За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Секој жител со своја депонија во струшко Луково

Планинското село Луково кое се наоѓа на 26 километри од Струга, на источните падини на планината Рујница се „дави“ во диви депонии. Еднa од главните причини за ваквата состојба е што селото не е поврзано со општинскиот комуналниот систем, односно таму не се собира отпадот од домаќинствата, па жителите го одлагаат во околината. Од струшкото комунално претпријатие велат дека за таква услуга треба да се склучи договор со месната заедница. Од Министерството за животна средина (МЖСПП) пак, велат дека јавните комунални претпријатија имаат обврска да даваат комунална услуга на сите населени места во склоп на општината.

Oтпад за пречек

На самиот влез на селото Луково веднаш може да се забележи првата депонија покрај главниот пат кој води кон соседната Општина Центар Жупа, а неколку диви депонии има и по самото течение на реката Црн Дрим која се влева во Дебарското Езеро и продолжува кон Албанија.

Фотографија на која се гледа ѓубре насобрано покрај река.

Секаков вид отпад се одлага покрај реката Црн Дрим

За време на обилни дождови, реката истекува и создава дополнителен проблем со отпадот, објаснува Марјан Балоски, еден од 200-те жители на струшко Луково, кој досега на повеќе начини се обидел да го реши проблемот со дивите депонии.

„Реката го носи сиот шут што доаѓа од околните села, од Пискупштина, од Нерези, навака“, сведочи Балоски.

Околината на селото кое се наоѓа на 821 метар надморска висина е исто така загадена. Балоски објаснува дека на територијата има најмалку 20 до 30 депонии. Од нив, петнаесетина се подлабоко во планинскиот појас на Рујница, повисоко на планината кај поранешното „стрелиште“. Останатите, вели, се низ целото село.

Депонии има покрај патот кој води кон селото Луково и на падините на Рујница

Тој потенцира дека всушност жителите сами се снаоѓаат за одлагање на отпадот и дека „секој си има своја посебна депонија“.

„Најголем проблем е што немаме каде да го одложиме ѓубрето, секој си има своја депонија, во секое место во природава се загадува. Сите природни извори што ги имаме се загадени“, посочува Балоски.

Фотографија од Марјан Балоски

Балоски попусто се обидувал да поттикне решавање на проблемот со дивите депонии

Според него, тоа што селото не е поврзано на комуналниот систем претставува голем проблем.

„Гледате и самите, колку пластики, колку загадување… сите природни убавини, реки, езерото Глобочица е исто катастрофално, Дебарското Езеро… Народот не е свесен што правиме со загадувањето на природата“, додава Балоски и посочува дека туристите, но и неговите пријатели кои доаѓаат на посета, се зачудени од глетката.

На своја рака, луковчанецот повеќепати организирал и акции за чистење со помладите од селото. Отпадот што го собирале, го палеле, тоа што е можно, посочувајќи дека проблем е и градежниот шут. Целта на акциите, вели дека била и да се „разбуди“ народот за овој голем проблем, за нив и за природата.

Фотографија од импровизирана корпа за отпадоци која е закачена на бандера.

Импровизираните канти за отпадоци во Луково не помогнале за освестување на населението

„Во еден наврат, поставив канти за ѓубре на бандерите што се низ селото, на 10-20 метри. Поставив на секоја бандера. Па почнаа покрај кантите да го ставаат шутот од дома, и не беше тоа солуција да го отстраниш. После ги отстранив, немав и јас доволно време да ги чистам, треба да си слободен да ги чистиш, барем еднаш неделно. Тоа беше за помал отпад, за кутија цигари, од сладолед или од нешто“, објаснува Балоски.

Помладите генерации, според него, се доволно свесни и не го загадуваат просторот околу нивните куќи или во околината на селото, за разлика од постарите генерации.

Не сакаат регионална депонија „во дворот“

Балоски и соселаните повеќепати разговарале за да најдат решение за состојбата со отпадот.

„Порано бевме Општина Луково. Пробувавме да направиме некаде место, некоја локација каде би се собирал цел отпад и тоа не успеавме да го реализираме. Тоа беше последно. Ја изгубивме и Општината и така си остана“, посочува Балоски.

Тој тврди дека поголем број од жителите би сакале да се приклучат на комуналниот систем.

