fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
sudot go donese ekolog na nazif destani na cekor od otvoranje na rudnikot ilovica featured

Судот го донесе „Еколог“ на Назиф Дестани на чекор до отворање на рудникот Иловица

  • Управниот суд ја уважил тужбата на „Еуромакс Рисорсес“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, но не и за спојување на двете концесии за оваа локација.
  • Како аргумент е искористен фактот што Министерството за економија го прифатило Барањето за издавање дозвола за експлоатација како навремено пред да го отфрли поради некомплетна документација.
  • Тетовецот Назиф Дестани, основач на компанијата „Еколог“ преку негова фирма во Холандија на 24 јануари годинава вложил три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс“.
  • Само петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.
  • Активистите од „Здрава котлина“ се сомневаат дека на ова влијаело тоа што Дестани е човек близок до владејачката ДУИ и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко.

Управниот суд ја уважил тужбата на „Еуромакс Рисорсес“ (Еуромакс) против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, дознава „Дома“. Пресудата следува откако Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување. Овој потег кај граѓанските активисти од „Здрава котлина“, кои се против отворање на рудници во струмичко поттикна сомнеж за политичко влијание во процесот.

sudot go donese ekolog na nazif destani na cekor od otvoranje na rudnikot ilovica 3

Целата пресуда на Управниот суд со која се обврзува Влада повторно да одлучува за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“

Управниот суд не го прифатил второто барање од тужбата на „Еуромакс“ да се задолжи Владата да донесе одлука за спојување на двете концесии за оваа локација.

Сепак, со одлуката на судот, за судбината околу отварањето на рудниците за бакар и злато во струмичко повторно треба да одлучува Владата.

Од готово-вересија

Долгогодишната битка на екологистите од „Здрава Котлина“ на 17 декември 2019 година личеше на добиена откако Владата соопшти дека е донесена одлука за раскинување на договорот за концесија. Образложението за ваквиот потег беше тоа што инвеститорот во предвидениот рок не поднел барање со комплетна документација за добивање дозвола за експлоатација на минерални суровини, односно четири години по склучувањето на договорот. Власта на тогашниот премиер Зоран Заев тоа го прикажа како голем успех и потврда дека се грижи за здравјето на граѓаните, а ден подоцна се пофалија и од струмичкиот огранок на СДСМ.

sudot go donese ekolog na nazif destani na cekor od otvoranje na rudnikot ilovica 1

Но, компанијата „Еуромакс“ не се откажа и поднесе тужба против одлуката којашто ја смета за неоснована. Управниот суд во 2021 година донесе пресуда со којашто тужбата ја отфрли како неоснована. „Еуромакс“ поведе постапка и пред Вишиот управен суд, каде што во февруари годинава беше донесено решение со коешто жалбата на инвеститорот беше уважена и предметот беше повторно беше вратен пред понискиот суд.

Чудна коинциденција

Ваквиот расплет, заедно со промените во сопственичката структура на „Еуромакс“ го вклучија алармот кај активистите од „Здрава Котлина“ дека се прави обид со политичка поддршка да се протурка проектот.

„ДОМА“ веќе пишуваше  дека тетовецот Назиф Дестани, основач на компанијата „Еколог“ преку негова фирма во Холандија на 24 јануари годинава вложил три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс“ која сака да отвори рудник на бакар и злато кај месноста Иловица во струмичко. Всушност, само петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија, која подолг период пред македонските судови се жали на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.

Активистите од здружението „Здрава котлина“, кои се против изградба на рудникот „Иловица“ се сомневаат дека не е случајно што судот донел одлука во корист на „Еуромакс“ само две недели откако Дестани преку холандската фирма станал еден од поголемите акционери во канадската компанија. Според нив, Дестани е човек близок до владејачката ДУИ и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко.

nazif destani ekolog

Назиф Дестани е основач на „Еколог“ и на компанијата „НД Груп“, која на почетокот на годинава стана мнозински акционер во „Еуромакс“

Дополнителен сомнеж кај нив фрли и тоа што член на Вишиот Управен суд е Субхи Јакупи, поранешен член на ДИК на предлог на ДУИ.

gorgi tanusev aktivist od zdrava kotlina„Поранешниот политички активист на ДУИ сега во судската тога дели правда и веќе имаме нови постапки, кои всушност укажуваат на тоа колку нашето судство не е независно. „Еколог“ – најголемиот донатор на ДУИ реши да инвестира и многу е јасно преку механизам се доста сигурни дека ќе ја добијат концесијата и ќе ги вратат парите. Типична трговија со влијание, со корупција, како сакате“, рече Ѓорѓи Танушев, активист од „Здрава котлина“ и советник во Општина Струмица.

Управниот суд го смени мислењето

Образложението на Вишиот управен суд за враќање на случајот на повторно одлучување беше дека не била одржана јавна расправа. Управниот суд во март, годинава на новото рочиште ги послушал насоките, а на јавната расправа, претставникот на „Еуромакс“ рекол дека се барало спојување на концесиите пред да се поднесе барање за издавање дозвола за експлоатација. Претставникот на тужената страна-Владата останал на ставот дека владината одлука за едностран раскин на концесијата е оправдана оти барањето за издавање дозвола за експлоатација не било комплетно. Управниот суд сега застанал на страна на концесионерот.

sudot go donese ekolog na nazif destani na cekor od otvoranje na rudnikot ilovica 2 1

Активистите од „Здрава котлина“ сметаат дека „Иловица“ е еколошка бомба

„Тужителот, барањето за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини го поднел на 25.07.2016 година, односно во период од неполни две години од денот на склучување на Договорот за концесија бр.24-4563/1 од 23.09.2014 година, кој Договор еднострано се раскинува со сега оспорената Одлука, со образложение дека концесионерот нема поднесено барање за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на истиот. Оттука, Судот утврди дека наведеното Барање за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини е поднесено во законски пропишаниот рок, се вели во пресудата на Управниот суд.

Управниот суд како аргумент го искористил фактот што Министерството за економија го прифатило Барањето за издавање дозвола за експлоатација како навремено пред да го отфрли поради некомплетна документација.

Активистите од „Здрава котлина“ сметаат дека „Иловица“ е еколошка бомба којашто може да нанесе непроценлива штета на целиот регион. Според нив, ако се реализира проектот инвеститорот ќе заработи милиони евра, а на жителите ќе им остане хидројаловиште каде што ќе се депонира рудничкиот отпад по извршената флотација за одделување на бакарот и златото. Тие се решени да стопираат отворање на рудникот по секоја цена.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски