fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
zhrtvi sme na maheri na propaganda featured

Жртви сме на махери на пропагандата

Жртви сме на махери на пропагандата

Нафтените компании со години ги оспоруваа климатските промени, а денес се први поборници за зелена енергија

Сомнежот во климатските промени денес е сè уште присутен иако ефектите од овој феномен се видливи преку зачестената појава на екстремни температури, поплави и суши. Голема улога во одржувањето на негаторскиот однос кон климатските промени има пропагандата на нафтената индустрија, која е меѓу главните причинители за глобалното затоплување. Иако одамна се свесни дека согорувањето на фосилните горива има штетно влијание врз природата, големите нафтени компании повеќе од половина век активно работат на продолжување на нивната употреба користејќи различни медиуми за да влијаат врз свеста на светската популација. Нивната проникливост во дистанцирањето од одговорност и во дефокусирање на јавното мислење низ годините е доведена до совршенство. Нафтената пропагандна машинерија покажа дека е способна да наметне нова терминологија и фразеологија, како и да ги искривоколчи фактите за да ја префрли вината за климатските промени на друга адреса. Поради тоа, чувството на горчина е неизбежно кај секој што ќе осознае дека зад симпатичните „едукативни“ анимирани филмови за деца, истражувања и реклами кои носат пораки за заштита на природата се кријат милиони на големите нафташи. Тие не жалат пари за прикриена пропаганда што ќе им овозможи експлоатација на фосилните горива сè додека не бидат исцрпени сите резерви.

„Добрите момци“

Уште во дваесеттите години од минатиот век, кога климатските промени беа непознат феномен, големите играчи од нафтената индустрија инвестираа многу за да изградат имиџ на „добри момци“ кои го движат светот. Тоа е еден од основните постулати во маркетингот на нафтената индустрија, што се провлекува со децении наназад, а се користи и денес. Во плановите да се оформи позитивна слика за нафтениот бизнис не се изоставени и децата.

Еден од најраните примери за видео-пропаганда на нафтената индустрија датира од 1956 година и ги таргетира токму најмладите. Станува збор за „Destination Earth“ (Дестинација Земја) – научно-фантастичен анимиран филм спонзориран од Американскиот институт за нафта, коj е формиран во 1919 година и до денес е меѓу најголемите лобисти за американската нафтена индустрија.

Во филмот се објаснуваaт основите на нафтената индустрија и како нафтените продукти го збогатуваат секојдневниот живот во Соединетите Американски Држави | Извор: Oil Industry Propaganda Cartoon Destination Earth 1956 – Best film archives

Анимираниот филм ги следи авантурите на Полковник Космик, патник од Марс, додека дознава дека нафтата и конкуренцијата се двете работи кои ја прават Америка голема.

Во краткиот осврт за филмот објавен на јутјуб каналот на „Best film archives“ се забележува дека тој е направен за време на Студената војна и дека во него се споредува економијата на слободните претпријатија на Земјата односно во САД со стагнирачкиот Марс кој е воден под тупаница на извесен Г. Ог, диктатор кој ја контролира тамошната економија. Очигледно е дека црвената планета, многу личи на Советскиот Сојуз, а Ог, тоталитарниот лидер, личи на Сталин. Јунакот на филмот – Полковникот Космик, кој лета од Марс до Земјата, всушност е на разузнавачка мисија. Тој открива дека недостигот од владина контрола е она што го прави американскиот систем да цвета. Полковникот Космик се враќа на Марс и иницира револуција, соборувајќи ја Владата на Ог. Наскоро, многу мали бизниси почнуваат да работат со дупчење нафта, а Марс почнува да личи на Земјата.

„Дизни“ го позајми Мики Маус на „Ексон“

Добар пример за обидот да се влијае врз најмладите е стрип на „Дизни“, од осумдесетите години на минатиот век кој направен во соработка со нафтената компанија „Ексон“. Во стрипот главни јунаци се познатите Мики Маус и Шиљо, кои одат на Аљаска за да гледаат како се црпи нафта од бушотините. Во стрипот се прави обид се да се претстават сите постоечки видови на енергија, но очигледно се дава предност на нафтата, а како проблематични односно несигурни се карактеризираат енергијата од ветрот и од сонцето.

Легенда: „Ексон“ користејќи ги омилените анимирани ликови го освојува симпатиите на најмладите и ја глорифицира нафтената индустрија | Извор: Heatedworld

Како што посочува „Rigged“, „Ексон“ не е единствената компанија што користела стрипови за да допре до младите. Во 1970-тите, американскиот нафтен гигант „Амоко“, кој подоцна беше купен од „Бритиш Петролеум“ објави стрип за Моканците, примитивни луѓе, кои сакаат да прават непристојни работи како користење на обновлива енергија.

naftena propaganda mokanci

Стрипот со Моканците покажува дека нафтената пропаганда била подготвена да кокетира со расизам | Извор: Rigged

Стрипот е објавен како дел од студиски водич за ученици од 7 до 12 одделение кои учат економија. „Амоко“ обезбедил 40.000 примероци од стрипот за државните училишта во Индијана.

