Ја крие ли Змијовец тајната на најстарите човекови предци?
Несекојдневно чувство на отсутност од актуелниот миг може да ве обземе на локалитетот „Змијовец“, гледајќи како научниците од Природонаучниот музеј на Македонија со особено внимание симнуваат слој по слој наталожена земја во која е закопана историја стара повеќе од 7 милиони години. Секој удар на чеканот и длетото, кој на површината открива дел од скелет на некое праисториско животно, ви ги враќа мислите милиони години наназад, во периодот на Миоцен и ве сместува во амбиент на непрегледна савана, во која своето живеалиште го пронашле стада слонови, жирафи, газели, антилопи, мајмуни, носорози… И сето тоа во Македонија, на неколку километри од градот Неготино, во атарот на селото Долни Дисан…
Локалитетот „Змијовец“, како впрочем и пошироката околина на селото Долни Дисан, претставува исклучително богато наоѓалиште на таканаречена Пикермиска фауна, групен назив за повеќе видови цицачи кои егзистирале на евроазискиот континент во периодот на доцниот Миоцен, а кои претставуваат значајна алка во синџирот на еволуцијата на живиот свет на Земјината топка. Поради своето исклучително палеонтолошко значење, богатството и рановидноста на фосилни остатоци од праживотински видови, но и поради индиции за можно присуство на фосили на праисториски предци на човекот, овој локалитет во септември 2024 година, со решение на МЖСПП е прогласен за природна реткост. Целосното име на подрачјето е „Палеонтолошки локалитет – „Змијовец“ село Долни Дисан, Неготино.
01/12
„Палеонтолошкиот локалитет – „Змијовец“ се наоѓа во Тиквешкиот регион, на околу 6 километри јужно од Неготино, во атарот на селото Долни Дисан. Заштитеното подрачје опфаќа површина од 12,74 хектари и е распослано на надморска височина помеѓу 305 и 385 метри, на еден рид кој се издига непосредно над локалитетот што го носи истиот назив.
02/12
Значењето на овој локалитет е во тоа што на него се пронајдени фосили од нови видови животни кои досега не се откриени во нашата држава, но и во тоа што овој локалитет е единствен на кој се пронајдени фосили од 5 различни видови мастодонти, големи праисториски цицачи од редот Proboscidea, предци на денешните слонови кои таксономски припаѓаат на истиот ред.
03/12
Покрај петте видови мастодонти во „Змијовец“ досега се пронајдени и фосилни остатоци од коски и делови од черепи на уште еден вид носорог, два вида коњи со три прсти, два вида свињи, еден вид газела, четири видови антилопи, еден вид жирафа, еден вид африкански мравојад, еден вид мајмун, како и два вида од класата рептили – една желка и за прв пат череп од гуштер. Досега пронајдените и детерминирани примероци таксономски се претставени со 6 редови, 13 фамилии и 19 таксони.
04/12
Фосилните фрагменти од локалитетот „Змијовец“ се пронајдени во жолто – кафеави седиментни глинести и песочни слоеви и се со старост од доцен Миоцен, односно поконкретно, потекнуваат од периодот Туролиан ( пред 9.0–5.3 милиони години) според Геолошката временска скала на европски копнени цицачи (European land mammal ages – ELMA). Овие седименти се остатоци од дното на некогашни езера кои покривале голем дел од територијата на Македонија во периодот на Миоцен, а кои подоцна, со спуштањето на копното Егеида, истекле во Егејското Море.
05/12
Копното на овој дел од Македонија пред 7,2 милони години имало карактеристики на савана, а живиот свет кој го населувал бил многу сличен на оној кој денес може да се сретне во сличните предели во Африка. Поради фактот што најголемиот број фосилни остатоци од животните од овој период се пронајдени во езерски седименти се создале неколку теории за нивното изумирање, меѓу кои, според една тоа се случило поради огромни пожари при кои животните барале спас во тогашните езера, додека втора најзатапувана теорија е дека тие биле жртви на големи поплави.
06/12
Првите истражувања на локалитетот Долни Дисан се вршени во осумдесетите години на минатиот век од страна на проф. д-р Ристо Гаревски, доајен на македонската палеонтологија. Природонаучниот музеј на Македонија, во текот на 2013 година започна со реализација на проектот „Палеонтолошки истражувања во околината на селото Долни Дисан” под раководство на д-р Светозар Петковски, а потоа истражувањата продолжуваат под раководство на м-р Биљана Гаревска, чија работа резултираше со пронаоѓање на раритетни видови и прогласување на „Змијовец“ за природна реткост.
07/12
Поради исклучителните прелиминарни резултати, овие истражувања наидоа на голем интерес во меѓународните научни кругови, па во 2016 година музејот во Скопје потпиша меморандум за соработка со Природонаучниот музеј од Софија. Од тогаш, па до 2021 година теренските истражувања тимовите ги вршат заедно. Како резултат на истражувањата се публикувани монографија и научни трудови со фактор на влијание.
08/12
Од особено значење за палеонтолошките истражувања во „Змијовец“ е откривањето на фосилни фрагменти од видот Anancus sp. кој современата палеонтолошка наука го смета за индикатор на присуство на фосили од праисториските хоминиди од родот Graecopithecus, кои живееле во истиот период пред 7,2 милиони години, а нивни фосилни остатоци се пронајдени во Грција и Бугарија на истите наоѓалишта како и на мастодонтот Anancus sp. Откривањето на Graecopithecus револуционерно ги менува хипотезите на современата палеоантропологија и индицира дека најстарите предци на човекот потекнуваат од Балканскиот Полуостров.
09/12
Теренските ископувања на „Змијовец“ се одвиваат стручно и со особено внимание при екстракцијата и колекционирањето на материјалот. Особено е специфична манипулацијата со поголемите фосилни фрагменти кои се конзервираат на лице место, се имобилизираат со помош на гипс и заедно со дел од глинестиот слој во кој се пронајдени се транспортираат во музејот за понатамошно процесирање и евалуација.
10/12
Во лабораториите на музејот се врши селектирање и класификација на материјалот при што со помош на егзактни и научно утврдени морфометриски методи се врши детерминација на фосилните видови. Поголемите фрагменти се деконзервираат, се чистат од остатоците на глина и гипс и со примена на специјални лепила се составуваат до најситни делови за да ја добијат својата изворна форма.
11/12
За жал, во Природонаучниот музеј на Македонија, единствената институција во нашата земја која врши палеонтолошки истражувања, постои дефицит од високообразован кадар од областа на палеонтологијата, а активностите од оваа област се во најголема мера плод на ентузијазмот на раководителите и вработените во музејот. Денес, Одделението за геологија и палеонтологија е сведено на работата на м-р Биљана Гаревска, единствениот палеонтолог во Македонија и дипломиран геолог Билјана Карамачоска, виш кустос во музејот. При активностите на терен, од голема помош е соработката со локалното население, како од аспект на логистика, така и од аспект на информации за локалитети на кои постои потенцијал за присуство на фосили.
12 /12
Несомнено е дека истражувањата на „Змијовец“ се исклучително важни за македонската, но и за светската наука. Од особено значење е и фактот што овој локалитет има потенцијал за докажување на можно присуство на фосили од хоминидот Graecopithecus, со што Македонија би добила значајно место на светската мапа на палеоантрополошки локалитети. Покрај „Змијовец“ во Македонија постојат и многу други подрачја на кои е откриено значајно палеонтолошко наследство. За жал, во нашата држава со години не се инвестира во образување на соодветен стручен кадар од оваа област, а цела Македонија е сведена на еден единствен палеонтолог. Додека буџетот, изразен во милијарди евра, од година во година е сè поголем, издвојувањата за науката воопшто се сведени на минимум.
И, додека не дојде време во кое некој сериозно ќе се зафати со решавање на овие системски проблеми, ќе мора да се задоволиме со приказните за светлата иднина на нашата земја.
ИЗВОРИ:
ЕЛАБОРАТ ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ – ПАЛЕОНТОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ „ЗМИЈОВЕЦ“ СЕЛО ДОЛНИ ДИСАН – НЕГОТИНО – Мр. Биљана Гаревска
SEDIMENTARY STUDY OF THE UPPER MIOCENE FOSSILIFEROUS DEPOSITS IN THE TIKVES BASIN, REPUBLIC OF NORTH MACEDONIA – Marlena Yaneva, Ralitsa Konyovska, Biljana Garevska, Latinka Hristova, Nikolay Spassov
НЕОГЕНА И КВАРТЕРНА ФОСИЛНА ФАУНА НА ЦИЦАЧИ И НЕЈЗИНОТО СТРАТИГРАФСКО ЗНАЧЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА – Р. Гаревски
Оваа содржиа ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фотографии: Дарко Андоновски
Категорија животна средина
Тагови Змијовец, заштитено подрачје, палеонтологија, наследство, Долни Дисан, локалитети