Зелената транзиција на Балканот сè почесто се претставува како нужност: излез од јагленот, намалување на емисиите и влез во нова енергетска ера. Но, зад поимите како „обновливи извори“, „чиста енергија“ и „одржлив развој“, во регионот се отвораат многу потешки прашања. Кој ја контролира таа транзиција? Кој профитира од неа? И кој ја плаќа нејзината реална цена на терен?
Зелена моќ
Во Македонија, голем дел од транзицијата се чита низ ветерните паркови што никнуваат или се планираат на неколку стратешки точки. Во Босна и Херцеговина, пак, приказната е многу почесто врзана за реките, за малите хидроцентрали, за цевките ставени во речните корита и за отпорот на локалните заедници кои со години предупредуваат дека под етикетата „зелена енергија“се уништуваат природни ресурси.
На прв поглед, станува збор за две различни приказни – една за ветерот, друга за водата, но суштината е слична. И во двата случаи, обновливата енергија станува нова економска и политичка валута. Во Македонија, тоа отвора прашања за странски капитал, технолошка зависност и улогата на државата во енергетиката на иднината. Во Босна и Херцеговина, пак, ја отвора дилемата дали „зелената“енергија навистина е јавен интерес, ако зад себе остава суви речни корита, правни битки и разочарани локални заедници.
Додека Македонија се обидува до крајот на деценијата постепено да се ослободи од производството на струја од јаглен, Босна и Херцеговина веќе со години живее со последиците од модел во кој приватниот интерес добива предност пред заштитата на природата. Во едната држава иднината се гради со турбини, во другата реките веќе се ставаат во цевки. Но и во двете, зелената транзиција не е само приказна за енергија. Таа е приказна за моќ, за ресурси и за тоа кој има право да одлучува за просторот, природата и заедничкото добро.
Двете лица на истата транзиција
Во Македонија, ветерната енергија се наметна како еден од највидливите симболи на новата енергетска политика. Државата има амбиција до 2030 година постепено да го напушти производството на електрична енергија од јаглен, а тоа автоматски ги прави обновливите извори сè поатрактивни и политички сè поважни. На ридовите кај Демир Капија веќе се издигаат турбини, кај Штип се гради еден од најголемите проекти, а нови паркови се најавуваат и кај Куманово. Но, зад овој раст стојат прашања што не се само енергетски: кој ја носи технологијата, кој го носи капиталот и колку државата навистина има контрола врз новата инфраструктура. Во Босна и Херцеговина, сликата е поинаква, но логиката е слична. Таму обновливата енергија во изминатите години најчесто доаѓаше преку малите хидроцентрали, кои долго време беа претставувани како „чисто“решение. Искуството од терен покажа дека зад таа формулација стојат бројни конфликти, како уништени речни екосистеми, спорни дозволи, судски постапки и отпор на луѓето кои живеат покрај реките. Ако во Македонија транзицијата ја менува енергетската карта преку ветер, во Босна и Херцеговина таа веќе длабоко ги менува самите речни корита.
Според националната енергетска стратегија и Националниот енергетски и климатски план, Македонија има амбиција постепено да го напушти производството на електрична енергија од јаглен до крајот на деценијата, односно околу 2030 година. Тоа значи дека обновливите извори не се повеќе само политичка парола, туку клучен елемент во идното енергетско преживување на државата. На терен, видлив симбол на таа промена се ветерните паркови. Кај Демир Капија веќе работат ветерни електрани, кај Штип се развива еден од најголемите енергетски проекти во земјата, а нови капацитети се најавуваат и во кумановскиот регион. Но колку повеќе турбините стануваат дел од пејзажот, толку повеќе се поставува прашањето кој всушност ја гради оваа нова енергетска иднина.

Енергетската транзиција во Македонија започна со државен проект. Ветерниот парк Богданци долго време беше единствениот јасен доказ дека државата се обидува да влезе во ерата на обновливите извори. Но, по тој почетен чекор, државната улога постепено почна да слабее. Додека втората фаза од Богданци беше завршена со значително задоцнување, новите ветерни паркови денес речиси целосно се движат со приватен капитал.
Дел од државните проекти останаа заглавени меѓу ветувања и планови. Таков е случајот со ветерниот парк Миравци, кој со години се појавува во официјални најави, но без реален градежен развој на терен. Причините не се само административни. Државниот завод за ревизија предупреди дека Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), поради финансиски загуби, нема доволен капацитет самостојно да инвестира во нови обновливи извори.
Во меѓувреме, времето притиска. Плановите за постепено затворање на термоелектраните до крајот на деценијата значат дека земјата ќе изгуби значителен дел од сегашното производство на струја. Тој јаз треба да се пополни. Прашањето веќе не е дали ќе има нови извори на енергија, туку кој ќе ги изгради – и под чии правила.

Во моментов во Македонија функционираат четири ветерни електрани со вкупна моќност од околу 116 мегавати. Во 2024 година тие произведоа околу 194 гигават-часови електрична енергија – нешто повеќе од три проценти од домашното производство. Сепак, плановите што ги најавуваат инвеститорите се многу поголеми. Според различни проектни најави, новите ветерни паркови што се планираат во земјата би можеле да достигнат капацитет поголем од еден гигават, речиси десеткратно зголемување во однос на сегашната моќност.

