Велес ја губи и онаа малку вода што остана
- Бабуна, од моќна река, во долниот тек, не само што ја губи јачината, туку едноставно исчезнува.
- Според сеќавањата на жителите Бабуна почнала да пресушува уште од 1998 година.
- Недопирливоста во ова место оди до таму што јавно се продаваат дивоградби на оглас.
- Освен што ја снемува, онаа малку вода што е останата според Центарот за јавно здравје е и загадена и не се препоррачува ни за рекреација ни за наводнување.
Водопадот на Бабуна е едно од поскапоцените природни места во нашата земја. Вода која воодушевува со моќта и брзината со која се спушта пред човековото око. Но, овој дел на Бабуна е значаен простор и поради своите природни и хидролошки вредности. Веќе со години овој дел од реката се наоѓа на неколку референтни листа на локалитети за потенцијална заштита.
Но тешко се ужива, а уште помалку некој се грижи за заедничкото добро кај нас. Па така Бабуна, од моќна река, во долниот тек, не само што ја губи јачината, туку едноставно исчезнува.
Во коритото на Бабуна, направивме прошетка со 71 годишниот велешанец Тодор Наумов. Се претстави како чичко Тошо. Тој од 1992 година, по затворањето на фабриката „Порцеланка“, егзистенција нашол покрај оваа река, обработувајќи мало парче земја.
„Беше добро, имавме вода, имавме сѐ. Работи – ќе добиеш. Земјата не е арамија. Таа секогаш ќе ни даде ако ние ѝ дадеме барем малку. Но оваа година е многу лоша, не можеме ништо. Сѐ е суво, сѐ се упропасти. Отиде. Сушата, климатските промени си го прават своето, таква ситуација е дојдена“, раскажува нашиот соговорник.
Според сеќавањата на чичко Тошо, Бабуна почнала да пресушува од 1998 година. Во меморијата му останала една фотографија од далечната 1972 година, на Горна Бабина Рупа, кога на 2 Август се фотографирал на снег. Но веќе одамна, а особено после 2000 година, снегот тука е ретка појава дури и во зимските месеци. Тажен за сликата, лут на природата, овој вљубеник во Бабуна е искрен дека сериозна улога за пресушувањето на реката одиграл и човекот.
„Сѐ е изградено, сѐ е дива градба. Најмногу ја обвинувам власта. Уште во 70-тите години, кога се направија првите куќи во горниот дел Пешти, мали куќички, колиби и се разработи земјата, инспектори од Скопје му реагираа на велешкиот инспектор зошто не дале предупредување и забрана да се гради ова?! Но, така остана. Никој не презеде ништо. Кога ќе одите нагоре, ќе видите како е, нема ни каде да поминеш од изградените куќи, од оградени места… Секој си барал егзистенција ама во последно време сѐ е луксуз. Tоа сме ние, беснееме. Ќе видиме некој денар повеќе и мислиме дека сме успеале“, вели чичко Тошо.
Недопирливоста во ова место оди до таму што јавно се продаваат дивоградби на оглас.
Но, и за луксуз треба знаење.
„Бабуна е загадена. Изметот од сите куќи каде оди? Сето тоа е во Бабуна! Можете да видите горе, на 5 метра бунар за вода, па септичка јама. Овие луѓе кои дошле овде наводно да уживаат, не размислуваат за своето здравје“, ни раскажува чичко Тошо.
Ставот на Наумов не е само лична констатација. Примероците од испитувањата на Центарот за јавно здравје во Велес за квалитетот на водата на река Бабуна на местото Прва плажа земени на 4 јули покажале дека таа е бактериолошки неисправна и не може да се користи за капење, рекреација и наводнување на земјоделски површини.
Но Бабуна не е единствената главоболка за велешани. Од Центарот за јавно здравје во истиот период направиле мерења и на реката Тополка, а во извештајот стои дека водата и од оваа река не се препорачува за користење и рекреација.
Велешани одамна не можат да сметаат ниту на Вардар, иако градските рибари не се откажуваат. Сепак, реката во овој дел не е за употреба.
Сепак, се чини најсериозна е ситуацијата со езерото Младост за кое сте институции во државата, потврдија дека езерото се наоѓа во критична состојба. Него забрзано го убиваат антропогените притисоци врз животната средина. Стручните мислења се дека брзата урбанизација која не е проследена со соодветна инфраструктура (канализација и пречистување на комуналните отпадни води) доведува до фекално и органско загадување на површинската вода од акумулацијата, а со тоа доаѓа до еутрофикација, односно изумирањето на езерото.
„Без вода нема живот. Ние луѓето сме виновни за сѐ. Затоа што ние не знаеме да го зачуваме тоа што го имаме“, заклучува нашиот соговорник Тодор Наумов.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории:
Тажната приказна за езерото „Младост“: Наместо смарт, стана смрт