Реката Брегалница , втората по должина река во Македонија, со своето корито долго 225 км. и сливно подрачје кое зафаќа површина од 4.307 км2, е најзначајниот водотек во источниот дел од нашата земја. Нејзиниот тек ги обединува различните физичко-географски предели на источниот дел од државата, што резултира со комплексен хидролошки режим и разновидни морфолошки облици долж нејзиното корито. Од својот изворишен дел во Малешевските Планини, па сè до вливот во Вардар пред селото Уланци во близина на Градско, оваа наша река тече со различна динамика и низ подрачја со различна геоморфолошка конфигурација, при што, во најгорниот тек тече како типично планинска река, а долж остатокот од нејзиното течение се среќаваат неколку котлини и полиња, како и две и клисури – Разловската и Очипалско – Истибањската. Со своите природни и амбиентални вредности особено е впечатлива Очипалско – Истибањската Клисура која тече во правец исток – запад – југозапад. Клисурата претставува природна граница помеѓу Осоговскиот Масив на север и планината Голак на југ.

Почетокот на Очипалско – Истибањската клисура е лоциран во северозападниот дел на Делчевската Котлина, во близина на селото Очипала, на околу 700 м. низводно од вливот на Очипалска Река во Брегалница.

Со изградбата на браната „Калиманци“ во 1969 година и создавањето на вештачкото Калиманско Езеро, во Очипалско – Истибањската Клисура се издиференцирале три геоморфолошки целини низ кои тече реката, и тоа, Очипалската Клисура, самото езеро како проширување на клисурата во близина на Македонска Каменица и Истибањска Клисура, од браната Калиманци до селото Истибања.

Очипалската Клисура претставува флувијална ерозивна формација која ја следи патеката на реката Брегалница од селото Очипала до акумулацијата Калиманци. Низ неа Брегалница тече во должина од околу 18 км.

Клисурата има епигенетски карактер, а што се однесува до литолошкиот состав, таа е всечена во гранитоидни карпи, гнајсеви и шкрилци.

Карактеристично за овој дел од Брегалница се бројните меандри кои таа ги создала речиси долж целото течение од Делчевската Котлина до Калиманското Езеро.

Езерото Калиманци зафаќа значаен дел од Очипалско – Истибањската Клисура. Езерото е долго 14 км, зафаќа површина од 4,23 км2, максималната длабочина изнесува 80 метри и акумулира 127 милиони м3 вода што го прави најголемо езеро во источна Македонија.

Езерото се карактеризира со голема брегова разгранетост со должина на брегот при просечен водостој од 40,5 км, што е подолго од бреговата линија на Дојранското Езеро.

На Калиманското Езеро се наоѓа и единствениот остров во источна Македонија наречен Калата. Островот има просечна површина од околу 1,5 хектари, што зависи од нивото на водата во езерото, а при низок водостој копнено се поврзува со останатиот дел од брегот на езерото при што добива карактеристики на полуостров. Покриен е со шумска и тревна вегетација и е населен со разновиден животински свет, меѓу кои доминираат видови од херпето и орнитофауната.

Подрачјето на Очипалската Клисура и Калиманското езеро се карактеризираат со богат биодиверзитет. Меѓу бројните флористички и фаунистички видови може да се сретне и црниот штрк (Ciconia nigra), кој во Македонија се среќава во периодот од април до септември. За разлика од белиот штрк кој најчесто се среќава во рурални населби, овој вид штрк живее во мирот и тишината на околните шуми, а водните површини ги користи како извор на храна.

Јата од големиот корморан ( Phalacrocorax carbo) често можат да се забележат во реонот на Калиманското Езеро, како и долж делови од течението на Брегалница.

На потегот од браната Калиманци, па до селото Истибања, во должина од околу 8 км се простира Истибањската Клисура. Овој дел од Очипалско – Истибањската клисура е карактеристичен по тоа што Брегалница е длабоко всечена во кањонот чии страни на одредени локалитети се издигаат и 400 – 500 метри над реката.

Гледано од геоморфолошки аспект таа е интересна поради бројните денудациони форми изградени претежно во гнајсеви и во микашисти. Поради јужната експозиција, карпите се изложени на силно мехaничко (термичко и биогено) распаѓање, а во релјефот заостануваат само поцврстите партии. На тој начин се создаваат остенци во вид на печурки, столбови, игли или пак форми што потсетуваат на животински и човечки фигури. Некои остенци се маркантни и високи до 10 метри.

Според својата морфологија таа претставува класична речна клисура со стрмни страни со нагиб на многу места поголем 30°, а во нејзината основа долж двата брега на реката наизменично можат да се сретнат карпести формации од една страна или пак тераси изградени од ерозивен нанос.

Во Истибањската Клисура честа појава е селективната ерозија со која се создаваат плитки вдлабнатини во карпите, во вид на гнајсни дупки или пак псевдопештери.

Од друга страна, распаднатиот материјал се натрупува во вид на помали или поголеми сипари, или пак се тркала кон коритото на Брегалница. Најизразена појава на ерозија е забележана околу акумулацијата Калиманци.

Во рамките на Заштитениот предел „Осоговски Планини“, дел од Истибањската Клисура кој гравитира на десната страна на реката Брегалница, поради своите природни вредности е определен како посебна зона за одржливо искористување. Овој простор се карактеризира со интересна вегетација, но уште позначајно е што тој претставува природен коридор за дивите животни. Коридорот овозможува комуникација помеѓу Осоговските Планини и Обозна и Голак.

Како најзначаен водотек во источна Македонија, реката Брегалница, покрај тоа што носи огромна корист за населението, но и за природата во целина, таа истовремено трпи огромни притисоци врз одржливоста на минималните еколошки параметри, а како резултат на активностите во домаќинствата, индустријата и земјоделството. Како земја аспирант кон ЕУ, во 2008 година го усвоивме новиот Закон за води, со кој се регулира управувањето со речните сливови во согласност со Рамковната директива за водите на ЕУ. Но, законите не значат ништо ако не се почитуваат!
Извори:
СТУДИЈА ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА СО ПРЕДЛОГ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ЗАШТИТЕН ПРЕДЕЛ „ОСОГОВСКИ ПЛАНИНИ“ – МЕД
СТУДИЈА ЗА ГЕОДИВЕРЗИТЕТОТ И ГЕОНАСЛЕДСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ДРУГИТЕ КОМПОНЕНТИ НА ПРИРОДАТА (БИОЛОШКА И ПРЕДЕЛСКА РАЗНОВИДНОСТ) – МЖСПП
БИОЛОШКА РАЗНОВИДНОСТ НА СЛИВОТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА – Деконс Ема
ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБИТЕ СО ЗАШТИТЕНИТЕ ПОДРАЧЈА ВО СЛИВОТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА – Деконс-Ема и Македонско еколошко друштво
КАРТА НА ЕКОЛОШКА СЕНЗИТИВНОСТ НА СЛИВОТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА – Деконс-Ема и Македонско еколошко друштво
ПЛАН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО РЕЧНИОТ СЛИВ НА РЕКАТА БРЕГАЛНЦА – Министерство за животна средина и просторно планирање, Македонија Државен секретаријат за економски прашања, Швајцарија
МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии. Текст и фото: Дарко Андоновски