Злетовска Река е река во Источна Македонија. Таа е најголема притока на реката Брегалница и еден од најзначајните водотеци во македонскиот дел од Осоговскиот Масив. Според најголем дел од релевантната литература должината на Злетовска река изнесува 56 км и со што оваа река е десетта најдолга река во нашата земја. Нејзината долина изобилува со природни вредности, како од сферата на геологијата, така и во поглед на биодиверзитетот.

Горниот тек на Злетовска Река, од нејзиониот изворишен дел па сѐ до Злетово, влегува во рамките на заштитеното подрачје „Заштитен предел Осоговски Планини“, а одредени делови од нејзината долина се опфатени и со строго заштитените зони на ова подрачје. Во долината на оваа наша река се среќаваат значајни шумски заедници, ендемски растителни видови, ретки видови птици, инсекти и цицачи, а од сферата на геодиверзитетот долината изобилува со локалитети, меѓу кои, со својата атрактивност се издвојува самото карпесто корито на реката, со бројни брзаци, слапови и водопади, опкружено со стрмни карпести страни, на места речиси вертикални и високи и до 400 – 500 м, на кои се формирале бројни сипари, но и атрактивни остенци и други денудациски форми.

Атрактивноста на клисурата на Злетовска Река е препознаена уште во Просторниот план на Република Македонија  (2004-2020) во кој уште тогаш е предвидено воспоставување посебно заштитено подрачје. За жал, и покрај заштитениот статус и крај оваа наша река може да се забележат бројни нарушувања на амбиентот, расфрлени отпадоци и траги на една општа човечка негрижа за природата.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 1

Изворишниот дел на Злетовска Река е сместен длабоко во Осоговските Планини, под врвот Ретки Буки (1.742 м) на надморска височина од нешто повеќе од 1.600 м.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 2

Според топографската карта на официјалната страна на Агенцијата за катастар и недвижности, реката под називот Злетовска тече по спојот на двете помали реки, Модра и Горна Река, кои собираат води од повеќе мали потоци кои извираат северно и јужно од врвот Ретки Буки.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 3

Двете реки се спојуваат на надморска височина од 1.265 м. источно од врвот Дервишица и оттаму, до својот влив во Брегалница, Злетовска Река тече во должина од околу 50 км. Вкупната површина на сливното подрачје на реката изнесува 513,1 км2.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 4

Долж течението на оваа наша река, а особено во нејзиниот горен тек, амбиентот се карактеризира со фасцинантен релјеф, чиста природа, длабока долина, повеќе водопади, огромни сипарски појаси, стрмни карпи, богат биодиверзитет и многу други природни вредности.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 5

Највпечатливиот дел на долината на Злетовска Река е нејзината клисура која просторно го зафаќа делот од долината помеѓу вливот на нејзините две леви притоки: Емиричка река на север и Ештерец на југ, во должина од 10 км.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 6

Клисурата е значајна поради повеќе интересни релјефни појави како што се: длабока речна долина која на места има кањонски изглед, на чии страни има сипари со големи димензии, карпести остенци и мали денудациони форми, потоа повеќе водопади, брзаци и слапови во коритото на Злетовска Река и нејзините притоки и др.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 7

Поради всекувањето на коритото на реката низ отпорни магматски  карпи, клисурата е доста длабока (400 – 500 м), со стрмни, на одредени места речиси вертикални карпести страни. Тоа е особено карактеристично во делот пред вливот на Јамишка река, во должина од околу 6 км.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 8 1

На долинските страни се формирани бројни сипари, настанати со механичко распаѓање на вулканските карпи. Поради големиот наклон, сипарскиот материјал претставен со парчиња и блокови големи и до 1 м2, постепено се лизга кон долинското дно. Некои сипари се долги и до 250 м, a вкупниот волумен на распаднатиот сипарски материјал изнесува околу 5 милиони м3.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 9

При распаѓањето, во релјефот заостануваат остенци од поцврсти карпи и други денудациони форми со најразличен облик кои на кањонот му даваат уште поатрактивен изглед.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 10

По течението на реката низ кањонот се забележуваат повеќе брзаци, слапови и водопади од кои најголем е водопадот противно од вливот на Јамишка Река кој е висок 5 м, а под него се формирал голем водопадски лонец со длабочина од 3 м.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 11

Атрактивни водопади, поединечни или по неколку во низа, се среќаваат и на притоките на Злетовска Река, особено во делот пред нивниот влив.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 12

Со преградување на Злетовска Река со 75 м висока камено-насипна брана е формирана акумулацијата Кнежево.  Таа е долга околу 3 км, широка 150-200 м и со најголема длабочина од 70 м. Површина и изнесува 0,8 квадратни км, a зафатнината 23,5 милиони км3. Водата од оваа акумулација служи за водоснабдување на повеќе општини.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 13

Злетовска Река има големи флуктуации на просечниот проток на вода, при што максимумот го достигнува во месец април, а минимумот во месец септември. Ваквите осцилации кои се движат и до сооднос 1:9 предизвикале на одредени места да дојде до излевање на реката од коритото и развивање специфична флора и фауна.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 14

Еден од највпечатливите белези на овој простор се карпестите делови на Раткова Скала. Раткова Скала се надвива над кањонестиот дел од долината на Шталковичка Река, лева притока на Злетовска, кој е всечен во кварцити, со скалести отсеци, денудациски форми и мали водопади долж речното корито. Во реонот на Раткова скала се среќаваат или гнездат неколку многу значајни видови птици како што се египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus), црниот штрк (Ciconia nigra), ’рѓестиот глувчар (Buteo rufinus), сивиот сокол (Falco peregrinus), планинскиот сокол (Falco biarmicus), златниот орел (Aquila chrysaetos), малиот клукајдрвец (Dendrocopus minor), беловрато муварче (Ficedula albicollis), итн. Според повозрасните жители на овој реон, бројот на птици во минатото бил многу поголем, но со рударските минирањата голем дел од нив го имаат напуштено овој простор.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 15

Од сферата на флората и фауната во оваа зона се среќаваат термофилни шумски хабитати кои се развиваат на многу стрмни падини и сипари. Многу значајна е заедницата на оревот и сребренолисната липа (Juglando-Tilietum tomentosae). Од значајните видови птици е забележано присуството на црниот клукајдрвец Dryocopus martius. Во водите на Злетовска Река се среќаваат значајни видови инсекти како Hydropsyche instabilis и Cordulegaster heros (Анекс II од Директивата за живеалишта).  Во овој простор живее ендемичниот лесновски лопен (Verbascum lesnovoensis), а во долниот тек на реката е регистрирана и видрата (Lutra lutra).

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 16

Покрај природниот диверзитет, одредени делови од амбиентот на Злетовска Река се одликуваат и со богат неприроден диверзитет, а како последица на креативноста на посетителите да интервенираат во просторот со оставање најразличен вид отпад, севкупно опфатен со синтагмата „од игла до локомотива“.

klisura na zletovska reka skrien biser na osogovijata 17

Долината на Злетовска Река претставува значаен сегмент на македонското природно богатство и како такво влегува во склоп на едно од поново прогласените заштитени подрачја, а тоа е „Заштитениот предел Осоговски Планини“. Долж патот крај реката, на секои неколку километри. постојат видливо поставени табли кои ги информираат посетителите за какво подрачје се работи, но, за жал, отсуствува дополнителна инфраструктура која би овозможила попријатен престој, но и санитарно одлагање на отпадоците, што би можело да биде еден од приоритетите за надлежните институции во блиска иднина.

Извори:

СТУДИЈА ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА за предлог-подрачјето за заштита  „Осоговски Планини“ во категоријата „Заштитен предел“ – МЕД

РИБОЛОВНА ОСНОВА ЗА РИБОЛОВНА ВОДА “СЛИВ НА РЕКА БРЕГАЛНИЦА” ЗА ПЕРИОД 2023 – 2028 ГОДИНА -МЗШВ

ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА ЗАШТИТЕНИТЕ ПОДРАЧЈА ВО СЛИВОТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА – проф-др Славчо Христовски

НАЦРТ-ПЛАН ЗА УПРАВУВАЊЕ  СО ЗАШТИТЕН ПРЕДЕЛ  „ОСОГОВСКИ ПЛАНИНИ“  2022-2031

БИОЛОШКА РАЗНОВИДНОСТ ВО СЛИВОТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА -Деконс Ема и МЕД

ЗНАЧАЈНИ ГЕОВРЕДНОСТИ НА ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ – проф-др Ивица Милевски

https://www.katastar.gov.mk
https://igeoportal.net

Македонска енциклопедија

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.