fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
primeroci od ris i mecka gi ukrasuvaat kukite i kafeanite na sara 1

Примероци од рис и мечка ги „украсуваат“ куќите и кафеаните на Шара

Во куќите и кафеаните во населените места на Шар Планина може да се сретнат „трофеи“ од препарирани диви животни како рисот и мечката, чијшто лов е строго забранет. Тоа е документирано во Студијата за валоризација на Шар Планина, којашто беше прв чекор кон одлуката за прифаќање на инцијативата за прогласување на ова наше природно богатство за национален парк. Во неа се укажува дека една од заканите за загуба и намалување на виталноста на одредени видови животни на Шар Планина е неконтролираниот лов.

На ова подрачје има седум ловишта, со кои управуваат правни субјекти коишто ќе ги загубат концесиите по прогласувањето на Шара за национален парк. Според надлежните, одземањето на овие концесии ќе биде еден од најголемите предизвици, а тоа го навестува и Ловечката федерација на Македонија, која се спротивставува на овој процес со образложение дека ќе се предизвикаат огромни штети по ловостопанството и по дивечот бидејќи ќе се зголеми криволовот. Сепак, нашето истражување покажа дека лесно може да се случи ловот легално да продолжи и откако Шара ќе стане национален парк.

Primeroci od ris i mecka gi ukrasuvaat kukite i kafeanite na Sara 1Извор: Студија за валоризација на Шар Планина

Ловишта на илјадници хектари

Воспоставените ловишта на Шар Планина се дел од полошкото ловностопанско подрачје. Во ловниот реон Гостивар се наоѓаат двете ловишта за крупен дивеч „Јеловце“ и „Маздрача“, а во ловниот реон Тетово се наоѓаат петте ловишта за крупен дивеч: „Лешница“,  „Јеловјане“, „Вејце“, „Брезно“ и „Љуботен“. Ловиштата се простираат на 72.788 хектари или 727 квадратни километри, што е површина поголема од предвидената за националниот парк којашто изнесува 542 квадратни километри.

Primeroci od ris i mecka gi ukrasuvaat kukite i kafeanite na Sara 2Извор: Студија за валоризација на Шар Планина

Во Студијата за валоризација на Шар Планина се вели дека бројот на уловен дивеч на годишно ниво, според податоците добиени од ловните друштва концесионери на дивечот во ловиштата на Шар Планина, се движи во границите на предвидувањата на ловностопанските основи и нешто помалку, бидејки сè уште нема доволно развиен ловен туризам со домашни и странски ловци и нема доволен број на сместувачки капацитети во ловиштата.

Primeroci od ris i mecka gi ukrasuvaat kukite i kafeanite na Sara 3Извор: Студија за валоризација на Шар Планина

Се напоменува дека и покрај организираната ловочуварска служба од страна на концесионерите на дивечот во ловиштата и редовните инспекциски контроли од страна на Државниот инспекторат за шумарство и ловство на концесионерите на дивечот во ловиштата, сепак има појава на застрел на дивечот од бесправен лов и ловокрадство.

„Но, сепак цениме дека овој застрел е минорен и со него не се надминува вкупниот планиран застрел во посебните ловностопански основи за секое ловиште посебно. Ова го поткрепуваме со фактот што строго се почитува календарот на лов и ловостојот, како и бројот и структурата на грлата за застрел во ловиштата за кои се издава соодветна документација за ловење и користење на дивечот и неговите делови од страна на концесионерите на дивечот во ловиштата“, пишува во Студијата.

Ловџиите во „клинч“ со власта

Според Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање по концесиите за хидроцентралите, втор најголем предизвик во процесот на прогласувањето на Шара за национален парк ќе бидат концесиите за ловиштата, кои ќе треба да се одземат од постоечките концесионери. Ловџиите веќе најавија дека ќе ги искористат сите можности да го запрат овој процес.

Звонко Цветковски од Ловечката федерација на Македонија вели дека досегашните искуства од прогласувањето на национални паркови покажало дека тоа може да донесе повеќе штета отколку корист кога е во прашање дивечот и зачувувањето на животната средина. Тој укажува дека проблематично е што со оваа иницијатива се прави обид за зафаќање на голем дел од територијата на Шар Планина, што е спротивно на примерите од понапредните земји каде за национален парк се прогласува од 10 до 15 отсто од вкупната површина на едно подрачје.

„Проблемот е што ние сѐ уште не сме созреани за ефикасно управување со национални паркови на толку голема површина. Со прогласувањето на национален парк, всушност, оваа земја станува сечија и ничија. Ако се одземат концесиите за ловиштата тоа ќе доведе до огромни штети и загуби. Концесионерите на ловиштата имаат организирана ловочуварска служба која го штити дивечот од ловокрадци, се грижи за репродукцијата на дивечот, за редовно пребројување и за прихрана во време на зима. Имено, во веќе постоечките национални паркови има многу примери дека ловокрадството фунционира бидејќи нема соодветна контрола“, вели Цветковски.

Според него, не треба да се занемари дека со одземањето на концесиите ќе згаснат и ловечките дружби на ова подрачје, што ќе има негативен ефект врз социјалниот живот и економијата.

Како концесионери на дивечот во ловиштата се јавуваат фирми, ловечки здруженија и јавни претпријатија, а податоците за планираното финансиско работење покажуваат дека станува збор за дејност која не остварува огромни приходи и расходи, односно дека државата во случај на правни спорови за одземање на концесиите лесно може да ги надомести штетите од државниот буџет. Имено, вкупните планирани приходи на коцесионерите на седумте ловишта за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 28,5 милиони денари (околу 464.000 евра). За поголем дел од ловиштата концесиите истекуваат во перидот до 2023 година, така што при евентуални спорови би требало да се исплатат штети за релативно краток период.

