fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
tajna e kolku im se isplakja na sopstvenicite na malite hidrocentrali featured 2

Тајна е колку пари им се исплаќаат на сопствениците на мали хидроцентрали

Кога на граѓаните им пристигнува сметката за струја, ретко се случува таа детално да се провери, па дури и кога ќе се направи тоа, тие често и не знаат каде точно се влеваат нивните пари. Малкумина од нив знаат дека шест проценти од сите сметки што граѓаните ги плаќаат за струја се наменети за субвенционирање обновливи извори на енергија – тука влегуваат малите хидроцентрали, фотоволтаичните системи, ветерните централи и централите на биогас.

Хидроенергијата добиена од малите хидроцентрали произведува скромно количество електрична енергија, но парите што легнуваат на фирмите што ја произведуваат се високи суми.

За ова дебатите се големи, со оглед на тоа што еколошките здруженија реагираат дека малите хидроцентрали прават значителни штети врз животната средина во еколошки сензитивни подрачја, а се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи.

Граѓани и еколози континуирано алармираат дека малите хидроцентрали го загрозуваат водостојот и живиот свет во македонските реки

Во чии фирми завршуваат овие пари не е тајна, но тајна е податокот во кои фирми колку пари се влеваат. Ова барем беше одговорот што го добивме од АД МЕПСО, односно од фирмата-ќерка „Мемо“, оператор на пазарот на електрична енергија.

„Ве известуваме дека не сме во можност да доставиме финансиски податоци за исплати по основ на производство на повластени производители на електрична енергија од обновливи извори (поконкретно мали хидроцентрали) поради тоа што договорите содржат клаузула на доверливост која исклучува можност за објава на бараните податоци“, беше одговорот што го добивме од АД МЕПСО.

Од компанијата се повикуваат на договор којшто е на сила од октомври минатата година, каде што во членот 33, во однос на доверливоста на податоците, стои дека „договорните страни се согласни да обезбедат доверливост на сите податоци и информации  кои ги разменуваат и тие информации и податоци да ги користат исклучиво за извршување на нивните обврски коишто произлегуваат од овој Договор, како и од Законот за енергетика, Правилата за пазар на електрична енергија и соодветните мрежни правила“.

Од АД МЕПСО велат дека е направен чекор напред во зголемувањето на транспарентноста и пристапот до информации, бидејќи досега постоеле два договори – тој што бил на сила од 5.6.2012 година до 18.10.2019 и тој што е на сила од 18.10.2020 наваму – и тие содржеле идентична клаузула за доверлост во врска со размената на податоци.

„Разликата меѓу двата модел-договори е во тоа што актуелниот модел – договор (на сила од 18.10.2020 г.), за разлика од претходниот модел – договор (што бил на сила од 5.6.2012 година до 18.10.2019), овозможува увид во содржината на договорот за сите заинтересирани лица, што е значаен исчекор во зголемување на транспарентноста и пристапот до информации“, велат од АД МЕПСО.

Сепак, ова значи дека договорите што би ги добиле на увид нема да ги содржат имињата на компаниите и исплатените пари, туку само содржината на склучениот договор. Со други зборови, во земјава е невозможно да се добие податок која компанија колкав приход и профит направила од хидроенергијата добиена од малите хидроцентрали, коишто произведуваат скромно количество електрична енергија, а се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи.

За ова прашање поднесовме и барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, за кое очекуваме одговор.

Кои се фирмите што најмногу инкасирале од обновливите извори на енергија?

Заклучно со 1 декември 2020 година, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (RKE) има издадено 107 лиценци за производство на електрична енергија од мали хидроелектроцентрали. Од нив, 96 ја продаваат произведената електрична енергија по повластени тарифи, додека преостанатите 11 електроцентрали ја продаваат произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија, информираат од Регулаторната комисија.

Повластените производители коишто користат повластени тарифи учествуваат со 6,17 проценти во произведената електрична енергија од домашни производители.

На повластените производители коишто користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој киловат произведена електрична енергија, по која операторот на пазарот на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија произведена од повластените производители во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата.

Со оглед на тоа што МЕПСО, односно нејзината ќерка-фирма МЕМО, одбиваат да соопштат колку пари се дадени за субвенции за обновливи извори на енергија, за секоја фирма одделно, а во случајов за малите хидроелектрани, мораше да се оди чекор по чекор, односно да се разгледуваат приходите и профитот на секоја од овие 96 фирми, со цел да откриеме кој заработил најмногу од овој бизнис.

На овој начин, одејќи чекор по чекор, дојдовме до 10 фирми коишто оствариле највисоки приходи во 2019 година, врз основа на дејноста 35.11, односно „производство на електрична енергија“.

Станува збор за фирмите „ПЦЦ Хидро“ ДООЕЛ, „ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани“ Скопје, „Мали хидро електрани“ ДОО, „Мали Хидро Електрани Горно Белички извори“ ДОО Скопје, „Сол Хидропауер“ ДООЕЛ Скопје, „Хидро Бошава“ ДООЕЛ Кавадарци, „Хидро Енерџи Гроуп“ ДОО експорт-импорт Скопје, „Монтинг енергетика Тиквеш“ ДОО Скопје, „Норд Енерги Гроуп“, експорт-импорт Тетово, „Вардар Хидро“ ДОО Скопје.

Во табелата што следи, може да се види колкави приходи заработиле овие фирми во 2019 година.

tajna e kolku im se isplakja na sopstvenicite na malite hidrocentrali

Во недостиг од официјална информација, податоците за приходите се прибирани чекор по чекор од Централниот регистар

На сличен начин, проверувајќи ја секоја компанија одделно, дојдовме до податоци и кои се фирмите кои оствариле профит од над 100.000 евра за 2019 година. Станува збор за фирмите „ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани Скопје“, „Мали Хидро Електрани Горно Белички Извори“ ДОО Скопје, „Хидро Енерџи Груп“ ДОО експорт-импорт Скопје, „ЕВН Македонија Електрани“ ДООЕЛ Скопје, „Сол Хидропауер“ ДООЕЛ Скопје, „Монтинг Енергетика Тиквеш“ ДОО Скопје и „Вардар Хидро“ ДОО Скопје.

tajna e kolku im se isplakja na sopstvenicite na malite hidrocentrali 2

На прашањето дали малите хидроцентрали би биле рентабилни без повластена тарифа од Регулаторната комисија без конкретен одговор. Оттаму велат дека станува збор за мерка за поддршка на обновливите извори на енергија и дека Владата е одговорна за утврдување на повластената тарифа/Извор на податоците: Централен регистар 

„Цената по која операторот на пазарот на електрична енергија ја продава електричната енергија на снабдувачите, трговците и производителите на електрична енергија коишто продаваат електрична енергија на потрошувачите се пресметува на крајот од месецот како просечна цена по која операторот на пазарот на електрична енергија ја откупил. Тоа значи дека цената која ја плаќаат крајните потрошувачи за повластени производители е еднаква на онаа по која МЕМО како оператор на пазар на електрична енергија ја плаќа на повластените производители, а вкупниот месечен трошок на крајниот потрошувач за повластени производители зависи од процентуалното учество на потрошувачот во вкупните предвидени потреби на потрошувачите на електрична енергија во Република Северна Македонија во месецот“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

За десет години се одлеале 91 милиони евра само за малите хидроцентрали

Според податоците што ги добивме од АД МЕПСО, последниве 10 години, односно од 2010 до ноември 2020 година, субвенциите за обновливи извори растат со незапирливо темпо. Повеќе од 229 милиони евра, од 2010 година до ноември 2020 се трошоците за произведена електрична енергија од повластените производители на електрична енергија.

Од овие трошоци, речиси 91 милиони евра отпаѓаат на малите хидроцентрали. Најмногу пари за мали хидроцентрали се одлеале во 2018, 2019 и 2020 г.. До ноември 2020 година, трошоците за хидроенергијата од малите хидроцентрали изнесуваат околу 15 милиони евра, покажуваат податоците од АД МЕПСО.

Јавното финансирање на обновливите извори на енергија започнува во 2010 година со донесувањето на тогашната државна енергетска стратегија, која вклучуваше изградба на нови хидроелектрани.

