„Дувна ветре развигорче!“ – значењето на шумите, планскиот урбанизам и ветрот за општото здравје
Бранко Прља
Секој граѓанин на Скопје, независно од тоа дали е заинтересиран за екологијата или не, забележал дека кога има ветер во Скопје полесно се дише. Тоа го покажуваат и мерачите на загадувањето. Ветрот е природна појава предизвикана од движење на воздухот од место со поголем кон место со помал притисок. Но, се поставува прашањето колку ние, луѓето, планерите на градот, урбанистите, еколозите, задолжените за зелени површини во и околу градот, можеме да ѝ асистираме на природата за таа да ни помогне нам.
Значењето на шумите за климата и ветрот
Во летниот период обично не се грижиме премногу за загадувањето на воздухот затоа што е во границите на „нормалата“, но штом застуди почнуваат проблемите. Освен тоа, во летниот период се запоставуваат зелените површини, се сушат и не се обновуваат. Имаше обид со „Зелениот катастар“ да се воведе ред, но како и многу други работи во нашето општество, тој прерасна во фарса. Сето тоа, како во приказната за „Мравката и штурецот“, ни носи проблеми со камата. Секако, имаме и други грижи. Како и останатиот дел од светот погодени сме од пандемијата од корона вирусот, но сепак не треба да заборавиме дека зимата доаѓа, а тоа не подразбира само подготовка на зимници, туку и масовно сечење на шумите за грејната сезона.
Голем дел од тоа сечење е бесправно, особено во Скопска Црна Гора, Пелистер, Крушевско … Од наведените извори јасно се гледа дека голем дел од вкупните количини дрво кое се користи за греење е бесправно исечено и дека состојбата не е подобрена до денес. Оваа појава е јавна тајна веќе со децении. Научниците и еколозите одамна имаат откриено дека шумите не само што создаваат кислород, туку ги апсорбираат стакленичките гасови (CO2), прашината и другите штетни гасови односно сите негативни елементи од воздухот за кои толку често зборуваме во текот на зимата. На тој начин тие ја вршат фунцијата на природни филтри и прочистувачи на воздухот, исто како домашните апарати за придвижување и прочистување на воздухот кои најмногу се рекламираат за продажба во зимските месеци. Освен тоа, шумите имаат битна улога во регулација на климата на локално и глобално ниво.
Извор: Freepik.com
Интересна е теоријата дека шумите не само што ја регулираат климата, туку и создаваат дожд и ветер. Тие се самоодржливи системи. Според Анастасија Макариева од Институтот за нуклеарна физика од Санкт Петербург „влажниот воздух се рециклира во атмосферата благодарение на шумите и заедно со овој процес се создаваат ветришта кои ги придвижуваат овие влажни маси.“ Таа го нарекува овој процес биотичка пумпа. Значи, Макариева укажува на тоа дека шумите создаваат не само дожд, преку процесот на испарување, туку и ветер, поради намалувањето на воздушниот притисок со кондензација на водената пареа.
Ако градот го набљудуваме како површина покриена со асфалт и згради, која побрзо се загрева и ја задржува топлината (според теоријата на урбани топлотни острови), а шумите побавно ја задржуваат топлината, природно е да се замисли дека шума околу градот ќе предизвика придвижување на ветрот од површина со поголем притисок (шумата, каде што е постудено), кон површина со помал притисок (градот, каде што е потопло).
Зградите против ветрот, ветрот за зградите
Ветрот во градовите е толку значаен што секое негово попречување доведува до зголемено загадување, од автомобилите, греењето, индустријата и слично. Урбаното планирање е пресудно за секој град, а особено за поголемите. Во Скопје се направени многу зафати кои создале непробојни ѕидови за движењето на воздушните струи, од кои во поново време големите згради во населбите Карпош и Аеродром, кои (случајно или не) се обично погодени од поголемо загадување.
При градењето на Vienna International Centre (UNO City), седиште на Обединетите Нации, како и многу други организации, канцеларии, ресторани, училишта и слично, ветрот е земен предвид при правилното позиционирање на зградите, како и нивната форма. Овој пристап се користи не само за овозможување на природен проток на воздухот помеѓу зградите, туку и за ладењето и природната вентилација во самите згради.
Но, не мора да застанеме тука. Кога ветрот удира, со правилно поставување на канали за влез и излез на воздухот, со помош на разликата во притисокот, природата сама ќе го „брка“ застоениот воздух надвор, а свежиот ќе влегува внатре. Тоа значи дека помалку ќе се користат клима уреди и ќе се заштедат многу пари, а во денешно време на опасни вируси знаеме колку е битно проветрувањето и некористењето на клима уредите кои го циркулираат потенцијално опасниот воздух во затворените простории. Значи, со еден зафат се покриваат три битни области: намалено загадување (екологија), помала потрошувачка на струја (економија) и побезбедна животна средина (здравство).
Слика: rheologic.net
Архитектот Мик Пирс се прослави со градење голем комерцијален објект во Зимбабве со способност да се „самовентилира“ и така не само што го решил проблемот со загревањето на зградата, туку и помогнал да се заштеди на сметките за струја. Неговиот дизајн е инспириран од мравјалниците (поточно живеалиштата на термитите). Тие природно имаат систем на саморазладување кој температурата во мравјалникот ја одржува на пониско ниво отколку надворешната. Овој случај ни покажува дека решенијата се во природата, само треба да ги побараме.
Затоа, во светот во последните 50-тина години, многу се посветува внимание на оваа тематика. Според студијата Wind climate in city centres (Клима на ветрот во градските центри) објавена во „Journal of Wind Engineering and Industrial Aerodynamics (Журнал на ветерно инженерство и индустриска аеродинамика), 38 (1991): „Поради блиското растојание и неправилното поставување на зградите, вентилацијата во градските центри може да биде недоволна…“ и „Во последните години поради климатските аспекти, а особено проблемот со прочистување на загадувачите со свеж воздух надвор од центарот на градот, ветрот почна да се смета за витален од страна на градските планери…“
Според тоа, во научната литература и урбанистичка практика овој проблем се смета за витален од крајот на 1980-тите години, кога активно почна да се зборува за климатските промени и акумулацијата на стакленичките гасови. Според многу извори мора да се овозможи „правилна циркулација на ветрот по улиците заради вентилација на градот и да се осигура дека концентрацијата на различни загадувачи, како издувните гасови, ќе остане во прифатливи норми.“
Се разбира, кај нас, 50 години подоцна, ова се‘ уште не се смета за пресудно прашање и постојано никнуваат згради една до друга, без никаков ред и планирање во однос на нивната социјална, економска и еколошка функција. Економското влијание се зема предвид, но само за инвеститорот. Квалитетот на животот во тие висококатници и во нивната околина, како и здравјето на жителите се на последно место.
Во исчекување на ветрот
Се чини дека сме се‘ уште далеку од какво било интуитивно, органско, еколошко, планско или едноставно здраворазумско решение за загадувањето во нашиот главен град и државата. Згради мора да се градат, тоа е јасно, но дали мора да се градат по секоја цена на неповолни места и без никаква интеграција со урбаните, природните или социјалните аспекти на живеењето во еден голем град, останува под знак прашање можеби за идните генерации.
Но, колку генерации треба да се жртвуваат додека се чека решението? Она што го дишеме влијае на нашето здравје и општата добросостојба, а здравјето треба да се чува, секогаш, но особено во овие комплексни и тешки времиња исполнети со мноштво проблеми на урбаниот густо населен живот. Секој поединец може да се бори против загадувањето со тоа што ќе вози велосипед наместо автомобил, или така што ќе селектира отпад наместо да го поддржува неговото горење со општиот отпад, или едноставно може да засади дрво. Сепак, поединецот не може да ги заштити шумите или градовите. Тоа е одговорност на државата и институциите и единствено што можеме да направиме е да ги потсетиме дека сме свесни за проблемите и да им дадеме гласност.
Во меѓувреме ни останува да се радуваме на ветрот кога ќе задува и да ја запееме гласно „Дувна ветре развигорче,“ бидејќи природата можеби ни е единствениот пријател.