fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
sistemot za ekoloska zastita nikako da zastane na zdravi noze featured

Системот за еколошка заштита никако да застане на здрави нозе

Македонија ја ситни четвртата деценија од своето постоење како независна држава, период кој е доволен за самостојно и во полн капацитет да ги изгради државните институции кои би требало да бидат главниот механизам за нормално функционирање на државата. Сепак, доколку се суди по поставеноста на системот за заштита на животната средина и капацитетите на државните институции, нашата земја како сè уште да не е проодена.

Унапредувањето на животната средина е една од главните национални цели и тоа се наведува во сите документи коишто ги креира државата. Но прашањето е кои институции и со каков капацитет ја вршат оваа функција.

Фотографија од Министерството за животна средина и просторно планирање

Министерството за животна средина и просторно планирање не би требало да биде одговорно за сите сфери на заштита на природата

Систем сведен на Министерство и инспекторат

Според поставеноста, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е основниот и единствениот орган кој работи од подготовка на закони до нивно спроведување. Контролен орган за надзор над спроведувањето на обврските за заштита на животната средина е Државниот инспекторат за животна средина.

Дека државата има ограничени капацитети говори и фактот дека наместо државните институции, бројни организации и здруженија за заштита на животната средина спроведуваат голем број теренски истражувања и креираат бројни документи кои се од огромно значење за зачувување и промоција на посебноста на видовите и подрачјата во земјава.

Во Стратегијата за заштита на природата 2017-2027 е предвидено формирање на уште десетина органи – агенции, фондови, национални совети и комитети коишто ќе значат зајакнување на капацитетот и фокусирано дејствување, но сепак малку од тоа е реализирано.

sistemot za ekoloska zastita nikako da zastane na zdravi noze tbl 1

Стратегија за заштита на природата 2017-2027. Национална цел 5 – Зајакнување на институционални капацитети на централно и локално ниво

Македонија сè уште нема Агенција/Завод за заштита на природата. Од Министерството за животна средина информираат дека се подготвува физибилити студија за основање на ова тело. Неговото формирање, додаваат од таму, е пропишано како обврска според новиот Закон за природа. Кога ќе биде формирано не потенцираат.

Земјава има делумно изградени капацитети и ресурси коишто се формирале изминатите години, но сè уште има недостатоци коишто треба соодветно и со време да ги пополнуваме, смета Ана Петровска, поранешна државна секретарка во Министерството и директорка на Државниот инспекторат за животна средина.

Ставот на зелената партија ДОМ е дека формирање на Агенција и Фонд за животна средина ќе придонесе за подобрување на состојбата и одвојување на двете функции, креирање и спроведување политики, од Министерството.

Фотографија од Маја Морачанин

„Министерството би било одговорно само за креирање, а Агенцијата за спроведување на политиките. Со формирање Фонд за животна средина ќе се овозможи еколошките даноци кои сега се слеваат во буџетот, наменски и транспарентно да се користат за проекти за заштита на животната средина. Секако, Фондот би се финансирал и со други средства од буџетот, како и од домашни и странски донации. ДОМ се залага и за формирање и на Министерство за клима и енергетика“, вели претседателката на ДОМ, Маја Моранчанин.

Водите пример за несоодветно управување

Професорот Златко Левков од Институтот по билогија на ПМФ во Скопје, чија специјалност се водите, смета дека државата нема капацитет за соодветно управување со водите и нивна заштита.

фотографија од Златко Левков„Управувањето се водите е поделено на надлежностите на неколку министерства, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за животна средина и за економија. Ваквиот систем созадава хаос во надлежностите што директно влијае на заштитата и соодветното искористување на водите“, вели Левков.

Имаме толку многу вода којашто е потребно да ја заштитиме и соодветно да управуваме со неа, вели професорот Левков и заради тоа потребно е едно тело кое што ќе биде надлежно и пред се функционално, додава тој. Професорот уште во 2006 година предлагал формирање на Агенција за води под чија надлежност би било управувањето, искористувањето и заштитата на водните површини, но таа идеја никогаш не била сериозно разгледана.

Според Петровска, пак, многу поважно од постоењето на овие институции како посебни органи е тие да имаат човечки ресурси и потенцијал за добро управување со животната средина. Транспарентноста на податоците за состојбите во животната средина и на трошењето на средствата е исто така од огромна важност, вели Петровска.

Потребата од стручен кадар кој ќе ги стави ваквите тела во функција ја потенцира и Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“, организацијата која долги години алармира за потребата до формирање на Фонд за заштита на природата. Според неа, од една страна како држава си поставуваме високи амбиции во заштитата на природата и животната средина, а од друга страна практично нема кој да ги направи тие амбиции реалност.