Во регионалното истражување „Кој плаќа, а кој заработува“, изработено од најголемата мрежа на еколошки организации „Бенквоч“ во текот на 2019 година, а во врска со обновливите извори на енергија, опфатена е и Македонија; насловот на анализата за нашата држава гласи „Мал придонес, голема штета“.

„Листата на производители кои добиваат субвенции е достапна во теорија, но не се наведува кој колку добива и листата не се ажурира редовно“, се констатира во извештајот.

Во анализата стои дека најголем дел од субвенциите преку повластените тарифи ги добива групацијата „Фероинвест“, која поседува вкупно 22 електрани, што е речиси една третина од вкупната бројка на мали хидроелектрани во земјава.

tajna e kolku im se isplakja na sopstvenicite na malite hidrocentrali angjusevi 1

Компанијата во која еден од сопствениците е поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, заедно со неговиот брат Тодор Анѓушев, само во 2018 година преку јавна финансиска помош во форма на повластени тарифи инкасирала 3,5 милиони евра

Сумата би достигнала над 4,3 милиони евра ако се пресмета и количината енергија која допрва ќе ја генерираат новите три мали хидроелектрани „Тополки“, пари кои доаѓаат од секоја сметка за струја што ја плаќаат граѓаните.

Фирмите-ќерки на „Феро Инвест“ и Анѓушев регистрирани на иста адреса со приходи од над милион евра

Не е непознаница дека најголемиот број фирми преку коишто почна експанзијата на малите хидроцентрали се поврзани со поранешниот вицепремиер во Владата на Зоран Заев, Кочо Анѓушев, и со неговиот брат, Тодор Анѓушев.

tajna e kolku im se isplakja na sopstvenicite na malite hidrocentrali 3

Според податоците од Централниот регистар, Кочо Анѓушев, преку неговата „Феро Инвест“, каде што тој е еден од сопствениците, заедно со неговиот брат Тодор Анѓушев и со Никола Гравчев, е поврзан со уште 12 компании, односно „Феро Инвест“ се јавува како сопственик или еден од сопствениците на тие компании

Станува збор за „Студенчица Мали Хидро“ ДОО, „Хидроген Енерџи Груп“, „ЕМС“, „Брако“, „Аквават“, „Падалишка“ ДОО, „Хидро Осогово“ ДОО, „Албнор Компани“ ДООЕЛ, „МХЕ Јабланица“ ДОО, „Тополки“ ДОО, „Езеро МХЕ“ ДОО и „МХЕ“ ДОО Скопје.

„Феро Инвест“, само во 2019 година, има остварено приходи од 5,5 милиони евра и профит од 1,1 милиони евра. На адресата каде што се наоѓа оваа компанија, на булеварот „Св. Климент Охридски“, регистрирани се сите девет компании со дејност „производство на електрична енергија“.

Во „Студенчица Мали Хидро“, освен „Феро Инвест“, сопственик е и Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Кичево, а директор е Кочо Анѓушев. Приходите на оваа фирма во 2019 година изнесуваат 246.682 евра.

Приходите на фирмата „Падалишка“ изнесуваат над 43 илјади евра, на „Хидро Осогово“ околу 383 илјади евра, приходите на „Албнор компани“ се околу 271 илјади евра, на „Јабланица“ 437 илјади евра, „Тополки“ има приходи од над 219 илјади евра, „Езеро МХЕ“ над 26 илјади евра и „МХЕ“ ДОО над 26 илјади евра.

Ова значи дека само фирмите-ќерки на „Феро Инвест“, чијашто основна дејност е производство на електрична енергија, во 2019 година оствариле приходи од над 1,6 милиони евра.

Клучното прашање останува со години да виси во воздух: дали од обновливите извори на енергија и од субвенциите што се даваат за нив корист имаат само богатите, а штетата паѓа врз грбот на граѓаните и на животната средина?

Прочитајте повеќе на темата „Милионери на наша сметка – Мали хидроцентрали, голем апсурд: Реките се уништуваат, поединци се богатат, граѓаните плаќаат“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Уредник: Владимир Николоски
Новинарка:
 Мери Јордановска
Лектура: Татјана Б. Ефтимовска

Сподели