Животната средина помеѓу сезнајковците и мрзливите

29 декември 2025

Иако веќе изминува четвртина од 21-от век, во Македонија сè уште се дискутира, дебатира и негодува околу значењето на здравата животна средина

Писмо од уредникот

Иако веќе изминува четвртина од 21-от век, во Македонија сè уште се дискутира, дебатира и негодува околу значењето на здравата животна средина и зошто е важно да се грижиме за природата и биолошката разновидност. За да биде состојбата уште потрагична, мора да признаеме дека овде сè уште се дискутира и за многу поелементарни теми како урбаната хигиена, управувањето со отпад и личната одговорност кон нашето најблиско опкружување. Оптимистичкиот поглед кон идното подобрување на состојбата и општествениот однос кон животната средина стануваат сè потешки, имајќи ги предвид бројните досегашни разочарувања. Ситуацијата со животната средина во 2025-та година, не само што се влоши, туку, за жал, стана и покомична. Во оваа трагикомедија дефилираат три групни карактери: оние кои сакаат искрени промени кон животната средина, оние кои мислат дека знаат како може да се реши овој, како и секој друг проблем во државата,  и оние со реална одговорност што остануваат слепи, глуви и неми на сè што се случува на темата. Ова ќе беше само интересен општествен феномен доколку ситуацијата не се одвиваше под диктат на една лажна дихотомија — помеѓу сезнајковците и мрзливите.

Се прават планови, колку да се прават планови

Низ повеќе меѓународни извештаи и студии сè почесто се утврдува ставот дека Македонија е „шампион на хартија“, односно, дека тука се изготвуваат многу студии, планови, насоки и извештаи, но сето тоа останува само таму, на хартија. Речиси никогаш немало ниту има план за егзекуција, календар на настани, периоди и фази, туку само изработка на студии и нивно чување на фиока. За жал, овие документи се фокусирани токму на оние теми кои се точка на триење или „жешки точки“ во јавниот дискурс.

Министерството за животна средина, на самиот крај од претходната година, го претстави новиот План за почист воздух, кој треба да се реализира во следните пет (сега веќе четири) години, со конкретни проекти и рокови за намалување на загадувањето. За се утврдат резултатите од првата година од овој план потребен е микроскоп, зашто за овој План, или ништо не е направено, или е направено многу малку, а постои и трета, пострашна, опција – направено е нешто, но јавноста воопшто не е запознаена со направеното.

Македонија е ранлива на екстремни климатски настани: поплави, пожари, суши. Проекциите упатуваат на зголемување на фреквенцијата и сериозноста на овие настани. Надлежните институции и меѓународните партнери (како Светска банка) укажуваат дека на земјата ѝ се потребни милијарди долари инвестиции за адаптација и заштита на населението и економијата. Иако секоја година, како и оваа, се изработуваат и објавуваат нови национални извештаи за климатски промени и транспарентност, вклучувајќи и 5-ти национален извештај, за оваа тема секогаш се разговара исклучиво во мал круг на едни исти актери. Секако, без никакво лобирање, со цел постигнување на реални резултати.

„Без напредок“ –  ова е просечниот заклучок на извештајот на ЕУ во поглавјето за животна средина и климатски промени. Ова е четврти последователен извештај каде повторно се потенцира криминално нискиот напредок на државата кон заштита на животната средина.

На почетокот на есента, Владата објави дека планирани се 18,5 милиони евра за еколошки програми во следната година. Доколку претходните зелени политики на владејачката коалиција, особено оние на ВМРО-ДПМНЕ, се земат како референца, ќе се увиди дека досега, и историски и органски, тие биле против заштитата на животната средина. Нивните официјални и полуофицијални ставови за развој на рударската дејност дополнително укажуваат дека денес јасно и децидно се оди кон целосна неоколонизација на државата и нејзините природни ресурси, што ваквите буџетски ветувања ги прави празни.

Оние кои мислат дека знаат и оние кои треба да знаат

Оваа година ДОМА и Институтот за комуникациски студии изработија, компаративна анализа на еколошката писменост и еколошка свест во Македонија. Добиените заклучоци отвораат повеќе прашања отколку што даваат одговори но, според сите параметри, еколошката свест кај Македонците е сомнителна. Секако, ова емпириски го објаснува односот на Македонците кон животната средина, а резултатите од тоа однесување може да се видат насекаде.
Еколошките проблеми се комплексни, мултидисциплинарни и мултидимензионални. Дополнително, тие се неверојатно скапи, бараат многу трпение, многу тешки и непопуларни одлуки. Но, исто така, решевањето на еколошките проблеми бара точно утврден план со фази, временска рамка и реални очекувања. Сето ова е невозможно да случи доколку, наместо план, се креира бескрајна какафонија од лични ставови, полувистини и тривијалности кои доаѓаат од сите страни. Ова не е ендемично само за прашањата на животната средина, туку претставува метод со кој се „решаваат“ речиси сите важни општествени теми — постојаната потреба и порив секој да има став за сè, без притоа да постои суштинско разбирање. Проблемот овде настанува од едноставна причина – во Македонија отсуствуваат државни и независни истражувачки организации и инситутиции кои треба да имаат за цел да се занимаваат со проучување, управување и решевање на проблемите со животната средина. Ова јасно се гледа во веќе пропаднатата Стратегија за заштита на животната средина. Во моментов, невладини организации, граѓански движења и поединци имаат подетален преглед на ситуацијата отколку мнозинството од одговорните државни институции. Но, нивниот глас не може да се сфати и прими како сериозен, токму поради онаа какафонија од ставови што секој јавно ги изнесува за секоја тема, а медиумите само ги пренесуваат.

Според објавените истражувања, авторски и истражувачки научни проекти, само многу малку луѓе во Македонија имаат педигре да коментираат и да советуваат околу состојбата на животната средина, но што може да се направи кога дел од нив одбиваат јавно учество или пак се социјално инертни кон темата? Секое решавање на еколошките проблеми мора да се гради врз јасно поставениот процесен триаголник: државни институции, академска јавност и граѓански организации.

Македонската сивка – енциклопедиски пример за државна неодговорност

Иницијативата да се заштити македонската сивка, најзагрозената пеперутка во Европа, од меѓународна трговија, не успеа. Планот да се постави овој вид на листата на заштитени видови при Меѓународната конвенција за заштита на видовите од трговија (CITES) не се оствари. Институтот за комуникациски студии, во соработка со меѓународната организација за заштита на диви видови од трговија Pro Wildlife, речиси десет месеци се обидуваше да ги презентира сите факти и научни материјали пред Министерството за животна средина и просторно планирање кое требаше да биде главен подносител на апликацијата кон Конвенцијата во името на државата.

Сите обиди за соработка беа неуспешни.

Иницијативата не наиде на интерес во Министерството, со што се испушти рокот за поднесување на официјална апликација кон Собранието на CITES конвенцијата оваа есен во Узбекистан. Ова може да се зема како пластичен пример за тоа како државата се грижи за животната средина и биолошката разновидност. Кратко кажано – не се грижи.

Во 2026-та влегуваме во магла

Оптимизмот за животната средина во Македонија е речиси неодржлив и бара многу енергија. Но, ако внимателно и детално ги разгледаме случувањата можеме да најдеме мали светли точки.
Оваа година се одржа Прва младинска конференција за клима (LCOY North Macedonia 2025) – младински форум во Скопје каде што млади од цела земја дискутираа за климатските и еколошки предизвици. Потоа, цело лето млади еко-активисти ја чуваа реката Дошница од нејзино уништување. Оваа година, како никогаш порано, се слушаше младинскиот глас за подобра животна средина. Средината на јануари 2025 година, МОН И БРО објавија Нацрт концепција за реформи во гимназиското образование со цел актуелизирање на програмата во средните училишта – гимназии, која не е променета повеќе од 20 години. Едно од четирите главни начела кои се предложени во концепцијата е токму промовирање и заштита на животната средина.

Доколку овие мали искри на надеж и желба за промена не се искористат правилно или, уште полошо, бидат злоупотребени, во новата 2026-та ќе влеземе во уште поголема магла од оваа, веќе полна со смог, која ја искусуваме оваа зима. На овогодишните локални избори, животната средина несомнено беше главна точка на дискусија, но постизборните резултати и програмите на нивните лидери не даваат можност да се радуваме на малите промени оваа година.

ДОМА во 2025 – та

Оваа година во ДОМА имавме повторно една јасна цел: да докажеме како можат новинарството и комуникациските науки да придонесат кон зачувување на животната средина. И оваа година сакавме да понудиме вистини, факти, анализи и препораки, многу повеќе од трагање по ексклузива и сензација. Се обидовме најдобро што знаеме и можеме.

Од мое лично име, редакцијата на ДОМА и Институтот за комуникациски студии, Ви посакувам среќни празници!

    Поврзани приказни