Концесионери, приходи и расходи

  • Концесионер на дивечот во ловиштето „Јеловце“ е друштвото за трговија и услуги „АС Комерц“ – Гостивар, со склучен договор за концесија на дивечот во ловиштето со Владата за периодот од 25.4.2012 до 25.4.2023 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2012 – 2021 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 5.579.500.00 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 1.115.900 денари.
  • Концесионер на дивечот во ловиштето „Маздрача“ е ловечкото друштво „Кучи Баба“ – Гостивар со склучен договор за концесија на дивечот во ловиштето со Владата за периодот од 25.4.2012 до 25.4.2023 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2012 – 2021 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 4.820.500 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 1.340.408.00 денари.
  • Државното ловиште „Лешница“ – Тетово е дадено на управување на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Национални шуми“ – Скопје, со склучен договор за управување со државното ловиште со Владата за периодот од 3.11.2009 до 3.11.2029 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2009 – 2018 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 5.151.500.00 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 1.132.140 денари.
  • Концесионер на ловиштето „Јеловјане“ – Тетово е ловечкото друштво „Шќипоња е шари“ – Камењане, со склучен договор за концесија на дивечот во ловиштето со Владата за периодот од 25.4.2012 до 25.4.2023 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2012 – 2021 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 3.320.000 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 1.038.678 денари.
  • Концесионер на дивечот во ловиштето „Вејце“ е ловечкото друштво „Шар Планина“ – Тетово, со склучен договор за концесија на дивечот во ловиштето со Владата за периодот од 25.4.2012 до 25.4.2023 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2012 – 2021 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 4.001.000 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 800.200 денари.
  • Концесионер на дивечот во ловиштето „Брезно“ – Тетово е ловечко друштво „Љуботен“ – Вратница, со склучен договор за концесија на дивечот во ловиштето со Владата за периодот од 25.4.2012 до 25.4.2023 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2012 – 2021 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 3.334.500 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 1.018.874 денари.
  • Концесионер на дивечот во ловиштето „Љуботен“ е истоименото ловечко друштво од Вратница со склучен договор за концесија на дивечот во ловиштето со Владата за периодот од 25.4.2012 до 25.4.2023 година. За ловиштето е изработена посебна ловностопанска основа со важност од десет години за периодот 2012 – 2021 година. Вкупните планирани приходи од застрел на дивечот во ловиштето за планираниот период од десет години од 2012 до 2021 година изнесуваат 2.371.500 денари. Вкупните расходи за тековно одржување на ловиштето за периодот 2012 – 2021 година изнесуваат 715.169 денари.

Ќе се лови и во националниот парк?

Иако концесиите за ловиштата важат до прогласувањето на подрачјето во категорија на заштита национален парк, Законот за ловство предвидува воспоставување ловишта со посебна намена на површините на националните паркови, наменети за спроведување посебни мерки на стопанисување со дивечот, со цел зачувување и развој на дивечот и неговите живеалишта.

„Овие ловишта, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата ги дава на управување на правни лица кои вршат дејност од јавен интерес од областа на заштитата на животната средина – јавни установи Национални паркови на чија територија се воспоставени ловиштата со посебна намена. Министерството може да ѝ предложи на Владата воспоставување ловишта со посебна намена, кои ќе се основаат на територијата на националниот парк „Шар Планина“, а со кои ќе управува јавната установа Национален парк „Шар Планина“. Јавната установа може да склучи договори со правни и физички лица за управување со ловиштата со посебна намена. Препорачуваме ловишта со посебна намена да се воспоставуваат само во зоната за одржлив развој“, се вели во Студијата за валоризација на Шар Планина.

Со други зборови, лесно може да се случи ловот на Шара да продолжи и откако таа ќе биде прогласена за национален парк, со тоа што би биле воспоставени ловишта со посебна намена, кои на крајот повторно ќе завршат кај истите или други концесионери.

Високи цени за отстрел на дивеч

На Шар Планина, од категоријата крупен дивеч трајно заштитен, од класата

на цицачите се среќаваат мечката и рисот, од категоријата крупен дивеч заштитен со ловостој, од класата на цицачите се среќаваат срнската дивеч, дивокозата и дивата свиња, и од категоријата крупен дивеч без заштита – се среќава волкот.

Primeroci od ris i mecka gi ukrasuvaat kukite i kafeanite na Sara 4Според ценовникот за лов објавен на сајтот на јавното претпријатие „Национални шуми“ кое управува со повеќе ловишта во државата, меѓу кои и „Лешница“ на Шара, за застрел на некои од овие животни ловџиите треба да одвојат солидни суми пари

Во категоријата на ситен дивеч трајно заштитен, од класата на цицачите се среќаваат следните видови: дива мачка, видра, јазовец, полв и верверица, од категоријата на ситен дивеч заштитен со ловостој, од класата на цицачите се среќава зајакот, и од категоријата на ситен дивеч без заштита, од класата на цицачите се среќаваат лисицата, куната белка, куната златка и творот.

Од класата на птици трајно заштитени, се среќаваат: сур орел, орел крстач или орел зајачар, голем ушест був, шумски ушест був, белоглав мршојадец (се среќава, но не се гнезди), црвеноклуна галица и жолтоклуната галица, од птици заштитени со ловостој, се среќаваат следните видови: лештарка, еребица камењарка, див гулаб и шљука (птица минувачка), и од птиците без заштита, се среќаваат јастреб кокошар, пепеласта врана, чавка, страчка…

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Сподели