fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ridot na smrtta nikako da zamine od veles featured

Ридот на смртта никако да замине од Велес

  • Фирмата „Кепс Монт Груп” бара нова дозвола за да ги исчисти оставштините од велешката топилница, што не успеа да ги отстани во изминатите 4 години.
  • Во претходниот период успеале да пренесат само 500 тони од вкупно 1,8 милиони тони троска, или само 0,025% од ветеното.
  • Намерата овој пат е ридот од наталожени тешки метали да се дроби во Велес, поради што жителите стравуваат дека градот ќе добие нова топилница.

1,8 милиони тони олово, кадмиум, цинк, железен оксид и арсен. Црниот рид над Велес – последица од тридецениската работа на Топилницата, е висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри. Тој е секојдневна закана за велешани. За споредба, две ајфелови кули се полесни од овој рид полн со тешки метали.

Депонијата за оловно-цинкова јаловина во Националниот план за управување со отпад од 2021-2031 година, е утврдена како историска индустриска депонија, жешка точка, втора по сериозност по Охис, која е во фаза на  санација.

Она пред што државата со децении затвора очи и не го решава, од октомври 2019 година се понуди да го направи компанијата „Кепс Монт Груп“ кога Општината им додели Б интегрирана дозвола. Нивните проценки беа дека со планираната редовна динамика за транспорт на техногената суровина, по два камиона на час или педесетина камиони во текот на 24 часа, ридот би го снемало за околку 4 години.

„На крајот на оваа или на почетокот на следната година, првите камиони натоварени со троска ќе тргнат кон солунското пристаниште, оттаму, таа со бродови ќе се транспортира до Малезија“, вели… (Извор: 24 вести 24.11.2018).

За четири години ниту еден одсто од црната троска не замина за Малезија

На 1 октомври 2023 година истече четиригодишната дозвола на оваа компанија. Ридот е сѐ уште тука, а тие во целиот период успеале да пренесат само 10 камиони до Малезија или да транспортираат точно 500 тони, или само 0,025% од зацртаното. Притоа, за извезената количина, врз основа на површината која се зема во концесијата, компанијата ѝ платила такса на државата од вкупно 13.000 денари за експлоатација на црната троска.

На точно два месеца по истекувањето на дозволата, Милан Шчекиќ, ко-сопственикот на „Кепс Монт Груп“, кој заедно со Весна Радевска ја имаат во земјава, повторно се појави пред велешани, сега на јавна расправа, за да им објасни дека од општината бара втора шанса или продолжување на дозволата.

Која е компанијата што има џиновска амбиција?

Ако се погледне тековната состојба на „Кепс Монт Груп“, ќе се види дека според големината, тој е микро субјект. Според Законот за трговски друштва, тоа значи дека има до 10 вработени. Па прашањето е – дали микро фирма има капацитет да спроведе ваков мега проект за да ѝ се даде втора шанса?  Тие сега ветуваат дека за 6-8 години ќе се заврши целата постапка. Но, збунува фактот дека на почетокот на февруари 2026 година на „Кепс Монт Груп“ им истекува договорот за концесија, а со тоа истекуваат и сите дозволи од надлежните институции. Доколку добие Б интегрирана дозвола, таа би траела додека има концесија или до 2026-та.

ridot na smrtta nikako da zamine od veles 1

За четири години фирмата не успеа да однесе ни еден отсто од троската

Сепак, во новото барање на компанијата стои – „поставување на постројката за дополнителни активности на дробење и мелење“, што е новина за разлика од претходната дозвола. Тоа всушност значи дека компанијата планира да се одвојуваат металите од останатата троска на лице место. Со тоа би добиле производ што е примамлив за пазарот и би оствариле профит.

Но, според последните измени и дополнувања на Законот за животна средина од 27 јули 2022 година, во кој што е ревидиран член 20 став 1 во кој што се додава дека „градење или реконструкција на нови инсталации од тешка загадувачка индустрија не треба да бидат на растојание помало од 5км од населено место“. Сепак, планираната инсталација е 220 метри воздушна зона или околу 400 метри по копно од последната станбена зона. За прекршување на законот е предвидена кривична одговорност.

Во барањето не пишува што ќе се случува со немагнетната фракција во која спаѓа арсенот. Другата нејаснотија е тоа што во првото барање за Б дозвола, стои дека во троската има и кадмиум. Во новото барање, кадмиумот воопшто не е споменат.

Исто така, иако се додадени нови активности, во новото барање, бројот на денови во кои што ќе се мери квалитетот на воздухот останува 56 дена.

Велес четири години е без еколошки инспектор

Имајќи предвид дека Велес четири години нема локален еколошки инспектор, првата работа на која посочија едвај 30-тината граѓани присутни на јавната расправа беше сомнежот – кој и како ќе ја контролира работата на компанијата.

„Кој, господа, ќе контролира? Граѓаните на Велес се веќе пуштени четири години на тенок мраз. Единствениот мониторинг орган платен од граѓаните којшто треба да ја врши таа работа, бидејќи се работи за Б-интегрирана дозвола во директна надлежност на Општина Велес го врши локалниот еколошки инспектор што го нема“, вели Игор Смилев, еко активист.

