fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
burite i sushite kje ni stanat sekojdnevie featured

Бурите и сушите ќе станат секојдневие, ни треба освестување за климатските промени

Климата во Македонија се менува – температурите континуирано растат и се јавуваат екстремни временски околности (суши и топли бранови, поплави и бури). Ова е еден од главните заклучоци од компаративната анализа „Климатските промени и отпорот на природата“ коешто го спроведе Институтот за комуникациски студии во соработка со Ана Петровска, поранешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Во него, се презентирани најновите и референти докази и инфмормации за климатските промени во земјава, нивното влијание врз биолошката разновидност и се укажува на потребата од спроведување соодветни политики за подобро следење на овој феномен и за ублажување на негативните последици.

burite i sushite kje ni stanat sekojdnevie 1

Лошото управување со водните ресурси може скапо да нè чини

Во овој документ се констатира дека и покрај релативно малата површина на земјата, климатските услови се менуваат од алпски (на север и запад) до медитерански (на јужните делови од Вардарската долина), со студени зими, врели лета, невоедначен режим на врнежи и висок степен на биолошка разновидност.

„Климатските промени во Македонија може да се илустрираат со релевантни метеоролошки податоци: шест од десетте најтопли години по 1951 година се случиле од 2007 до 2012 година, а топли бранови се забележани речиси секоја година од 1987 година до денес“, пишува во истражувањето.

Се додава дека Македонија се вбројува помеѓу најранливите земји во светот, поради неповолните климатски, социо-економски и културни услови. Имено, кон ранливоста на климатските промени придонесува големата невработеност (особено кај жените и младите) и релативно високиот процент на население чиишто приходи зависат од земјоделството, кое е исклучително ранливо на климатските промени.

Сценарија што загрижуваат

Последните анализи за климатски сценарија укажуваат на веројатно зголемување на максималните температури (1 ºC, 2 ºC и 2,5 ºC за ниско, средно и високо сценарио) во средината на ова столетие и на појава на долготрајни суши во вегетацискиот период (април до октомври).

Поради покачените просечни температури ќе се намалуваат водните ресурси, што ќе се одрази врз водниот режим, односно достапноста на водата за водоснабдување, наводнување, индустриски потреби, аквакултура и производство на енергија. Со климатските сценарија е утврдено и дека ќе се зголемуваат дневните екстремни врнежи поради што се јавува зголемен ризик од поплави во сезоната септември-октомври-ноември.

burite i sushite kje ni stanat sekojdnevie 2

Сушните периоди ќе ја зголемат опасноста од пожари

Во истражувањето се укажува дека покачените температури, сушите и недостигот од вода, но и поплавите, ерозијата, свлечиштата и другите екстремни климатски појави, ќе се одразат и врз екосистемите (вклучително и врз шумските екосистеми), врз биолошката разновидност и соодветните екосистемски услуги.

Се „бориме“ против климатските промени со донации

Во овој документ се потенцира дека е неопходна координација на политиките и активностите наменети за ублажување и за адаптирање кон климатските промени, не само помеѓу различните сектори, туку и помеѓу националните, регионалните и локалните чинители.

„Емисиите на стакленички гасови од енергетиката, транспортот, индустријата, градежништвото, управувањето со отпадот, земјоделството и сточарството треба да се намалат преку замена на фосилните горива и воведување иновативни и климатски неутрални технологии. Додека, пак, во планирањето на просторот и урбанистичкото планирање, управувањето со водите, земјоделство, шумарството, заштитата на биолошката разновидност и природата, треба да се воведат нови практики за да се овозможи приспособување на влијанијата од климатските промени, што веќе се случуваат и се очекува да се влошат во иднина“, пишува во истражувањето.

burite i sushite kje ni stanat sekojdnevie 3

Главна институција одговорна за климатска акција е Министерството за животната средина и просторно планирање (МЖСПП)

Се заклучува дека државата не одделува финансиски средства за спроведување на обврските од ратификуваните конвенции и за транспонирање на директивите поврзани со климатските промени, односно досега сите национални комуникации, двогодишни извештаи, долгорочната стратегија за климатска акција и нацрт-законот за климатска акција се изработени со донации.

Потребни се промени во образованието

Европската Унија и Организацијата на Обединетите нации предвидуваат транзиција на образовниот сектор кон економија базирана врз знаење и кон подготовка на младите (но и оние на кои им е потребна преквалификација) за новите зелени технологии, што сè уште недостига во Македонија.

„Само во дваесетина програми за обуки што се акредитирани од Центарот за образование на возрасни се застапени теми од областа на климатските промени, a содржините се оценети како релативно оскудни. Темите и формите на неформалното образование за климатски промени во невладиниот сектор треба да се стандардизираат во согласност со националната регулатива за неформално образование и помасовно да се користат“, пишува во истражувањето.

Недостиг од истражувања и мониторинг

Разбирањето на последиците од климатските промени врз шумските екосистеми и врз биолошката разновидност е чекор кон подобро управување, приспособување и зголемување на нивната отпорност на климатските промени, се потенцира во истражувањето.

„Спроведените студии за оцена на ранливоста на биолошката разновидност и шумарството во Македонија не се базираат врз теренски анализи и долготраен систематски мониторинг, ниту се користени современи алатки за далечинско сензорирање или други софтвери во рамките на географските информациски системи. Во отсуство на соодветни податоци, не може да се користат современи модели за сценарија на идните промени. Досегашниот мониторинг воглавно се реализира како дел од проектни активности што се спроведени со помош на донации“, пишува во документот.

Заканата е присутна

Во документот се укажува дека државата сè уште не ја согледала заканата од климатските промени за социоекономскиот развој на земјата.

„За да се спречат поголеми штети, мора да се работи врз надминување на проблемите со фрагментираноста на политиките за климатски промени преку воспоставување единствен координативен механизам и вработување и мотивирање на стручните лица во надлежните институции.  Мора да се издвојуваат доволно финансиски средства и да се овозможи следење на националните инвестиции за климата и нивниот успех. Доколку не се спроведат овие мерки, ќе продолжи загубата на биолошката разновидност, а со тоа ќе се зголемуваат негативните ефекти од климатските промени врз благосостојбата, здравјето и квалитетот на живот на населението“, пишува во истражувањето.

Поплавите и свлечиштата во Шипковица во 2015 година однесоа и човечки жртви

Се потенцира дека во одговорните институции сè уште нема сеопфатни и целосно оперативни системи за собирање информации од интерес за мониторинг, известување и верификација на политиките и мерките од областа на климатската акција.

„Постојните дигитални платформи се фрагментирани поради тоа што тие се воспоставени со поединечни меѓународни проекти. Тие не се во функција, поради недостиг на квалификуван кадар што би ги користел и одржувал. Дополнително, Законот за животна средина не ги обврзува надлежните институции да придонесуваат во овие процеси, поради што мониторингот во известувањето и верификацијата на политиките и мерките од областа на климатската акција има многу празнини, односно не постои систематско следење“, пишува во документот.

Во него се препорачуват низа мерки за подобрување на состојбата:

• Да се зајакнат институционалните капацитети за инвентаризација на стакленичките гасови.
• Да се воспостави координативен механизам и да се формира мрежа на национални практичари за климатски промени од соодветните институции, со
цел спроведување мониторинг, известување и верификација на политиките и мерките во областа на климатската акција.
• Да се воспостави интегрирана дигитална платформа во рамките на Информативниот систем за животна средина, за собирање и обработка
на податоци од интерес за мониторинг, известување и верификација на политиките и мерките за климатски промени.
• Да се донесе новиот Закон за климатска акција, за да се регулира соодветно прашањето на мониторинг, известување и верификација на политиките и на мерките за климатски промени.
• Да се спроведат анализи на процесот за планирање на буџетите на национално, локално ниво и во приватниот сектор, со цел рефлектирање на
приоритетите за климатски финансии што се предвидени во Долгорочната стратегија за климатска акција со акциски план и со другите плански
документи за ублажување и приспособување на климатските промени.
• Да се донесе Методологија за климатско буџетирање; да се овозможи следење на климатските финансии од меѓународни и национални/локални извори преку кодирање на алокациите во националниот буџет, преку измена на Законот за буџети; да се воспостави обврска за следење на инвестициите во климатска акција од страна на јавните комунални претпријатија и други институции што не се дел од националниот и локаните буџети; да се обврзе климатските финансии да ги планира и евидентира и приватниот сектор.
• Да се предвиди програма за обука за климатско финансирање, со цел јакнење на капацитетите за идентификување, класифицирање и означување
(кодирање) на климатски специфични и климатски релевантни активности во системот на буџетот на Владата, на општините и во приватниот сектор; да се предвиди и да се спроведе програма за обука за следење на спроведувањето на програмите и проектите што се климатски специфични или климатски релевантни.

Подигнување на јавната свест

За успех и прифаќање на политиките и мерките, јавноста треба да биде информирана за негативните последици од климатските промени и за начините како климата да се заштити, односно општеството и поединците да се приспособат на нејзините негативни ефекти, се вели во истражувањето.

Фотографија од дрон на која се гледаат земјоделски површини во далечината.

Посебно внимание треба да се посвети на подигање на свеста за климатските промени кај земјоделците

Се укажува дека неопходно е да се унапредат знаењето и свеста на сите општествени чинители, вклучително и на граѓаните, за влијанието и ранливоста од климатските промени во градовите, работните места и домаќинствата.

Исто така се потенцира дека мора да се работи на проактивноста на граѓаните и да се дадат различни можности за нивно вклучување во активности за заштита на климата и за приспособување кон штетните ефекти од климатските промени.

 

Целото истражување прочитајте го на овој ЛИНК.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија: Дарко Андоновски

Сподели