fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika featured

Урбаното зеленило низ новите градежни парцели постои само на слика

  • Една година по усвоените измени на Законот за урбано зеленило со кои се воведуваат зајакнати стандарди за заштита на урбаното зеленило, никој не смогна сили да ги предложи до законодавниот дом.
  • Трите главни причини за несоодветното спроведување на законот се законската неусогласеност, непочитување на законот од страна на планери и институции и недостаток на институционална поддршка за професиите шумарски инженер и пејсажен архитект.
  • Неодамна беше формирана тематска граѓанска коалиција за заштита на урбаното зеленило.
  • Состојбата со урбаното зеленило покажува дека примената на овој закон останува само на сликите на градежните планови и проекти што ги одобруваат општините.
  • Од 24 општини кои одговорија на нашите прашања само три општини се пофалија со изработен зелен катастар, 14 изјавија дека немаат зелен катастар,  а пет е предвидено да изработат.

Иако Законот за урбано зеленило е донесен со цел да го заштити и одржува зеленилото во градовите, неговата недоволна и несоодветна примена доведува до уништување на зелените површини и создавање бетонски структури. Измените на законот, кои се очекува да воведат зајакнати стандарди и казнени одредби, сè уште не се усвоени, а експертите предупредуваат дека без нив, урбаното зеленило ќе продолжи да биде загрозено од градежните моќници и политички интереси.

Една година по усвоените измени на Законот за урбано зеленило со кои се воведуваат зајакнати стандарди за заштита на урбаното зеленило, никој не смогна сили да ги предложи до законодавниот дом. Тие лани стигнаа во рацете на пратениците од зелената група во минатиот парламентарен состав и добија поддршка, со ветување дека ќе ги поднесат, но, дојдоа изборите, а законот остана да ги чека новите парламентарци. Последните информации се дека е формирана нова зелена парламентарна група од која се очекува да ги поднесе предлог-измените. Во меѓувреме, анализите покажуваат дека не се почитуваат ниту постојните законски одредби.

Неодамна, исто така, беше формирана тематска граѓанска коалиција за заштита на урбаното зеленило. Меморандум за соработка потпишаа Здружението „Зелен институт“ и бројни граѓански организации, претставници на институции, активисти и други заинтересирани граѓани, која има за цел да се мобилизира за заедничка борба против корупцијата во урбанистичкото планирање и градење, поради која неповратно се уништува урбаното зеленило, за сметка на интензивна и нехумана урбанизација и бетонизација на просторот.

Законот за урбано зеленило се спроведува само на хартија

Основната цел на Законот за урбано зеленило е да се зачува и зголеми вредноста на урбаното зеленило, за да може да ги врши своите функции, како што се подобрување на квалитетот на воздухот, обезбедување на рекреативни простори и заштита од ерозија и загадување. Меѓутоа, анализите кои со нас ги сподели Лилјана Поповска, поранешната пратеничка и некогашна лидерка на зелената партија ДОМ, предлагачи на законот, утврдиле недоволна примена на постојниот закон што води до уништување на зеленилото.

Поповска, која е сега дел од здружението на граѓани „Зелен институт“, посочува дека трите главни причини за несоодветното спроведување на законот, според анализите, се законската неусогласеност, непочитување на законот од страна на планери и институции и недостаток на институционална поддршка за професиите шумарски инженер и пејсажен архитект. Она што посебно загрижува е непочитувањето од институциите.

„Општините кои што би требало да го спроведуваат законот во најголем дел, практично не ги носат стратешките документи, повеќегодишна стратегија, план тригодишен, годишни програми за зеленило итн, ниту изработуваат ‘зелен  катастар“, односно попис на зеленилото. При контроли и надзор дозволуваат градба на објекти без соодветен процент на зеленило, или, кога веќе ќе се контролира поминува како да е сѐ во ред, а всушност не е. Постои тотален хаос и огромно непочитување во односот на самите институции кон законот и поради ниските казни и глоби кои постојат во законот, бидејќи во тој приод таква беше регулативата и законот за прекршоци што тогаш важеше во 2018 година. Практично има една целосна неказнивост дури на многу прекршители на законот, на оние од градежната сфера па дури и од институциите кои ќе бидат евентуално казнети им се исплаќа да ги ‘платат’ казните, меѓутоа ќарот од изградба и продажба на тие објекти е многу поголем и едноставно велат, добро, ако ме фатат ќе платам и одам понатаму“, објаснува Поповска.

Состојбата со урбаното зеленило кое сѐ помалку го има, покажува дека примената на овој закон останува само на сликите на градежните планови и проекти што ги одобруваат општините.

urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika 1

Предвиденото зеленило на планови, никогаш не се остварува во реалноста – извор ЗСФ КОМ

Таму често се нацртани зеленила во форма на саксии, зелени кровови и слични садници чија што зелена боја трае мошне кратко. Според Јане Димески, активист за заштита на животната средина, тоа се должи на профитот што го имаат градежниците и институциите од градежните површини.

„Парите се главни, профитот од градежните површини. Тие зелените површини не ги гледаат како зелени површини кои придонесуваат за градот во многу аспекти и кои ни се потребни во многу поголема мера. Да дадам една споредба, во ДУП-от за Буњаковец, каде што спаѓа она подрачје на Треска, нели ние се боревме да се испланира со посебен конкурс. Во целиот Буњаковец, според анализата на општината од пред неколку години, по жител отпаѓа 0,38 метри квадратни, ниту цел метар квадратен по жител и тогаш намерата во суштина на конкурсот за подрачјето на Треска беше преку Треска, преку едно похумано планирање на тоа подрачје каде што ќе има и станбени објекти, но ќе се задржи и голем процент на зеленило, со тоа зеленило се придонесе кон целиот Буњаковец, да даде вредност на целиот простор. Меѓутоа, тој конкурс цел беше прогласен за неважечки од сегашниот градоначалник и продолжија да се издаваат градежни дозволи по стариот план, каде што зеленилото е минорно таму. И кога има можност да се зачува, институциите исто почнале да размислуваат како инвеститорите, на профит“, посочува Димески.

urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika 2

Пропадна планот за похумано планирање кај Треска, па зеленилото станува минорно наспроти бетонот

Тој го посочува и примерот со Водно, односно со случајот „Плацови на Водно“ за кој има пресуди и тие плацови кои се шума, за кои знаеме како беа вцртани во плановите, продадени и приватизирани. Со конфискацијата на тие плацови, тие сега се под Агенција за управување со конфискуван имот и самата институција не дава дозвола тие плацови во планот повторно да се вратат на изворната шума, онаа која во суштина треба да го штити Центар и градот од поројни врнежи и поплави, одрони и лизгање на земјиште.

„Самата Агенција размислува профитно како и приватните компании. Не сака да ја загуби вредноста на тие две површни како градежни парцели на кои се планирани хациенди“, истакнува Димески.

Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ вели дека недостигаат мерки за чистење на загадените средини

Татјана Чакулев од O2 Иницијатива, исто така, вели дека врз основа на нивното искуство, Законот за урбано зеленило се спроведува на хартија. Односно, и покрај тоа што секој нов детален урбанистички план утврдува 20% зеленило на секоја градежна парцела, таа вели дека е дискутабилно колку тие проценти се зеленило во реалноста.  Дополнува дека друг момент е што граѓаните вообичаено мислат дека законот не се спроведува воопшто, зошто се градат куќи и згради на цела парцела, без да се остави 20% за зеленило.

„Тоа е така, зошто ако урбанистичкиот план врз основа на кој е добиено одобрението за градење е донесен пред да стапи на сила Законот за урбано зеленило, оваа одредба не важи. ДУП-от веќе утврдил параметри за секоја градежна парцела, а донесен ДУП е како закон, важи додека не се донесе нов. Трет момент е што законот вели дека на градежни парцели со веќе изградени објекти, каде не постојат просторни можности за обезбедување на 20% зеленило од парцелата, треба да се направи компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардиниери, на кровни тераси и фасади. Но и ова не се спроведува или се спроведува со поставување на по некоја жардиниера со цвеќе“, вели Чакулев.

Новите законски измени гарантираат зајакнати стандарди

Во измените на Законот за урбано зеленило се предлагаат нови стандарди: 25 м² јавно зеленило, 50 м² вкупно зеленило на ниво на град и најмалку 30% зеленило на градежна парцела како одговор на климатските промени. Урбаното зеленило е дефинирано во категории според пешачкото растојание и достапната површина за рамномерен распоред низ градот. Утврден е минимален процент на озеленетост според класа на намени, прецизиран е начинот на одржување, и воведена е обврска за ангажирање стручни лица при планирање и одржување на зеленилото. Исто така, зајакнати се казните за непочитување на законските одредби за минимум зеленило и уништување на зеленилото.

„Да речеме во двор на градинка, или на училиште, или на индустриски објект не може да се третира дека е доволно само мало парченце зеленило. Таму мора зеленилото да биде во сериозен баланс со останатите објекти. Предлагаме трикратно зголемување на глобите, на казните за прекршување на Законот за урбано зеленило и тоа ќе го ускладуваме со новиот закон што подоцна се донесе, една година од носењето на Законот за урбано зеленило, во 2019 година се донесе Закон за прекршоци според кој што можеше казната за еколошки престапи да биде трикратно поголема од останатите казни“, објаснува Поповска.

Според ад м-р Викторија Брндевска Стипановиќ од катедрата за проектирање и планирање на зелени површини – Факултет за шумарски науки, актуелниот Закон за урбано зеленило, моменталната состојба на зелените простори во градот, но и промените, општествени и климатски, на локално и глобално ниво, алармираат за негово дополнување и одредени промени во дел од одредбите.

„Овде може да се спомене и потребата за внесување на новата актуелна терминологија, потоа зајакнувањето на инспекцискиот надзор над спроведувањето на овој закон, зголемувањето на казните кон правните и физички лица кои не го почитуваат, појаснувањето на обврската за формирање на зелен катастар со нагласување на негово тековно ажурирање“, вели таа.

Зголемувањето на нормата за зеленило на 25 m² по жител на 50 m² е неопходно, но потребно е и рамномерно распоредување и зголемување на достапноста на зелените простори.

„Препорачливо е зголемување на зеленилото на градежните парцели од 20% на 30%, со прецизирање на видот на зеленило, но, не за тревна површина над подземни гаражи или други подземни објекти, не за растенија во саксии или жардиниери или, пак кровно и вертикално зеленило“, додава таа.

Зошто е важно урбаното зеленило?

Урбаното зеленило е важно од многу аспекти. Едниео е како јавни површини каде што граѓаните може да се рекреираат, да се дружат, тука се случува социјалниот живот. Второ, важно е од аспект на загадувањето на воздухот, бидејќи тука се апсорбира дел од оние полутанти кои се во воздухот. Особено ни е важно во смисла на заштита од поплави затоа што зелените површини се порозни низ кои се впива атмосферската вода, односно водата од врнежите. Ако имаме 100% урбанизираност на едно подрачје тогаш водата најчесто се разлева по улиците и се влева во канализациските системи. Канализацијата нема толку капацитет да ги прими тие води, па истекува, се излева надвор и потоа станува и санитарен проблем за граѓаните. Еден многу важен аспект е заштитата од поплави на овие зелени отворени површини, бидејќи тие ја одржуваат и влажноста на воздухот во градот, но и влажноста на почвата. Тоа е еден целосен систем од кој сме дел и во голем дел зависиме од него.

urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika 3

Со 100% урбанизираност на едно подрачје водата најчесто се разлева по улиците и станува санитарен проблем

Додека во светот денес постојат градови како Осло, Виена и Сингапур кои имаат и над 40% зелени површини, Македонија се бори за да го исполни минимумот. Токму Законот за урбано зеленило, односно неговото соодветно исполнување, е клучен момент за создавање и одржување на зелени простори во градовите, кои се важни за квалитетот на животот и еколошката стабилност. Со занемарувањето на неговото спроведување доведува до уништување на зелените површини. За да се постигнат еколошките и здравствени цели, потребно е не само да се зачува постојното зеленило, туку и да се зголеми и рамномерно да се распредели во урбаните средини.

Во врска со компензациското садење, препорачува зголемување на нормата, односно, наместо со дрво со двоен пречник, пресеченото дрво да се замени со дрво со најмалку троен пречник, а доколку пресеченото дрво се наоѓало во градско подрачје каде што најмалку еднаш во текот на изминатата година е достигнат прагот на алармирање за висока загаденост на воздухот, компензациското садење да изнесува петкратен вкупен пречник на исеченото стебло.

Зелениот катастар го посочува како важен за управување и заштита на урбаното зеленило, но, според неа, без редовно ажурирање, катастарот губи смисла.

Најголем дел од општините немаат „зелен катастар“

Зелениот катастар како систем за следење и управување со зелените површини во градовите овозможува ефективно планирање и заштита на зеленилото. Неговата изработка е законска обврска која голем дел од општините кај нас не ја испочитувале.

Од 24 општини кои одговорија на нашите прашања само три општини се пофалија со изработен зелен катастар (Дојран, Кавадарци и Битола), 14 изјавија дека немаат зелен катастар (Валандово, Виница, Кратово, Липково, Свети Николе, Могила, Ранковце, Куманово, Кривогаштани, Берово, Боговиње, Желино, Велес, Чучер-Сандево),  а пет општини посочија дека планираат и е предвидено да изработат (Центар, Струмица, Арачиново, Крива Паланка и Кичево). Општина Кисела Вода и Сарај одговорија дека припаѓаат на зелениот катастар на Град Скопје, од каде не добивме никакви информации на овие прашања, исто како и од останатите општини од државава.

urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika 4

За изградбата на црквата Свети Константин и Елена во строгиот центар на Скопје, беше уништен децениски парк со борови

Најголем дел од општините, исто така, тврдат дека во новите урбанистички планови во рамките на секоја градежна парцела задолжително се предвидува 20% урбано зеленило. Добар дел од нив се и рурални општини кои имаат и повеќе од 20% зелена површина во секоја градежна парцела, а има и општини како Кавадарци кои во Генералниот урбанистички план предвидуваат 29,4м2 зеленило по жител.

Димески посочува дека со измените на законот општините ќе мора да ја сменат досегашната пратика.

„Опција кон која неминовно ќе мора да се движат општините во Скопје, во потрага по нови површини за зеленило, тоа ќе биде сега оној процес како што до сега тие го распродаваа државното земјиште по многу евтина цена за експропријација, таа цена е многу мала, ќе треба во иднина да откупуваат можеби приватно земјиште и тоа да го пренаменуваат потоа во зелени површини. Тој процес на откуп ќе биде многу поскап од што тие заработиле пари, но тоа е неминово и неопходност ќе биде за поголем дел од општините, особено за најурбанизираните како Центар, Карпош и Кисела Вода“, смета Димески.

Само пет глоби за прекршоци во урбаното зеленило во 2024

Надлежност за контрола на имплементацијата на Законот за урбано зеленило има Министерството за животна средина и просторно планирање, кое воедно е и органот кој ги изрекува санкциите.

Во текот на 2024 година, МЖСПП примило 19 барања за поведување прекршочни постапки, од кои за пет се изречени и платени глоби од по 50 евра, додека, останатите 14 се во постапка.

„Овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори на општините поднесуваат Барања за поведување на прекршочни постапки за прекршоци предвидени во Законот за урбано зеленило до Комисијата при Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган за изрeкување на санкции. Досега (во текот на 2024 година) се примени 19 Барања за поведување на прекршочни постапки при што се изречени и платени се глоби во износ од по 50 евра за 5 барања за поведување на прекршочна постапка, останатите 14 се во постапка“, одговорија од МЖСПП.

Последните измени на Законот за урбано зеленило, според МЖСПП, се донесени на 4 ноември 2024 година, но тие, за жал, не се однесуваат на барањата на „зелените“, туку, станува збор за технички надополнувања во однос на името на Министерството за транспорт и врски.

urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika 5

Последните од измени на Законот за урбано зеленило, според МЖСПП, се донесени на 4 ноември 2024 година, не ги содржат барањата на „зелените“

Урбано Зеленило е важно за квалитетот на животот и одржливоста на градовите

Еколошката, здравствена, социјална, естетска и економска вредност на Законот за урбано зеленило ја нагласуваат неговата важност во регулирање на изградбата, одржувањето и заштитата на зелените простори во градовите и помагањето во одржливоста и адаптацијата на климатските промени. Токму поради ова, соговорниците се согласни дека урбаното зеленило е неопходно за квалитетот на животот и заштита на здравјето на граѓаните.

„Мора да се нагласи дека Законот за урбано зеленило има клучна улога во создавањето на урбани простори кои не само што ќе бидат пријатни за живеење, туку и функционални и одржливи. Зеленилото не само што ја подобрува естетиката и здравјето на граѓаните, туку е и битен фактор за еколошката и економската стабилност на градовите. Без соодветна правна регулатива, но и без нејзино спроведување и почитување, урбаните зелени простори може да се занемарат и деградираат, што ќе има негативни последици за животната средина и благосостојбата на жителите“, вели Брндевска Стипановиќ.

urbanoto zelenilo niz novite gradezni parceli postoi samo na slika 6

Татјана Чакулев посочува дека е важно да се зачува постоечкото зеленило и да се зголеми во урбаните средини, каде најбрзо се губи, бидејќи, според неа, зеленилото не е само одговор на топлотните острови во градовите, намалување на температурите во летните месеци, туку е неопходно за нашето физичко и ментално здравје, во време на сè поголеми предизвици.

„Во таа насока, последниот стандард за урбано зеленило според СЗО е 5,000 до 10,000 м2 (0.5 – 1 хектар) зелена површина во радиус од 300 метра од местото на живеење на секој жител. За споредба, блоковското зеленило во Карпош 3 е околу 1500 м2. Повеќе потребата за зеленило не е по глава на жител, туку секој жител да има доволно достапно зеленило околу местото на живеење, зошто еден град во просек може да го задоволи стандардот на зеленило од пример 25м2 по жител, но во реалноста тоа да значи голем парк или шума во склоп на градот во некој елитен дел, а другите делови да немаат никакви паркови и многу малку зеленило“, вели таа.

Димески е согласен дека зелените површини не само што служат како места за рекреација и социјализација, туку имаат и значајна улога во подобрувањето на квалитетот на воздухот и заштитата од поплави. Целосната урбанизација и покриеност со непропустливи материјали како асфалт и бетон може да доведе до сериозни проблеми со поплави и канализациски системи, што дополнително го нагласува значењето на зелените површини во одржувањето на влажноста на воздухот и почвата во градот.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска
Снимател и фото: Наке Батев