- Државниот инспекторат за животна средина работи со минимален број инспектори (само 15), а повеќе од 50% од општините немаат назначено овластени инспектори за животна средина.
- Владата предложи закон со кој се укинува Инспекцискиот совет, а неговите вработени се интегрираат во Министерството за јавна администрација.
- Надлежноста за инспекции се префрла кон Државниот инспекторат за животна средина, кој ќе функционира во рамки на Министерството за животна средина.
- Инспекциските служби ќе бидат дел од институција која носи стратегии и политики во областа, што отвора прашања за нивната објективност и независност.
- Со укинувањето на Инспекцискиот совет се укинуваат и претходните реформи: е-инспектор и онлајн пријавување.
- Укинувањето на тела, на агенции или транформација и спојување на институции изминатите месеци беше најчестиот начин на кој новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја рекомпонираше државната администрација.
„Крпиме крај со крај“. Вака директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска ја опишува борбата за чиста и здрава околина, алудирајќи на малиот број инспектори со кои работи институцијата што ја води. На платен список се точно 15 луѓе. Оваа оскудна бројка наскоро ќе се намали за уште еден и ќе станат 14, бидејќи единствениот државен инспектор во Битола заминува во пензија.
Во 2024 година, имале обид да вработат нов кадар, но од Министерството за финансии не им го одобриле барањето. Но, ова не е единствениот случај. Освен Државниот инспекторат, според Законот за инспекциски надзор во животната средина, сите општини имаа законска обврска до крајот на 2022 година да назначат минимум еден инспектор и исклучиво за животна средина. Во моментов, повеќе од 50 отсто од општините немаат назначено овластени инспектори за животна средина.
Општинските Инспекциски служби се целосно неекипирани, како кадровски така и технички со неопходни средства и возила и недоволно спроведени соодветни обуки.
Решавање или продлабочување на проблемот
На крајот на минатата година, министерот за администрација, Горан Минчев, на прес- конференција извести дека предлагаат решенија за клучните законски предлози кои претставуваат пресвртница во управувањето со јавниот сектор и јавната администрација. Истакна дека предлагаат пакет од четири закони и тоа:
- Законот за вработени во Јавниот сектор
- Законот за административни службеници
- Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници
- Законот за инспекциски надзор
„Го укинуваме постоењето на Инспекцискиот совет како правен субјект, ја потврдуваме заложбата на оваа Влада за намалување на дел од функционерските позиции, со што обезбедуваме заштеда од 255.000 евра годишно, директно во државниот буџет и воедно ги зајакнуваме капацитетите на Министерството за јавна администрација преку интегрирање на вработените од Инспекцискиот совет во рамки на нашето Министерство, со што испраќаме јасна порака – јавната администрација е тука за граѓаните, не за партиските интереси“, рече Минчев.
Потегот го нарече рационализација и заштеда на буџетски средства, а со новиот предлог-закон за инспекциски надзор, Минчев рече дека го покажувале нивниот сериозен пристап кон реформите што ги ветиле пред граѓаните. Рече дека ваквите измени се оправдани оти се дел од барањата на Европската комисија, нотирани во сите извештаи како барање за реформи во администрацијата.
Нејасно е како првиот административец смета дека треба реформското кратење да почне токму од инспекцискиот систем кој и онака се соочува со недоволен капацитет и тоа во време кога сите статистики покажуваат енормно загадување и потреба од интервенции за заштита на животната средина.
Минчев рече дека постои потреба од менување на системот на инспекциски надзор во животната средина со што ќе се поедностави неговото спроведување преку давање на оваа надлежност на Државниот инспекторат за животна средина и на централно и на локално ниво, преку формирање единствен систем за инспекциски надзор во животната средина.
Инспекцискиот совет беше предмет на критики пред изборите дека е составен со членови избрани од СДСМ и од ДУИ и дека станал извор на корупција и незаконитост. Укинувањето на тела, на агенции или транформација и спојување на институции изминатите месеци беше најчестиот начин на кој новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја рекомпонираше политички, во свој интерес, државната администрација за да не биде обвинета за партизација.
Што всушност значат измените?
Со укинувањето на Инспекцискиот совет всушност се укинуваат сите реформи што беа направени претходно, како е-инспектор, онлајн пријавување и слично, кои беа дел од лиценцниот систем од 2014 година.
Но, согласно измените во Законот за инспекциски надзор и Законот за инспекциски надзор во животната средина од крајот на декември 2024 година, кога во Собранието беа донесени со 65 гласа ЗА и ниту еден против, започната е постапка за спогодбено преземање на сите 26 вработени (22 инспектори и 4 административни службеници) во Инспекторатот од страна на МЖСПП. Во иднина ДИЖС и натаму останува орган во состав на Министерството како и сите државни инспекторати, но без правен субјективитет и буџет од прва линија. Буџетот ќе биде во рамки на МЖСПП како посебна ставка во истиот, а постапките околу јавните набавки, финансиските и сметководствени прашања, слободен пристап до информации од јавен карактер ќе се реализираат преку МЖСПП.
Долгогодишен член на европските мрежи за инспекција и безбедност
Врз основа на Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата (Службен весник на РМ бр.69 од 23.12.1996 година) формиран е тогашниот Републички инспекторат за заштита и унапредување на животна средина и природата како орган во состав на тогашното Министерство за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина. Инспекторатот веќе 18 години (од мај 2006 година) е член на Европската инспекторска мрежа за животна средина Impel. Преку платформата Empact (European Multidisciplinary Platform Against Criminal Threats учествува во активностите на Европол и Интерпол и партиципира во извештајот Socta (Serious and Organised Crime Threat Assessment). Заедно со македонското Здружение на јавни обвинители има статус на набљудувач во европската мрежа на обвинители за животна средина.Сите овие измени се случуваат кога довербата на граѓаните во системот е многу мала бидејќи квалитетот на воздухот речиси и да не се подобрува, а инспекторите се многу малку на број за да можат да ги контролираат сите капацитети и соодветно да казнуваат.
Оваа измена важи за сите 15 државни инспекторати во државата.
По 10 години независност, инспекторите се враќаат чекор назад. Надлежните,пак, сметаат дека овие реформи ќе направат „силно, централизирано тело, кое ќе врши инспекција на состојбите во животната средина се предвидува со новата програма за заштита на животната средина“.
Советникот на премиерот за екологија, Даме Димитров посочува дека се прави посебен правилник кој предвидува надлежноста за инспекција на влијанието врз животната средина на сите загадувачи да биде сместена во едно заедничко тело.
„Сега се прави посебен правилник. До сега се велеше дека капацитетите биле слаби или ангажираноста била слаба или можностите биле слаби на инспекторатите. Сега во пракса ќе се предвиди едно силно, централизирано тело кое што ќе се занимава со инспекција во животната средина коешто ќе може на сите објекти и по вертикала и по хоризонтала да може да прави инспекција да не си предаваме надлежности или да не си даваме можности за образложенија не е моја надлежност“, вели Димитров.

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити вели дека дека е свесен оти Инспекторатот не располага со доволен број инспектори и дека треба да се работи на решавање на тој проблем.
„Инспекторите веќе се на терен. Има и казни. Но, има потреба и да се зголеми бројот на инспекторатот бидејќи мал е бројот за да се опфати цела Македонија“, рече Меџити по обраќањето на конференцијата за животна средина во декември 2024 година.
Сепак, ваквата реформа отвора нови прашања, колку инспекциските служби во рамки на Министерствата ќе можат независно да ја вршат својата работа, имајќи предвид дека се дел од институција што е задолжена да води стратегии и политики во областа. Инспекциските служби, меѓу другото, вршат контрола на издадените управни акти од министерствата и општините. Неизвесно е како ваквите реформи ќе донесат резултати, со оглед на тоа дека се осипува и така оскудната бројка на инспектори.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Фотографии: Дарко Андоновски
Монтажерка: Мајда Бошњак Атанасовска
Хроничен недостиг од инспектори во животната средина
Животната средина е плодна почва за корупција