fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Аерозагадувањето во Македонија одзема 5.000 животи годишно како да сме во војна

Аерозагадувањето во Македонија одзема 5.000 животи годишно како да сме во војна

  • Падот на температурите и стартот на грејната сезона е почеток на долгите редови со пациенти кај матичните лекари.
  • Честа појава кај децата се опструкции од непозната природа, поради што најчесто завршуваат со болничко лекување.
  • Според правилникот на Министерството за животна средина дозволено е во текот на една година, само 35 дена присуството на ПМ 10 честичките во воздухот да биде над дозволената граница.
  • Поради пожарите и палењето на дивите депонии, а оваа година тој период е веќе надминат, иако есента и грејната сезона се на почеток.
  • УНИЦЕФ апелира земјите од регионот да посветат повеќе внимание во борбата со аерозагадувањето.

Секој деветти смртен случај во земјава кај новороденчиња е поврзан со аерозагадувањето. Бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и од лошо здравје поради загадениот воздух, покажува извештајот на УНИЦЕФ „Почетоци без здив“. Во поголемите градови во Европа и Централна Азија загадувањето на воздухот редовно го надминува безбедносниот праг и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата,  алармираат од светската организација. Загадениот воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го поречи растот, да влијае на училишниот успех.

Децата од училишна возраст исто така се изложени, тие сè уште се развиваат и знаеме влијанијата се поранливи. Но, децата кои низ детството се изложени на загадување, можат да имаат влијание на нивниот понатамошен развој, мозочниот развој, на другите органи. Може да отсуствуваат од училиште поради често разболување, но уште позагрижувачко е што тоа може да има влијание врз нивниот когнитивен развој“, вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

Зимата ги полни детските амбуланти и болници

Падот на температурите и стартот на грејната сезона е почеток на долгите редови со пациенти кај матичниот и семеен лекар Мира Атанасова. Семејството Поповски е најчест посетител. Не само што се љубители на природа, туку и тоа е препорака од докторите за нивните деца да имаат помалку проблеми со здодевната и долга кашлица. Александар раскажува дека од стартот на есента и цела зима најмалку два пати во месецот се пациенти на болницата Козле. Причината за оваа состојба е загадениот воздух.

aerozagaduvanjeto vo makedonija odzema 5000 ziteli godisno kako da sme vo vojna 1

Зимата ги полни амбулантите на матичните лекари

„Нема ништо, сè е од загадениот воздух, носете ги децата во планина, тоа е.

Поготово во зимно време  не можеш да проветриш, не можеш да ги прошеташ децата, едноставно константно мириса на пластика, на гума, чад, магла. Впрочем, не е ништо ново, сите ова го знаеме, десет години се будиме со тоа“, вели Александар Поповски, татко на три деца.

Доктор Атанасова во нејзината работа се  соочува со деца најчесто со долги кашлици, каде нема потреба од антиобиотик, но најчесто имаат потреба од пумпи за дишење. Честа појава се опструкции од непозната природа, а децата најчесто завршуваат со болничко лекување. Со години наназад кога воздухот е најзагаден, ординацијата е преполна со мали деца кои се борат за воздух.

„Сметам дека голем удел има аерозагадувањето, греењето на отпад, греењето на дрва. Тој стар начин на греење. И здравствените власти и нашата Влада мора да преземат мерки. Најчеста симптоматологија кај нас во ординација што е? Тоа е една кашлица, можеби на почеток сува, по неколку дена ќе стане продуктивна. Тие децца мора да ги третираме амбулантски со целиот совет што ќе го дадеме, терапија и поткрепа, и профилакса и симптоматска, се трудиме дома да ги решиме, амбулантски да ги решиме, но не мал број завршуваат и на клиниките. Тие честички многу делуваат да се зголеми имфламаторната супстанца, децата не можат тој секрет што се создава како заштита лесно да го искашлаат и затоа имаме пневмонии, бронхити и бронхиолити, и тие ни се најголем проблем нам педијатрите“, објаснува д-р Атанасова.

Квалитетот на воздухот влијае и на психичката состојба

Во Институтот за јавно здравје редовно ги следат сите објавени јавни информации за загадениот воздух. Според правилникот на Министерството за животна средина дозволено е во текот на една година, само 35 дена присуството на ПМ 10 честичките во воздухот да биде над дозволената граница. За оваа година тој период е веќе надминат, а есента и грејната сезона се на почеток. За ова, влијание имаат пожарите и палењето на дивите депонии. Професорката Мирјана Димовска  од Институтот за јавно здравје објаснува дека загадениот воздух кај децата сè почесто предизвикува тешкотии со дишењето. Децата од мала возраст страдаат од заболувања што се јавуваат кај повозрасни.

„Преку носот влегуваат и го афектираат мозокот така сите овие што ги кажавме: дефицит на внимание, аутизам, децата покажуваат слаби резулати кога ќе тргнат во училиште, делуваат како дете кое не може да се сконцентрира, да задржи фокус, да задржи внимание, сето тоа се поврзува со аерозагадувањето. А да не зборувам дека тоа дете предвреме е практично осудено, на рана возраст да развие инфаркт или мозочен удар. Сè почесто гледаме дека тоа се здравствени исходи според статистиката на Државниот завод за статистика коишто ги гледаме на сè помлада возраст. Гледаме луѓе со мозочни удари и срцеви удари кај луѓе на 30 и 40 – годишна возраст па дури и смртни случаи, иако се малку да речеме во однос на лица од 65 годишна возраст. Сето тоа се должи на таа  пренатлна и постнатална изложеност на детето непосредно после раѓањето. Ние ги осудуваме нашите деца, нашето поколение, на послаб квалитет на живот и здравствени проблеми коишто ќе ги имаат на порана возраст во однос на она што го имале нашите баби и дедовци“, вели д-р Димовска.

 Според извештајот на УНИЦЕФ загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор. Претставничката на организацијата во земјава, Лесли Милер апелира да се размислува како да се подобри прочистувањето на воздухот во домот и на работното место. Вели, важен е и мониторингот, да се постават повеќе станици низ земјата, особено покрај местата каде што децата поминуваат повеќе време.

aerozagaduvanjeto vo makedonija odzema 5000 ziteli godisno kako da sme vo vojna 2

Отсуството на внимание и концентрација и слабите резултати во училиште се резултат на аерозагадувањето

Службите во Министерството за животна средина го разгледале најновиот извештај на УНИФЕЦ „Почетоци без здиив“, но како што велат „за проценка на влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето одговорни се Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство“.

„Мерките за намалување на загадувањето на воздухот се пропишани во Националните и локалните плански документи. Дефинираните мерки се однесувааат на подобрување на енергетската ефикасност, заштеда на енергија, обновливи извори на енергија, замена на нееколошки системи за греење, намалување на емисиите од сообраќајот, намалување на емисиите од стационарните извори, намалување на емисиите од отпадот и земјоделството итн, со што се опфатени дел од препораките на извештајот. Министерството планира да подготви нов закон за квалитет на воздухот со кој комплетно земјата ќе се усогласи со европското законодавство. А во ноември ќе започнат и подготовките на новите национални плански документи за подобрување на квалитетот на воздухот, во чија изработка ќе се вклучат и други ресори, како енергетика, транспорт, земјоделие“, велат од Министерството.

Град Скопје не сака да коментира

Од Град Скопје не сакаа да коментираат за извештајот на УНИЦЕФ. Горјан Јовановски, советник во Град Скопје од Зелен Хуман Град вели дека градските власти имаат капацитет и можност да ги спроведат препораките, но и да дадат свои за да се намали аерозагадувањето. Сепак, избираат да го игнорираат проблемот, како што и го игнорираа нашето прашање до нив.

aerozagaduvanjeto vo makedonija odzema 5000 ziteli godisno kako da sme vo vojna gorjan

Јовановски: Градски власти го игнорираат проблемот со аерозагадувањето

„За жал, се соочуваме со еден политички инает, којшто се проследува од администрација во администрација, за да се игнорира овој проблем, горлив проблем кој што одзема 5.000 животи годишно во Македонија, иако не се наоѓаме во воена состојба, исклучиво од инает, и исклучиво од приоретизирање на други катастрофално глупи проекти според мене, за споменици каде што сме требале или за градење тон нови патишта, кои никако ни да се довршат, наместо да се фокусираме на нешто што ги убива, буквално ги убива нашите граѓани“, вели Јовановски.

Невена Георгиевска од „О2 Иницијативата“ и советничка во Општина Карпош, од „Независни за Карпош“, вели дека податоците во извештајот на УНИЦЕФ се драматични и не и е јасно зошто властите не се трогнати од тоа.

„Едноставно не знам, не можам да сфатам, се работи за иднината на оваа земја. Ако зборуваме за патриотизам или за нешто што се прави за земјата, а да не гледаме на овие цифри со загриженост не ми е разбирливо“, вели Георгиевска.

Мали чекори на надеж

Во целата оваа мрачна слика за игнорирање на еден ваков комплексен и многу голем проблем, има и мали проблесоци на ппозитивни примери за одговорност. Таков пример е основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во скопска Кисела Вода, каде новата учебна година започна со чист воздух во сите 20 училници. Поставени се внатрешни пречистувачи, а од училишното раководството ни појаснија дека прават и годишни стратегии за заштита на здравјето на учениците. Се работи и на подигнување на еко-свеста кај најмладите. Со мали навики можеме секојдневно да го подобруваме здравјето и квалитетот на воздухот кој го дишеме, вели директорката Наталија Делева.

„Ние како училиште имаме наш посебен еко тим кој делува во текот на целата учебна година за подигање на еколошката свест кај учениците, создавање здрави навики кои се основа за успех и на наставниците при работењето во здрава животна средина, а и на учениците“, објаснува директорката Делева.

aerozagaduvanjeto vo makedonija odzema 5000 ziteli godisno kako da sme vo vojna 4

УНИЦЕФ апелира да се размислува како да се подобри прочистувањето на воздухот во домот и на работното место

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски најавува и дека сите 230 училници во општината наскоро ќе добијат внатрешни уреди за прочистување на воздухот. Според него потребен е само добар менаџмент. Ова е донација од општествено одговорна компанија и општината ја чини нула денари, а Кисела Вода е првата локална самоуправа во Македонија која постави и надворешни прочистувачи за воздух, вели Георгиевски.

Обично се фокусираме во нашата држава честопати и тоа е пракса во минатото на санирање на предизвиканите проблеми, но не сме се потрудиле детекцијата да ја најдеме за истите, односно да констатираме од каде доаѓа и произлегува сето тоа. Токму за таа цел поставивме една мерна станица, како никогаш досега во минатото, во дворот на фабриката „Цементарница“ која што нормално треба да ја проследува друга институција, да ги гледа состојбите таму, да прави редовни проверки и да работи на терен ако е потребно, а тоа е Градот Скопје и службите под Министерството за животна средина“, вели Ѓорѓиевски.

УНИЦЕФ апелира земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да посветат повеќе внимание во борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух. За ова не се потребни меѓусебни обвинувања, туку заедничка акција и на Владата и на институциите и на општините.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Сунчица Николоска, Пелагија Младеновска

Сниматели: Зоран Догов, Наке Батев, Слаѓан Милошевски

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска