Во Македонија, како континентална земја и земја чија хидрографија е доминантно детерминирана од речните текови и езерата, темата за постоењето на острови е многу малку третирана, при што како последица во голема мера се раширило верувањето дека единствен остров во нашата земја е островот Голем Град во Преспанското Езеро.

Ваквиот пристап до пред нешто повеќе од една деценија бил иманентен и кога е во прашање македонската научна мисла, при што освен за Голем Град, во литературата многу ретко или воопшто не можеле да се најдат податоци за други острови. Првите обиди да се направи евиденција на островите во Македонија се направени од страна на проф. д-р Ивица Милевски на почетокот од минатата деценија, при што се евидентирани 13 „вистински“ острови, од кои, покрај Голем Град на Преспанското Езеро, два се наоѓаат на вештачките езера Калиманци и Тиквешко Езеро, а 10 на реката Вардар, низводно од вливот на Пчиња. Всушност, бројот на острови во нашата земја е многу поголем, веројатно околу 50, но во овој случај земени се предвид само оние кои се со површина поголема од еден хектар, што, според Милевски, како критериум може да се најде во релевантна светска литература.

Проблемот со детерминирање и евидентирање на (пред сѐ речните) острови во Македонија, всушност, е многу комплексен и повеќеслоен. Од една страна,  речните острови претставуваат хидрогеоморфолошки појави кои во голема мера се непостојани во однос на својата форма и големина, а од друга страна, дури ни светската наука нема усогласено универзален став за тоа кои параметри треба да ги поседува една територија за да се нарече остров, при што за македонски рамки, најважно е отсуството на општоприфатен став за минималната површина која таа треба да ја поседува.

Речните острови во Македонија повеќе или помалку се динамични системи кои главно се создаваат на два начини: првиот и најзастапениот е со таложење на седименти и претходно еродиран материјал на места кои се погодни за тоа, а вториот е со отцепување на дел од копното при меандрирање на реките, при што еден дел останува издвоен како остров. Во одредени случаи острови настануваат и како последица на интервенции на коритото, со цел за регулирање на водотекот на реката.

01/16

adite na vardar 1Тргнувајќи од изворот во Вруток, по течението на реката Вардар можат да се најдат неколку помали острови, но првиот што е со површина поголема од еден хектар се наоѓа во Таорската Клисура на околу 880 метри низводно од вливот на реката Пчиња во нашата најголема река. Островот е со површина од 3,4 хектари, долг е 590 метри, а должината на неговиот брег изнесува 1.230 метри. Целосно е покриен со шума и спаѓа меѓу островите со релативно стабилна форма и големина.

02/16

adite na vardar 2Во непосредна близина на Башино Село, пред самиот влез во градот Велес од северната страна, денес постојат остатоци од остров кој до пред 4 години бил еден од десетте евидентирани на реката Вардар. Островот е уништен со ископување на песок, а претходно бил со површина од околу 2,4 хектари и должина од околу 410 метри. Со едноставен преглед на историјата на фотографиите на платформата Google Earth, може да се забележи дека до 2021 година овој остров бил со стабилна форма и големина, прекриен со вегетација, а во одредени периоди на него постоеле и мали парцели под земјоделски култури.

03/16

По течението на Вардар низ градот Велес се наоѓаат неколку острови (Адето, Карпа, Јани Таш)  од кои најголемиот и најатрактивен е Јани Таш (на турски, во превод – карпа на сомовите), односно Велешката Ада. Островот се наоѓа на крајниот југоисточен дел од Велес,  во стариот дел од градот викан Долни Дуќани. Има лачна форма која го следи течението на реката, површината му е околу 1,6 хектари, а должината околу 510 метри. Обраснат е со густа шумска, нискостеблеста и останата рипариска (крајбрежна) вегетација. Една од карактеристиките му е и високата конзистентност во однос на формата и големината.

04/16

adite na vardar 4Со површина од 4,8 хектари, островот во селото Уланци до пред само 3 – 4 години беше еден од трите најголеми речни острови во Македонија. Но, поради активностите за заштита на левиот брег на Вардар, кои подоцна се претворија во брутално ископување на песок, овој остров е комплетно уништен.

05/16

adite na vardar 5Некогаш компактен и обраснат со шума, денес неговите остатоци наликуваат на некаков мини архипелаг од песочни островчиња кои се, веројатно, една од најгрдите слики што можат да се видат долж течението на нашата најголема река. За разлика од повеќето други, овој остров настанал со отцепување на дел од копното при меандрирање на реката, при што еден дел останал издвоен како остров.

06/16

adite na vardar 6Во делот од течението на Вардар, помеѓу атарите на селата Криволак и Пепелиште, има два големи речни острови од кои вториот по ред, гледано низводно, е со должина од 370 метри и површина која денес е три пати помала отколку пред 4 години, кога изнесувала околу 2,4 хектари, а островот бил широк преку 100 метри. Овој остров бил и највисок според својата релативна висина, односно истакнатост над површината на реката, која изнесувала 6 метри.

07/16

adite na vardar 7Низ Демиркаписката Клисура можат да се сретнат неколку острови, кои во најголем дел се лоцирани во нејзиниот средишен дел. Овие острови се со издолжена форма во правец на течението на Вардар и во голема мера пошумени, што ги прави стабилни на засипување, поплавување и други промени. Најголемиот од нив,  Демиркапискиот Остров, се наоѓа на околу 6,8 километри низводно од почетокот на клисурата. Со површина од 4,8 хектари, должина од 550 метри и должина на брег од 1,19 километри, ова е еден од најголемите речни острови во Македонија.

08/16

adite na vardar 8Адите на Вардар кај селото Јосифово претставуваат добар пример за непостојаноста на речните острови, особено во деловите на реката каде што коритото е широко, водата побавна, а седиментацијата поинтензивна. Иницијално, тие настанале со прокопување на нов речен крак на Вардар поради заштита од меандрирање, при што се создале два големи речни острови со полумесечеста форма, долги до 500, а широки до 250 метри. Но, со текот на годините амбиентот се изменил па денес се издиференцирани најмалку три острови со форма која е сосема различна од првобитната.

09/16

adite na vardar 9Со површина од 6 хектари островот во близина на селото Удово, е најголем помеѓу речните острови што имаат конзистентна форма и големина и втор најголем од сите острови во Македонија, по островот Голем Град на Преспанското Езеро.  Лоциран е на околу 300 метри јужно од Удово, а преку него поминува мост кој ова село го поврзува со соседните села од десната страна на Вардар и со новоизградената автопатска делница Демир Капија – Смоквица. Се протега во правец северозапад – југоисток во должина од 650 метри, а вкупната должина на брегот му е 1390 метри.

10/16

adite na vardar 10Според белешките на Милевски во 2014 година, еден од најголемите острови на реката Вардар бил островот кај селото Ѓавато, околу 5 километри североисточно од Гевгелија. Во тоа време островот бил долг околу 420 метри, широк околу 130 метри, и имал правец на протегање североисток – југозапад. Во меѓувреме, островот „мигрирал“ кон север, има правец на протегање северозапад – југоисток, и денес е најголем речен остров во Македонија со тенденција на затварање на внатрешниот канал на реката Вардар и негово спојување со копното. Овој остров воедно е и најјужниот македонски речен остров поголем од еден хектар.

11/16

adite na vardar 12Непостојаноста на речните острови е сериозна причина науката со резерва да пристапува кон нивно евидентирање. Таа непостојаност произлегува пред сѐ од нивната флувијална генеза и геоморфологија, но и поради различниот степен на (не)покриеност со вегетација. Нивната големина повремено варира и со степенот на нивната истакнатост над површината на водата, која произлегува од променливиот водостој на реките, чии амплитуди зависат, како од метеоролошките појави, така и од динамиката на полнење и празнење на акумулациите лоцирани во погорниот тек на реката или (во случајот на Вардар) нејзините притоки.

(фото: остров кај ТЕЦ Неготино)

12 /16

adite na vardar 13Голема улога во нивната „непостојаност“ игра и таканаречениот антропоген фактор, што во овој случај е благ еуфемизам за бруталното уништување на островите од страна на човекот, најчесто под изговор за уредување на речното корито, а со колатерална придобивка – ископување на песок и остварување материјална корист. За волја на вистината, во некои случаи е евидентна неопходноста од примена на вакви мерки поради спречување на ерозија на бреговите и ширење на коритото на сметка на плодни површини или приватни поседи.

(фото: остатоци од островот во Башино село)

13/16

adite na vardar 14Кога станува збор за детерминирање и евидентирање на островите во Македонија, проблем претставува и тоа што во светските научни кругови не е оформен универзален став во однос на максималната и особено на минималната големина на територија која може да се нарече остров, па во зависност од контекстот и потребите постојат различни дефиниции за тоа. Во тој контекст Адето во Велес е само еден пример на остров што е со конзистентна форма и големина, покриен со бујна вегетација, но помал од еден хектар.

14/16

adite na vardar 15Како општо прифатена дефиниција за остров е таа дека тоа е копно кое е постојано опкружено со вода, а истовремено не е континент. Останатите параметри кои се земаат предвид варираат во зависност од тоа дали на островите се гледа од географски аспект, од аспект на биодиверзитетот, од социоекономски аспект и слично, па во различни документи, трудови, или пак во различни законодавства, се наведуваат различни критериуми.

(фото: Удовски Остров)

15/16

adite na vardar 16Кога станува збор за речните острови нивната при нивна детерминација се земаат предвид параметри како што се: начинот на настанување, нивната старост, конзистентност и отпорност на промени, како и некои други параметри поврзани со интеракцијата на островот со хидрографот на реката. Сето тоа укажува на фактот дека детерминацијата и евиденцијата на речните острови претставува комплексна проблематика.

(фото: Демиркаписки Остров)

16/16

adite na vardar 17Како и да е, впечаток е дека за македонските острови малку се знае, малку е истражено и напишано, а нивното значење не е занемарливо затоа што се работи за уникатни морфолошки форми, кои меѓу другото претставуваат и минијатурни изолирани еколошки зони, места на природна убавина, но и засолништа за различни животински и растителни видови. А дека тоа е така, потврда е и фактот што три од нив се наоѓаат на „Листата на издвоени локалитети на значајно геонаследство од сферата на геоморфологија кои треба да се земат во предвид при изработка на новиот  Просторен план на Република Македонија“, а тоа се: Демиркапискиот Остров, Велешката Ада и Удовскиот Остров.

(фото: Јани Таш Велес)

ИЗВОРИ:

About the islands in the Republic of Macedonia – Ivica Milevski

Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределна разновидност) – МЖСПП

ISLAND STUDIES. ISLAND GEOGRAPHY. BUT WHAT IS AN ISLAND? – Maciej Jędrusik  University of Warsaw,  Faculty of Geography and Regional Studies,  Department of Geography of Africa, Asia and Oceania

 Territorial typologies  manual- island regions – Eurostat ’s methodology manual on territorial typologies .

Proposed fluvial island classification scheme and its use for river restoration – Josh Wyrick

Fluvial geomorphology – Tim A Stott

https://igeoportal.net

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A0%D0%B5%D1%87%D0%BD%D0%B8_%D0%BE%D1%81%D1%82%D1%80%D0%BE%D0%B2%D0%B8_%D0%B2%D0%BE_%D0%92%D0%B0%D1%80%D0%B4%D0%B0%D1%80

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фотографии: Дарко Андоновски