fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
najskapa e vodata shto ne ja pieme featured

Најскапа е водата што не ја пиеме – поради застарениот систем губиме 63 отсто од водата

  • Во Македонија, поради застарениот систем и децениското игнорирање без инвестиции, повеќе од половината питка вода се губи пред да стигне до потрошувачите.
  • Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, граѓаните на Македонија годишно плаќаат и за 146 милиони кубни метри вода за пиење што не ги пијат.
  • Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, а највисока жителите на Кочани.
  • Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, а најмалку домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.
  • Климатските промени дополнително ја интензивираат ситуацијата, бидејќи ги менуваат временските обрасци и водените циклуси ширум светот.

Водата е најважниот ресурс за живот. Но, како стигнува до нашата чаша?

Од природните и вештачките акумулации, прочистени, преку цевки, питката вода стигнува до нас. Но, во Македонија, поради застарениот систем и децениско игнорирање без инвестиции, 63% од питката вода се губи пред да стигне до потрошувачите. Со тоа земјава се вбројува како прва во Европа по губитоци на вода за пиење.

Водата што се губи чини најмногу. Можеби не стигнува до вашата чаша, но стигнува во месечната сметка.

Фотографија од сметка за вода.

Граѓаните на Македонија годишно плаќаат и за 146 милиони кубни метри вода за пиење што не ги пијат

Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, граѓаните на Македонија годишно плаќаат и за 146 милиони кубни метри вода за пиење што не ги пијат. Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба. Дури 44 отсто од 67 снабдувачи со вода за пиење лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 4 милиони евра.

Фотографија од Марко Бислимовски„Пред некој ден јавноста беше сведок како во охридско, во Пештани, се случил голем дефект и како туристите сместени во хотел оделе да се капат кај вработените и слично. Значи, инвестиции мора да има. Со инвестициите ќе ги намалиме загубите на вода кои што се исклучително високи во Македонија и се највисоки во Европа, 62-63%. Кога ќе ги намалиме загубите, ќе ги зголемиме количините кои што ќе се фактурираат на потрошувачите и на тој начин ќе ја одржиме и ценовната стабилност. Значи, знаеме како да го регулираме овој сектор, како да ја подобриме ефикасноста на претпријатијата, како да ги натераме повеќе да инвестираат, за на крајот на денот да ги намалат загубите. Со намалувањето на загубите, ќе ги зголемиме испорачаните, фактурираните количини и со тоа ќе нема никакви ценовни шокови“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Фотографија од изворот Рашче

Најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино, а убедливо најскапа е водата за скопските фирми (Извор Рашче)

Цената на вода кај нас ја определуваат општините. Така, најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње – само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино – 13,42 денари, а убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно. Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Парадоксално е тоа што, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно.

Водата станува редок и скап ресурс

Се чини дека водата е во изобилство на нашата сина планета. Но, екстензивното земјоделство, високата потрошувачка и климатските промени веќе предизвикуваат регионален недостиг. Проекциите се дека водата станува редок и скап ресурс и во блиска иднина ќе добива на цена оти ќе ја снемува. Но, како Македонија, и Бугарија има слични проблеми.

ivajlo kasiev 200x300 1„Имаме многу проблеми во секторот води. Тоа би го рекол во Бугарија. Загубите на вода се околу 60% како и во Република Македонија“, вели Ивајло Касчиев од EWRC Bulgaria и потпретседател на WAREG.

Пионерските чекори на соседите се прибирање на информации од каде и зошто Бугарија губи најмногу вода за пиење. Регулаторите велат дека вториот чекор е менување на тарифниот модел и инвестициите. Така го решаваат проблемот и Италијанците.

andrea guerini 200x300 1„Нашите трошоци по семејства по домаќинства во Италија се приближно 300 – 325 евра по семејство пред реконструкцијата. Тоа е приближно 150 кубни метри годишно. Благодарение на тарифирањето, во последните 10 години направивме зголемување на инвестициите од 400% .Така, со просечно зголемување на тарифата од 2% годишно и тарифната методологија, зголемувањето на инвестициите во 2023 се  400% повеќе во однос на 2012 година,  вели Андреа Гуерини, од WAREG – Италија

Иако се задоволни од промените, сепак и Италијанците велат дека процентот на питка вода што се губи е многу висока во споредба со другите европски земји. 

Процентот на загуба на вода, за жал, е прилично висока во споредба со останатите европски држави, бидејќи е приближно 42%. Тоа е доста високо, но полека се намалува. Го забележавме највисокото ниво кога почнавме да ги мериме загубите на вода во 2016 година, беа околу 44%.  Сега е приближно 41%-42%, така што има бавно движење надолу на губитоците на водата, благодарение на инвестициите“, објаснува Гуерини.

Континуираната работа во инфраструктурата дала големи резултати во Португалија. Иако има уште многу да се подобрува, сепак статистиката покажува значајно помалку губитоци на вода за разлика од другите примери.

vera eiro 200x300 1„Губитоците на вода се критична тема во Европа, всушност. Португалија не е исклучок. Ова е нешто што го сметаме за многу релевантно, бидејќи е начин да се подобри управувањето со водите многу брзо. Не е исто во сите делови на земјата. Но, во просек би можеле да кажеме дека тоа е повеќе од 20% од она што загубите приближно 27 30 %. Значи, ова е нешто што треба да се реши, бидејќи тука всушност можеме да обезбедиме подобрувања на поефикасен начин во она што се однесува на рамката за вода и вода“, вели Вера Еиро од ERSAR и потпретседателка на WAREG Португалија.

Нѝ останува многу мал дел вода за пиење

Земјината слика покажува дека две третини од светот се покриени со вода. Но, проблемот е тоа што поголемиот дел од водата на земјата е солена вода и затоа не е погодна за човечко конзумирање. Само 2,5 отсто од водата е слатка вода. Но, повеќе од две третини од неа се замрзнати на половите и во глечерите. Тоа нѝ остава многу мал дел вода за пиење, за готвење, за наводнување на земјоделски култури и вода за добиток.

Фотографија од човек кој се движи во поплавена бавча, за време на поплавите во Скопско 2016 година

Климатските промени влијаат на водените циклуси, предизвикувајќи суши во некои области, а поплави во други

Климатските промени дополнително ја интензивираат ситуацијата. Тие ги менуваат временските обрасци и водените циклуси ширум светот, предизвикувајќи недостатоци на вода, како и суши во некои области, а поплави во други. Екстремните температури се, исто така, виновни за недостиг на вода.

Но, во многу случаи експертите укажуваат и на таканаречениот „економски“ недостиг на вода, кој се должи на тоа како управуваме со нашите резерви на вода. Изворите на вода се преоптоварени, реките и езерата се пресушуваат или стануваат премногу загадени за употреба. За да се справат со „економскиот“ недостиг на вода, владите мора повеќе да инвестираат во инфраструктура за снабдување и складирање на вода.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска

Снимател: Наке Батев

Фото: Дарко Андоновски

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

 

Поврзани стории

Бунарите пресушуваат, изворите се повлекуваат, а ние немаме нови стратегии за подземните води

„Бетонизацијата“ нѝ ја суши почвата во Скопје

Достапност и одржливо управување со вода и канализација – каде сме денес?

Водата и климатските промени