Продуктите за убавина кои можеме да ги најдеме на полиците на продавниците, сепак, не се толку убави за животната средина. Додека модната индустрија веќе подолго време ја развива својата одржливост, козметичката индустрија ги прави своите први чекори кон прилагодувањето кон новите трендови на пазарот – еколошки и одржливи продукти. Во текот на изминатата декада, се повеќе произведувачи на продукти за убавина се обидоа да ја намалат штетата од нивната употребата.

Козметичката индустрија, според истражувањата на Zero Waste Week, зад себе остава до 180 билиони парчиња пластична амбалажа на годишно ниво низ светот, што пак придонесува до загуба на 18 милиони хектари шума.

Свесноста за негативното влијание на овие продукти не го менува само начинот на пакување и користење, но го менува и нивниот хемиски состав со цел при нивното производство да се создава помалку јаглероден диоксид и штедливо да се користат водата и енергенсите.

Какви се новите трендови во козметичката индустрија и како да се размислува при избор на козметички продукт за Дома одговори Ања Николова – магистер на Јејл во областа на менаџирањето со животната средина. Таа има 6 годишно работно искуство во дел од водечките компании за производство на продукти за убавина (L’Oreal, LVMH, The Craftory) и била член на македонската делегација на COP21.