fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
pravo i gragjanstvo raka pod raka za zdrava zhivotna sredina feat

Право и граѓанство, рака под рака за здрава животна средина

Судбината на проектот „Јадар“ во Република Србија е (не)извесна. Со надеж дека земјиштето, водата, биодиверзитетот и природните ресурси нема да се земаат здраво за готово, граѓаните во џебовите чуваат правни норми што можат да им послужат како најсилно оружје во одбрана на животната средина.

Фотографија со текст: Јадар, Дрина, Сава, Дунав

Јавниот интерес е благосостојба што граѓаните во една држава ја остваруваат низ дејствување на органи на власта. Право на здрава, еколошки урамнотежена и одржлива животна средина е јавен интерес. Меѓутоа, постои само еден од јавните интереси што се зема предвид со останатите јавни интереси за да се дојде до конечен, заеднички јавен интерес. Благосостојбата во којашто граѓаните уживаат благодарение на здравата животна средина е неопходен услов за остварување на човековите права. Затоа се развиени посебни управни постапки со цел здравото и безбедно животно опкружување да се земе предвид – и да биде еднакво вреднувано како и останатите јавни интереси – при донесувањето одлуки.

Подобро да се спречи одошто да се лечи

Правото на пристап до еколошки информации, правото на јавноста за учество во донесувањето одлуки и правото на соодветна судска заштита, им обезбедуваат на граѓаните на Република Србија пат за заштита на средината од потенцијални негативни ефекти од ризични проекти, каков што беше проектот „Јадар“. Законодавството во Република Србија им гарантира на јавноста и на заинтересираната јавност, односно на јавноста на којашто влијаат или би можеле да влијаат негативни последици од планиран проект, да дејствуваат со цел да бидат спроведени мерки во склад со основниот принцип на еколошкото национално и наднационално право, а тоа е начелото на превенција. Превентивните мерки треба да обезбедат заедничкиот јавен интерес, во којшто е вклучен и интересот за зачувување на животната средина, да им обезбеди на граѓаните добри животни услови, а со самото тоа и можност за остварување на основните човекови права. Без оглед на можноста за надомест на штета и кривична одговорност поради кршење одредби од важечкото законодавство, превенцијата е основно средство за зачувување на природата, зашто голем број штети никогаш не може да бидат поправени, особено кога се во прашање екосистеми и биодиверзитет.

Превенција наместо репарација

Голем број прописи гарантираат дека во текот на спроведувањето проекти на долгорочни патеки ќе се тежнее кон благосостојба во односот помеѓу луѓето и природата, како и дека покрај социјалните и економските аспекти, ќе биде почитуван и еколошкиот аспект за одржлив развој. Стратегиската проценка на влијанието врз животната средина е прва превентивна мерка што им стои на патот на амбициозни планови на големи компании.

Во првата фаза од Стратегиската проценка на влијанието на проект врз животната средина, се одредува експертски тим што ќе изврши проценка на проектните планови, со што веќе од самиот почеток на развојот на долгорочните, ризични идеи на инвеститорите, ќе ги претстави можните штетни правци што деловните планови може да ги имаат врз животната средина. Со цел да бидат спроведени начелата на превенција, важно е токму експерти од областите поврзани со планираниот проект да бидат вклучени во првата фаза од проценката.

Во наредната фаза се подготвува извештај за извршената стратегиска проценка на проектот. Извештајот е детален и задолжително содржи опис на моментната состојба на животната средина и проценката на можните последици што ќе бидат предизвикани од проектот, со опис на мерките предвидени за намалување на негативните влијанија, како и програмот за следење на состојбата на животната средина во текот на спроведувањето на планот и програмот, што вклучува показатели за следење на состојбата на животната средина и насоки за постапување во случај на појава на неочекувани негативни влијанија. Важен дел од извештајот е опис на причините коишто се одлучувачки за избор на дадениот план и програм од аспект на разгледуваните варијантни решенија и приказ на начинот на кој прашањата за животната средина се вклучени во планот или програмот, односно приказ на разгледуваните алтернативни производствени процеси и користени технологии во текот на спроведувањето на проектот. Ставовите во извештајот мора да бидат формулирани за да ѝ бидат разбирливи на јавноста, што е законска гаранција дека граѓаните ќе можат да го сфатат значењето на одлуките што се усвојуваат, а кои се однесуваат на нивната благосостојба и состојбата на природата што ги опкружува.

Во последната фаза од стратегиската проценка се носи одлука за извршената проценка, а надлежниот орган претходно задолжително обезбедува учество на јавноста во разгледувањето на извештајот за стратегиската проценка, известувајќи ја за начинот и роковите за увид во содржината на извештајот и доставувањето мислење, како и за времето и местото за одржување јавна дебата. Надлежниот орган задолжително изработува извештај за учество на заинтересираните органи и организации и на јавноста и нивните мислења изнесени во текот на јавниот увид и јавните дебати за планот или програмот, со што уште еднаш се обезбедува учество на граѓаните во постапката од интерес за заштита на животната средина.

Јавноста и заинтересираната јавност имаат право на учество и во постапката за проценка на влијанието врз животната средина, во која се утврдува какво е влијанието на проектите што се планираат или изведуваат врз животната средина, дали постојат алтернативни решенија и можности за примена на технологија која би имала поповолно влијание врз природното опкружување и кои мерки може да се применат заради спречување или намалување, односно отстранување на штетното влијание.

Во постапката за издавање интегрирана дозвола за постројки и активности што можат да имаат негативни влијанија врз здравјето на луѓето, животната средина или материјалните добра, може да учествува и јавноста, којашто е составена од едно или повеќе физички или правни лица, нивни здруженија, организации или групи. Заинтересираната јавност, вклучувајќи евидентирани невладини организации што се занимаваат со заштита на животната средина, има право во оваа постапка да учествува како партија, со право на правен лек и правна заштита.

Фотографија од собир на граѓани на Бранков мост.

Иако законите во начело го регулираат учеството на граѓаните во постапките за носење одлуки од јавен интерес, многу често на нив не им се обезбедува пристап во сите фази од постапката, поради известување мал број граѓани за конкретната фаза од постапката или неможноста за стекнување полно својство на партија во постапката. За среќа, граѓаните секогаш наоѓаат начин гласно да ја искажат својата волја и на тој начин да ги пополнат законските празнини.


Автор: Јелена Јеремиќ

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.