„Подобро е некој да дојде, јас само да го платам да го однесе некаде, отколку да ја загадувам природата“, дециден е Балоски.

Претседателот на месната заедница на селото Луково, Миодраг Шуминоски објаснува дека пред изборите разговарале со градоначалникот на Струга, за евентуално место каде би можело да се направи депонија во селото.

„Ама Луково не може, Безово не може, Пискупштина не може. Никој не се согласува за депонии да се прават, за такви ѓубриња. А за да се носи за Струга, тоа е инвестиција. Никој од надлежните не плаќа за да дојдат барем еднаш неделно да поминат, сите населени места што се, не само Луково, него и другите Долнодримколски населби“, вели Шуминоски.

И според него, постои интерес кај жителите да се реши проблемот, но додава дека проблемот се влече наназад речиси 30-40 години, а никој ништо не презема.

„За поблиску нема шанса да се носи некаде, да се прави… мора да се оформи и претпријатие, а кој ќе ти оформи такво претпријатие, кој ќе го плаќа?“, запрашува тој.

Комуналното претпријатие во Струга собира отпад само во блиската околина

Јавното претпријатие „Комунално“ од Струга собира неопасен отпад од домаќинствата само на територија на градот, како и од приградската населба „Езерски Лозја“ и од индустриската зона во општината. Оттаму посочуваат дека работните активности ги изведуваат по склучен договор со правни лица.

„Населените места во Општина Струга каде ЈП „Комунално“ Струга не врши собирање на неопасен отпад од домаќинствата, самоиницијативно организираат собирање на отпадот. За таа цел ангажираат одредени физички или правни лица за одреден надомест да го собира отпадот, а со согласност на ЈП „Комунално“ Струга, истиот се одлага на соодветна депонија“, велат од претпријатието.

Тие укажуваат дека жителите на селото Луково не побарале средба за да се разговара на оваа тема. Посочуваат дека се подготвени да одржат средба со сите претставници на населените места за да помогнат во рамките на нивните можности и надлежности.

„Дивите депонии секако претставуваат опасност за животната средина и се грда слика за нас како граѓани. ЈП „Комунално“ Струга самоиницијативно исчисти многу депонии во градот Струга и непосредната околина. ЈП „Комунално“ Струга е подготвено доколку има соодветна иницијатива и помош од надлежни органи да се приклучи во чистење на диви депонии во Општина Струга“, велат оттаму.

Општините имаат обврска да даваат комунални услуги

Сепак, од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) објаснуваат дека јавните комунални претпријатија, односно општините имаат обврска да даваат комунални услуги на сите населени места кои се во склоп на општината.

„Официјалната проценка е дека 30 отсто од популацијата не добива услуга“, велат од МЖСПП, во однос на тоа во колку населени места и села не се собира ѓубре од домаќинствата.

Според нив, причината за тоа што има многу мали нелегални ѓубришта е проблемот што не е покриена целата територија на земјата со услуга за собирање отпад.

Оттаму тврдат дека со новите регионални системи, односно изградбата на регионалните депонии ќе се реши овој проблем.

„Со средствата обезбедени од Владата ќе се набават и контејнери и камиони кои треба да ја покријат целата територија, сите општини, на ниво на регионите“, посочуваат од МЖСПП.

Во меѓувреме, луковчанецот Балоски упатува порака до надлежните за што побрзо решавање на овој проблем.

„Немам некоја голема порака, единствено, што побрзо да најдеме начин некаде да го собираме, до Општина Струга некако да се договориме, да видиме, да пуштат трактори или да вработаат двајца. Да го собираме, да плаќаме месечно. Мислам дека ќе го решиме така најбрзо проблемот, ако Општина Струга нешто помогне во ова“, дециден е Балоски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија има над 1.000 диви депонии. Состојбата во Луково се пресликува во голем број села. Иако дивите депонии се директна закана за природата и за населението, политичарите на власт триесет години од осамостојувањето не најдоа формула за решавање на проблемот со несоодветното одлагање отпад. Денес, формирањето на регионални депонии се‘ уште звучи како научна фантастика.

 


Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Дома“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со „Радио МОФ“ во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.

Новинар: Мартин Колоски

Сподели