fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Тажната приказна за езерото Младост

Тажната приказна за езерото „Младост“: Наместо смарт, стана смрт

  • Езерото Младост како да е покриено со килим, глетката е лоша, а смрдеата што се шири е неподнослива.
  • Група еко-активисти пред еден месец побарале одговор од властите за состојбата на езерото, но на 10 јуни, Центарот за јавно здравје Велес, објавил резултати според кои тоа е безбедно за капење.
  • Еден месец подоцна Хидробиолошкиот завод во Охрид го вклучи алармот за „Младост“.
  • ДОМА дојде до документ од август лани, во кој Државниот инспекторат нотирал истото што и сега – дека фекалии го гнасат езерото и дека состојбата со водата е сериозна и мора да се преземат итни мерки.
  • Пред четири години, тогашните власти помпезно го најавија проектот за смарт езеро за што добија 55,5 милиони денари грант од ЕУ.

Пладне е, 30-тина степени. Белма и Амина од Горно Оризари по пет години се враќаат на нивното омилено место за рекреација, езерото Младост во Велес. Подготвени се со СУП – даска и гума за пливање. Но, иако местото им е познато од претходно, сепак нешто им е чудно. Вообичаениот влез во езерото сега е невообичаено загаден. Глетката е лоша, а смрдеата од езерото за кусо време прави леплива слуз во носот. Но, не се откажуваат.

„Претходно сте доаѓале тука?

-Не сум, пет-шест години.

-И сега различно ли е?

-Да, многу!“, ни одговорија двете девојки.

Езерото Младост како да е покриено со килим. И езерската трска сведочи за исушена непозната маса која мириса. Осамен капач ги игнорира кафените дамки и се разладува во водата.

ЦЈЗ Велес во јуни го прогласи за безбедно за капење

За активистот и советник, Игор Смилев ова не е изненадување. Со неговите пријатели ваквата глетка ја забележале уште пред еден месец откако познаници им алармирале дека нешто чудно се случува со велешкото езеро. Побарале одговор од властите, бидејќи се посомневале дека водата е опасна за користење, но демант на сомнежите им стигнал на 10 јуни, кога Центарот за јавно здравје Велес, објавил резултати од анализата во која се тврди дека езерото е безбедно за капење.

Според резултатите, кои ги содржат констатираните вредности и референтните вредности, анализираната мостра на вода во однос на микробиолошките индикатори е оценета за одлична, додека по хемиските параметри одговара на четврта класа по присутна матност, на трета класа по сатурација, сув остаток и амонијак, додека по останатите испитани параметри е во втора и прва класа.

Извештај од ЦЈЗ Велес за состојбата на водата во Езеро Младост

На 10 јуни Центарот за јавно здравје од Велес објави резултати со кои се тврди дека езерото е безбедно за капење

Центарот за јавно здравје Велес напоменува дека од извршените испитувања и стручна анализа може да се заклучи дека водата на езеро „Младост“ на мерно место „Градска плажа 1“ може да се користи за капење и за рекреација и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на капачите.

Освен лошата глетка, од езерото се шири и неподнослива реа

За еко-активистите ова било аларм дека анализите на институцијата која треба да го штити здравјето на граѓаните не се совпаѓаат со она што се гледа и се чувствува.

„До пред еден месец не се знаеше и беше дефинирано како непозната материја. Од непозната материја, одеднаш се демистифицираше, се разви маглата и ова се фекалии, умрени алги и дел од целокупниот растителен свет во едно. Ова е производ на умирањето на езерото Младост и ова е неговиот последен стадиум“, вели Смилев.

Гневни и разочарани, Игор и неговите еко-соборци ја потврдиле тезата откако пристигнале резултатите од Хидробиолошкиот завод во Охрид. Еден месец по извештајот на Центарот за јавно здравје во Велес, од институцијата во Охрид укажуваат на сосема спротивното. Во заклучоците стои дека водата е со лош квалитет, ризична за опстанокот на живиот свет во акумулацијата и ризична по здравјето на капачите, како и за останатата намена за потребите на хуманата популација.

