fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
nazif destani od ekolog ja predomisli vladata za rudnikot ilovica featured

Назиф Дестани од „Еколог“ ја предомисли Владата за рудникот Иловица

Владата на една од последните седници донела одлука за спојување на концесиите за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица“ во Општина Босилово и Општина Ново Село на „Еуромакс рисорсес“ (Еуромакс). Одлуката ја нема во официјалните соопштенија од владините седници, но ја објави Службен весник.

nazif destani od ekolog ja predomisli vladata za rudnikot ilovica 1

Таа доаѓа само неколку дена откако „Дома“ ја објави сторијата „Судот го донесе „Еколог“ на Назиф Дестани на чекор до отворање на рудникот Иловица“. Во неа обелоденивме дека Управниот суд неодамна ја уважил тужбата на „Еуромакс Рисорсес“ (Еуромакс) против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“.  Пресудата следуваше откако Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување, потег што кај граѓанските активисти од „Здрава котлина“, кои се против отварање на рудници во струмичко отвори сомнеж за политичко влијание во процесот.

Владата ги спојува концесиите иако судот го одби тоа барање на „Еуромакс“

Владата деновиве донела одлука во корист на „Еуромакс“ иако Управниот суд на последното рочиште не го прифатил второто барање од тужбата да се задолжи владиниот состав да донесе одлука за спојување на двете концесии за оваа локација.

sudot go donese ekolog na nazif destani na cekor od otvoranje na rudnikot ilovica 3

Целата пресуда на Управниот суд со која се обврзува Влада повторно да одлучува за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“

„ДОМА“ веќе пишуваше дека тетовецот Назиф Дестани, основач на компанијата „Еколог“ преку негова фирма во Холандија на 24 јануари годинава вложил три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс“ која сака да отвори рудник на бакар и злато кај месноста Иловица во струмичко. Всушност, само петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија, која подолг период пред македонските судови се жали на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.

nazif destani od ekolog ja predomisli vladata za rudnikot ilovica 3

Назиф Дестани е основач на „Еколог“ и на компанијата „НД Груп“, која на почетокот на годинава стана мнозински акционер во „Еуромакс“.

Активистите од здружението „Здрава котлина“ се сомневаат дека не е случајно што судот донел одлука во корист на „Еуромакс“ само две недели откако Дестани преку холандската фирма станал еден од поголемите акционери во канадската компанија, како и што сега Владата донела одлука за спојување на концесиите. Според нив, Дестани е човек близок до владејачката ДУИ и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко.

Љазим Дестани, татко на Назиф во друштво со владини функционери и лидерот на ДУИ, Али Ахмети на поставувањето на темелите на фабриката за производство на елетрични возила „НЕХТ Е.Го Мобиле“ во Тетово, за која државата додели помош од 130 милиони евра

Дополнителен сомнеж кај нив фрли и тоа што член на Вишиот Управен суд е Субхи Јакупи, поранешен член на ДИК на предлог на ДУИ.

„Поранешниот политички активист на ДУИ сега во судската тога дели правда и веќе имаме нови постапки, кои всушност укажуваат на тоа колку нашето судство не е независно. „Еколог“ – најголемиот донатор на ДУИ реши да инвестира и многу е јасно преку механизам се доста сигурни дека ќе ја добијат концесијата и ќе ги вратат парите. Типична трговија со влијание, со корупција, како сакате“, рече тогаш Ѓорѓи Танушев, активист од „Здрава котлина“ и советник во Општина Струмица.

Неверојатен пресврт

Долгогодишната битка на екологистите од „Здрава Котлина“ на 17 декември 2019 година личеше на добиена откако Владата соопшти дека е донесена одлука за раскинување на договорот за концесија. Образложението за ваквиот потег беше тоа што инвеститорот во предвидениот рок не поднел барање со комплетна документација за добивање дозвола за експлоатација на минерални суровини, односно четири години по склучувањето на договорот. Власта на тогашниот премиер Зоран Заев тоа го прикажа како голем успех и потврда дека се грижи за здравјето на граѓаните, а ден подоцна се пофалија и од струмичкиот огранок на СДСМ.

Иако, „Еуромакс“ неколку години неуспешно ја тужеше Владата, судовите до неодамна ги одбиваа тужбените барања. Меѓутоа, откако Назиф Дестани од „Еколог“ преку неговата холандска фирма стана еден од мнозинските акционери во канадската компанија, судовите, а и  Владата брзо се предомислија.

На нашите прашања поврзани со овој случај, од Владата и од Министерството за економија велат дека постапувале по основ на пресуда на Управниот суд и дека нема да дадат дозвола за експлоатација на руда без консултација и одобрение од локалното население.

Целиот одговор од Владата ТУКА.

Активистите од „Здрава котлина“ сметаат дека „Иловица“ е еколошка бомба којашто може да нанесе непроценлива штета на целиот регион. Според нив, ако се реализира проектот инвеститорот ќе заработи милиони евра, а на жителите ќе им остане хидројаловиште каде што ќе се депонира рудничкиот отпад по извршената флотација за одделување на бакарот и златото. Тие се решени да стопираат отварање на рудникот по секоја цена и веќе најавуваат протести против владината одлука за спојување на концесиите.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

Сподели