fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
gjubreto vo skopje go gledaat politicharite samo pred izbori featured

Ѓубрето во Скопје политичарите го гледаат само во предизборни кампањи

  • Цената на надоместокот за собирање смет е за 20 отсто пониска од трошоците, но советниците од двете најголеми партии сега не би гласале повисока цена.
  • Новата методологија за пресметка се подготвува во Министерството за животна средина и ќе биде готова во 2024 година, која е изборна.
  • Искуството кажува дека партиите на секои избори ветуваат подобри услуги, без воопшто да споменат по која цена.
  • Регулаторната комисија за енергетика ќе одредува минимална и максимална цена, а како опции за пресметка се разгледуваат по килограм или по кубен метар отпад.
  • Експертите ја сметаат за погрешна политиката на субвенционирање на ваквите услуги и тие треба да се наплаќаат по реална цена.

Во Скопје никој не е задоволен од јавната хигиена. Граѓаните сметаат дека може да е почисто. Но, за да биде нешто чисто, треба да се исполнат два услова. Првиот е помалку да се валка, што е работа на граѓаните, а втората е отпадот редовно и квалитетно да се чисти. За ова е потребен организиран систем. Тој систем во Скопје постои, но за да функционира добро, потребни се пари. Тоа подразбира дека и сметките за популарно наречената ѓубретарина би биле повисоки. И сето тоа би го плаќале граѓаните. Но, за разлика од нивната реакција секогаш кога се споменуваат повисоки сметки, овојпат јавното мислење е сосема спротивно – секој е согласен да плати повеќе за да биде чисто.

Жителите на Скопје за собирање на сметот плаќаат по 3,59 денари од квадратен метар станбена површина, додека фирмите плаќаат 5,5 денари. Оваа цена е утврдена уште во 2011 година.

Одлука за утврдување на цената за собирање и транспортирање комунален отпад на подрачјето на Град Скопје донесена на 22.09.2010 година. Извор: Комунална хигиена – Скопје 

Така е на хартија, но во реалноста цената на комуналните услуги не е доволна за да се покријат трошоците за оваа услуга. Односно, ако се направи споредба на сумата што се собира од сметките и онаа која се троши се појавува кусок од 20 отсто. Ова се должи пред сѐ на тоа што минатата година влезните трошоци на ЈП „Комунална Хигиена“ се зголемени за 20 отсто. Директорката на ова ЈП Косана Мазнева вели дека зголемувањето на цената за ѓубретарина не е опција.

Отпадот и справувањето со отпадот е скапа работа. Но, ние не можеме да си дозволиме, ниту како јавно претпријатие, ниту градот Скопје, не би се дрзнал и не би си дозволил на и тоа како ослабнатата куповна и платежна моќ на граѓаните, да ја покачува цената на ѓубретарината. Таа, можеби реално, согласно сите овие трошоци треба да се зголеми, но, во овој момент ние такво нешто како претпријатие не сме побарале од Градот Скопје, сѐ во интерес на граѓаните“, вели Мазнева.

Иако едно од главните ветувања во предизборните кампањи, особено на локалните избори се врзани токму со хигиената во Скопје, од денешна дистанца, ниту една од големите партии не би чепкале во џебот на граѓаните.

„Вака, лично е неприфатливо, од причина што сега, во овој момент, со овие информации што ги имаме е неприфатливо, заради тоа што сметаме дека ЈКП со овие средства што ги добива може да функционира, без да се покачат до толку цените. Но, еве, да ги видиме нивните аргументи, објаснувањата, па потоа би одлучиле дали би прифатиле, или не. Никогаш не би прифатиле нешто што не е од интерес на граѓаните“, вели Марија Андоновска, советничка во советот на Град Скопје  од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога, популарно кажано удирате по џебот на граѓанинот, е непопуларно. Меѓутоа, доколку бенефитот од таа непопуларна мерка, макар и пет денари повеќе да биде, десеткранто поголем од она што како услуга сме го имале досега, верувам дека ќе наидеме на разбирање од граѓаните, вели Љубица Јанчева – советничка во советот на Град Скопје  од СДСМ.

Во последниве неколку години ЈП „Комунална хигиена“ работи час со добивка, час со загуба.

Финансиско работење на ЈП Комунална хигиена
gjubreto vo skopje go gledaat politicharite samo pred izbori 1

Без разлика кој е власт, „Комунална хигиена“ никако да ги стабилизира приходите

Советниците во градскиот Совет од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ сепак би размислиле за повисока цена на ѓубретарината, но само ако се промени моделот за пресметка кој ќе бара поголеми инвестиции.

Недостатокот пари ќе се надоместува со нов модел и со повиски цени

Во Министерството за животна средина и просторно планирање таков нов модел веќе се подготвува, кој ќе опфаќа и повисоки сметки, но и дополнителен ангажман од граѓаните.

Ако сакаме да имаме систем како овие до сега, каде што имавме само собирање, транспортирање и депонирање на нестандардни депонии, тогаш можеме да останеме на овие цени. Меѓутоа ако сакаме европски системи за управување со отпад и да си ги исчистиме градовите, мора да платиме дополнително за услугата. Цените ќе мора да се покачат. Тоа нема да биде драстично покачување. Кога на граѓаните ќе има кажеме дека ќе треба да платат по произведен отпад, кога ќе знаат дека ќе треба да платат повеќе заради произведено количество на отпад, тогаш и ќе се потрудат да го намалат количеството на отпад што финално ќе оди на депонија, односно, да селектираат. Бидејќи, за селектираниот отпад, праксите во Европските земји се дека не се плаќа, тоа само ви го подигнуваат и си оди на преработка. Секој граѓанин ќе се научи да селектира и да го намали количеството на отпад што финално ќе се депонира на санитарните депонии“, вели министерката Шукова.

Моделот на кој се работи предвидува две опции за тоа како ќе се пресметува во иднина ѓубретарината. Првата е по кубен метар, а втората е по килограм што се произведува во одредена станбена единица. Новина ќе биде и тоа што цената за граѓаните и за фирмите ќе ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Поточно, таа ќе доставува до општините минимален и максимален износ на ѓубретарината, по што советите на локалните самоуправи ќе решаваат што ќе прифатат.

Прво ќе се определи цена за чување на тој отпад во одредени депонии. Во државата ќе се прават неколку депонии и РКЕ прво треба да определи цена колку ќе чини тој отпад да се чува во овие депонии, а понатаму РКЕ ќе се спушти до секој потрошувач, до секое домаќинство и постојат, повеќе опции. Дали ќе оди врз основа на квадратурата која што ја има, дали врз основа на количината на отпадот што го давате, што може да биде и проблем на почетокот, тоа е тешко мерливо. Има сериозни европски проекти, поддржани од Европската Унија, од Британската амбасада, така што ќе ни помогнат во изработка на овие методологии, со една единствена цел, граѓаните да добијат правична цена за користење на комуналниот отпад, објаснува претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Сѐ почнува од депониите

Но, сево ова ќе чини пари. И тоа многу пари. Прво, за да функционира новиот систем, ќе мора да се средат депониите. Оттаму ќе почне утврдување на цената на ѓубретарината.

Овој процес веќе е почнат и во Министерството веруваат дека после две децении доцнење, конечно ќе се реализираат плановите за изградба на регионални санитарни депонии, со што надвор од функција ќе се стават 54- те нестандардни и над 1.000 диви депонии.

Планот за регионални санитарни депонии изгледа вака:

  • Свети Николе – Североисточен и источен плански регион (проектот е започнат)
  • Новаци – Југозападен плански регион и Пелагонија
  • Василево – Југоисточен и Вардарски плански регион
  • Дрисла – Скопски плански регион
  • Русино – Полошки плански регион (рехабилитација и по 5 години ќе се бара нова локација)

Ако сакаме да имаме сериозен систем за управување со отпад, мора на системот да му пристапиме многу сериозно и тоа го правиме сега. Последниве две-три години го градевме системот. Обезбедени се средства во вредност од 55 милиони евра како заем од Европската банка за обнова и развој и тој заем е надополнет воедно и со донација на билатерална основа со швајцарската влада и настапуваме сега прво во пет региони. Од осумте статистички региони во државата, опфаќаме во моментов седум и кога велам системски настапуваме, значи покрај тоа што ќе ја воспоставуваме основната инфраструктура за управување со отпад, на регионално ниво ќе пристапиме и кон формирање на нови регионални тела кои што ќе управуваат со одреден дел од системот за отпад. Комуналните претпријатија ќе останат како дел од системот, со тоа што ќе го собираат и транспортираат отпадот до претоварни станици. Регионалните, новите регионални тела за кои што општините покажаа спремност за нивно формирање ќе управуваат од претоварните станици до централната депонија“, објаснува Шукова.

Но, ова се само мал дел од потребните средства.

Кога определуваме цени, определуваме минимална и максимална цена. Минимална цена значи цена без вклучени инвестиции, а максимална цена значи вклучени оправдани инвестиции, одобрени од регулаторната комисија за енергетика. За жал, праксата во државата досега покажува дека најчесто Советите на општините се определуваат секогаш за минималната цена, тоа е цена која што, едноставно ги покрива само трошоците на претпријатието, вклучувајќи плати и останати трошоци за одржување, за материјали, енергија, резервни делови и слично и притоа ја признава и амортизацијата како трошок и таа цена не носи развој, вели Бислимовски од РКЕ.

За министерката Шукова, со мало зголемување на цената, веројатно ќе може да се финансираат инвестициите.

Ако сакате да инвестирате посериозно во вашето Јавно комунално претпријатие, тогаш ќе мора да одите со малку повисоката цена, да се движите спрема максимумот. Тоа е пракса секаде. Вклучително и државата ќе помогне во овој процес“, додава Шукова.

