fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
gi unistuvaat rekite a zaboravaat da platat davachki kon drzhavata featured

Ги уништуваат реките, а забораваат да платат давачки кон државата

Убавините на Македонија се атрактивни за секој турист, но и за бизнис секторот којшто за да се дограби до брз и сигурен профит преку изградба на мали хидроелектрани ги уништува реките коишто се наше најголемо природно богатство. Во Македонија досега се изградени дури 96 мали хидроелектрани со статус на повластени производители, а штетите од нив се многукратни. Во многу случаи се покажало дека тие имаат негативно  влијание врз природата и врз биодиверзитетот, а уште поголем проблем е што државата нема капацитет за соодветна контрола на работењето на малите хидроелектрани.

Милионски долгови на малите хидроцентрали

Имено, Државниот завод за ревизија кон крајот на минатата 2021 година објави извештај за извршена ревизија, на тема „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“ за периодот 2012-2021 година. Ревизијата констатира дека од малите хидроелектрани кои се повластени производители, не се уплатени 22,8 милиони денари во Буџетот на РСМ, што претставува 41% од вкупно пресметаниот надоместок. Овие милионски суми не се единствените запрепастувачки податоци коишто може да се погледнат во извештајот. Ревизорите нотирале и слабости при издавањето на дозволите, како и неефикасна контрола од страна на надлежните институции коишто со своето делување овозможиле во одредени периоди користење на вода дури и без обезбедена дозвола за водно право. Според ДЗР, одобрувањето на елаборатите за заштита на животната средина се врши без соодветно утврдување на можното влијание врз животната средина. Со тоа се создава директна закана за речните екосистеми и природната биолошка разновидност.

Извадок од соопштението на Државниот завод за ревизија

„За надминување на состојбите ревизијата препорачува:

  • реализација на планираните проекти за изградба на големи хидроелектрани;
  • разгледување на можноста за пазарно прилагодување на повластените тарифи;
  • донесување методологија за определување минимум прифатлив проток на водите;
  • воспоставување регистри на издадените дозволи и доделените концесии и целосна наплата на надоместоците.“

Дополнително, во извештајот на Ревизија пишува и дека Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање немаат доволно капацитети и меѓусебна координација за следење на концесиската дејност, во услови кога не е уредено водење регистар на концесии за користење на вода.

Институционални лавиринти

Од Министерството за економија во писмен одговор до Институтот за комуникациски студии се прогласија за целосно ненадлежни. За сите прашања поврзани со хидроелектраните упатуваат кон Министерството за животна средина и просторно планирање. А, од МЖСПП тврдат дека неуплатениот долг кој е нотиран од страна на Државниот завод за ревизија не е реален долг туку е процена базирана на одредени податоци. Законски измени веќе се предложени на маса и активно се бара решение, за да се пресметува надоместокот за користење на водата кој ќе биде применлив за сите производители.

„Треба да се укаже дека наведениот износ наведен во ревизорскиот извештај не е реално утврден долг, туку е проценка врз основа на податоците од МЕМО-Оператор на пазар на електрична енергија, за откупена електрична енергија. Согласно податоците од МЕМО, се контролира и уплаќа концесискиот надоместок кој се плаќа како процент од 2% од  остварениот годишен приход од произведена и откупена електрична енергија. Надоместокот за користење на вода пак се определува од производната цена kWh електрична енергија на праг на електраната, која е различна за секој производител. Оттука е и препораката на ревизорите, МЖСПП во соработка со Министерството за економија да го преиспитаат постојното и предложат соодветно законско решение или подзаконски акт за начинот на пресметување на надоместокот за користење на водата кој ќе биде применлив за сите производители. Како што е наведено во извештајот на ДЗР, Министерството за животна средина и просторно планирање ги издава дозволите за користење на вода и ги утврдува критериумите за користење на вода, вклучувајќи ја и обврската за плаќање на надоместоците за користење на вода. Средствата по основ надоместоци за води се уплаќаат на трезорска сметка како приход на Буџетот на РСМ. Во однос на следење и определување на надоместоците за користење на вода, Министерството за животна средина и просторно планирање во предлог-Законот за изменување и дополнувања на Законот за водите има предложено измени, согласно укажувањата на ДЗР.“, велат од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Зошто малите хидроелектрани се толку профитабилен бизнис?

Малите хидроелектрани функционираат по принципот на повластени тарифи. Тие се законски предвидени. Тоа значи загарантиран откуп на електричната енергија со загарантирана цена по киловат часови. Европската легислатива веќе одамна предвидува премин од моделот на тарифи, во субвенционирање преку моделот на премии којшто модел обезбедува постепено интегрирање на обновливите извори на енергија на пазарот на електрична енергија. Македонија сè уште делува неподготвено за да се откаже од веќе воспоставените начини на функционирање. Произведената електрична енергија од малите хидроелектрани во 2020 година учествува со 4% во вкупното домашно производство, а на истите во период од 2012 до 2021 година, им се платени 90 милиони евра што е за 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи врз основа на договори со важност од 20 години, а на товар на крајните корисници.

Не само да се менуваат, туку и да се почитуваат законите

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ со критика до Министерството за животна средина. Велат, тие секогаш бараат елаборат и никогаш не бараат студија за оцена на влијанието врз животната средина, иако е познато дека третина од малите хидроелектрани се изградени во заштитени подрачја или национални паркови. А, елаборатот е пократок документ кој бара помалку истражување, помалку време за изработка и помалку податоци. За разлика од елаборатот, студијата дава гаранција дека потенцијалните ризици при изградба на малата хидроелектрана ќе бидат земени предвид и ќе бидат адресирани уште во раната фаза на спроведување на проектот. Екологистите порачуваат дека студија за оцена на влијание врз животната средина дефинитивно треба да се изработува затоа што само така може да има јавна расправа и да се вклучи експертската јавност, но и локалните заедници.

Државните инспектори со полни раце работа

Работа на терен има многу, но нема кој да ја сработи. Капацититетите на Државниот инспекторат за животна средина се исклучително ограничени и тоа е така со години наназад. Двајца водостопански инспектори ја вршат целата работа и сите редовни и вонредни инспекции над малите хидроелектрани. Во однос на неуплатениот долг од страна на ваквите субјекти, од ДИЖС кратко и јасно порачуваат – министерствата мора подобро да бидат координирани.

Иако малите хидроелектрани постојано се градат, а Државниот завод за ревизија препорачува и реализација на планираните проекти за изградба на големи хидроелектрани, постојаниот комитет на Бернската конвенција излезе со препорака која не оди во корист ниту на едните, ниту на другите. Се препорачува стопирање на сите мали, средни и големи хидроелектрични проекти во заштитени подрачја и надвор од нив, доколку нивната изградба има влијание врз заштитените подрачја и биолошките специфичности и карактеристики на подрачјето.


ned idscs logosОваа сторија е дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ (Fostering public debate on anti-corruption) имплементиран од Институт за демократија „Социетас Цивилис“, кој вклучува активности за истражување и застапување со цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Петар Догов
Снимател: Зоран Догов
Монтажа: Ристе Душковски

Сподели