Понатаму, во шеесетите и седумдесеттите години од минатиот век, водејќи се од принципот „улови ги додека се млади“, нафтените компании редовно ја вметнуваат нивната пропаганда во литературата за деца и во училишните материјали.

Потсмев со вистината

Претставниците на водечките компании од нафтената индустрија и на Владата на САД уште во 1959 година на симпозиум во организација на Американскиот институт за нафта и на Бизнис школата Колумбија биле предупредени дека употребата на фосилните горива предизвикува глобално затоплување коешто во иднина може да има катастрофални последици по климата и човештвото. Физичарот Едвард Телер во таа прилика многу јасно го предвидел тоа што ни се случува денес – загревање на атмосферата и топење на глечерите. Тој укажал дека се заканува пораст на нивото на океаните и дека демне опасност од поплавување на големите градови на крајбрежјето на САД.

naftena propaganda reklama so glecher na hambl

Сознанијата за климатските промени искористени за реклама на една од најголемите нафтени компании во светот | Извор: Гардијан

Неколку години подоцна, во 1962 година компанијата „Хамбл“, денешен „Ексон“ во популарниот магазин „Лајф“ пласира реклама во која се фали дека секојдневно снабдуваат енергија во обем доволен да се стопи глечер од седум милиони тони.

Всушност, оттогаш почнува да се вжештува пропагадната машинерија на нафтената индустрија која што во годините што следуваат се менува како камелеон пропорционално со освестувањето на научната фела и на се поголем број луѓе за проблемот со климатските промени.

Подмолни игри

Големите компании од нафтената индустрија одамна самите ангажирале научници да вршат истражувања во однос на влијанието на употребата на фосилните горива врз климатските промени. Доказ за тоа е документ од 1979 година од истражување на научниот тим на „Ексон“ во кој се вели дека „сегашните трендови на согорување на фосилни горива со акцент на јагленот ќе доведат до драматични светски климатски промени во следните 75 години“. Овие сознанија долго време биле добро чувана тајна.

naftena propaganda dokument od istrazuvanje na ekson

Во документот се нагласува потребата од понатамошни истражувања за овој проблем | Извор: Climatefiles

Сепак, и покрај раните предупредувањата на научниците уште од шеесетите години од минатиот век, големите нафташи не штеделе пари за негирање на фактите и за дефокусирање на јавноста од проблемот со климатските промени. Добар пример за тоа е документарниот филм „Heritage of Splendor“ (Величенствено наследство) од 1963 година во продукција на „Ричфилд оил корпорејшн“.

Прикриената пропаганда на нафташите има длабоки корени | Извор: Heritage of Splendor (1963)- Prelinger Archives

Во филмот во кој главен наратор е поранешниот американски претседател и актер Роналд Реган се опишуваат природните богатства на САД, се потенцира разумната употреба на нафта и поволностите што ги овозможува нафтената индустрија, а како главен проблем за загадувањето на природната средина се потенцира фрлањето отпадоци.

Нивната негаторска пропаганда зема замав кога сè повеќе независни научници потврдуваат дека користењето на фосилни горива води кон катастрофални последици. Преку финансирање невладини организации и тинк-тенкови од областа на екологијата нафтените компании стануваат се погласни во оспорувањето на климатските промени.

naftena propaganda doomsday cancelled

Реклами на здружението „Граѓани информирани за животната средина“ | Извор: Гардијан

Пример за тоа се рекламите објавени од здружението „Граѓани информирани за животната средина“ во САД финансирано од индустријата за фосилни горива. Во нив се негира постоењето на глобалното затоплување и со потсмев се вели дека „судниот ден е повторно одложен“

Префрлање на вината

На почетокот на 21 век, нафтените компании го менуваат својот пристап и наоѓаат начин вината за климатските промени да ја префрлат на обичниот човек. Тие ја пласираат  идејата дека луѓето можат да ги променат нештата менувајќи ги своите навики. Станува збор за рецепт кој веќе го користеа тутунската индустрија и потоа индустријата за пластика, која како решение го понуди рециклирањето, наместо да се ограничи и забрани користењето на пластика за еднократна употреба.

