Зелена реторика и скапа реалност: Што навистина нуди програмата на Орце за Скопје?

25 декември 2025

Како завршува годината, така симболично се означуваат и 40-те дена од градоначалствувањето на новиот градоначалник на…

  • Скопје во длабока криза, програмата како „лакмус“
  • Визионерска, но неоперативна програма
  • Проектна еуфорија и управувачки ризик
  • Слаб и симболичен еколошки пристап
  • Недостаток на финансиска и институционална логика

Како завршува годината, така симболично се означуваат и 40-те дена од градоначалствувањето на новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а со тоа и на Советот на ВМРО-ДПМНЕ. Изборната програма на секоја нова гарнитура треба да се користи како политички лакмус за да се одредат целите, вредности и насоките во кои ќе се развива, во овој случај, градот Скопје во својата блиска иднина. Градоначалникот, ја презеде функцијата додека Скопје и околината ги живеат своите најнеславните денови во модерното време. Градот, по речиси сите еколошки, урбанистички, архитектонски, социјални, хигиенски и безбедности аспекти, може да се смета за „мртов град“.

Политичката програма  која на официјалната веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ е едноставно насловена како „Орце – Скопје 2025“, се позиционира како визионерски и реформски документ, со јасна намера да одговори на долгогодишните проблеми на градот: загадување, урбан хаос, нефункционален транспорт, девастација на јавниот простор и слаб квалитет на живот. Наративот е силно ориентиран кон „нов почеток“, „ресетирање“ и „хуман град“. Меѓутоа, токму во тој амбициозен и симболички наратив се содржат и најголемите слабости на програмата.

Програмата како визија, а не како управувачки документ

За разлика од другите политички партии и кандидати, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Ѓоргиевски за првпат и со значен труд пристапуваат кон проблемите со животната средина, а тоа може да се забележи по приоритизирањето на животната средина, заедно со другите проблеми во градот. Основната маана на програмата е тоа што таа функционира повеќе како манифест, отколку како оперативна програма за управување со град. Документот изобилува со идеи, проекти и слогани, но ретко нуди: временски рамки,  приоритети, институционални носители, финансиски проценки и индикатори за успех. Како резултат на тоа, програмата остава впечаток дека сè е подеднакво важно, што во реалното управување е невозможно. Отсуствува јасна хиерархија на проблеми и решенија, а без неа, постои ризик градската администрација да се заглави во паралелно започнување на премногу иницијативи, без капацитет да ги доведе до крај.

Програмата е интересна по преоптовареност со проекти и „проектна еуфорија“.  Таа нуди десетици големи и мали проекти: мега паркови, зелен архипелаг, градски воз, климатски неутрално Скопје, еко-фонд, зелени коридори, нов комунален ред, зони со ниска емисија, дигитални платформи, совети и бордови… Овој пристап создава проектна еуфорија, но и сериозен управувачки ризик. Во пракса, Град Скопје има ограничен административен капацитет, зависи од државни институции за клучни инфраструктурни проекти и функционира во комплексна мрежа од 10 општини со различни интереси. Програмата не покажува свесност за овие ограничувања. Таа претпоставува дека политичката волја сама по себе е доволна за реализација, што е наивна претпоставка во сложен урбан систем како Скопје.

Таа има јасна амбиција да се прикаже како „сеопфатен план за трансформација на Скопје“, но во својата суштина функционира повеќе како каталог на идеи и желби, отколку како изводлива развојна стратегија. Наративот е изразено оптимистички и мобилизирачки, ориентиран кон „големи проекти“ и „симболички интервенции“, фокусиран на идентитет („зелено“, „европско“, „модерно“ Скопје), но слаб во техничка и финансиска артикулација. Ова создава јаз меѓу политичката порака и реалните капацитети на градот.

zelena retorika i skapa realnost sto nudi programata na orce grafikon 1
  Структура и бројност на проекти во целата програма по теми

Проблематичен пристап кон решавање на еколошките проблеми

Иако животната средина е централна тема во програмата, пристапот е повеќе естетски отколку структурен. Зеленилото, парковите и чистотата се третираат како визуелен и симболички лек за загадувањето, додека индустриските извори, енергетскиот систем, урбаното греење, транзитниот сообраќај, остануваат маргинално разработени. Дополнително, некои предложени мерки (како пречистувачи на воздух на отворено, масовни акции за чистење) имаат ограничен или симболичен ефект, но висока медиумска видливост. Ова укажува на ризик од замена на ефективни политики со комуникациски атрактивни решенија. Програмата страда од т.н. project overload: Наместо јасни приоритети, таа нуди десетици проекти со слична тежина. Нема хиерархија – мали локални интервенции се третираат рамноправно со капитални инфраструктурни зафати.

zelena retorika i skapa realnost sto nudi programata na orce 1

Обврзувањето кон „климатски неутрално Скопје до 2030“ е исклучително амбициозно, но во програмата нема инвентар на емисии, нема секторски цели, нема план за декарбонизација, нема анализа на ризици од климатски промени. Ова ја сведува климатската агенда на декларативна цел, без техничка и институционална подлога. Таквиот пристап создава висок ризик од дискредитирање на самата идеја за климатска политика кога целта неизбежно нема да се исполни.

Поставување „пречистувачи на воздух на отворено“ е научно неефикасна мерка – тие не можат значајно да влијаат на концентрација на ПМ-честички во атмосфера. „Еко бригади 24/7“ и „микро-акции“ звучат симболично, но нема системски пристап кон управување со отпад и рециклирање. Електрични полначи на 100 локации се предвидени без анализа за побарувачка, електрична мрежа или одржување.  Дополнително, програмата изобилува и со урбанистички контрадикции. Иако се зборува за „зелени коридори“ и „ограничување на автомобили“, паралелно се планираат нови улици и мостови, што го стимулира автомобилскиот сообраќај. Нема план за намалување на паркинг капацитети, што би било логичен чекор во зелена политика.

Низ целиот документ има недоволна социјална и граѓанска вклученост. Иако формално се спомнуваат „совети“, „бордови“ и „јавни дебати“, не е објаснето како реално ќе се вклучи јавноста во донесување одлуки. Не се дефинирани механизми за отчетност и транспарентност на трошење.

zelena retorika i skapa realnost sto nudi programata na orce grafikon 2 1
Тема и бројност на проекти во сектор животна средина во Програмата

Нелогичности со управување и одговорност

За да се оствари некој план или во овој случај програма мора да постојат јасно дефинирани и назначени одговорности. Во оваа Програма, може да се забележи институционална инфлација и нејасна одговорност. Програмата често предлага формирање на совети, бордови, комисии, координативни тела, но не објаснува како тие ќе се разликуваат од постојните институции, кој носи конечна одговорност, како се спречува префрлање на вина. Ова создава ризик од институционална инфлација, каде што има многу тела, но малку реална моќ и одговорност.

Наративот на програмата имплицира дека градот треба да започне „од нула“. Речиси и да нема анализа на што функционирало досега, кои политики треба да се подобрат, што може да се надгради. Овој пристап ја игнорира институционалната меморија и реалноста дека се управува со жив систем, а не со празен лист. Ризикот е повторување на стари грешки под ново име.
Многу од проектите (јавен превоз, фабрика за рециклажа, топловодна мрежа) зависат од државни институции, но не е наведено како ќе се координираат. Без државна поддршка, локалното ниво нема надлежности ниту ресурси за дел од предложените интервенции. Програмата не се осврнува на веќе постоечките иницијативи на Град Скопје или Министерството за животна средина – ниту ги надградува, ниту ги анализира. Се создава впечаток дека се започнува „од нула“, што ја ограничува практичната вредност на документот.

zelena retorika i skapa realnost sto nudi programata na orce 2

Поставеноста на Програмата создава проблем на надлежности и институционален капацитет. Многу проекти во програмата не се во надлежност на Град Скопје (железница, енергетика, индустриски надзор), зависат од државни институции или јавни претпријатија и бараат административен капацитет што моментално не постои. Програмата не го адресира институционалниот јаз помеѓу визијата и реалноста на јавната администрација.

Недостаток на финансиска логика

Програмата воопшто не содржи финансиска рамка, што е најголем системски пропуст. Во неа нема проценет буџет по проект, нема збирна цена по сектор, нема извори на финансирање (градски буџет, државен буџет, ЕУ фондови, кредити) и нема временска распределба на трошоците. Проектите се екстремно амбициозни (мега паркови, електрични полначи на 100 локации, градски воз, градска шума), но не е наведена финансиска рамка, извори на финансирање ниту проценка на одржливост. „Еко фондот“ се споменува како извор, но не се дефинира неговиот обем, приходни извори и управување. Програмата звучи повеќе визионерски отколку изводливо, особено без поддршка од државен буџет или меѓународни кредити.

Многу е тешко да се направи реалистична финансиска проценка (ориентир и апроксиматив). Но,  врз основа на споредливи европски и регионални проекти, вкупниот трошок за реализација на програмата би изнесувал приближно меѓу 500 милиони и 1 милијарда евра (за 4–8 години) – што технички и го надминува мандатот на градоначалникот, доколку не се земе во предвид и потенцијален втор мандат. Само за споредба: Годишниот буџет на Град Скопје е приближно 120–140 милиони евра, од кои голем дел се фиксни трошоци. Ова значи дека без државна поддршка, заеми или масовно користење ЕУ фондови, програмата е финансиски неостварлива.

zelena retorika i skapa realnost sto nudi programata na orce grafikon 3
Две сценарија за вкупна цена на програмата: Минимална проценка: ~150 милиони € Максимална проценка: ~880 милиони € (проценките се базирани на европски и регионални трошоци за инфраструктура, зелени проекти, транспорт и комунални системи)
Проценет инвестициски опсег по сектор (милиони евра)
zelena retorika i skapa realnost sto nudi programata na orce grafikon 4

Дали Орце може да го спаси Скопје?

Состојбата со животната средина во Скопје е во очајна состојба, а за ова секако е потребен стратегиски пристап. Доколку само накратко се прелиста програмата, доколку се види бројот на проекти и иницијативи, може да се добие впечаток дека градоначалникот има јасна визија и стратегија. Но, во програмата не се прави разлика меѓу „што сакаме“,  „што можеме“ и „што е во наша надлежност“. Со дури 28 проекти за животна средина, таа е најобемната тематска област во целата програма, но и истовремено е и финансиски најтешка (≈ 150–880 милиони евра според претходната проценка), а дополнително најслабо разработена во однос на изводливост и приоритети. Низ програмата нема приоритети, нема фази, нема технички спецификации и многу важно – се мешаат мали акции со мега инфраструктури. Но, сепак за првпат во еден сериозен политички документ се вклучуваат некои успешни, јавни акции како „генералка“ акција за собирање на отпад. Што заедно со уште други 20-тина проекти и иницијативи ја прават оваа политичка програма полна со амбиција. Но, Програмата се однесува на еден мандат (4 години), а наведените проекти се 10–20 годишни инвестиции, што значи дека Програмата се базира на некој идна демократија, каде локалната самоуправа не е силно партизирано тело, што секако е скап облог. Според она што може да се прочита, визијата на новиот градоначалник  е класичен симптом на политичка програма без финансиска и политичка архитектура.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Автор: Кирил Арсовски Пржо

Фотографии: Дарко Андоновски

    Поврзани приказни