fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
kolkavo poznavanje imaat mladite za zashtitenite podrachja vo makedonija featured

Колкаво познавање имаат младите за заштитените подрачја во Македонија?

Разновидноста на релјефот, климатските, еколошките, хидролошките и педолошките карактеристики, придонесуваат Македонија да поседува значаен геодиверзитет и биодиверзитет. Меѓутоа колку од младите се запознаени со поимот геодиверзитет?

Во овој блог ќе се задржиме на дел од геодиверзитетот, поточно геолокалитети, геонаследство, заштитени подрачја и за нивното значење.

Под поимот геолокалитет се подразбира област со геолошки карактеристики (кои ни овозможуваат да ги разбереме клучните фази во еволуцијата на Земјата). Геолокалитетите со особено значење вообичаено се или треба да бидат законски заштитени според националното законодавство за зачувување (како споменик на природа, национален парк, природен резерват, заштитено подрачје и сл.).

Во 2014 година е воспоставена Група за геонаследство во рамките на Светската комисија за заштитени подрачја. Оваа група има 4 главни цели и тоа:

  • Да воспостави најдобри можни пристапи за управување со геонаследството во заштитените подрачја,
  • Да изврши ревизија на студијата на IUCN за вулканските предели со посебно значење,
  • Да изврши ревизија на критериумите за препознавање на светското наследство и
  • Да воспоставуви концепт на особено значајни подрачја на геонаследство.

Во поглед на претходното, мошне значајно е да се истакне дека уште во 2000-та година во Франција, Германија, Грција и Шпанија се формираа првите геопаркови чија цел е одржлив развој базиран на заштита и унапредување на геонаследството. Овој чекор во 2015 година беше препознаен од страна на УНЕСКО и преточен во Меѓународна програма за геонауки и геопаркови (International Geoscience and Geoparks Programme – IGGP). Така, од 2016-та година, бројот на подрачја што сакаат да добијат статус на УНЕСКО геопарк неверојатно се зголемува, особено во земјите во развој. Денес, бројот на геопаркови во Светот изнесува 177 во 46 држави и истите се членки наСветската мрежа на геопаркови (Global Geopark Network).

Македонија, како мала држава во светски рамки, може да се пофали со извонредно голема георазновидност на мал простор. Без оглед на заложбите на одделни истражувачи и поединци во соодветните институции (како во поранешниот Завод за заштита на природата или во постоечкиот Сектор за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање), третманот на геодиверзитетот бил во далеку понезавидна положба во однос на биодиверзитетот. Поради ваквиот однос, дел од вредното геонаследство на Македонија сеуште е слабо препознаено, промовирано, презентирано и сочувано, а во бројни случаи е делумно или значително деградирано.

Токму за таа цел, беше употребен анкетен лист на одредени таргет групи на испитаници за да се добијат конкретни податоци за познавањето на геолокалитетите во Македонија, взаемно со заштитените подрачја и нивната геотуристичка промоција.

Во текот на месец мај 2020 година, за целите на изработка на научен труд беше спроведено анкетирање на 119 испитаници по случаен избор, според однапред утврден анонимен анкетен лист.  Според старосната група, тие се поделени во две групи, и тоа: I група од 18 до 29 години, со вкупен број од  54 испитаници или 45.4% и II група од 30 до 64 години, со вкупен број од 65 испитаници или 54.6%.

 

Табела број 1. Дел од геолокалитетите во Македонија кои се користеа за потребите за анкетното истражување

ДЕЛ ОД ГЕОЛОКАЛИТЕТИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КОИ СЕ КОРИСТЕА ЗА ПОТРЕБИТЕ ЗА АНКЕТНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ
Непознати /

Слабо познати

Туристички посетувани Заштитени подрачја
Базалтни плочи – с. М. Нагоричане Кањон на Градешка Река Горна Слатинска пештера
Катлановско блато Лешница Клисура Демир Капија
Плоче литотелми – с. Страцин Пештера Шаркова Дупка Пештера Дона Дука
Пештера Макароец Кочулски водопади Пештера Бела Вода
Камени топки и чинии-Уланци Бислимска Клисура НП Пелистер
Пештера Убавица Катлановска Бања НП Галичица
Скочивирска Клисура Кањон Камник НП Маврово
Кукуље – с. Н. Истевник Нежилови карпи
Катлановски Рид Водопад на Бабуна
Кањон Козјак (Плачковица) Калин Камен
Злетовска Клисура Пехчевски водопади
Моклишко Езеро Клисура Пешти
Пилоу лави – с. Миравци Водопад Дуф
Раткова Скала Гипсена пештера Алчија
Таорска Клисура Солфатара Дувало
Палеонтолошки лок. Караслари Маркови Кули
Кањон Матка
Пештера Врело
Смоларски Водопади
Колешински Водопади
Куклица
Кокино
Вевчански Извори
Пештера Пешна
Бадерска Клисура
Габровски Водопади

Според добиените резултати се утврдува дека младите, односно I старосна група (18-29 год,) имаат некое основно познавање за фактичката состојба на заштитените подрачја и геолокалитети, но голем е бројот каде што имаат минимално или скоро никакво познавање за истите. Исто така, добивме податок дека повеќето од младите имаат одговорено дека бројот на заштитени подрачја во Македонија изнесува од 64 до 83.

poznavanje na geolokaliteti spored starosni grupi

Графикон број 1. Познавање на геолокалитети според старосни групи.

Во однос на познавање на геолокалитетите кои беа предложени во дадената анкета е утврдено дека вкупните испитаници од првата старосна група се изјасниле дека најпознати им се геолокалитетот Кањон Матка (I група со 100 %, II група со 96.8 %). На второ место е геолокалитетот Маркови Кули (I група со 94.4 %, а II група со 90.4 %), а на трето место е Клисура Демир Капија (I група со 79.6 %, а II група со 82.6 %). Како резултат на големото познавање на овие три геолокалитети се должи на нивната поволна геотуристичка промоција и нивната достапност. Додека пак, најмало познавање имаат за геолокалитетот Пилоу Лави кај с. Миравци со 7.4 %, а кај II-та група испитаници, најмалку познат е геолокалитетот Плоче литотелми кај с. Страцин со 11.1 %. Поради слабата информираност за овие геолокалитети и нивна недоволна промоција, испитаниците имаат мало познавање за истите.

Според информираноста на испитаниците за нивното познавање околу типовите на заштитени подрачја, може да се констатира дека од I-та старосна група имаат познавање околу 25 испитаници од вкупно 54. Како најчест одговор за заштитено подрачје е даден поимот Национален Парк. Вредно е да се напомене дека од вкупно 119 испитаници, околу 54 или 45.3 % немаат никакво познавање за кои типови на заштитени подрачја постојат.

Додека пак за познавањето на бројот на заштитени подрачја во Македонија, од добиените резултати од анкетниот лист може да се констатира дека голем број испитаници (околу 59.6 %) одговориле дека немаат никакво познавање за вкупниот број на заштитени подрачја во нашата земја. Исто така, мал процент (16.6 %) одговориле точно, односно дека има 86 заштитени подрачја во Македонија.

Според начинот на добивање на информации (туристички водич, мобилна апликација и информативна табла) за самите геолокалитети, анализата покажа дека I-та старосна група се изјаснила за доминантно добивање на информациите преку мобилна апликација (40 или 74 %). Иако одговорите ни покажуваат дека поголем дел од испитаниците, при посета на некој геолокалитет, сакаат информациите да ги добиваат преку мобилна апликација, односно информативна табла, мора да се напомене дека неминовноста од туристички водич е повеќе од потребно.

nachin na dobivanje na informacii za soodvetnite geolokaliteti

Графикон број 2. Начин на добивање на информации за соодветните геолокалитети според старосни групи.

Поради таа причина, потребно е поголема афирмација на сите геолокалитети во Македонија, а со тоа ќе се увиди со какво геонаследство располага самата држава, состојбата на негова заштита и степенот на нивна туристичка промоција.

Неопходно е да се напомене дека резултатите од ова истражување не можат да се земат во предвид како целосни, бидејќи се работи за делумно мал број на испитаници и потребни се подетални истражувања, со поголем број на испитаници, повеќе старосни групи, селекција или одбирање на посоодветни и поконкретни прашања и сл. Од добиените резултати од вкупниот број на испитаници може да се констатира дека познавањето на вредностите на геолокалитетите и фактичката состојба на заштитените подрачја е на многу ниско ниво. Со самото тоа,  потребно е да се преземаат соодветни мерки за да се зголеми информираноста за истите. Како такви мерки можат да се земат: одржување на јавни трибини за заштита на природата, вметнување на содржини за заштита на природата во образовниот процес, поголема презентација на геолокалитетите со примена на дигитални медиуми и публикации и многу други начини. Во таа смисла, неминовноста од поголема информираност и зголемено познавање на бројноста на геолокалитетите и заштитените подрачја, а и нивна геотуристичка промоција е повеќе од потребна, бидејќи територијата на Македонија располага го богат геодиверзитет и потребно е правилно искористување на неговите благодети што ги нуди.

Авторки: Бојана Алексова и м-р Анита Тодорова


bojana aleksova 200x300 1Бојана Алексова – магистрант по географија, млад истражувач со посебен интерес кон геонауките, демонстратор на Институтот за географија при ПМФ & Претседател на Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“.
Биографија: ПМФ | ResearchGate | Linkedin

anita todorova 200x300 1м-р Анита Тодорова – докторанд по географски науки со посебен интерес кон геонаследството, асистент на Иститутот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Биографија: ПМФ