fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
mali hidroelektrani neprocenlivi steti i sladok profit featured

Мали хидроелектрани – непроценливи штети и сладок профит

Мали хидроелектрани – непроценливи штети и сладок профит

Уништуваме реки за малку струја

Македонија се наоѓа пред сериозна енергетска криза поради недоволно производство на струја од домашните капацитети. Една од главните причини за ваквата состојба се долгогодишните погрешни политики во енергетиката во насока на субвенционирање на производство на струја од мали хидроелектрани и нивно фаворизирање во однос на останатите обновливи извори на енергија. Освен тоа што даваат многу мал придонес во вкупното количество на производство на струја, изградбата на овие капацитети во повеќе случаи нанесува ненадоместливи штети врз животната средина манифестирани преку уништување на речните корита, исчезнување на рибниот фонд и целокупниот жив свет во реките.

Нашето истражување покажа дека државата нема капацитет за соодветна контрола на изградбата и работењето на малите хидроелектрани, како и дека лошата регулатива дозволува системско уништување на живиот свет. Дури и кога има санкции, тие завршуваат со спогодување меѓу државата и инвеститорите, а максималните казни за непроценливите штети врз природата изнесуваат дваесетина илјади евра.

Катастрофа на Маркова река

На местото каде спокојството го нарушувале само рибарите и љубителите на природата, шумот на Маркова река го замени бучавата на машините, а видикот го затвора машинска зграда. Коритото е веќе бетонирано. Огромни камени блокови неприродно се расфрлени по речниот тек, а цевките низ кои ќе тече реката, наместени го очекуваат официјалното отворање на хидроцентралите.

Ваквата груба интервенција врз природата, за луѓето кои се грижат за нејзина заштита е стравична. Ѓорѓи Митревски од невладината организација „Еко свест“ вели дека машинска зграда за една од малите хидроцентрали е изградена сред речното корито.

g mitrevski 200x250 1Сега тоа што го имаме овде е комплетна промена на геоморфологија на теренот. Со механизација променето е речното корито пренасочена е реката и на самото речно корито е изградена машинската зграда. Речниот живот за рибите, за речните ракови кои што ги има на Маркова река, за сите други животински видови е комплетно променет , речиси оневозможен, така што без разлика што хидроценралите не се пуштени во функција, штетата е веќе направена“, вели Митревски.

markova reka pred hidrocentrala
markova reka po hidrocentrala

Од убава река полна вода до полупразно корито

Нефункционални рибни патеки

На 30 километри долгата Маркова река издадени се концесии за дури три хидроцентрали. На оддалеченост од само неколку километри од првата се наоѓа уште една мала хидроцентрала. Митревски коментира дека е тука е изградена рибна патека којашто е целосно нефункционална.

„Планирано е да имаме риби кенгури или евентуално речни делфини, затоа што овде имаме рибна патека која треба во теорија да овозможи мигрирање на рибите спроти водниот тек. Вообичаено рибите мигрираат во горниот тек на реката кога им е сезона на мрестење и овие рибни патеки овде што се градат е неопходно да го овозможат тоа. Овде гледаме ние дека станува збор за некоја формална изградена конструкција која што на хартија постои како рибна патека. Евидентно е дека риби не можат ја поминат оваа патека, дека имаме пад на водата поголем од едно метро, дека имаме камења“, вели Митревски.

Екологистите безуспешно барале акција од надлежните. Нашиот обид да контактираме вроди со плод, иако од ресорното министерство прво не уверуваа дека инспекторите биле на терен, но не виделе ништо спорно.

„Од страна на Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање извршен е инспекциски надзор на локацијата на Маркова река каде се во тек градежни активности за изградба на МХЕЦ Маркова река со реф.бр. 143, 144 и 145, при што од страна на инспекторите не се констатирани неправилности при изградба на централите“, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

На наше инсистирање да добиеме објаснување како е можно инспекторите да не го видат тоа што е очигледно в.д. директорот на инспекторатот за животна средина, Сретен Стојковски најави вонреден надзор и побара од нас да ги почекаме резултатите. Само два месеци по претходната контрола во август кога не констатираа никаков проблем, сега инспекторите утврдија низа неправилности.

Записник од вонреден инспекциски надзор на Маркова река

Низводно од зафатот кој треба да се заврши се поставени цевките и затрупани врз кои поминува пристапниот пат до зафатната градба. За таа цел е извршено минирање на карпест масив непосредно до речното корито со што на поедини места целосно е затрупано речното корито со одрони од карпа и дрвна маса при што оневозможено е нормално функционирање на флора и фауна на овие делови од речното корито, се вели во записникот на инспекторите.