Фотографија од Ана Чоловиќ Лешоска„Сметам дека иако на хартија животната средина котира високо, таа сè уште не е владин приоритет за да се консолидираат напорите, финансиите и ресурсите и да се остварат зацртаните цели. Иако би било одлична иницијатива конечно да се воспостават потребните тела и агенции кои ќе се одговорни за спроведување на нашите закони, останува грижата истите да не станат уште еден начин за оправдување на партиски вработувања. Но, доколку навистина вакви тела се во функција, со солидни кадри и добри механизми, можеме да очекуваме брзо и правилно спроведување на регулативата, што во моментот недостасува“, вели Чоловиќ Лешовска.

Она што од кадар во моментов му недостасува на Министерството се технички стручни лица и тоа пред се од градежна и архитектонска струка потребни за реализација на инфраструктурни проекти, велат од МЖСПП.

Општините имаат надлежности, но немаат капацитет

Во насока на зајакнување на институционалните капацитети во Стратегијата се предвидува и формирање на сектори за заштита на природата во општините, вработување на нови лица на работни позиции поврзани со заштита на природата, како и тренинг обуки.

Прашавме во Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), колку од овие препораки се исполнети и дали постои анализа за капацитетите на општините за извршување на надлежностите. Од таму добивме одговор дека не е направена таква анализа, но дека за одредени општини е познато дека недостасуваат инспектори или друг вид на стручен кадар.

„Не постои посебен сектор/одделение согласно Законот за природа, туку активностите на општините во ова поле се организираат интегрирани во рамките на секторот/одделението за животна средина, за урбанизам и комунални дејности“, велат од ЗЕЛС.

Капацитетот на општините е важен, вели Петровска, со цел да постои корелација во националните политики и во нивно спроведување на дело на локално ниво, капацитети коишто мора да се зајакнат за општините соодветно да ги спроведуваат нивните надлежности за животна средина.

И од Министерството потврдуваат дека општините се со ограничени капацитети.

„Има општини кои имаа доволен број на стручни кадри и работат од областа на животната средина, но има општини по правило помалите (под 10 000 жители) кои немаат воопшто капацитет и не преземаат никакви активности. Општините имаат голем број на надлежности од областа на животната средина, но генерално слаб капацитет за нивно спроведување“, велат од Министерството за животна средина.

Македонија со најмал удел во БДП за животна средина

Во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот за земјава, во поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени стои дека сме постигнале ограничен напредок и дека административниот капацитет на сите нивоа останува слаб со недоволно финансии за спроведување и примена на постојното законодавство.

И Центарот за климатски промени – Гевгелија изготви Извештај во сенка за поглавјето 27.  Речиси во сите сектори во Министерството одговорни за заштита на природата, воздухот, водите, инспекцискиот надзор и слично се забележува недостаток на административни капацитети. Состојбата не е подобра ниту во општините кои со децентрализацијата имаат ингеренции за заштита на животната средина.

„Недостатокот на административните капацитети особено се согледува во непостоење на стручно тело/агенција за заштита на природа кое исклучиво ќе се занимава со оценка и следење на природното богатство и биодиверзитетот, доставување на извештаи и предлагање на мерки за заштита“, стои во забелешките на извештајот во делот на спроведувањето на законодавството за природа.

Македонија е далеку зад европскиот просек и во вложувањето во животната средина иако е јасно дека без финансии тешко се доаѓа до резултати и за нејзино унапредување и за нејзина соодветна заштита.

Според Еуростат, европскиот просек изнесува 2% од Бруто домашниот производ (БДП) наменети за трошоци за заштита на животната средина, додека во Македонија тој процент е 0,6 за 2020 година и континуирано се намалува. Притоа, од земјите од нашето опкружување најмалку одвојува Бугарија, односно 1,4% од БДП со што е под европскиот просек, додека Словенија е во рамки на просекот, а Хрватска издвојува 2,3% односно над европскиот просек. (податоци од 2018 година).

Преточено во бројки, буџетот на Министерството за животна средина оваа година е најголем и изнесува 1,3 милијарди денари. Од анализата на буџетот на Министерство во изминатите 5 години позитивен тренд е дека основниот буџет е за три пати зголемен споредно со 2017 година кога тој бил проектиран на речиси 439 милиони денари.

Фотографија со висината на планираниот буџет и ребалансот за МЖСПП низ годините.