Еден од главните новитети во луцидната кампања за префрлање на вината е воведувањето на еколошкиот концепт за јаглероден отпечаток (carbon footprint). Имено, „Бритиш петролеум“ (БП) во 2004 година прв пат промовира калкулатор со којшто секое лице може да пресмета колкаво количество штетни гасови се емитираат при неговите секојдневни активности.

naftena propaganda bp kalkulator

Една од идеите на нафтената индустрија за дефокус на јавноста која станува мејнстрим | Извор: БП

Како што пишува Марк Кауфман за „Мешабл“ станува збор за една од најуспешните ПР измами во поновата историја, бидејќи придонела луѓето да се чувствуваат одговорни и виновни за климатска криза, која всушност е предизвикана од нафтената индустрија.

naftena propaganda jagleroden otpechatok

За кампањата која го промовира концептот на јаглероден отпечаток БП во периодот 2004-2006 година потрошил 100 милиони долари | Извор: БП

Деценија и пол подоцна, јаглеродниот отпечаток е насекаде. Агенцијата за заштита на животната средина на САД има сличен калкулатор, „Њујорк тајмс“ има водич  „Како да го намалите вашиот јаглероден отпечаток“, а терминот и мерењата станаа општоприфатени кај пошироката јавност.

Колонизација на академската средина

Еден од механизмите кои ги користат нафташите за ширење на својата пропаганда е ангажирањето на навидум независни научници кои ќе шират дезинформации во врска со климатските промени. Еден од нив е Вили Сун, астрофизичар при Опсерваторијата на Харвард кој во периодот од 2001-2012 добил повеќе грантови за истражувања во износ од 1,2 милиони долари од компании од индустријата за фосилни горива. Едно од неговите апсурдни тврдења е дека затоплувањето им годи на поларните мечки, бидејќи тие сакаат потенок мраз.

За опасноста од изобличување на научните сознанија за климатските промени преку финансирање на академски истражувања многу отворено предупредуваат Бенџамин Франта, докторанд од Станфорд, кој студирал и на Харвард и доктор Џефри Супран од МИТ во авторска објава во „Гардијан“.

„Може да забележите шема. Самите експерти за кои претпоставуваме дека се објективни, и самите центри на истражување за кои претпоставуваме дека се независни, се поврзани со самата индустрија за која јавноста верува дека објективно ја проучуваат. Покрај тоа, овие врски често се чуваат скриени. Да се каже дека овие експерти и истражувачки центри имаат конфликт на интереси е потценување: многу од нив постојат само поради индустријата за фосилни горива. Тие се индустриски проекти со изглед на неутралност и кредибилитет дадени од академските кругови“, се вели во нивната објава.

Тие откриваат дека по години спроведување на истражувања поврзани со енергијата на Харвард и МИТ, од прва рака се увериле дека оваа шема е системска.

„Финансирањето од „Шел“, „Шеврон“, „БП“ и други нафтени и гасни компании доминираат во истражувањето на енергетската и климатската политика на Харвард, а директорите за истражување на Харвард се консултираат со индустријата. Тоа се експертите задолжени да формулираат политики за спротивставување на климатските промени, политики кои го загрозуваат профитот односно постоењето на индустријата за фосилни горива“, велат авторите.

Вусшност, повеќе извори упатуваат дека нафтените компании годишно трошат стотици милиони долари токму за финансирање на истражувањата на катедрите на реномирани универзитети и дека годишно одвојуваат околу 500 милиони долари за лобирање што се покажа како успешна тактика со оглед на тоа што има многу примери на менување или одлагање на легислативите ширум светот кои се во насока на ограничување на употребата на фосилни горива.

Едно зборувај, друго прави

Целосен пресврт во пропагандата на големите компании од нафтената индустрија има во изминатава деценија. Тие одеднаш стануваат поборници за спречување на климатските промени и ветуваат инвестиции во обновливи извори на енергија. Станува збор за тнр. greenwashing (гринвошинг). Нивните реклами ставаат акцент на обновливи извори на енергија, иако сумите кои ги инвестираат во „зелени“ решенија се незначително мали во споредба со сумите инвестирани во фосилни горива.

Во поновите реклами на „Ексон“ се потенцира дека компанијата работи на решенија за климатските промени | Извор: Ексон

Слични се кампањите и на компанијата „Шел“. Во нив се порачува дека „светот минува низ неизвесни времиња и дека има итна потреба да се справиме со климатските промени“. Од компанијата велат дека имаат амбиција да станат енергетски бизнис со нето-нула емисии до 2050 година, или порано и дека главна цел е да ја задоволат побарувачката на  клиентите за почиста енергија, држејќи се во чекор со општеството.

„Шел“ во најновите кампањи потенцира дека се преоринтира кон одржлива енергија | Извор: Шел

Всушност, истражувањата покажуваат дека нафтените компании чии реклами се преполни со „зелена енергија“ одвојуваат само еден процент од мултимилионските инвестиции за овој сектор, а најголемиот дел од инвестициите и понатаму се во нови наоѓалишта на фосилни горива.