Но, зад овие планови се крие и приказната за капиталот, а таа на територија на Западен Балкан има исцртана шема. Проектите најпрво ги развиваат европски или регионални компании, а откако ќе се расчистат процедурите и ќе се намалат ризиците, влегуваат нови партнери – често кинески компании, како технолошки добавувачи, инвеститори или сопственици.
Што се случува со проектот кај Штип?
Станува збор за еден од најголемите енергетски проекти во земјата, што го развива инвестицискиот фонд Alcazar Energy, со седиште во Луксембург и Дубаи. Проектот е вреден околу 430 милиони евра и треба да има капацитет од околу 400 мегавати. Владата го прогласи за проект од државно значење. Но, околу него веднаш се појави дилемата дали станува збор за долгорочна инвестиција или за добро познатиот модел „развиј, изгради, продaj“.

Тоа дополнително го зајакна впечатокот дека и во овој сектор државата сè повеќе се претвора во простор каде странскиот капитал и странската технологија заземаат клучно место во енергетската инфраструктура на иднината.
Паралелно се појавува и друг модел – турски инвеститори и кинеска технологија. Во Македонија турската компанија Kaltun Enerji ги изгради ветерните паркови Дрен 1 и Дрен 2 кај Демир Капија. Тоа се првите електрани во земјата во кои се користат турбини произведени од кинеската компанија Goldwind. Во 2024 година Goldwind отвори подружница во Македонија, во период кога компанијата беше под истрага на Европската унија поради сомнежи дека примала државни субвенции што можат да создадат нелојална конкуренција.
Додека на терен веќе се реализираат инвестиции со странски капитал и технологија, експертите предупредуваат дека искористувањето на ветерната енергија не е само прашање на нови турбини, туку на систем кој треба да ја поддржи.
„Потенцијалот за ветерна енергија во Македонија постои и важно е да се искористи, но постојат сериозни ограничувања. Инвестициите се високи, бидејќи покрај самите турбини мора да се гради и придружна инфраструктура – трафостаници, далекуводи и приклучоци на мрежата. Дополнително, преносниот систем веќе е оптоварен, а недостигаат и капацитети за складирање на енергијата, што е клучно за балансирање кога нема ветер. Затоа се неопходни подолготрајни мерења и анализи, како и избор на современа технологија која може да работи и при пониски брзини на ветер, бидејќи кај нас ретко има стабилен и континуиран ветер“, објаснува Константин Димитров, професор и експерт по енергетика.
Иако македонските институции засега не гледаат правни пречки за користење кинеска технологија во ветерните паркови, сè додека се исполнети европските технички и безбедносни стандарди, суштинската дилема останува отворена: ако новите извори на енергија зависат од странски капитал, странска технологија и странски деловни одлуки, колку од таа струја навистина останува домашна?
Потребна е поголема транспарентност, оти во време кога зелената транзиција станува клучен аргумент за нови инвестиции, експертите предупредуваат дека овој поим лесно може да се злоупотреби ако остане без конкретна содржина.
„Зелената транзиција не е само декларација, туку процес на длабока трансформација – од енергетиката, преку индустријата и транспортот, до начинот на живеење. Проблемот настанува кога овој поим се користи апстрактно, без јасни показатели, без проверливи резултати и без одговорност. Тогаш зелената транзиција престанува да биде реален процес и станува само етикета што создава позитивна слика, но без суштинско значење“, вели комуникологот Сеад Џигал.
Во Босна и Херцеговина обновливата енергија со години добиваше друго лице – лицето на малите хидроелектрани. На хартија тие беа претставувани како еколошко решение. Но на терен, за многу локални заедници, тие станаа симбол на уништени реки, спорни дозволи и чувство дека одлуките се носат без оние што живеат покрај водата.
Во последните години борбата против малите хидроелектрани во БиХ прерасна од локален отпор во едно од најзначајните еколошки и општествени прашања. Искуствата на луѓето, судските пресуди и состојбата на терен покажуваат дека под етикетата „зелена енергија“често се кријат последици што се далеку од одржливи.
„Малите хидроцентрали се големо зло за нашите водотеци, бидејќи го уништуваат растителниот и животинскиот свет во и околу реките. Се градат на реки со питка вода, најчесто брзи планински реки богати со кислород. Инвеститорите не градат рибни премини, а користа ја имаат само поединци, не и локалната заедница “, вели Индир Мелиќ, претседател на спортско-риболовното друштво Травник.
Тој заедно со група локални активисти четири години се борел за реката Угар во централна Босна. Таа борба завршила со важна правна победа: Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги поништил еколошката, урбанистичката и градежната дозвола. Но победата не била и крај на приказната. Инвеститорот започнал нова постапка и за кратко време добил нови дозволи. На крај, како што вели Мелиќ, битката за тој дел од реката била изгубена.
Токму таквите случаи покажуваат колку е кревка правната заштита на природата кога институциите повторно го отвораат патот за истите проекти. Судовите во БиХ во изминатите години повеќепати поништуваа дозволи за мали хидроелектрани поради процедурни пропусти, невалидни студии за влијание врз животната средина или кршење на правото на јавноста да учествува во одлучувањето. Но во многу случаи, тоа не значеше и трајна заштита на реките.
Поплавите во есента 2024 година дополнително ја засилија оваа дебата. Катастрофалните врнежи ја погодија централна Босна, уништија населби и однесоа 27 човечки животи. На неколку реки на кои биле изградени мини хидроелектрани, водата ги исфрли цевките од коритата. За локалното население, тоа беше сурова потврда дека природата веќе испратила предупредување.
На реката Краљушчица, мештанецот Зејд Шото покажувал кон десната обала, каде што разфрланите цевки и разрушениот терен сведочеле за силата на бујицата. Левата обала, недопрена од човечка интервенција, останала речиси недопрена. За него, тоа не било само слика на еден уништен објект, туку слика на еден погрешен модел.
И покрај тоа, инвеститорот не се откажал и решил да ја обнови инфраструктурата и повторно да ја стави централата во функција. За луѓето што живеат покрај реката, тоа значи нешто многу подлабоко од еколошка загуба – чувство дека живеат со постојан ризик, со страв дека слична катастрофа може повторно да се случи, можеби со уште потешки последици.
Според податоците на невладината организација „Еко акција“, во Босна и Херцеговина досега се изградени 122 мини хидроелектрани, а уште 354 се планирани или се во некаква фаза на изградба. Околу 250 реки се планира да бидат ставени во цевки за производство на електрична енергија.
Од „Еко акција“ предупредуваат дека системот е поставен така што работи во корист на приватните концесионери. Јавните расправи се слабо најавени, студиите за влијание врз животната средина ги изработуваат фирми што ги избира и плаќа самиот инвеститор, а потоа тие документи често ги одобруваат политички зависни комисии.
„Штетата е поголема од користа. Со изградбата на хидроелектраните и сушењето на речните корита, локалното население се лишува од основно право – пристап до вода и здрава животна средина“, вели Владимир Топиќ од „Центарот за животна средина“.
Тој потсетува и на уште еден апсурд: во некои делови од БиХ и натаму има села без стабилна електрична енергија, додека во нивна близина работат централи кои произведуваат струја за продажба на други пазари. Голем дел од сопствениците на мини хидроелектраните се приватни компании, домашни и странски. Околу 30 проценти од нив се во сопственост на инвеститори од Италија, Словенија, Австрија, Германија и Чешка.
Според Топиќ, токму комбинацијата на едноставни процедури, слаб институционален отпор и државни поттикнувања ја направила Босна и Херцеговина привлечна за овие компании. Локалната заедница, пак, во најголем дел останала минимално или воопшто не вклучена во процесите на доделување концесии.

Во 2022 година, Федерацијата БиХ ја забрани изградбата на нови мали хидроелектрани. Но, во Република Српска таква забрана и натаму нема. Тоа значи дека борбата е само делумно добиена и дека притисокот врз реките продолжува.
Колкава е цената на ваквиот модел покажува и извештајот на EuroNatur и Riverwatch од јануари 2026 година. Според нив, Босна и Херцеговина од 2012 година изгубила 266 километри реки – пад од 23 проценти кај еколошки вредните речни делници. Истовремено, со измените на законот во Федерацијата БиХ биле стопирани околу 116 планирани проекти, а на ниво на Балканот биле зачувани приближно 200 километри големи реки и околу 700 километри помали речни текови.
Во таа смисла, босанската приказна не е само локална борба за една река или против една централа. Таа е пример за поширок судир меѓу зелената реторика и реалноста на терен – меѓу политиката што сака енергија и заедниците што се борат да им остане реката.
Зелената транзиција на Балканот веќе не е прашање на избор, туку на насока во која регионот неизбежно се движи. Но начинот на кој се спроведува покажува дека „зеленото“ не е секогаш и праведно, ниту пак секогаш одржливо.
Во Македонија, ветерот носи нови инвестиции, но и нови зависности – од странски капитал, технологија и одлуки што често се носат надвор од локалниот контекст. Во Босна и Херцеговина, водата веќе ја плати цената на модел што ја стави природата во служба на приватниот профит, оставајќи зад себе нарушени екосистеми и недоверба кај заедниците.
Двете приказни откриваат иста слабост: недоволна транспарентност, ограничено учество на јавноста и отсуство на јасна граница меѓу јавниот интерес и економскиот профит.
Ако зелената транзиција треба да биде вистински одржлива, таа не смее да се сведува само на нови турбини или нови централи. Таа мора да значи и нов модел на управување – со јасни правила, силни институции и реално учество на граѓаните.
Во спротивно, ризикот е истиот: ресурсите ќе се менуваат – од јаглен кон ветер и вода – но логиката на моќта ќе остане непроменета.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Трајковска, Вања Стокиќ и Ајдин Камбер (БиХ)
Снимател: Иван Поповиќ, Ајдин Камбер
Фотографии: Дарко Андоновски, Давор Ступар
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска


