fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
iljadnici toni otpad nezakonski se nadvor od sistemot intro

Илјадници тони отпад не се селектира бидејќи дел од фирмите не го пријавуваат

  • Ова ѓубре има свои „газди“ кои мора да се грижат за негово селектирање, собирање, обработка и рециклирање, но некои не го пријавуваат за да не плаќаат за тоа.
  • Податоците за 2021 година покажуваат дека и она што е собрано е за речиси 20 отсто помалку од предвиденото со Планот и далеку од целите поставени од ЕУ.
  • МЖСПП нема доволно инспектори за да го спроведе законот, но дискутабилно е и дали е реална нивната бројка за количината на ваков отпад што се произведува годишно.
  • По 12 години кампањи, успеавме да изградиме инфраструктура, но не успеавме да ги промениме навиките.

Годишно, над 25.000 тони отпад од пакување се целосно надвор од системот за селектирање и рециклирање. Иако овој тип на ѓубре има свои газди односно фирми кои според Законот за управување со пакување и отпад од пакување мора да се грижат да биде селектиран, собран, обработен и рециклиран, непознат број фирми воопшто не плаќаат за оваа намена.

Но, не е проблем за системот и за животната средина само оваа бројка на отпад која по површина би заземала четири фудбалски игралишта со висина од еден метар. Проблем е и тоа колку Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) утврди колку отпад годишно генерираат домашните фирми кои произведуваат и пуштаат на пазарот пакувања/амбалажа.

kolichina na razen vid otpad

Една четвртина од отпадот од пакување не е во системот

Но, со ред. Министерството смета дека годишно македонските фирми генерираат 103.090 тони отпад од пакување. Според Законот, сите фирми кои ќе пуштат на пазарот или користат продажно (примарно), групно (секундарно) и транспортно (терцијално) пакување мора да го селектираат, обработат и рециклираат овој отпад.

Видови пакување

Продажно
Продажно пакување е пакување направено на таков начин кое претставува единствена единица за крајниот корисник или потрошувачот на местото на продажбата

Групно
Групно пакување е пакување направено на таков начин кое, како група обвиткува или држи заедно поголем број на основни продажни единици со продажно пакување од ист или различен вид на стока на местото на продажбата, без оглед на тоа дали се продаваат на крајниот корисник или потрошувач како група или се продаваат поединечно по продажна единица или се користат за достава до местото на продажба. Групното пакување може да се отстрани од продажните единици без да се влијае врз неговите карактеристики

Транспортно
Транспортно пакување е пакување направено на начин со кој се олеснува ракувањето и транспортот на продажните единици или групното пакување за да се спречи физичкото оштетување при ракување и транспорт

Сите овие компании, не го вршат селектирањето, собирањето и рециклирањето на отпадот од пакување сами, туку плаќаат на непрофитни, лиценцирани друштва за управување со пакување и отпад од пакување (колективни постапувачи) кои во нивно име го организираат селектирањето и собирањето.

 

Термини употребени во видеото

Селектира
Направи, прави селекција; одбере, одбира, издели, изделува според некоја особина, карактеристика и слично / изделува нешто според одредена карактеристика.

Производители
Човек, колектив, фабрика, претпријатие што произведува нешто/ физичко или правно лице што произведува нешто.

Друштва за управување со пакување и отпад од пакување
Друштва кои имаат дозвола за постапување со отпад од пакување издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Рециклира
Повторно искористи, искористува отпадоци, стари, користени предмети (хартија, стакло, пластика и друго) / повторно користи стар, веќе користен материјал.

Не пријавуваат за да не плаќаат

На пазарот во Македонија постојат три такви друштва и тоа ПАКОМАК, АлПак Еко и ЕУРО – ЕкоПак. За да може да имаат лиценци, ваквите друштва треба да имаат пазарно учество од минимум 10%, а максимум 49%. Или, во тони ова значи дека ниту едно друштво годишно не смее да има договори со фирми за под 10.309 или над 50.514 тони отпад.

 

dogovoreni vs sobrani kolichini 1

За околу 30.000 тони, дел од фирмите не плаќаат никому

Ако се видат бројките за договори за селектирање и собирање со бројката на МЖСПП се гледа дека за околу 30.000 тони, дел од фирмите кои генерираат отпад од пакување не плаќаат никому. Тоа го велат и од трите друштва со лиценци, но и од самото Министерство.

„Недостатокот, односно разликата е најголем број од оние што не пријавуваат. Има голем број на компании кои што не пријавуваат. Реално не можеме да знаеме, но можеме да претпоставиме, според некои сознанија кои ние ги имаме, тоа се пет до шест илјади компании“, вели Фатмир Ејуб од „АлПак-ЕКО“.

„Во Македонија триесет проценти од фирмите, би рекол, тоа е некоја наша скромна проценка, дека 30 проценти од отпадот од пакување што се пушта на пазарот никој не го финансира“, додава Филип Ивановски од ПАКОМАК.

„Проблемот е што сѐ уште нема добра евиденција што еден дел од правните субјекти не се влезени во ниту еден систем за управување со отпад…Тука се доведува до нерамноправна положба на некои правни субјекти кои издвојуваат средства и се влезени во системот, а други не ги реализираат законските обврски“, истакнува Љупчо Аврамовски од „ЕУРО-ЕкоПак“.

И од МЖСПП признаваат знаат дека дел од компаниите го изигруваат законот.

„Зошто е ова така? Зошто постојат вакви компании кои што сѐ уште го ескивираат законот? Тоа е затоа што немаме доволно капацитети во инспекциските тела, конкретно, Државниот инспекторат за животна средина е надлежен и тие треба да влезат едноставно во сите регистрирани компании во нашата земја и да побараат документ да видат дали овие компании ги исполнуваат овие обврски, согласно со законот. Сѐ додека во некоја компанија не дојде инспектор, тие можеби, ете, едноставно ќе го игнорираат законот“, објаснува Ана Каранфилова Мазневска од Секторот за отпад од МЖСПП.

Затоа и од лиценцираните друштва, но и од Министерството за животна средина бараат подобра соработка меѓу институциите.

Стои во законот, сите малопродажни места, супермаркети, аптеки, бела техника, на своите добавувачи да им побараат потврда дека, и тоа е економска мерка што ќе ги принуди да се регистрираат, да им рече ‘не продаваме веќе ваши производи, доколку не покажете дека сте некаде член и дека сте платиле минатата година’“, вели Ивановски од ПАКОМАК.

Стопанската комора на Македонија и МЖСПП да афирмира, или преку регионалните комори да се организираат состаноци каде што ќе се елаборира оваа тема и проблемот дека треба да се вклучат што повеќе компании за да не бидат во дискриминаторска положба оние кои што плаќаат“, смета Аврамовски од ЕУРО ЕкоПак.

„Во законот стои дека задолжително во завршната сметка треба да се приложи и потврда за исполнување на обврските, односно потврда за уплатен надоместок согласно со количината што ја пуштиле на пазарот производителите. Дали ќе се применува, треба, сепак, да се провери тоа во Управата за јавни приходи, бидејќи тие се надлежни за завршните сметки“, истакнува Каранфилова Мазневска

Јас мислам дека е од неинформираност. Луѓето не знаат дека имаат обврска, вели Ејуб од АлПак ЕКО.

Од Управата за јавни приходи за ДОМА, на прашањето дали ќе побараат од фирмите кои генерираат отпад од пакување, со завршните сметки да приложат и документ дека платиле за селектирање и собирање на отпадот, одговорија дека надлежен орган за вршење надзорот над пресметаниот и уплатен надоместок е Управата за животна средина кој е орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање. Затоа:

„Имајќи го во предвид наведеното, Управата за јавни приходи нема законска надлежност за постапување по однос на надоместокот за управување со отпадот од пакување“, се вели во одговорот.

Колку отпад од пакување навистина имаме?

Освен проблемот со фирмите неплаќачи, поради кои за над 25.000 тони отпад од пакување никој не се грижи и тој завршува на депонии или во природата, проблем е и дали во Македонија годишно се генерираат 103.090 тони отпад од пакување. Две од трите друштва ја оспорија оваа бројка, додека третото верува во бројката на Министерството.

„Тоа е некаде околу 65 до 70 илјади“, вели Аврамовски.

„Според Пакомак, таа бројка е потценета. Реално би требало да биде најмалку над 115 илјади тони“, додава Ивановски.

Горе-долу, според мене, бројката е реална“, објаснува Ејуб.

„Отпадот од тие камиони беше анализиран и квантитативно и квалитативно. Така се утврдени реалните количини во тој период кога се мерени и се утврди колкаво е количеството на отпад од пакување во отпадот што го создаваат нашите граѓани како комунален отпад. Процентот излезе дека е некаде помеѓу 25-32, во зависност од регионот“, потенцира Каранфилова Мазневска.

Додека на ПАКОМАК и на ЕУРО – ЕкоПак мотивите за оспорување на бројката на отпад од пакување им се околу исполнување на цензусот за лиценца, односно на ПАКОМАК како доминантен на пазарот му одговара поголема бројка, за да биде под 49% учество, а на ЕУРО – ЕкоПак помала за да не падне под 10%, мотиви за пониска бројка има и самото Министерство за животна средина. За да се открие причината за потценување на бројката, треба да се погледне Планот за управување со отпад 2021 – 2031 донесен од ова Министерство. Во него, се изнесени податоците дека во изминатиов период сме ги создале следниве количини на комунален отпад.

kolichina na komunalen otpad

Количината на комунален отпад по глава на жител секоја година расте | Извор: Државен завод за статистика и објавено во Планот за управување со отпад 2021 – 2031

Но, ако се спореди со табелата за структурата на отпадот објавена во истиот документ, ќе се добијат далеку поголеми бројки за создаден отпад од пакување.