Дали новините во барањето ќе значат отворање на мала топилница во веќе напатениот Велес? Човекот што со задоволство ја потпишал првата дозвола за „Кепс Монт Груп“, сега во својство само на граѓанин, изрази сомнеж во ветувањата на компанијата.

„За жал вие не го испочитувавте договореното, сега кажувате некои изговори зошто тоа не сте го направиле, спомнувате и ковид и не знам… Јас сега како обичен граѓанин имам право да се сомневам во тоа што вие го зборувате дека овој пат вие ќе го испочитувате тоа што ни го кажувате сега“, рече Аце Коцевски, екс-градоначалник на Велес.

Мирната расправа веднаш доби поинаков тек, па Шчекиќ на висок тон објасни за сопствените неуспеси и новите планови.

„Кога првиот пат баравме Б-интегрирана дозвола имавме потпишан договор со фирма од Малезија која во меѓувреме фирмата од Малезија и сите земји во светот забраниле увоз на вакви материјали. На тоа не можевме да влијаеме. После тоа пристапивме на истражување, која е најдобра технолошка постапка да овие техногени минерални суровини, направи производ кој има пазарна вредност а кој нема да ги загрози жителите на Велес или кој било.  Па да сме извезле само еден камион, повторно сме подобри од сите други, затоа што пред нас никој не извезе ниту еден камион од тие струготини. А ние со овие десет камиони со кои извезовме струготини, можеби спасивме некој од тоа загадување кое е таму. Тоа е она како човек постојано гледа, дали чашата е полу полна или полу празна. За некој е секогаш полу празна, за некој секогаш полу полна. Е така треба да се гледа на овој проект“, рече Милан Шчекиќ,  ко-сопственик на „Кепс Монт Груп“.

Дека постапката за која „Кепс Монт Груп“ бара дозвола нема да загадува, се обиде уверливо да објасни и стручњак од фирмата.

„Јас сум Саздова Трајана, дипломиран рударски инженер, вработена во „Кепс Монт Груп“ и со долгогодишно работно искуство. Технологијата на рекултивацијата опфаќа неколку фази. Прва фаза е, исчистениот простор од техногена минерална суровина во длабочина од 30цм да се извади контаминираната почва и да се однесе на депонија во Велес.

-Во Велес е предвидена за таков…

-За таков… добро!

-Контаминирана почва не може да се однесе на депонија!

-Не,Не!

-Добро!“

Но, наместо да ги смири страстите, Саздова отвори нови дилеми и разочарувања кај колегите. Тие велат дека според барањето, не се пристапува како кон жешка точка, што е клучно заради следење на посебни протоколи.

„Тој отпад некаде сретнав дека ќе оди на депонија. Која? Не можете отпад кој што има карактеристики на опасен отпад да го депонирате на обична депонија која и без тоа не е прописно направена. Кога од почеток се инсистира дека нема загадување, тоа исто така иритира. Се знае дека нема процес кој нема да предизвика одредено загадување, одредени емисии. Треба да кажеме дека тие се такви и толкави. Дали се работи за мокар процес, сув процес, процес на сеење, процес на дробење и така натаму, мора да се каже дека се очекуваат такви и такви емисии“, вели Бошко Ников – инженер металург и стручњак за заштита на животната средина.

Ќе пресече Општината

Пензионираниот професор Трајче Стафилов, голем дел од кариерата го посвети токму на истражување на ова место. Тој не испушта шанса да повтори за алармантноста на ова контаминирано подрачје.

ridot na smrtta nikako da zamine od veles 4

Топилницата остави големи последици по почвата во Велес

„Во потесното подрачје, градот Велес, топилницата, околината, имаме четири ипол квадратни километри почви, екстремно загадени над интервентни вредности. Сите како резултат од работата на топилницата“, вели Стафилов, професор во пензија на Природно математичкиот факултет во Скопје.

Иако изгледа како равенка со многу непознати, сепак последниот збор го има Општината. Тие пак велат дека компанијата успеала да ги убеди сите државни институции дека може да се носи со предизвикот и дека вреди да ѝ се даде втора шанса.

На прашањето дали е повеќе од извесно е дека оваа компанија ќе добие дозвола, Даниела Петковска, соработник во одделението за заштита на животната средина на Општина Велес вели:

„Па сега не знам како да кажам… добро кажа и професорот Стафилов значи дека и нас оној рид од згура, навистина жешка точка и сакаме и ние до некој степен, меѓутоа со максимално вложување на инвеститорот да биде тој“.

Иако јавната расправа е можност да се слушне гласот на граѓаните, сепак, потписот на оние што ги водат институциите е многу помоќен. До март, се очекува „Кепс Монт Груп“ да добие Б дозвола за работа и втора шанса да ја исчисти троската што ги убива велешани.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Снимател: Иван Поповиќ
Фотографии: Наке Батев