fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Сега само молитва може да ги спаси езерата

Во Македонија се случува катастрофа која што делумно е предизвикана од несоодветно управување со енергетскиот систем и со акумулациите за производство на струја при што не се земени предвид ефектите од климатските промени врз хидролошката состојба во земјава. Земјава сега е доведена во ситуација да се надева на зима со обилни дождови и снежни врнежи за да не дојде до целосно исчезнување на водите. Никој досега не презема одговорност за ваквата состојба на езерата којашто може да има несогледливи последици врз живиот свет и да предизвика исчезнување на одредени видови животни и растенија. Најлесно е да се посочи на неочекувана суша.

Долг период откако се алармира за исчезнувањето на водата од Преспанското Езеро, Владата на 25 декември, годинава усвои Акциски план за спас

Експертска група составена од претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за хидро-метереолошки работи, академијата и невладиниот сектор во своите првични наоди како главни причинители за ваквата состојба на Преспанското Езеро ги утврдила климатските промени, тектонските појави и човековото делување.

Досегашните истражувањата веќе покажале дека водата од Преспанското Езеро понира и преку Галичица се слева во Охридското Езеро.

Мерењата на ЕСМ покажуваат дека водостојот во едно од нашите најзначајни природни богатства – Охридското Езеро веќе цел месец едвај се одржува околу минималната дозволена кота.

Намалувањето на водостојот на Охридското Езеро е очигледен преку појавата на „нови плажички“ на крајбрежјето.

Познато е дека реката Црн Дрим кај Струга се излева од езерото, кое иако е природно се користи како акумулација за производство на струја. Имено, со контролиран испуст на водата од Охридското Езеро се полни вештачкотото езеро Глобочица кое е изградено по течението на Црн Дрим во Западна Македонија.

Деновиве езерото во одредени делови повеќе наликува на поток

На езерото се наоѓа истоимената хидроелектрана „Глобочица“ со која стопанисува државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Истата компанија стопанисува и со најголемото вештачко езеро во нашата земја – Мавровското.

Нашиот објектив и таму затекна катастрофална состојба.

Има површини кои се веќе обраснати со растенија што укажува на тоа дека водата е повлечена подолг период, како и „враќање“ на црквичката којашто беше потопена при создавање на оваа акумулација.

Слична е состојбата и со останатите акумулации односно Дебарското езеро, Козјак…

Тоа неодамна го увиде и Владата и за ваквата состојба побара информација од ЕСМ.  На почетокот на ноември годинава за оваа проблематика беше одржан состанок од кој беа презентирани наоди и заклучоци.

„Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет.

Од тие причини, на состанокот е заклучено дека со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот согласно обврските од водостопанските дозволи, потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите.

Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, каде е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за разладната кула.

Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите.

Од наведените причини, на состанокот е заклучено АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма „ЕЛЕМ Трејд“, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес“, се вели во соопштението.

Катастрофата што се случува со природните и вештачките езера во Македонија јасно покажува дека климатските промени не се земаат како сериозна закана иако се случуваат пред нашите очи, но и дека енергетскиот систем е кревок и дека е време на хидроенергијата да се смета со резерва.

 

Текст: Владо Николовски
Фоторепортер: Томислав Георгиев

 

Сподели