„Рибјата патека не е довршена,изведбените работи се нестручно изведени, насекаде има остатоци од камен и нема уредување на реката узводно и низводно од зафатите и испустите од машинските згради. Поради ова, се забранува изведба на грдажени работи се додека не се исчисти речното корито од нанос од минирање и не се санира карпестиот предел од стран на стручна лиценцирана фирма“, пишува во записникот.

Од „Индиго Хидро“, италијанската компанијата која е инвеститор во хидроцентралите велат дека ќе одговорат на сите забелешки наведени во записникот на инспекторатот.

„Наредната недела тим од Градежен факултет ќе излезе на терен, ќе го скенира и ќе се постапи по нивните упатства“, велат од компанијата.

Смешни казни за уништената природа

Колкава ќе биде казната која ќе треба да ја плати инвеститорот, ќе утврди комисијата за спогодување во Министерството за животна средина, откако управителот на фирмата „Индиго Хидро“  се согласил да потпише записник за спогодување. Во членот 245 од Законот за води, кој го цитираат инспекторите највисоката пропишана казна е 20 илјади евра – и тоа за  остварување водно право спротивно на начинот и намената определени во дозволата или концесијата. Инвеститорот има рок казната да ја плати во рок од 8 дена, кога според истиот Закон сторителот добива можност да уплати половина од изречената глоба.

Сепак, и покрај интервентниот  надзор, останува нејасно зошто надлежните институции толку долго време не презеле никакви мерки и не ги гледале пропустите на кои алармирале екологистите, ако се знае дека овие хидроцентрали се градат со години, а не преку ноќ.  Концесијата за сите три хидроцентрали е доделена уште во 2014 година, а во 2018 бил продолжен рокот за нивна изградба до мај 2020 година.

И овој рок е веќе пробиен. По последниот развој на настаните, неизвесно е кога би профункционирале, но извесно е дека амбиентот на Маркова река е засекогаш променет. Екологистите не веруваат дека штетата воопшто  може да се санира и да се компензира со пари, а природата некогаш да се врати во првобитната состојба.

Пастрмката исчезна од Речица

Риболовци од Охрид и околината порано редовно доаѓале во селото Речица за да ја ловат надалеку прочуената речна пастрмка од истоимената река. Помеѓу нив бил и Димче Мајкоски, потпретседател на спортско-риболовниот клуб „Свети Апостол Петар“ од Охрид кој сведочи дека изградбата на мали хидроцентрали во овој крај предизвикала непоправливи штети по рибниот фонд и воопшто по живиот свет.

Мајкоски вели дека проблематично е што малите хироцентрали се градат според прописи кои што не обезбедуваат заштита на речното корито и рибни патеки коишто навистина ќе обезбедат нормална миграција на рибите.

dimche majkoski 200x250 1Браната е направена по сите прописи. Има и рибна патека. Меѓутоа кога тече волку малку вода и кога водата од рибната патека тече на бетониран дел, онде риба воопшто не може да се приближи, а не пак да се качи горе. Значи овој дел е уништен. Ако го приметите течението на водата, тече дел од водата по коритото, но ова корито не задоволува овде да има пастрмка. И да има пастрмка, тоа би биле само мали ситни примероци, додека штом порасне поголема, се спушта низводно, затоа што овде нема доволно вода и не може ни да порасне, за да се измрести и да остави потомок“, вели Мајкоски.

Тој објаснува дека има периоди кога на потегот од браната до хидроцентралата воопшто нема вода.

„Овој дел од браната до хидроцентралата долу е практично уништен. Повеќе од два километри е од реката, каде тече или малку вода, а во некои периоди и скроз е затворена водата. Ако еднаш се затвори водата, рибата угинува тука, храната што живее во водата за исхрана на рибата угинува и потоа многу тешко се повраќа назад“, вели Мајкоски.

Помор на риба

На растојание од околу 300 метри, воздушна линија од оваа хидроцентрала се наоѓа туристичкиот комплекс „Рајска Долина“. Овде има рибници, каде се одгледуваат охридска пастрмка, речна пастрмка и крап. Од мај до јули, дури четири пати дошло до помор на повеќе еден тон речна пастрмка.

Сопственикот Тони Јованоски, тоа го објаснува со недостаток на дотур на свежа вода од локалната река, која се користи за производство на електрична енергија.

toni jovanoski 200x250 1Причинител за поморот беше хидроцентралата која што работи. Каде што се наоѓа турбината, треба да има автоматска клапна. Што значи тоа. Тоа значи дека кога ќе е невреме, а овде фаќа невреме често пати, кога ќе се појават првите грмежи, ЕВН ја исклучува струјата за хидроцентралата. Во тој случај турбината застанува, не работи, а водата по самиот цевковод, кој се наоѓа до браната на два километри, треба да ја наполни целата цевка до горе, па потоа да сврти, од кај таа рибна патека или останатиот дел, за да дојде до кај нас. Тука се создава еден период од еден час, еден час и дваесет минути да нема вода. Ние остануваме без вода во нашите рибници и така настанува тој помор“, вели Јованоски.