Хидробиолошкиот завод во Охрид по еден месец од велешкиот ИЈЗ го вклучи алармот за „Младост“

Но, симптоматично е како двете институции речиси во ист временски период измериле вредности за истото езеро кои драстично се разликуваат.

Неколку дена подоцна, на 30 јули, на прес-конференција, директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски ги презентираше податоците од анализата на водата на езерото Младост. Резултатите се совпаднаа со оние на Хидробиолошкиот завод и покажаа дека фекалии се влеваат во велешкото езеро и покрај тоа што функционира дел од колекторскиот систем.

„Покрај тоа што функционира дел од колекторскиот систем истражувањето и анализите покажаа дека имаме фекално загадување, а тоа е од антропогеното влијание на човекот во овој дел. Водите од целиот колекторски систем потоа завршуваат во Вардар, значи не се третираат. Како што е и во нашата метропола каде што сите фекални води завршуваат во Вардар“, изјави Стојковски на 30 јули годинава.

И заклучокот на Државниот инспекторат за животна средина е дека загаденоста негативно влијае врз опстанокот на животинскиот свет во езерото и водата не е безбедна за капење и рекреирање. Микробиолошката загаденост е од петта категорија.

taznata prikazna za ezeroto mladost 6 1

Не добивме одговор од Општина Велес дали ова се условите во кои треба да се одржи пливачкиот маратон на „Младост“ во септември

Градоначалникот на Велес, Марко Колев не одговори ниту на повиците, ниту на пораките. Но, две недели по прес-конференцијата на инспекторатот, напиша пост на Фејсбук со кој најави дека ќе се постават табли околу езерото за да не се користи, согласно препораките и оти го вознемириле резултатите од институциите кои покажаа дека „Младост“ е во очајна состојба. 20-тина дена по препораките на Хидробиолошкиот завод да не се користи езерската вода, општинските власти молчеа, а граѓаните беа оставени да се рекреираат и да пливаат во езерото.

Сепак, не добивме одговор и дали ќе се одржи маратонот во пливање што Општината планира да го организира кон крајот на летото.

И лани ова време во „Младост“ пливале фекалии

Но, ДОМА дојде до документ од лани во август, во кој Државниот инспекторат го нотирал истото – дека фекалии го гнасат езерото Младост и дека состојбата со водата е сериозна и мора да се преземат итни мерки.

Државниот инспекторат за животна средина и лани констатирал дека во „Младост“ пливваат фекалии и дека водата не е исправна за капење

Ваквите извештаи во кои не се крие вистината се нижат, не се преземаат никакви мерки, ниту пак се казнуваат виновниците кои загадуваат и институциите кои ги донесуваат во заблуда граѓаните кои сакаат да уживаат во водата на Младост.

„Ова е се собрано од 30 години негрижа на човекот, на институциите, на системот и на сите граѓани кои што биле дел од овој поранешен еко систем, така наречено велешко езеро Младост. Мртва е визијата на нашите претходници од 63-та година кога го градеа. Имаа сопствена визија за развојот на ова езеро. Ова е пропаднатата верзија на ЕУ“, вели Смилев.

Пред четири години, тогашните власти помпезно го најавија проектот за смарт езеро. Со 62 милиони денари од кои 55,5 милиони денари грант, а останатите обезбедени од општина Велес, најавуваа дека езерото Младост станува смарт езеро и ќе биде прва иновативна туристичка атракција во земјава.

taznata prikazna za ezeroto mladost 7 1

Од најавата за смарт, за 4 години се претвори во смрт езеро

„Еден од најголемите проекти што го реализираме е проектот ‘Смарт езеро Младост‘, финансиран од Европската Унија во вредност од над еден милион евра. Проектот веќе го менува пејзажот околу езерото Младост, кое што настојуваме да го развиеме во најзначаен транзитен туристички центар во земјата“, изјави тогашниот градоначалник на Велес Аце Коцевски на 31 декември 2020 година.

По помалку од четири години од новогодишното обраќање на ексградоначалникот Коцевски, смарт клупи има, стои и портата од еко-кампот како во тогашните 3Д анимации иако и покрај европските пари е дадено на јавно приватно партнерство, но има и фекалии и ѓубре и сѐ помалку вода.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерија Топалова Дејановска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Ристо Душковски