Климатски миграции: Струмичко поле остана жедно
Ова вообичаено е месец на зрелите корнишони и созреаните феферонки, но не и годинава. Плодната земја во струмичко Доброшинци, не успеа да ги израсне плодовите до пазар. Не е до марифетот, ниту пак до семето. Плодови речиси и да нема бидејќи Струмичко Поле остана жедно.
Богатите земји дупчат за да најдат нафта, а во струмичко се дупчи за да се најде вода, за колку-толку да се спаси родот. Но, струмичани ги загрижуваат предвидувањата на метеоролозите дека секое следно лето ќе биде потопло од претходното.
Најголемиот производител на храна се соочува со водна криза, а тоа значи дека се пали црвениот аларм за целата земја, оти ако продолжи вака, Македонија ќе стане целосно зависна од останатите земји, без сопствено производство на храна.
Браната Турија, најголемото напојувалиште за Струмица и околината оваа година го достигна историскиот минимум. Сушното лето и нерационалното трошење на вода направија криза.
Селаните велат дека водоводната мрежа ја затнуваат лисја и земја, а тоа значи дека од Турија истекува талогот, бидејќи вода речиси и да нема.
Ниското ниво во Турија е најголемата грижа за струмичани, кои и таа малку вода што доаѓа до нив, периодов можат да ја користат само како техничка, оти анализите покажаа енормни количества на манган и колиформни бактерии.
По неколку недели, студениот млаз вода е жртва на политички препукувања. Општината гарантира дека водата е исправна за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство не дозволува бидејќи бактериите не биле исчистени.
Збунетите граѓани остануваат жртви!
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Сниматели: Иван Поповиќ и Љубомир Домазетов
Монтажер: Мајда Бошњак Атанасовска