fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Зелена комуникација – мост помеѓу еколошките проблеми и нивните решенија

Зелена комуникација – мост помеѓу еколошките проблеми и нивните решенија

Кога оние кои треба да се грижат за животната средина се нејзини опоненти, кога институциите се заспани, а медиумите ја третираат како споредна тема, поединци или здруженија на граѓани се тие кои го преземаат товарот на одговорност за заштитата на природата. Тие се единствените будни гласници кои се обидуваат до секого да стигне веста за сериозните последици и за штетноста од агресијата врз животната средина. Се бројат на прсти, а внимание и поширока поддршка од граѓаните и од локалните заедници добиваат само кога ќе се случи поголем инцидент.

Македонија, исто како и останатите земји од регионот, е во еколошка криза – загадувањето на воздухот е на врвот на листите во Европа, отпадот речиси и не се рециклира, нивото и квалитетот на водата во реките и езерата е во постојан пад, со илегална сеча и подметнати пожари се уништуваат шумите, а ендемските животни и биодиверзитетот се загрозени и на праг на истребување. Целиот регион е погоден од насилие во екосистемот, а негативните ефекти се слични.

Во ваков амбиент на еколошка криза кога промените ги движат пред сè или само поединци, не може да се очекува сериозен пробив и активен и широк фронт што се бори за здрава животна средина. Притисокот од еко активистите за исполнување на екостандарди веќе стигна до компаниите, но кај мејнстрим медиумите заштитата на животната средина сè уште не е, ниту може да се очекува дека во догледно време ќе стане „вест на денот“.

Со мали чекори на поединците и иницијативите до големи промени во животната средина

Рисот е една од жртвите на ваквото однесување. Бројот на единки е десеткуван. Ако некогаш беше присутен на целиот Балкански полуостров, сега има околу 40 возрасни единки, и тоа само во делови од Македонија, Албанија и од Косово. Во првите години по независноста, рисот беше етаблиран како национален симбол и беше втиснат на монетите од 5 денари. По него беше изработена поштенска марка, а спортската опрема на македонската фудбалска репрезентација (популарните „рисови“) и на други државни тимови и федерации се брендирани со неговиот лик.

Ваквата силна промоција на рисот не беше придружена со конкретни активности за негова заштита. Тимот на Македонското еколошко друштво (МЕД) со регионална и со поддршка од странски фондови ја предводи мисија за заштита на единките. Тие 18 години ја водат најдолгата програма за закрепнување на балканскиот рис, без ниту еден ден прекин.

Диме Меловски

Диме Меловски, Македонското еколошко друштво (МЕД)

„Се работи за животен проект за опстојување на рисот“, вели Диме Меловски од оваа невладина организација. За да се стаса до резултат, тој укажува дека од исклучителна важност е соработката на сите во триаголникот на заштитата – владините органи, научниците и експерти и невладините организации и јавноста. Сепак, како што вели тој, единствената, а и најголема поддршка и помош ја добиле од комуникацијата и соработката со локалните ловџии, шумарите, локалното население и од локалните ветеринари.

„Работата со локалните ловџии најмногу ни помогна, да дознаеме многу информации за балканскиот рис, а и директно да го заштитиме затоа што тие локални ловџии не само што помагаа во мониторинг и во истражување на рисот туку и ја ширеа веста дека е потребно да се има апекс предатор за нивните шуми, екосистеми и да има здрав срндечки дивеч на пример. Мислам дека таа стратегија најмногу ни помогна да дојдеме до таму каде што сме и мислам дека таа стратегија и натаму ќе биде практикувана“, вели Диме Меловски од МЕД.

Донкихотски започнува и битката на здружението „Не го даваме Јадар“ во Србија каде иницијатива започната од само пет мештани од локалните села,  се спротивставува на светски влијателен и моќен концесионер од областа на рударството. Тие засега спречуваат да се почне со ископување и со преработка на нов минерал пронајден во реката Јадар, процес за што би се користеле 1 000 тони сулфурна киселина дневно, која би завршила во реките и во околната почва.

Златко Кокановиќ

Златко Кокановиќ од „Не го даваме Јадар“

„Оваа наша борба тргна од пет луѓе, кои се спротивставивме и рековме „не“. Првото наше собирање и известување беше од врата на врата во селото, по телефони, направивме собир на граѓани во селото – тоа беше прв посериозен собир имаше околу 300-400 луѓе и потоа тргна со поврзувањето со други организации и обиди да се излезе во медиумите. Но, тоа на почетокот беше многу тешко, бевме непрепознатливи, најмногу комуникација остварувавме преку социјалните мрежи, преку Фејсбук, Инстаграм“, раскажува Златко Кокановиќ од „Не го даваме Јадар“.

Кокановиќ и целото село се соочиле со апсурден проблем – локалните медиуми застанале на страната на концесионерот и освен платени објави дека ќе добијат „рудник од бајките“, во медиумите немало место за нивниот став. За битката на „Не го даваме Јадар“ известувале медиуми од Франција, Англија и Јапонија, но не од двата медиуми од Лозница.

 „Имавме голема поддршка и внимание од сите европски медиуми, дојдоа седум-осум екипи од Франција, дојде англискиот „Гардијан“, доаѓаа луѓе од сите околни држави, доаѓаа од Јапонија, од Русија, од Истанбул, а за жал имаме два локални медиуми во градот Лозница кои што за 20 години ниту еднаш не дојдоа во нашето село и ниту еднаш не ја изнесоа нашата проблематика. Туку земаат големи хонорари од компанијата за да го рекламираат проектот, тоа се закупени простори во кои никој не може да напише ни забелешка, ни коментар за начинот на којшто го прикажуваат проектот, како тоа ќе биде еколошки чисто, преубаво, дека тоа ќе биде како рудник од бајките“, објаснува Кокановиќ.

Овие „бунтовници“ предизвикаа ефект на снежна топка во државите во регионот, но и ширум Европа, охрабрувајќи ги граѓаните дека промените се можни и почнуваат да се случуваат. Застапувајќи ги интересите на граѓаните, потенцијални жртви на еколошкото насилие, нивните барања и нивната акција прераснаа во симбол за императивната заштита на животната околина.

„Има тренд да не се купуваат акции на компании кои загадуваат“

Оние кои први го почувствуваа притисокот и промената на свеста кај граѓаните за важноста на заштитата на природната средина се големите македонски компании. Тие се свртеа кон исполнување на референците за еколошко работење и минимизирање на влијанијата врз природата. „Пазарите на капиталот се обидуваат да ги насочат компаниите кон промените“, вели директорот на Македонска берза, Иван Штериев. Според него, освен профитот како услов за купување на акции, сè повеќе се нагласува и односот на компанијата кон животната околина.

zelena komunikacija most pomegju eko problemi i nivnite resenija 3

Иван Штериев, директор на Македонска берза

 Не е само профитот повеќе фактор при одлучување дали ќе купите акции туку со промена на генерациите и подмладувањето на инвеститорите веќе има еден нагласен тренд дека не сакате да купувате акции во компанија што е голем загадувач или прави други такви проблеми. Така што берзите се обидуваат да ги насочат компаниите да се приспособуваат на овие притисоци“, изјави Штериев од Македонска берза.

Очекувањата се општествената свест за животната средина сè повеќе да се зголемува, а со тоа и притисокот врз компаниите да работат одговорно кон природата и да вложуваат средства во исполнувањето на еколошките стандарди. Од тоа ќе зависат деловните релации посебно со фирмите од ЕУ земјите, но и достапноста на инвестициските фондови наменети за зелените компании.

Македонската берза ги следи европските трендови во нормирање на берзите и донесе нов кодекс за корпоративно управување за фирмите. Со него 30 котирани компании се обврзуваат секоја година да објавуваат извештаи за социјалните прашања, односот кон животната средина и корпоративното управување. За да се стимулираат компаниите да ги остварат еколошките стандарди, се предлагаат различни механизми – еден од нив е и растот на бонусите на директорите и менаџерите да зависат од преземените активности на компанијата во намалување на загадувањето и заштита на животната средина.

 „Механизмите се транспарентност, во смисла на известување за разноразни ЕСГ прашања (животна средина, социјала и управување), компаниите треба да ги ставаат во годишниот извештај и на веб страницата. Тоа е јавен документ. Има одредба наградите и бонусите на директорите да зависат не само од финансиските резултати туку и од импактот што компанијата го прави во делот на ЕСГ. Тоа би значело дека ако сте компанија што е потенцијален загадувач на човековата околина, да се наведе во менаџерскиот договор, покрај профитот што треба да се направи, да се намали загадувањето, да се стават нови филтри… Такви механизми се ставаат во кодексите за да се стимулираат компаниите да ги подобруваат работите“, објаснува Штериев.

Еколошкиот притисок врз компаниите ќе станува се понагласен, вели Штериев, и тој притисок ќе доаѓа, пред сè, од новите генерации кои инсистираат на здрава околина.

Во овој контекст многу е важно сè повеќе млади да можат да ги разберат проблемите во животната средина и да размислуваат за решенија. Невладината организација „Гоу грин“ ги подучува младите, најмногу средношколците за еколошките проблеми и велат дека најважно е младите да можат да препознаат кога властите се обидуваат да ја префрлат одговорноста на граѓаните за сопственото непостапување, да ги научат своите права и обврски и да се убедат дека еколошките кризи не се некаде далеку од нас, туку не тангираат и нас и се и наша грижа.