Но, клучното прашање е дали општинските совети ќе се решат да напуштат една пракса со која се залажуваат граѓаните? Од една страна не се зголемува цената на комуналните услуги, а од друга страна функционирањето на овие претпријатија, дури и кога работат со добивка, се субвенционира. Од буџетите се одвојуваат средства за инвестиции, но и за одредени услуги, како што се метење и миење на улиците или сезонските вработувања, што се даваат како услуга и има потреба од нив, ама не фигурираат во сметките. Токму ваквото субвенционирање покажа како инвестициската програма на ЈП „Комунална Хигиена“ за оваа 2023 година може апсолутно да се исполитизира.

„Доколку управниот одбор донел инвестициона програма, која, патем, е многу амбициозна, не гледам причина зошто мнозинството кое што го избрало Управниот одбор не ја поддржува на Совет. Во спротивно, доколку инвестиицоната програма не биде донесена, ние, овој смет што и денеска го гледаме, ќе биде десет пати, можеби и сто пати поголем, поради тоа што ЈКП нема да може да функционира. Од тие причини, ние, на последната седница ја поддржавме инвестиционата програма и добивме етикета дека ‘шуруваме’ и со овој и со оној, дека сме во колаиција и со Данела и со Левица, тоа не е така, тоа не е точно, вели Јанчева.

„Со месеци бараме информации, за да можеме врз база на тие информации да донесеме некои одлуки или решенија кои што ние, како советничка група, ќе ги предложиме, и, нормално, ќе ги поддржиме. Не можам да ви кажам од сега дали ние ќе поддржиме нешто, бидејќи ние добиваме многу штури информации“, вели Андоновска.

Инвестиционата програма јас ја образложував пред советниците, од нивна страна не наидовме на никакво разбирање, ниту пак на какво било аргументирање зошто инвестиционата програма и програмата за дополнителни дејности не поминува после неколку седници на Советот на Град Скопје. Напротив, на целото мое образложување пред граѓаните и пред советниците, зошто е потребно да се донесат овие програми, не наидов на никаков контра-аргумент. Едноставно, класична блокада, со цел да страдаат, претпоставувам, граѓаните и жителите на Градот Скопје“, вели Шукова.

Не за субвенции, да за реална цена

За економистите, субвенционирањето нема логика. Сметаат дека услугите треба да се плаќаат и да имаат реална цена. Според податоците од истражувањата на економистот Борче Треновски, во декември 2022 доспеани, а неплатени обврски зафаќаат скоро 55% од вкупните доспеани неплатени обврски на сите јавни субјекти во државата, или приближно 250 милиони евра. Доколку се земат само општинските јавни претпријатија, една генерална анализа покажува дека скоро една третина од нив работат со загуба. Податоците покажуваат и дека граѓаните не се задоволни од услугите. Причините се кадровскиот потенцијал и превработеност која е евидентна, недоволната контрола и мониторинг врз нивното работење, ниската транспарентност и отчетност во работењето, непостоењето системи за утврдување на потребите од услугите кои ги нудат и мерење на задоволството од истите, толеранцијата на нивното неефикасно работење од органите на централната и локалната власт итн.

borche trenovski 300x300 1„Посебно е важно да се спомне нереалните (непазарните) цени на услугите кои ги нудат и бледата (политички сензитивната) иницијатива за нивно реално утврдување, што придонесува истите да се соочат со проблеми во покривање на нивните реални трошоци во испораката“, вели проф. д-р Борче Треновски, од Економскиот факултет во Скопје.

Поради ова, вели Треновски, се доведуваме во ситуација општините/централната власт најпрвин да им надоместува на јавните претпријатија за нивните услуги (ретко да добива приход од нивната работа), плус дополнително да го покрива нивното лошо економско работење и да ги субвенционира нивните инвестициони активности и услугите кои ги нудат.

„Оттука особено е важна да се потенцира реалната потреба јавните претпријатија доминантно да функционираат врз пазарни принципи со воведување на ефикасен систем на нивно менаџирање и контрола. Субвенционирањето во работата на истите траба да биде исклучок или истото треба да се појави во услови кога централната власт или општината сакаат да стимулираат користење од општ интерес, кога сакаат определен слој од граѓаните оправдано (поради нивниот економски/социјален статус) да добијат пониска цена од пазарната – меѓутоа истото треба да биде јасно нагласено, елаборирано и презентирано пред граѓаните“, објаснува Треновски.

Според Министерството за животна средина, реформите во областа на собирањето и депонирањето на отпадот треба да започнат најдоцна до крајот на оваа година, а првите резултати ќе се видат од наредната, 2024 година. Но, наредната година е изборна година и прашање е дали воопшто некој ќе зборува, а камо ли да донесе мерки со кои граѓаните ќе треба да платат поскапо некоја услуга. Искуството кажува дека партиите на секои избори ветуваат подобри услуги, без воопшто да споменат по која цена.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 

Новинари: Горан Теменугов и Ангела Рајчевска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Борче Крстевски