Тој случајот го пријавил во МВР, а потоа и до Јавно обвинителство, со чии што претставници биле до самата брана. Се надева дека со доказите кои ги прибрале од лице место, ќе бидат отстранети работите, кои им создаваат проблеми.

На неколку километри погоре од првата централа, се гради уште една хидроцентрала, поради што вели Јованоски, до рибникот во текот на летото дотекувала каллива вода.

„Од мај месец, до крајот на септември, секој ден беше заматена реката и имаше тиња. Со тоа што на истиот потег овде на Голема река, почнаа да градат нова хидроцентрала. Од новата хидроцентрала ми ветија дека имаат поставено автоматска клапна. Со самото прекинување на електрична енергија, клапната се отвора и водата од цевководот директно си продолжува и овде кај нас е за десет минути“, вели Јованоски.

Без да кажат конкретно што се случува на лице место и што утврдиле инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина, само одговорија дека преку водостопанскиот инспектор согласно месечен план извршиле две редовни контроли. Едната на деветти јули, по што бил составен записник за констатација од извршен инспекциски надзор во правниот субјект.

„Друштвото за производство, трговија на големо и мало, увоз-извоз и услуги „Енергоремонт-МЗТ-ХЕРЦ“ ДОО Битола е сопственик и управува со изградена мала хидроелектрана за производство на електрична енергија МХЕЦ „Речица и Грмешница“ на водотек на река Речица. За оваа хидроцентрала Министерството за животна средина и просторно планирање има издадено решение за дозвола за користење на вода за производство на електрична енергија од 18.11.2013 год.во која се дадени условите според кои треба да постапува носителот на дозволата за целиот период“., велат од инспекторатот.

На 5 август извршен бил инспекциски надзор и во малата хидроелектрична централа на река Коселска (Голема река) село Свиништа во сопственост на скопската компанија „ХЕЦ 408“, но наодите не беа соопштени. За оваа хидроелектрана, Министерството за животна средина и просторно планирање имало издадено решение за дозвола за користење на вода за производство на струја од 2014 година. Рокот на важност на дозволата за работа и на двете централи е 20 години.

Префрлање на одговорноста

Од инспекторатот велат дека стручно елаборирање за влијанието врз животната средина не била во нивна надлежност и додаваат дека стручен орган за тоа била Управата за животна средина при Министерството за животна средина. Но од Министерството велат дека за вршење инспекциски надзор задолжен е Државниот инспекторат за животна средина,кој потоа доставувал извештај од увид на лице место.

И додека надлежните си ја префрлаат топката околу контролирањето на работата на малите хидроцентрали и негативното влијание врз животната средина, рибарот Мајкоски апелира да запре понатамошното уништување на македонските реки.

„Овде имам ловено примероци и преку 500-600 грама, меѓутоа со изградбата на ова, во водата хидроцентралата до браната, на неколу пати воопшто немам сретнато ниеден примерок на пастрмка. Апелирам до сите, министри, влади и слично, оставете ги реките и природата на мира. Немојте да ги уништувате на ваков начин“, вели Мајкоски.

Рај за профитери

Како да е заразена од сипаници изгледа мапата на Македонија на која се прикажани малите хидроелектрани коишто имаат долгогодишен субвенциониран   на струја што преку месечните сметки за потрошена електрична енергија го плаќаат граѓаните.

mali hidrocentrali legenda mapa

Интерактивната мапа што за прв пат ја изработи екипата на „Дома“ врз базата на податоци од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и на државната енергетската компанија „МЕМО“ прикажува на кои реки се изградени хидроелектрани, кои се инвеститорите и колкав е субвенционираниот откуп на струја во текот на 2020 година.

Според податоците на РКЕ, од вкупниот број од 107 активни мали хидроелектрани, заклучно со минатата година 96 имале гарантиран откуп на струја по повластени тарифи, а останатите струјата ја продавале на слободниот пазар.

Имаме малку реки за уништување

Според анализата на Институтот за географија, во Македонија има околу 1.600 водотеци кои навистина може да се сметаат за такви, чија вкупна должина изнесува 11.650 километри. Од нив, само 4 реки на територијата на Македонија се подолги од 100 км и тоа Вардар, Брегалница, Црна и Треска. Нивната вкупна должина изнесува 875 км.

