fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
plastika za edna upotreba featured

Не сакаме да се откажеме од пластиката за еднократна употреба

  • По повеќе од една година од повторната забрана за употреба на пластични кеси, правиме анализа, дали имаме напредок во исфрлањето од употреба на пластиката за еднократна употреба.
  • Ако на почетокот тоа се случуваше тајно, сега на пазар слободно, речиси на
  • секоја втора тезга, се продаваат пластични кеси, а на рафтовите во маркетите доминираат пластичните чаши, чинии, сламки, лажици.
  • Според Европската стратегија за пластика, ова е најзастапен отпад на европските плажи и сочинуваат половина од вкупниот пластичен отпад.
  • Македонија може да стане првата земја на Балканот ослободена од пластика, но за тоа мора да се сменат законите, но пред се навиките на луѓето.

Законот за управување со пакување и отпад од пакување од 2013 година, предвидуваше забрана на употреба на пластични кеси. Со новиот Закон од 2021 година повторно се потенцира оваа забрана. Кесите требаше да бидат почеток, зашто целта е преку менување на навиките да се намали употребата на сите производи од пластика за една употреба.

Статистиката покажува дека пластиката за една употреба е вториот најзастапен вид на отпад во животната средина, по отпушоците од цигари. Еднократната пластика е релативно нов производ, но низ годините нејзините количини се мултиплицираат до тој степен што таа стана одлика на модерното живеење, зависнo од практичност. Дизајнирана да не може да се реупотребува, сортира и рециклира, тотално бескорисна и безвредна веднаш после првата употреба, еднократната пластика не придонесува за ништо друго освен за енормно натрупување отпад.

100 кеси за 120 денари

Земјите кои се трудат да ја исфрлат пластиката за еднократна употреба, овошјето и зеленчукот го пакуваат во мрежи или хартиени кеси. Кај нас тоа не е пракса, па затоа и најголемиот број граѓани се збунети – како да го носат производот без кеса.

„Па во мојот маркет каде што сум јас се почитува! Не ни даваат кеси! Овие на Зелено Пазарче не знам каков квалитет се но ми даваат и спанаќ и портокал и сѐ! Целта е добра, но како да се реши, спанаќот во што ќе ми го стави?“, вели еден од нашите соговорници.

Ако на почетокот тоа се случуваше тајно, сега на пазар слободно, речиси на секоја втора тезга, се продаваат пластични кеси. Ние купивме 100 парчиња за 200 денари, а имаше и „потенки“ за 120 денари.

Ништо не е поразлично ниту кај угостителите. Во пластичниот прибор за една употреба сѐ уште се гледа како најпрактична варијанта, бидејќи се уште не нашле соодветна замена.

Менувањето на навиките оди тешко. Најголемиот број граѓани сметаат дека законската наплата за биоразградливи кеси е за личен профит на индивидуалци. Малкумина сметаат дека намалувањето на нивната употреба е за нивно добро.

Суровини за добивање пластика, вклучително еднократна, се нафтата и земјениот гас од кои се создава евтин, лесен, еластичен, издржлив на влијанија… просто совршен производ… но, само доколку се занемарат фактите дека нафтата и земјениот гас се необновливи фосилни горива и се ограничени природни ресурси.

Оваа пластика е штетна и по човечкото здравје. Штом се наоѓа во околината, пластичното загадување се распаѓа во микропластика преку изложување на сонце и атмосферски влијанија. Микропластиката транспортира, апсорбира и ослободува опасни хемикалии низ околината. Штетните адитиви во пластиката истекуваат. Микропластиката се наоѓа и во воздухот, морските и слатководните живеалишта, копнените екосистеми, животните, нашата храна, водата за пиење и во нашите тела.

Најголемиот апсурд е што овие толку штетни производи имаат практична улога од само неколку секунди во нашиот живот, а тоа е да помешаат кафе (3 секунди), да послужат напиток (5 минути), да транспортираат други производи (15 минути) или пак да бидат обвивка на друг пластичен производ (1 секунда). Истата оваа пластика за една употреба, целосно се разградува за 500 до 1 000 години.

Далеку е ЕУ

Според последните податоци од Заводот за статистика, кај нас во 2020 година се произведени 5.037 тони само вреќи и кеси од пластични маси. Тоа е зголемено производство од 65 проценти во однос на 2010 година. Не е намалено ниту производството на останатите продукти од пластика за една употреба.

Сепак, користењето на пластика за една употреба е проблем од светски рамки. Годишно во светот се произведува околу 300 милиони тони пластика. Податоците покажуваат дека 40% од вкупното производство на пластика е само за една употреба, додека само 9 проценти од неа е рециклирана.

Прашањето за целосно исфрлање на пластиката за една употреба, стана еден од главните приоритети на Европскиот парламент што резултираше со усвојување на Директивата во јуни 2019, а на 3 јули 2021 стапи на сила во земјите членки.

ЕУ забрани 10 производи од пластика за една употреба: пластичните чинии, приборот за јадење, сламките, лажичките за кафе, стапчињата за балони, чепкалките за уши, како и чаши и садови за храна и пијалоци изработени од експандиран полистирен (попознат како стиропор). Според Европската стратегија за пластика, ова е најзастапен отпад на европските плажи и сочинуваат половина од вкупниот пластичен отпад. Ова говори дека скоро целото ѓубре по плажите, во морињата, но и кај нас – е пластика!

Иако од денешен аспект изгледа илузорно, преку менување на закони и системски промени, би можело да се влијае на навиките кај луѓето и да помогнат Македонија да стане прва земја на Балканот ослободена од пластика. Промените почнуваат од поединецот!

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Снимател: Марјан Петковски
Монтажа Борче Крстевски