Клисура на Зрновска Река – помеѓу заштитено подрачје и уништена природа
Клисурата на Зрновска Река е редок природен бисер вгнезден во срцето на планината Плачковица. Поради високите стрмни падини обраснати со густа столетна шума и карпестото корито на кристално чистата река, овој предел отсекогаш бил тешко достапен и речиси непрооден, па низ времето успеал да го зачува својот девствен природен амбиент од влијанието на човекот. Подрачјето на клисурата е значајно поради присуството на стари шумски заедници, но и поради присутството на македонската пастрмка и поточниот рак во водите на Зрновска Река. Значајни фаунистички видови се регистрирани и во притоките на реката, но и на камењарите околу врвот Лисец. Токму поради овие карактеристики предложено е ова подрачје да добие соодветен степен на заштита како Парк на природата „Зрновска Река – Лисец“.
За жал, процесот на заштита на овој простор стана неизвесен откако во најатрактивниот дел од подрачјето започна изградбата на две мали хидроцентрали. Иако во еден период од околу седум години работите беа стопирани, од оваа година изградбата продолжи со полна пареа. За потребите на изградбата уништена е голема површина под шума, природниот амбиент е целосно изменет, а самиот градежен процес предизвикува големо заматување на водите на реката и нејзино загадување.
Се чини дека и овој пат Македонија трајно ќе загуби значајно природно богатство, а за возврат, користа од тоа ќе биде речиси никаква.
01/16
Зрновска Река (или Зрновка како што ја нарекуваат локалните жители) е река во источниот дел на Македонија и лева притока на Брегалница. Долга е 23 километри и во најголем дел тече низ падините на планината Плачковица, а само во еден мал дел пред вливот (нешто помалку од четири километри) низ Кочанско Поле. Изворишниот дел ѝ е под високите врвови на Плачковица, на надморска височина од 1.420 метри и сè до селото Зрновци има карактеристики на планинска река. Во Брегалница се влева на надморска височина од 325 метри. Нејзиното сливно подрачје зафаќа територија од околу 70 квадратни километри. Во горниот дел тече кон запад под името Ломија, а потоа кон север како Зрновска Река.
02/16
Карактеристичен дел од течението на Зрновска Река е нејзината клисуреста долина која на одредени места (во делот каде што Ломија се спојува со Џамиска и понатаму тече како Зрновска Река) има карактеристики на кањон. Долината на оваа наша река ја дели планината Плачковица на два речиси симетрични делови, источен, со највисокиот врв Лисец (1.754 м.н.в.) и западен со највисокиот врв Туртел (1.689 м.н.в.).
03/16
Клисурата на Зрновска Река е длабока помеѓу 600 и 800 метри, страните и се доста стрмни и обраснати со столетна густа шума што ја прави многу тешко достапна, па поради тоа целиот овој простор има карактеристики на „дивина“ и остава впечаток на недопрена природа. Вдлабена е во рифеј-камбриумски шкрилци, долга околу 12 километри, а на нејзиното дно е всечено карпестото корито на Зрновка.
04/16
Коритото на Зрновка се карактеризира со голем број брзаци и мали водопади во чие подножје се создале вирови, или таканаречени лонци. За најимпресивен се смета Девичин Вир кој се наоѓа на околу 3,5 километри јужно од селото Зрновци. Вирот е со пречник од околу 8 до10 метри и длабочина до 4 метри, а се формирал под Девичиниот Водопад кој е висок околу 5 метри. Уште неколку вакви вирови, врежани во подлогата од цврсти карпи, се формирале низводно од Девичин вир кон селото Зрновци, од кои најпознати се Колев Вир, Змијарнико и Суљов Вир.
05/16
Во долниот тек на Зрновска Река, над селото Зрновци, постои мала хидроцентрала која е пуштена во употреба во 1950 година и е една од првите хидроцентрали изградени во Македонија. Хидроцентралата во голема мерка го нарушува водотекот на Зрновска Река, а во периодите на полнење на цевководот со вода драстично го намалува нејзиниот водостој. Дополнително, Зрновска Река служи и како извор на чиста вода за пиење за жителите на селата Зрновци и Мородвис, а нејзините води се користат и за наводнување на 250 хектари земјоделски површини.
06/16
Водата на Зрновска река е исклучително чиста, со висок процент на кислород кој варира помеѓу 7,1 мг/л во лето и 15 мг/л во зима и со богат животински и растителен свет. Во горниот тек реката е застапена речната пастрмка Salmo macedonicus, која опстојува при оптимална концентрација на кислород помеѓу 9 и 11 мг/л и речниот рак Astacus astacus. И двата вида се карактеристични за студени планински потоци и реки и претставуваат индикатори за водотеци со чиста и бистра вода.
07/16
Во 1997 година од страна на локални еколози, а во соработка со професори на Институтот за биологија при Природно – математичкиот факултет од Скопје, е вршено испитување на водите на Зрновска Река, при што за првпат во Македонија е констатирано присуство на вид алга Diploneis petersenii, која се смета за нордиско – алпски вид (најраспространет во Исланд, Финска, Норвешка како и високите планински масиви на Алпите и Пиринеите) што повторно укажува на високиот квалитет на водата.
08/16
Значаен сегмент на клисурата се заедниците на подгорска и горска букова шума, чии најдобри состоини се среќаваат по течението на Зрновска Река и нејзините притоки. На највисоките делови јужно од врвот Лисец се среќаваат отворени простори со пасишта и грмушки, а целото подрачје е богато со фаунистички и флористички видови. Од особено значење се и деловите на кои опстојуваат исклучително вредни стари шумски заедници кои не биле опфатени со редовните плановите за сеча.
09/16
Поради утврдените геоморфолошки и биолошки вредности, а согласно стратегијата за заштита на природното наследство и потребите за изготвување на новиот Просторен план на државата, утврдена е потреба кањонот на Зрновска Река и некои околни локалитети да добијат соодветен степен на заштита како Парк на природата „Зрновска Река – Лисец“. Ова подрачје би ги опфаќало долината на Зрновска Река, долината на реката Ломија, подрачјето околу врвот Лисец, како и долините на неколку помали потоци.
10/16
Но, како што впрочем кај нас најчесто е случај, убавото лице на кањонот на Зрновска Река има и своја грда опачина. Па така, од неодамна, бистрата вода на оваа наша река сè почесто е заматена, недопрените шуми денес и не се веќе толку недопрени, алгата Diploneis petersenii веќе одамна ја нема, а во прашање е доведен и опстанокот на пастрмката и ракот. Овој пат тоа не е поради немарност и негрижа на заедницата, туку поради големата грижата на некои инстанци за изградба на обновливи извори на енергија.
11/16
Во срцето на Плачковица, во најатрактивниот дел на клисурата, онаму каде што Ломија се спојува со Џамиска река, а клисурата има карактеристики на кањон, во тек се интензивни градежни работи за изградба на две мини хидроцентрали, „Зрновска 351“ и „Зрновска 353“, чиј инвеститор е странска компанија. Изградбата на овие хидроцентрали, лоцирани непосредно една до друга, е започната во 2016 година, но од 2017 до 2023 градежните работи беа стопирани за оваа година повторно да продолжат со полн интензитет.
12/16
Поради градежните работи денес водата на Зрновска Река веќе ја нема својата бистрина и сè почесто е заматена што негативно се одразува на нејзиниот биодиверзитет. Дополнително, намален е квалитетот на водата за пиење и за наводнување на површините. Според сведочењето на некои жители на викенд населбата кај Девичин Вир, често се случува во реката да се забележат дамки, за кои претпоставуваат дека се од испуштено моторно масло од градежната механизација.
13/16
Во реонот на изведување на градежни работи, на една голема површина, е исечена столетна шума, а соголената земја е подложна на силна ерозија при што ерозивниот нанос во најголем дел завршува во реката. Истиот процес се случува и на петнаесетината километри прокопани приодни патишта како и траси низ кои ќе поминуваат цевководите на двете хидроцентрали. Нов пат се пробива и од северна страна, но се чини дека природата тука ја покажува својата сила, па поради карпестиот терен работите привремено се запрени.
14/16
Доколку овие хидроцентрали почнат со работа, Зрновска Река во должина од околу четири километри, во најживописниот дел од нејзиното течение, ќе биде ускратена во просек за околу еден кубен метар вода во секунда, бидејќи таа вода ќе биде пренасочена низ цевководите на двете централи. Ова значи дека, особено во летните месеци, реката би останала речиси без вода, а нејзиниот биолошки минимум би зависел исклучиво од издашноста на неколкуте потоци кои на овој потег се влеваат во неа.
15/16
Вака изгледа „водостојот“ на Зрновска Река непосредно по зафатната постројка на старата хидроцентрала над селото Зрновци. Ако се земе предвид дека според проектната документација новите централи ќе имаат еднаков проток на вода како и старата, за очекување е дека со нивно пуштање во употреба, на Зрновска Река и се заканува целосна девастација, а потребата нејзиниот кањон да се прогласи за заштитено подрачје ќе ја загуби својата смисла.
16/16
И, конечно, како неизбежно се поставува прашањето: Дали за незначително количество струја и некаков профит што ќе заврши на странски банкарски сметки, вреди да се уништи наше природно богатство какво што е ова во клисурата на Зрновска Река? Дали барем овој пат ќе надвладее разумот или лукративниот порив и овој пат ќе извојува победа? Одговорот на ова прашање е речиси извесен и само некое чудо може да ја спаси Зрновска река од еколошка катастрофа. А чудата, како што некој рекол, сè поретко се случуваат.
ИЗВОРИ:
Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределна разновидност) – МЖСПП
Оценка на квалитетот на водите од река Зрновка и нивна валоризација – Здружение за рурален развој „Јавор“ и група професори од ПМФ – Скопје
Просторен план на источен плански регион 2013 – 2030 – Агенција за планирање на просторот
Службен весник на Република Северна Македонија бр. 145 од 16. Јули 2019
Нацрт извештај за стратегиска оценка на урбанистички план за село Видовиште – Општина Зрновци
Хидротехнички објекти – Борка Христова – Илиевска, Илјаз Мухаџери, Наташа Христовска
Преглед на повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија коишто користат повластена тарифа – мали хидроцентрали (состојба заклучно со 10 април 2024 година) – Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фотографии: Дарко Андоновски