Мила Јовановска - Гоу Грин

Мила Јовановска, Гоу Грин


Решавањето на предизвиците и проблемите со животната средина всушност бара заемна соработка и тој баланс на правата и одговорностите на граѓаните и институциите се обидуваме да им го разјасниме на младите, за утре кога ќе бидат возрасни и кога ќе бидат уште поактивни во нивното општество, да знаат точно каде и како да реагираат“, вели Мила Јовановска од „Гоу грин“.

На младите им е тешко да ги сфатат стручните еколошки термини, но ако им се пристапи на јасен, разбирлив и младешки јазик, тие брзо стануваат следбеници на политиката за здрава околина. Во спротивно, кај нив може да се појави еко анксиозност – еден нов феномен кога од една страна се бомбардирани со информации, а од друга не знаат или немаат можност нешто да преземат по овие горливи проблеми.

 „Ни недостигаат идни генерации кои ја разбираат оваа проблематика, а и младински организации да започнат посериозно и постручно да работат на оваа тема за во иднина да имаме спремни граѓани, носители на одлуки, министри, градоначалници или вработени севкупно, кои имаат развиено свест и знаат како да постапуваат“, порачува Јовановска.

 Екологијата со епизодна улога во медиумите

Медиумите ретко кога ја препознаваат заштитата на животната средина за „вест на денот“ и таа најчесто е во споредна улога, оставена е на резервна клупа сè додека не се случи еколошка катастрофа или инцидент што неколку дена ќе го привлекува интересот на медиумите. Затоа, екологистите, еколозите, биолозите – сите оние кои се посветени на заштитата на одредени видови и промовирањето на  проекти за заштита на животната средина се обидуваат да ги искористат социјалните медиуми за да го оживеат проблемот пред поголема публика, но и да ги вклучат граѓаните во своите истражувања и во решавање на одредени проблеми и постигнување на екостандарди. Тогаш одлучуваат да применат различни методи – самите креираат дигитални содржини, ги анализираат граѓаните, односно публиката што сака да читаат, на каков начин и се впуштаат да бидат и самите новинари за да ја прошират веста.

Ако се следи еколошката парола дека секој човек е медиум, може да се каже дека секој човек може да биде еколошки комуникатор кој влијае врз колективниот одговор. Професорките Маер од Универзитетот во Пасау, Германија и Дубаиќ од Универзитетот во Белград излегоа од кабинетите и лабораториите и преку директни контакти со граѓаните, брошури и Инстаграм содржини им ги доближуваат на граѓаните проблемите во животната средина, но и ги поттикнуваат на активизам.

„Вклучувањето во проектот кај нив создава чувство на своина и може да се очекува дека тие ќе ги поддржуваат идеите, ќе се грижат за природните решенија и веројатно е тој да биде социјално прифатлив. И конечно, тоа ја зголемува ефективноста на таквиот проект, од причина што добиваме вредна повратна информација од луѓето и на крајот од тоа може да извлечеме максимална полза. Затоа е важно да ги вклучиме сите чинители, за да може на крајот, проектот да даде добар резултат“, објаснува д-р Жанин Маер од Универзитет во Пасау, Германија.

 „Секое дете ја има љубопитноста во себе што му ја убиваме по школувањето, но има и возрасни луѓе кои и натаму се заинтересирани да дознаат нешто ново и тука настанува мојата борба поврзана со комуникацијата за животната средина. Луѓето не помнат броеви, статистики, комплицирани графикони. Тоа е досадно. Луѓето помнат како се чувствувале кога во нешто учествувале. Мене тоа ми помогна да се специјализирам за граѓанска наука – фантастичен метод што се засновува на тоа да ги вклучувате луѓето во вашите истражувања“, вели професорката Јована Била Дубаиќ од Биолошкиот факултет во Белград.

Вклученоста на граѓаните во битката за заштита на животната средина зависи од нивото на свесност за еколошките прашања. Затоа е важно редовно да се добиваат точни информации од одговорните институции за прашањата што се најитни и најжешки за решавање, да се покаже грижа за луѓето што се погодени од овие проблеми и да се промовира раст и негување на отпорност. Воспоставувањето на задолжителна комуникација ќе ги принуди политичарите на поголема транспарентност и достапност на информациите, поттикнување на поширока поддршка во креирање на политиката и спроведување на законите и ќе ја зајакне улогата на поединецот и компаниите во управувањето со животната средина.

Комуникацијата за животната средина во Македонија прави пионерски чекори и треба да се развива за да се подигне свеста и да се промени однесувањето кај луѓето за да се спречат нејзината деградација и климатските ризици, како и да се мобилизираат за поддршка и лобирање за промени за позелен и поодржлив свет.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска