, единствено се зема предвид студијата за тоа колку поволни ветрови има, и сега, одиме има погоден ветер на Јабланица на 2.200 метри, на Бистра, на Јакупица, на Беласица. Навистина, на крај можеме да завршиме со комплетно руинирани, уништени планински предели над 2 илјади метри“, вели Милевски.

Според стратегиите за искористување на обновливите извори на енергија коишто се носени изминативе години, вкупната инсталирана моќност на ветерни електрани до 2030 година во Македонија треба да изнесува 360 MW, со очекувано годишно производство од околу 720 GWh.

Малите хидроцентрали покажаа дека државата нема капацитет да ја контролира изградбата на новите енергетски капацитети и дека енергетските политики се насочени кон субвенционирана и гарантирана заработка за инвеститорите, а не толку кон заштита на реките и на животната средина. Сега, за измените на заштитени зони на извори дознаваме откако тие веќе биле донесени, а за другите планови за ветерници веројатно ќе дознаеме повеќе откако ќе бидат пред фаза на реализација. Тоа сигнализира дека нема јавна дебата, стручна расправа и добра информираност на граѓаните за опасностите што можат да се јават во обидите да се искористи ветерната енергија по секоја цена, што може да има катастрофални последици по еколошката средина.

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски
Фотографија: Дарко Андоновски
Снимател: Марјан Петковски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Сподели