Различни бројки за создаден отпад од пакување | Извор: План за управување со отпад 2021 – 2031

Со собирање на отпадот од пакување, а тоа е  хартија, картон, композитни материјали, стакло, метали, пластични пакувања и друга пластика како ПЕТ и дрво, се добива дека овој отпад учествува во комуналниот отпад со околу 33%. Ако ова се примени на 900.000 тони комунален отпад создаден годишно во 2019 и 2020, се добива дека има 300.000 тони отпад од пакување. Ако се примени по конзервативната проценка од 25%, се доаѓа до бројката од 225.000 тони отпад од пакување.

Ова е два до три пати повеќе од сегашната проценка и обврска на компаниите да плаќаат за селектирање, собирање и рециклирање на отпадот од пакување.

А веројатниот мотив за ваква ниска проценка на овој отпад може да се најде исто така во Планот 2021 – 2031 година.

„Иако рециклирањето на отпадот од пакување создаден во Република Северна Македонија е во пораст, поголемиот дел од овој отпад не се рециклира. Пакетот за циркуларна економија на  ЕУ  постави  нови  цели  за  отпадот  од  пакување,  но  тие  веројатно  нема  да  бидат  брзо остварливи и ќе се преговараат подолги временски рокови како дел од пристапните преговори за земјата. Целите за рециклирање на отпадот од пакување за Република Северна Македонија се утврдени во новиот Законот за управување со пакување и отпад од пакување“.

celi za sobiranje na otpad od pakuvanje

Отпадот што реално се собира е помалку од предвиденото

Во 2021 година, според податоците на трите компании, збирно се собрани 52% од отпадот од пакување за кои со компаниите имаат договори. Но, ова значи дека од 103.090 тони се собрани само 36,3% што е скоро 19 процентни поени помалку од предвидените цели објавени во Планот.

Инфраструктура се гради, но и навиките мора да се сменат

А дека тешко ќе оди со постигнување на зацртаните цели околу селектирањето и собирањето покажува и последната анкета што ја спроведе едно од друштвата што го организираат селектирањето и собирањето на отпадот. Во анкетата се гледа дека и после 12 години кампањи, во моментов проблем се навиките, а не инфраструктурата.

glavni prichini za neselektiranje

Главна причина за неселектирање се навиките

Од анкетата која е спроведена за потребите на едно од трите друштва се гледа дека граѓаните го смениле ставот околу тоа зошто не се селектира отпадот. Додека пред три години и пред тоа, главна пречка им било немањето инфраструктура, како канти за селектирање, лани на прво место избива дека немаме навика.

Анкетата е спроведена на примерок од 1.200 испитаници, од 3 до 16.02.2022 на CATI (компјутерско асистирано телефонско интервју) со опфат на урбана популација во 9 градови и тоа: Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, Штип, Велес и Прилеп.

Според Законот, колективните постапувачи парите што ги добиваат од фирмите треба да ги распоредат на неколку дела, при што 10% од нив одат за кампањи за подигнување на јавната свест. Анкетата покажува дека со одвоените пари за кампањи, не се постигнати резултатите.

Затоа, Филип Иванов, консултант за животна средина вели дека освен кампањи и казни, постои и друга начин на подигнување на јавната свест. А тоа е, материјалната мотивација.

„Доколку со средствата кои што ги обезбедуваме, обезбедиме минимум две канти во кои што ќе имаме влажна и сува фракција, или рециклирачка фракција, граѓанинот би требало да плати повеќе за таа влажната фракција, која што мора да се третира или да заврши на депонија, а онаа сувата фракција може да се рециклира, да се преработи и со сопствената преработка да ги покрие трошоците за нејзиното собирање и транспортирање до постројката, објаснува Иванов.

Во планот за управување со отпадот 2021 – 2031 година стои и дека до крајот на 2021 година минимум 60% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на Македонија треба да се преработи со операции на обновување или операции на енергетска преработка, додека до крајот на 2021 година минимум 55%, а максимум 80% од тежината на отпадот од пакувањето треба да се рециклира. Ако се суди според досега сработеното, Европската Унија ќе мора да се стрпи малку со нас околу ова прашање.

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.

 

Новинари: Горан Теменугов и Ангела Рајчевска
Снимател: Тони Стојановски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска