fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
matka ja otkri nesposobnosta na instituciite slide

На „мала врата“ сакаат да протнат легализација на дивите платформи на Матка

Се прави ли обид да се легализираат дивоизградените  платформи во заштитеното подрачје Кањон Матка е прашање кое заслужува посебно внимание откако надлежните институции кренаа раце од овој случај со образложение дека станува збор за објекти за кои е поднесено барање за легализација согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Според одговорот кој Општина Сарај го доставил до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за две платформи во заштитеното подрачје Кањон Матка се поднесени барања за легализација. За една пак, има одлука, но не се открива каква.

Општината по насоките на Инспекторатот излегла на терен на 5 март, но десет дена се чекаше нејзиниот одговор што констатирале службените лица.

matka ja otkri nesposobnosta na instituciite slide

Одговорот од Инспекторатот за градежништво за тоа што им одговорила Општина Сарај, ви го пренесуваме во целост:

Записник за констатација бр.22-04 од 05.03.2019год. во кој е утврдено дека на Кп 971,Кп1069,Кп1070/1,Кп1087,Кп1088 Ко Матка е изведена платформа со површина од 190 м2, за која платформа од страна на градителот согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти е поведена постапка во општина Сарај под бр.2105-9805 од 24.12.2018год.

Записник за констатација бр.22-05 од 05.03.2019год. во кој е утврдено дека на Кп 1088 Ко Матка е изведено плато со помошни објекти со површина од околу 120 м2, за кое плато од страна на градителот согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти е поведена постапка во општина Сарај под бр.2105-9316 од 08.02.2018год.

Записник за констатација бр.22-06 од 05.03.2019год. во кој е утврдено дека на Кп 1088 Ко Матка е изведена платформа за која од страна на општина Сарај е донесено решение бр.2105-8026 од 06.10.2017год. согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Според ова, велат од Инспекторатот, тие не се надлежни да постапуваат се додека општината не одговори на овие барања за легализација. Овој одговор, додаваат од таму ќе го испратат и до Министерството за транспорт и врски по чие барање постапуваа.

Законот за постапување со бесправно изградени објекти важи за градби кои се завршени до 3 март 2011 година.

Според последните измени од 2017 година, имателите на бесправни објекти утврдени во членот 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти на кои објекти заклучно со 3 март 2011 година се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина, можат да поднесат барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од денот на започнувањето на примената на овој закон до 31 декември 2018 година.

Член 2

(1) Под бесправно изградени објекти, во смисла на овој закон, се подразбираат објекти од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, објекти од локално значење согласно со Законот за градење и објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, како и делови (доградби и надградби) на објектите од значење за Републиката и од локално значење и на објектите на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, во и надвор од плански опфат (во натамошниот текст: бесправни објекти).

(2) Под објекти од локално значење, во смисла на овој закон, покрај објектите од ставот (1) на овој член се подразбираат и помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба (градби за кои согласно со Законот за градење градоначалникот на општината издава решение за изведување на градбатa), времени објекти наменети за домување, објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно со Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште, како и објекти, односно посебни делови од објекти пренаменети без одобрение за пренамена.

(3) Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставовите (1) и (2) на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина. Доколку одредени делови, односно нивоа од бесправниот објект не се функционална целина, тие делови не се предмет на утврдување на правен статус и за истите може да се води постапка за добивање одобрение за градење согласно со Законот за градење, ако по извршеното вклопување на делот од објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус, се предвидуваат услови за идна градба.

Согласно овој член, платформите не можат да бидат предмет на легализација, велат добро упатени извори за Само Прашај. Тие спаѓаат во рамки на урбана опрема за која одобрение дава Град Скопје. Градскиот инспекторат и градоначалникот Петре Шилегов веќе изјавија дека градот не дал дозвола за платформите и дека тие се дивоградби.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека не можат да постапуваат доколку Државниот инспекторат за градежништво не утврдил неправилности. Ќе мора да чекаат како Општина Сарај ќе одговори на барањата за легализација.

„Второстепената комисија на Министерството за транспорт одлучува во управна постапка во однос на одлуката на општината. Ако Општината ја прифати легализацијата второстепената комисијата при Министерството по примена претставка одлучува по решението на општината, може да го прифати, а може и да го отфрли зависно од доказите“, велат од Министерството.

Овие постапки можат да траат и со месеци.

Според податоци од Одделението за урбанизам во Општина Сарај има повеќе од 7.000 барања за легализација на дивоградби од донесувањето на Законот. Од нив решени се повеќе од 1.500. Кога ќе се разгледуваат барањата за платформите на Матка зависи од динамиката со која се решаваат примените предмети.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Марија Севриева

Види повеќе за истата тема:

Матка ја откри неспособноста на институциите

Општина Сарај го игнорира Шилегов и не ја руши дивоградбата на Матка

Сподели