Карактеристично за „Шел“ е што користи и познати лица и инфлуенсери за да ја „продаде“ идејата за зелена енергија. Компанијата финансира риалити шоу во кое два тима од познати лица патуваат од едно до друго место, а победник е оној што ќе успее да допатува со помала емисија на штетни гасови.

„Шел“ користи познати луѓе и инфлуенсери за да промовира залагање за помала емисија на штетни гасови | Извор: Reasy

Социјалните мрежи се ново место за влијаније

Денес, пропагандата на нафтената индустрија главно зазема форма на реклами на социјалните мрежи. Според анализата на InfluenceMap во текот на 2020 година на Фејсбук имало повеќе од 25.000 вакви реклами. Станува збор за реклами кои го таргетираат американското население. Рекламите на шест европски нафтени компании заедно ги анализираат „DeSmog“ и „Гринпис Холандија“. Анализата опфаќа повеќе од 3.000 реклами и промоции на 4 платформи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб) во периодот од декември 2019 до април 2021. Заклучокот од анализата е дека сите компании вршат т.н. greenwashing.

Истражувањето „Words vs Actions“ објавено од „Гринпис“ се фокусира на рекламите и промоциите на нафтените компании. Ова истражување е значајно, бидејќи покажува дека и европските нафтени компании користат ист тип на пропаганда. Велат дека истражувањето само го потврдува генералниот тренд на компаниите – особено присутен во Европа по донесувањето на Европскиот зелен договор – пред јавноста и политичарите да ги претставуваат своите бизниси како бизниси погодни за климата.

Како најголем проблем со рекламите се истакнува веќе посочениот greenwashing. Поради тоа се јавува дискрепанца, односно како што сугерира насловот на истражувањето зборовите на нафтените компании не соодветствуваат со нивните акции. Со рекламите, нафтените компании го одвлекуваат вниманието од нивните екстремно штетни бизнис модели. Во истражувањето се поставува прашање за улогата на социјалните мрежи односно дали тие треба да им даваат пристап на големите нафтени компании.

„Климатската криза влијае врз повеќе човечки права и тоа, правото на живот, храна, соодветно домување и вода, хигиена и здравје…Со доказите дека климатската криза влијае врз човечките права, дали компаниите кои се одговорни за климатската криза и кризата на човечките права заслужуваат јавна платформа?“, се вели во истражувањето.

Валкани методи против нова легислатива

Независните истражувања покажуваат дека пропагандата на нафтената индустрија течела, и сè уште тече, плански. Во истражувањето на Унијата на загрижени научници се разобличуваат различните тактики на индустријата. Тие во својот извештај презентираат само седум од многубројните досиеја, кои се состојат од интерни документи на нафтените компании. Се констатира дека нафтената индустрија „се истакнува по употреба на активни и намерни дезинформации и лаги за да ги поддржи своите политички цели и да го одржи својот лукративен профит“.

Нафтената индустрија будно следи сè што би можело да претставува опасност за нив. Едно од досиејата се фокусира на случувања од 2009 година кога индустријата за јаглен испратила 13 лажни писма до членови на Конгресот непосредно пред гласањето за American Clean Energy and Security Act за намалување на емисиите на јаглерод. Писмата се лажирале за да изгледа како да доаѓаат од непрофитни организации. Со тоа, се злоупотребиле одредени групи граѓани бидејќи некој во нивно име лажно тврдел дека се против изгласувањето на законот. Не е тешко да се предвиди заклучокот на групата научници кои го спровеле истражувањето. Според нив, во Соединетите Американски Држави кампањите на нафтената индустрија многупати успеале да блокираат легислативи за справување со најлошите последици од климатските промени.

Европската Унија начелно се обврза од 2035 година да забрани продажба на автомобили со погон на фосилни горива, односно дека ќе дозволи само продажба на автомобили со нула емисија на CO2, што е знак за мала победа над пропагандата на нафтена индустрија на европско тло.

naftena propaganda soobrakjaj vo skopje

Ќе дочекаме ли целосен пресврт кај загадувањето од сообраќајот? | Фото: Дарко Андоновски

Сепак, енергетската криза, која беше предизвикана од војната во Украина на големо ја врати назад употребата на фосилна горива (пред се јаглен и мазут) за греење и за работа на индустријата.

Ако се земе предвид дека пропагандата и војната се како сестри-близначки, односно каде што ја има едната секогаш ја има и другата, оправдано е прашањето дали може ли да се отвори дебата за вистинските причини за рускиот напад на Украина и мудрото стоење на страна од овој конфликт на САД и останатите земји од Западот. Сигурно дека може, но речиси е сигурно дека тој што ќе ја почне дебатата веднаш ќе биде обвинет за ширење теории на заговор. Погодувате од кого?

 

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.

Сподели