fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Ѓаволски Водопад – заборавениот беласички водопад

Ѓаволски Водопад – заборавениот беласички водопад

Поради геотектонската и морфоструктурна условеност, доминантно планинскиот релјеф на Република Македонија е со голем просечен наклон и е доста расчленет со речни долини, а речните текови и нивните корита во планинските делови најчесто имаат голем релативен пад, со бројни брзаци, водопади и слапови. Од неколкуте стотици досега евидентирани водопади, во литературата како позначајни се издвојуваат петнаесетина, од кои дури пет се наоѓаат на планината Беласица, и тоа Колешинскиот, Смоларскиот, Габровските, Кочулските и Прстенските водопади.

Меѓу нив, најпознати се првите три, кои се наоѓаат на северната страна на Беласица, но не помалку атрактивни се и водопадите на нејзината западна и југозападна страна, меѓу кои е и Ѓаволскиот Водопад, кој е еден во низата на Кочулските Водопади лоцирани на околу 13 км источно од Валандово.

За жал, во изминатите децении во овој дел од нашата земја сè почести и подолги се сушните периоди, а тукашните водотеци, за кои во литературата може да се сретнат податоци во кои се наведува дека во минатото биле со постојан проток на вода, неретко во летните месеци пресушуваат или се со минимален водостој. Па така и Ѓаволскиот Водопад,  кој својот назив го добил токму поради силината на водата и бучавата што ја создава, во летните, но и во месеците од раната есен, практично останува без вода.

01/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 01Ѓаволскиот Водопад е водопад формиран на југозападната страна на планината Беласица во долниот тек на реката Калдрма Дере, која е една од повеќето водотеци што го формираат сливното подрачје на Анска Река. Лоциран е на надморска височина од 424 м и е еден од низата од три помали водопади познати и како Кочулски водопади.

02/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 02Како и поголемиот број водопади на Беласица има тектонско потекло и настанал со всекување на реката во мусковитски гнајсеви при што се создал вертикален отсек со олучеста форма, широк околу 5 м и висок 17 м.

03/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 03Во подножјето на водопадот се создал голем лонец со должина од 5,5 м и длабочина од 2,3 м, кој е исполнет со вода во текот на целата година. Просечниот проток на вода во текот на годината е околу 55 л во секунда и варира, при што тој е најголем во пролет и есен, додека во летните месеци е сведен на минимум.

04/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 04На само дваесетина метри пред Ѓаволскиот Водопад се наоѓа првиот во низата од трите Кочулски Водопади кој има вкупно 10,5 м висина, а водата низ него паѓа под агол од 70 степени. Во подножјето на овој водопад се формирала када со вкупна должина од 16 м, ширина од 11 м и длабочина од 2,5 м.

05/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 05Третиот водопад на течението Калдрма Дере е со најмала висина, која изнесува 5 м, во чија основа има корито со димензии од 5 м ширина, 3,5 м должина и 1,2 м длабочина. Падот на водата е под агол од 80 степени. Трите водопади се распоредени еден по друг на вкупно растојание од 100 м.

06/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 06Кочулските Водопади се сместени во преубав амбиент на недопрена природа, обраснат со шуми и пресечен со карпести отсеци кои само ја потенцираат атрактивноста на подрачјето.

07/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 07Особен белег на пејзажот, покрај водопадите, му дава и коритото на реката Калдрма Дере, со нејзините бројни брзаци, слапови и вирови.

08/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 08Во морфопластиката на теренот по течението на Калдрма Дере доминантна улога има флувијалниот и денудациониот релјеф. Флувијалниот релјеф се карактеризира со кратки кањонски долини, со карактеристични џиновски кади формирани во подножјето на водопадите и падините.

09/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 09Во минатото Кочулските водопади беа познати само на локалното население, но во последните десетина години спроведени се активности за нивна афирмација и поголема пристапност. До водопадите најлесно може да се стигне по асфалтен пат долг околу 14 км кој води од Валандово до селото Бајрамбос, а потоа од селото до водопадите треба да се поминат уште околу 700 м по макадамски пат, и околу 1 км по уредена пешачка патека.

10/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 10Покрај пешачката патека е поставена дрвена ограда која се вклопува во природниот амбиент, на повеќе места има корпи за отпадоци, изградени се три видиковци, а поставени се и клупи за одмор. Она што остава особено убав впечаток е тоа дека долж патеката речиси и да нема траги од присуство на човекот, а целиот амбиент ја задржал својата изворна природна убавина.

11/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 11Пријатно катче за одмор и престој е направено и непосредно покрај Ѓаволскиот Водопад.

12/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 12Подрачјето во Валандовскиот регион и на планината Беласица, особено во зимските денови, е под силно термичко влијание на Егејското Море. Просечната годишна температура во оваа област е 14,5 ̊ C. Во текот на годината највисока просечна месечна температура има во јули, до 25,2 ̊ C и август со 24,9 ̊ C, додека најниската просечна месечна температурите се во јануари со 3,6 ̊ C.

13/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 13Режимот на врнежи во оваа област е под медитеранското климатско влијание. Просечните годишни врнежи се 646 мм.  Својот максимум врнежите го достигнуваат во ноември, кога просечно паѓаат околу 85 мм, додека минимални врнежи се јавуваат во август, со просек од околу 29 мм.

14/14

gjavolski vodopad zaboraveniot belasicki vodopad 14За жал, според кажувањата на локалните жители, во последните децении сè подолги се периодите без врнежи, а сè почест случај е тукашните реки да пресушуваат во текот на летото. Сакале ние да признаеме или не, климатските промени се во тек, а недостатоците од вода се сè почести ширум земјата. Можеби е време да ја смениме перцепцијата за Македонија како земја богата со вода, но и старата навика кон водата да се однесуваме како кон природен ресурс што го имаме во неограничени количини.  (Ѓавоски Водопад 08.09.2024)

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски

Извори:

NATURAL-GEOGRAPHIC FEATURES OF THE UPPER BASIN OF THE RIVER BASHIBOSKA AND TOURIST VALORIZATION OF HYDRO-MORPHOLOGICAL STRUCTURES (WATERFALLS) ON BASHIBOSKA RIVER – Gligorije DJILVIDJIEV, Darko STOJCHESKI

ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ПРИРОДНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ПЛАНИНАТА БЕЛАСИЦА – Анес Дургутовиќ , Матјаж Хармел , Мојца Храбар, Јоже Јанеж, Павле Кошир, Бранко Мицевски, Андреј Пилтавер, Жарко Вучиниќ, Драган Борота

СТУДИЈА  ЗА ГЕОДИВЕРЗИТЕТОТ И ГЕОНАСЛЕДСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ДРУГИТЕ КОМПОНЕНТИ НА ПРИРОДАТА (БИОЛОШКА И ПРЕДЕЛСКА РАЗНОВИДНОСТ)   – МЖСПП