Повеќе од половината од светската популација во моментов живее во градови, жаришта на климатската ранливост, коишто даваат придонес кон глобалните емисии на стакленичките гасови. Зголемувањето на бројот на жители во сиромашни квартови, несоодветните системи за јавен превоз, критични инфраструктури и зачестените природни катастрофи, ги доведуваат во прашање отпорноста и одржливоста на населбите кон коишто се тежнее во глобалните цели на Обединетите Нации (ОН) за одржлив развој.

Фотографија на која се гледаат фотоволтаици на кров на објектЗаради достигнување инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи градови и човекови населби до 2030. година, би требало:

  • на сите да им се обезбеди пристап до адекватно, безбедно и достапно сместување и основни услуги, како и да се унапредат сиромашните квартови.

Во 2022 година, околу 25 проценти од урбаното население живеело во осиромашени квартови, што е 130 милиони повеќе одошто во 2015 година, кога се усвоени целите на ОН за одржлив развој.

Сиромашно домаќинство е дефинирано како група поединци што живеат под ист покрив, а на коишто, на пример, им недостасува пристап до вода и санитарни услови со соодветен квалитет, како и трајност на станбениот простор. Претпоставките за остварување на оваа потцел за одржлив развој се остварени во сите држави од регионот, освен во Црна Гора, поради „преостанати предизвици“. Вода за пиење со соодветен квалитет е дефинирана како оној извор на вода којшто, според карактерот на својата конструкција и при правилно користење, адекватно го штити изворот од надворешна контаминација, особено од фекални материи. Во таа смисла, во сите држави од регионот „преостануваат предизвици“, додека во Албанија овие предизвици се „значителни“.

  • да се подобри инклузивната и одржлива урбанизација и капацитет за партиципативно, интегрирано и одржливо планирање и управување со човекови населени места во сите земји.

Воспоставување рамнотежа меѓу луѓето, просперитетот и планетата до 2030 година, бара усогласени напори за сузбивање на урбаното ширење на регионално рамниште. Процесот на урбаниот раст на Западниот Балкан, што пред сè се гледа во ширењето кон околни територии, а помалку кон згуснување, води кон конверзија на земјишта во „урбано ткиво“. Според принципите на одржливиот развој, овој процес е сметан за неоправдан, особено ако не е последица од растот на населението.

Најчести негативни ефекти од урбаното ширење во регионот опфаќаат високи трошоци за функционирање на градовите, заземање земјоделско земјиште, сечење шуми,  зголемени трошоци за инфраструктура, социоекономска сегрегација и урбана деградација, зголемена употреба на енергија и зголемени емисии на стакленички гасови, загадување на водата и животната средина поради зголемен број моторни возила на патиштата. Со оглед дека глобалната емисија на јаглерод од патничките возила изнесувала 2,5 гигатони во 2000. година, а до 2018. година се зголемила на 3,6 гигатони, загрижувачки е што води кон опаѓање на градската мобилност и последователното зголемување на бројот на приватни возила.

  • да се обезбеди пристап до безбедни, достапни и одржливи транспортни системи, подобрувајќи ја безбедноста на патиштата, особено со ширење на јавниот превоз.

Пристап до јавен превоз се смета за соодветен кога некоја постојка е достапна на пешачка оддалеченост од 500 метри од некоја референтна точка (куќа, училиште, работно место) до систем за јавен превоз со низок капацитет (на пример, автобус) и/или еден километар до систем со голем капацитет (на пример, железница, метро, траект). Податоците што се собрани во 188 земји во 2023 година, покажуваат дека 6 од 10 урбани жители има соодветен пристап до јавен превоз, со значителни расчекори помеѓу развиените и регионите во развој. Сите земји на Западниот Балкан го исполнуваат овој услов, освен Босна и Херцеговина, во којашто „преостануваат предизвици“.

Фотографија од воз

  • да се намали негативното влијание од градовите кон животната средина по глава на жител, опфаќајќи обраќање посебно внимание кон квалитетот на воздухот и управувањето со комуналниот и другиот отпад.

„Значителни предизвици преостануваат“ во сите држави од регионот, освен во Албанија, каде што состојбата е незначително подобра, како и во Црна Гора, каде што преостанатите предизвици до достигнувањето на целта се „исклучително големи“.

Градовите во Западен Балкан се далеку позагадени од своите соседи. Годишните рамништа на ПМ2,5 во Скопје за 4,5 пати го надминуваат препорачаниот праг од страна на СЗО, во Тетово се надминати над 8 пати, а во Сараево изнесуваат трипати повеќе од дозволените безбедносни рамништа. Како главни фактори наведени се греење и готвење во домаќинства, индустриски активности и транспорт.

Поголемото потпирање на албанските градови врз обновлива енергија, заради снабдување со електрична енергија, во основа го подобрува учинокот на земјите од регионот во поглед на јаглеродните емисии, додека Босна и Херцеговина, како и Србија, имаат најголеми просечни емисии на јаглероден диоксид.

Емисиите на метан во регионот се во пораст поради лошото управување со отпад, така што концентрациите на ЦХ4 во депонии во регионот пораснале за 16,89 ппб во 2020. година. Заради споредба, глобалниот годишен пораст во 2020. година изнесувал 15,23 ппб.

  • значително да се намали бројот на смртни случаи и бројот на засегнатите луѓе, како и директните економски загуби предизвикани од катастрофи.

Со оглед дека природните опасности на Балканот станувааат сѐ позачестени и поинтензивни, клучно е да му се даде предност на прилагодувањето кон климатските промени и ублажување на нивните ефекти. Добар пример е Програмата за интегриран развој на коридорите на реките Сава и Дрина, којашто ја унапредува прекуграничната заштита од поплави, откако во 2014. година во Босна и Херцеговина, економското влијание од поплавите изнесувало 2,8 милијарди долари, што е приближно 15 проценти од БДП на таа земја.

Фотографија на која се гледа индустриски објект од кој има чадење или испарувањеПресметките за изложеноста на климатската варијабилност, покажуваат дека топлинскиот стрес води до околу 140 часа помалку работа секоја година. Затоа, климатските акции во градовите треба да се стремат кон социјални, еколошки, економски и развојни цели, коишто претпоставуваат знаење, иновативни пракси и технологии, инструменти за зелено финансирање, имплементација на еколошко законодавство и вклученост на граѓаните.

Заклучно, анализите на напредокот кон глобалната цел 11 одржливи градови и заедници, покажуваат дека „преостануваат значителни предизвици“ во Босна и Херцеговина и во Албанија, додека во останатите земји од Западниот Балкан резултатот умерено се подобрува, но е недоволен за постигнување на целта, па и во нив „преостануваат предизвици“.

Иако изостанува формална казна за непочитување на спогодбено поставените глобални цели на ОН, половина пат до конечниот рок е поттик за согледување на реалните последици во случај целите да останат неостварени.

Автор: Јелена Јеремиќ

*Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.

***Овој текст е дел од партнерство помеѓу ИКС и проектот UPSURGE, финансиран во рамки на Хоризон 2020 на Европската Унија според договорот за грант бр. 101003818.