Потоа следуваат 6 реки со должина од 50 до 100 км и тоа: Пчиња, Крива Река, Струмица, Бабуна, Радика и Злетовска Река. Вкупната должина на овие 6 реки изнесува 402 km (Пчиња и Струмица како природна целина се подолги од 100 km).

Дури 72 реки имаат должина помеѓу 20 и 50 км, почнувајќи од Бошава и Тополка со по 49,5 km, па до Песочанска Река со точно 20 км. Вкупната должина на овие 72 водотека изнесува 1.965 км. Во нашата држава 810 водотеци се подолги од 5 км, а нивната вкупна должина (заедно со претходно наведените) изнесува 9.450 км. Сепак, најголем дел од тој број се кратки, повремени водотеци со пороен карактер.

Како што веќе објаснивме во претходните написи на „Дома“, повластената тарифа претставува регулирана цена за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од страна на операторот на пазарот на електрична енергија.

На повластените производители кои користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој киловатчас произведена електрична енергија по која операторот на пазар на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија, произведена од повластените производители, во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата. Крајниот цех го плаќаат граѓаните преку сметките за струја.

milioneri na nasha smetka blog 1

Меѓу најголемите инвеститори, коишто имаат најголем ќар од субвенционираниот откуп на струја се јавува поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Тој преку компаниите „Фероинвест“, „Мали хидроцентрали“ и други непосредно или посредно се јавува како сопственик на 25 мали хидроелектрани во земјава.

Приказ од веб-страницата на Ferroinvest, каде се гледаат нивните мали хидроцентрали

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев е меѓу најголемите играчи на пазарот на мали хидроелектрани во земјава / извор:feroinvest.mk

Празни ветувања

Премиерот Зоран Заев во текот на кампањата за неодамнешните локални избори од Ростуше соопшти дека Владата донела одлука дека ќе ги повлече концесиите за вода за производство на струја од мали хидроцентрали дури и по цена да се плаќа обесштетување на инвеститорите. Станува збор за ветувања за стопирање на спорните хидроелектрани во националните паркови, но и таму каде што има изградба спротивно на прописите. Слични ветувања имаше и од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сепак, засега нема никаква институционална потврда на ваквите ветувања, а дури има случаи каде што државата претходно ги продолжила роковите за изградба на хидроелектрани во националните паркови.

Таков е примерот со планираната изградба на две хидроелектрани на Таировска река кај Жировница во Националниот парк Маврово. Имено, Аднан Салиу, претседател на Месната заедница Жировница информира дека мештаните со помош на невладините организации успеале да спречат почеток на изградба на хидроелектрани на оваа река, но тоа не ја спречило Владата на седница во декември, минатата година да наложи потпишување на анекс на договорот со концесионерот со кој се продолжува рокот за изградба на хидроелектраните до 2023 година.

zhirovnica mali hidrocentrali

Очигледно во Владата едно кажуваат пред јавноста, а друго спроведуваат на седниците

 

Склучувањето анекси на договорите со кои се пролонгираат роковите за изградба и комерцијална употреба на малите хидроелектрани стана практика на актуелната власт, а за тоа доволен доказ се записниците од седниците во коишто речиси без исклучок можат да се најдат примери за тоа. Од друга страна, вистинска реткост се примерите на одземање концесии на вода за производство на струја од мали хидроелектрани поради неправилности или неисполнување на роковите од страна на инвеститорите.

Со тоа, впечаток е дека државата продолжува да води лажна битка за заштита на природата бидејќи преќутно им прогледува на прсти на инвеститорите коишто ја уништуваат и коишто за тоа понекогаш добиваат смешни санкции.

За да покаже дека навистина сака да спречи понатамошна девастација на животната средина Владата треба веднаш да запре со доделување концесии на вода за производство на струја од мали хидролекетрани, но и да ја смени регулативата во насока на зголемување на казните за несовесните инвеститори коишто за профит се подготвени да го уништат живиот свет во македонските реки.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Уредник: Владо Николоски
Новинари:
Соња Петрушевска, Мики Трајковски
Сниматели: Иван Поповиќ, Марјан Шуминоски
Монтажер: Ристе Душковски
Автор на мапата: Васко Авукатов

 

Повеќе на темата:

Милионери на наша сметка

Тајна е колку пари им се исплаќаат на сопствениците на мали хидроцентрали

Мали хидроцентрали, големи тајни

Никој не ги мери штетите од малите хидроелектрани

Кочани со референдум против малите хидроцентрали

Бизнис против природата, Турско Рудари против државата

Неосновано кријат колку наши пари им се исплаќаат на малите хидроцентрали

Од Белица до Пехчево: Речната пастрмка исчезнува, турбините вртат

Сподели