Потребно е да се одвојуваат повеќе пари од буџетот за заштита на животната средина

Според „Анализата на празнините и недостатоците на институционалната и правната рамка на животната средина“ на Центарот за правни истражувања и анализи ако се погледнат буџетските ставки, позитивен е трендот на предвидување на повеќе од 60% од буџетот за спроведување на политики за унапредување и заштита на животната средина. Како негативен тренд, пак, се посочува дека при секој ребаланс редовно се  крати од буџетот на Министерството за животна средина.

Заостануваме зад земјите од соседството

Во поглед на институционалните капацитети заостануваме споредено и со Србија, исто така земја аспирант за членство во Европската Унија.

srbija

Србија има Завод за заштита на природата и Агенција за животна средина

Како посебни органи под Министерството за заштита на животната средина во Србија постојат Завод за заштита на природата и Агенција на животната средина. Нивните надлежности се мониторинг, прибирање и обработка на податоци за состојбите во животната средина, вода, воздух, почва итн, додека Заводот спроведува истражувања и проекти за заштита на биодиверзитетот и геодиверзитетот на земјата.

Главните забелешки на граѓанските организации се недоволната транспарентност на институциите кои делуваат во оваа сфера, нискиот капацитет и ограничените финансии. Особено загрижува што Зелениот фонд на Србија, формиран уште во 2009, година никогаш не станал реално оперативен, додека во 2021 година целосно била укината ставката во буџетот на Министерството за негово финансирање.

bugarija

Бугарија има Извршна агенција за животна средина и претрпијатие за управување со активностите од оваа област

Во Бугарија, под Министерството за животна средина и води формирана е и Извршна агенција за животна средина и Регионални инспекторати за животна средина. Државата има формирано и Претпријатие за управување со активностите за заштита на животната средина чија цел е реализација на еколошки проекти и спроведување на програми од областа на животната средина и апсорпција на средства од ЕУ кохезивните и структурни фондови. Од европските фондови се финансира и работата на Агенцијата.

slovenija

Словенија е пример за земја со напредна институционална грижа за екологијата

Зелената Словенија, со која до пред 30 години бевме во заеднички државен сојуз, сега изгледа недостижна во поглед на постигнувањата кои ги направи за заштита на животната средина. Успешната приказна на Словенија се гради со години, но се интензивира во 2015 година од кога земјата започнува да спроведува позитивни регулаторни политики преку јасно заедничко политичко дејствување кон повеќе зелени политики и политики на циркуларна економија.

hrvatska

Во Хрватска има десет органи кои се занимаваат со заштита на природата

Во јули 2020 година Хрватска го доби Министерство за одржлив развој кое ги обединува секторите на заштита на животната средина, енергетика и климатски промени, како и економија, претприемништво и трговска размена или мега-министерство како што го викаат во Хрватска. Главната визија за ова спојување е дека не може да постои напредок во економијата без одржлив развој и здрава животна средина. Пред тоа, само Црна Гора беше земја од регионот која имаше Министерство за одржлив развој уште од 2006-та година. Под надлежност на министерството е и работата на уште десет државни органи меѓу кои Фонд за заштита на животната средина, Хрватски води, национални паркови и друго. Колку за илустрација, Фондот за заштита на животната средина меѓу другото се полни од казни од загадувачи на животната средина, такси од корисници на животната средина, надоместок за загадување на животната средина со отпад, посебни еколошки давачки за моторни возила и друго.

makedonija

Македонија каска во формирањето на институции од оваа сфера

Фонд за животна средина во Македонија сè уште нема. Со забраната за употреба на пластичните кеси и зголемувањето на нивната цена во Министерството за животна средина во т.н. еколошки фонд почнаа да се слеваат средствата од нивната продажба. Овие средства треба да се инвестираат во капацитети за подобрување на управувањето со отпад, особено во заштитените подрачја.

Сепак, тоа е далеку од доволно. Итно е потребно да се формираат сите предвидени тела од областа на заштита на животната средина бидејќи државата не може вечно да се потпира на граѓански организации како Македонското еколошко друштво за грижата за зачувување на биодиверзитетот и унапредување на заштитените подрачја и на останатите со еко предзнак коишто вредно работат на подигнување на јавната свест и лобирање за потребата од заштита на водите, воздухот и почвите.

На овие организации им е потребно партнерство односно соодветни државни механизми коишто ќе имаат капацитет да се справат со проблемите во животната средина. Наместо освестување во оваа насока, политичките партии на власт побрзаа да формираат Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кадешто луѓе не одеа на работа, а земаа плата додека формирањето на Агенција за заштита на природата и на другите институции од областа на екологијата чекаат некои подобри времиња.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Марија Севриева
Снимател: Влатко Џиковски
Монтажа: Ристе Душковски
Фото: Дарко Андоновски

Сподели