fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
efekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija featured

Ефекти на климатските промени врз природните непогоди во Македонија

Во последните децении, доста се шпекулира околу тоа дали сме сведоци на интензивни климатски промени и колку изнесуваат тие. Климата е динамичен систем, па така според истражувањата и консултираната литература, произлегува дека климатски промени имало низ целата историја на Земјата. Обично, тие биле бавни (со милиони години), но во одредени случаи и за многу краток временски период (по супервулкански ерупции или удари на поголеми метеори). Сепак, сите тие биле природни климатски промени предизвикани од природни фактори. Во текот на изминатите децении, цивилизацијата на глобално ниво е сведок на различни последици и ефекти, кои се производ на климатските промени, меѓутоа предизвикани поради влијание на човекот.

Од тој аспект, во последните векови, до огромен израз доаѓаат антропогените промени на климата, кои произлегуваат од промената на користењето на земјиштето, промена на албедото и рефлексија од површината, зголемување на CO2 и многу други фактори. Според консултираната литература, само за последните 30 години, глобалната температура пораснала за 0,5°C, за што природно обично би поминале векови.

efekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija 1Слика 1. Глобален пораст на температурата за последните 30 години.

Според истражувањата и сценаријата за климатските промени, од страна на референтни истражувачки центри во светот, на подрачјето на Македонија, се очекуваат значителни неповолни промени веќе кон средината, а особено до крајот на овој век. Во последните 20 години, 10 зими биле изразито сушни, а очекувањата се дека летата ќе стануваат пожешки, со пораст од дури 5°С (просечно) до крајот на векот, додека летните врнежи би се намалиле за 25%. Уште позагрижувачки се очекувањата температурите најмногу да се зголемат во јужните, најтопли делови на државата, а врнежите најмногу да се намалат во централните и јужните делови (кои и покрај тоа се најсушни). Зголемувањето на просечните температури е особено истакнато во последните 30-тина години, со особен тренд на раст во летните месеци: јуни, јули, август, па и септември.

Според анализите на Милевски од 2014 година, а врз основа на неофицијалните, но релевантни податоци за повеќе метеоролошки станици, постои јасен тренд на зголемување на просечните температури на воздухот и намалување на годишната сума на врнежи. Така, просечната повеќегодишна температура во Скопје, според поновата низа, веќе е 12,6°С или за 0,4 степени повисока во однос на периодот 1951-1980 година.

Водните ресурси се намалуваат со сѐ помалку врнежи, а се повеќе вода се извлекува од подземните води, речните канали и езерата. Едновремено, речиси кај сите метеоролошки станици е регистрирана намалена просечна годишна сума на врнежи и тоа за околу 5%. Од друга страна, пак, според достапните податоци, драстично се зголемени сезонските и годишните амплитуди на врнежи, како и амплитудите на интензивни (поројни) врнежи. Воедно, главен проблем со трендот на врнежите не е нивното намалување, туку засилувањето на нерамномерноста и особено честината на интензивни до поројни врнежи од една страна и на сушни периоди од друга страна. Наведеното веќе има ефект врз појавата на метеоролошко-хидролошки природни непогоди (поплави, ерозија, свлечишта, суши и др.). Во таа смисла, од податоците со кои располагам, добар систем на акумулации во комбинација со соодветни биотехнички и хидротехнички мерки, може не само да го ублажи ефектот, туку и драстично да ги намали штетите од изразито нерамномерните врнежи. Засилениот интензитет на врнежи што го покажуваат зачестените еднодневни екстреми кои достигнаа и над 100 mm, се вклопува во веќе поставените сценарија за климатски промени во Македонија, кои предвидуваат 5°С пораст на просечните температури и 25% пад на врнежите до крајот на векот.

efekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija 2Слика 2. Дел од постоечките природни непогоди во Македонија. (1) Катастрофалната поплава во Скопје, 1962 година; (2) Ерозија во подрачјето на Кратовско; (3) Активирано свлечиште во Битолско, од поројните врнежи; (4) Поплавата во Стајковци, 2016 година.

Дури само делумно остварување на ова сценарио би значело огромни проблеми со водоснабдување, наводнување, аграрно производство, добивање на хидроенергија и сл. Територијата на Македонија се очекува да биде во опасност од засилено распаѓање на карпите и на падинските процеси, зачестени поројни дождови, екстремна ерозија и акумулација на нанос, слабеење на карстниот процес, поместување на периглацијалните процеси кон највисоките планински области, зачестена појава на свлечишта и одрони, урниси, интензивни поплави, пожари, суши, топлотни бранови, екстремно студени и снежни појави, лавини и останати геохазаради и атмосферско-хидролошки непогоди кои се прикажани во табела 1. Исто така, климатските промени допринесуваат за големи осцилации на нивоата на природните, вештачките езера, реките, изворите и сл. (пример Вевчански извори, извори кај Св. Наум и др.), потоа пресушување на повеќето мали природни езера (планински-глацијални, мочуришни, карстни) и чести минимуми на природните и вештачките езера (пример екстремниот минимум на Преспанското Езеро). Исто така се смета дека страничната ерозија во идниот период ќе биде многу поизразена од вертикалната што пак ќе доведе до зарамнување на релјефот.

efekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija 3Слика 3. (1) Лавина во долината на Радика, 1956 година; (2) Пресушување (минимум) на Преспанското Езеро.

Како последица на климатските промени е екстремно долгиот топлотен бран, на кој сме сведоци во овогодинешното лето (2021), кој беше една од причините за појава на бројни катастрофални пожари во нашата држава, па и на цела јужна Европа. Всушност, глобалното затоплување ќе биде причина за се почести „пеколни“ лета и се пожестоки пожари во годините што доаѓаат. Факт е дека шумите се многу битен ресурс за секоја држава и нивното уништување ќе се рефлектира во многу сфери од нашето живеење. Воедно, губењето на шумите на ваков начин ќе придонесе за зголемен број на поројни поплави, свлечишта, намалено количество на водни ресурси и други негативни промени во животната средина.

efekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija 4Слика 4. Дел од пожарите и топлотниот бран кои ја зафатија Македонија. (1) 2007 година; (2) 2021 година.

Понатаму, во недостаток на соодветна заштита од вегетација, почвите ќе станат склони кон ерозија. Особено силни ефекти се очекуваат во котлините на југот на државата и тоа Тиквешката, Гевгелиско-Валандовската и Струмичко-Радовишката. Поројните сливови ќе станат уште попоројни со нагли поплави и транспорт на еродиран материјал. Според повеќе домашни истражувања, веќе се забележани големи промени кај просечниот протек на речиси сите поголеми реки во Македонија во изминатите 50-тина години. Истиот тренд е забележан и за минималниот и максималниот годишен протек на реките во Македонија што ќе влијае на речната ерозија и акумулација. Климатските промени условуваат и зачестени екстремни хидролошки појави, засилена ерозија во горните делови на сливните подрачја и акумулација на нанос во долните сливови. Според тоа, севкупниот ефект на ерозија и акумулација на нанос ќе биде зголемен, со значителен ефект врз релјефот во вид на десертификација (опустинување). Зголемените вредности на температурите и на температурните амплитуди доведуваат до забрзано распаѓање на карпите. Иако, на прв поглед, помалата количина на врнежи би требало да води кон послаба ерозија, во реалноста состојбата е многу покомплицирана. Сезонските варијации во однос на количеството на врнежи, може да доведат до намалување на вегетациската покривка, а временските непогоди да водат кон зачестени поплави со засилена површинска и длабинска ерозија, како и зачестени појави на свлечишта.

Табела 1. Постоечки и очекувани непогоди во Македонија како резултат на климатските промениefekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija 5

efekti na klimatskite promeni vrz prirodnite nepogodi vo makedonija 6Слика 5. Карта на подрачја подложни на свлечишта во Македонија.
Извор: Милевски, 2014

Што треба да се преземе?

Најпрвин потребно е државата да подготви соодветни стратегии, планови и програми и нивно задолжително и правилно имплементирање. Истата да биде спремна да се справи со секоја природна непогода, со оглед на зголемување на температурите, потоа неопходно е да има повеќе зеленила во градските средини, итн. Еден од првите чекори е да се подигне јавната свест на луѓето. Да размислуваме локално, регионално и глобално. Да бидеме проактивни – на образовно и научно поле. Да ја чуваме планетата Земја, за да не чува и таа Нас. Да сфатиме дека Земјата ни е единствен дом и мора да се грижиме соодветно за неа, а од друга страна, пак, да ги тргнеме предрасудите на страна и да се освестиме дека климатските промени се реалност, а не заблуда.

 


Автор: Бојана Алексова

bojana aleksova 150x150 1Бојана Алексова, магистрант по географија, млад истражувач со посебен интерес кон физичката географија, демонстратор на Институтот за географија при ПМФ, член на Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“.

https://ig.pmf.ukim.edu.mk/teachers/view/22

https://www.researchgate.net/profile/Bojana-Aleksova

https://www.linkedin.com/in/bojana-aleksova-b8365b1bb/

Сподели