fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
globalna cel dostapnost i odrzlivo upravuvanje so voda i kanalizacija za site kade sme denes featured

Достапност и одржливо управување со вода и канализација – каде сме денес?

Од стапувањето на сила на Агендата 2030 помина повеќе од половина од предвидениот рок за остварување на седумнаесет глобални цели за одржлив развој. Осврт кон постигнатите резултати во земјите од Западниот Балкан, потписнички на агендата, може да биде од помош, како заради поттикнување добри пракси, така и заради воочување проблеми на коишто треба да се работи повеќе на патот кон попросперитетни заедници.

Фотографија на која се гледа езерска или морска вода.

На Самитот на Обединетите Нации за одржлив развој во 2015 година, усвоена е Агендата 2030 – глобална мапа за одржлив развој, со цел создавање услови за развој на човештвото заедно со зачувување на капацитетот на Земјата, засновани на принципите на демократијата и почитувањето на основните човекови права, со соработка меѓу сите држави потписнички.

Земјите од Западен Балкан, како потписнички на Агендата 2030, се стремат до 2030 година, со цел да се остварат дефинираните цели – да ја искоренат сиромаштијата, нееднаквостите и климатските промени.

Од трите компоненти за одржлив развој, еколошката се издвојува како основа за постоење и развој на преостанатите две – економската и социјалната. Во овој текст фокусот ќе биде ставен кон една од еколошките цели – достапност и одржливо управување со водите и канализациите.

Глобална цел 6

До 2030 година би требало:

да се обезбеди универзален и еднаков пристап до безбедна и пристапна вода за пиење за сите

Државите од Западен Балкан со процент на население коешто користи барем основни услуги за вода за пиење: Северна Македонија (98%), Босна и Херцеговина; Србија (96%), Албанија (95%), припаѓаат во редот на земји во коишто „преостануваат предизвици“. Единствено Црна Гора ја „постигнала целта“ затоа што анализите покажуваат дека 99% од граѓаните имаат пристап барем до основни услуги за вода за пиење.

да се обезбеди пристап до адекватни и праведни санитарни услови и хигиена за сите и да биде окончана отворената дефекација, обрнувајќи посебно внимание кон потребите на жените и девојчињата и оние што се во ранливи ситуации

Дури 3,4 милијарди луѓе во светот немале пристап до санитарни услуги, а 1,9 милијарди биле без основни хигиенски услуги во 2022. година. Сите држави од регионот засега ја исполнуваат целта за одржлив развој“. Во Албанија 99%, а во Црна Гора, Србија и во Северна Македонија 98%, а во Босна и Херцеговина 95% од населението има пристап до санитарни услови.

Додека повеќето од населението без пристап до соодветни санитарни услови живее во рурални подрачја, бројот на жители без канализациски услуги во урбани средини стагнира или расте.

да се подобри квалитетот на водата со намалување на загаденоста, со елиминација на одложувањето и со минимализација на ослободување на опасни хемикалии и материјали, со преполовување на уделот на непречистена отпадна вода и со значително зголемување на рециклирањето и безбедната повторна употреба на глобално рамниште

„Преостануваат големи предизвици“ е оценка на анализата на напредокот на земјите од регионот по прашањето на процентот на отпадни води кои се подложени барем на примарен третман. Во Србија се третирани само 0,7%, во Северна Македонија 0,8%, во Босна и Херцеговина 1,1%, во Албанија 1,9%, а во Црна Гора „дури“ 8,4% од антропогените отпадни води.

Со оглед дека загаденоста од градските отпадни води е препознаена како еден од најбитните притисоци врз животната средина ширум Западен Балкан, вложувањата во собирање и третман на отпадните води би требало да се приоритет во регионот. Реалниот ризик од илјадници хемикалии што секојдневно се испуштани во водни средини е тешко да се процени, поради влијанието од поединечни супстанци и истовремена изложеност од повеќе соединенија, како и од недостаток на давање насоки и гранични вредности за безбедност коишто ги земаат предвид интеракциите на супстанции што истовремено се појавуваат во водни екосистеми.

Се проценува дека 58 проценти од отпадните води што се произведени во домаќинства се безбедно прочистени во 2022 година, врз основа на податоците од 140 земји.

Фотографија на која се гледа вода како истекува од селски чешми.

Повлекување на слатката вода се изразува низ размер од вкупна слатка вода којашто е користена од главните државни сектори (земјоделство, шумарство и рибарство, производство, индустрија за електрична енергија) и вкупните обновливи слатководни ресурси, по земањето предвид на еколошките потреби за вода. Во Босна и Херцеговина се повлекуваат 2,3% од ресурсите на располагање, што е најмал процент од земјите во регионот, додека максимум е 25,3% од обновливите слатководни извори што се користени во Северна Македонија. Сите земји од Западниот Балкан, според тоа, се според стандардите на Обединетите Нации, „ја исполниле целта“ за одржливо повлекување на водата.

Недостигот од вода се изразува како потрошувачка на вода, пондерирана со индекси на скудност. На Западен Балкан „предизвици остануваат“ во Србија и во Северна Македонија, додека „значителни предизвици остануваат“ во Босна и Херцеговина и во Албанија.

За состојбата во Црна Гора недостасуваат податоци. Националниот мониторинг, известувањето и ширењето податоци би требало да бидат засилени заради покриеност на сите индикатори за глобалните цели, а последователно, и за подобрување на националните политики.

Ефикасноста на користењето вода во светот порасна за 9 проценти од усвојувањето на глобалните цели.

да се имплементира интегрирано управување со водни ресурси на сите рамништа, опфаќајќи ја и прекуграничната соработка

Една од две земји сè уште нема делотворна рамка за одржливо управување со води. Податоците од 2017 и 2020 година покажуваат дека само 32 од 153 земји што делат прекугранични реки или езера, имале заеднички координирани планови за управување и цели за водите.

Земјите во регионот делат многу речни сливови, а заедно со нив и добри примери за прекугранична соработка, заради зачувување на природните граници, коишто се наведени во извештајот од Обединетите Нации за напредок во прекуграничната соработка во областа на водите:

  • ревитализација на Координациониот одбор на Преспанскиот парк (првобитно основан во 2010. година, со Договорот меѓу Албанија, Грција и Северна Македонија;
  • повторно воспоставување на Одборот за управување на сливовите на Охридското езеро од 2020 година, врз основа на Спогодбата за Охридското езеро помеѓу Албанија и Северна Македонија;
  • Договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија од 2019. година, за областа на животната средина и водите (Дунав, Струма);
  • Стратегиски акционен план за сливот на реката Дрина од 2020. година (поради КОВИД-19 ограничувањата, претставниците од Албанија, Грција, Црна Гора и од Северна Македонија се сретнаа на онлајн церемонија за потпишување);
  • Соработка меѓу земјите што го делат системот на Динарското карстно подрачје (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора);
  • Рамковен договор помеѓу Албанија и Црна Гора за меѓусебните односи во прекуграничните води;
  • Заеднички план за иправување со ризици од поплави за сливот на реката Сава (Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Словенија);
  • да се заштитат и да се обноват екосистеми поврзани со водите, опфаќајќи планини, шуми, мочуришта, реки, водоносни слоеви и езера.

Западен Балкан е глобално важно жариште на биолошка разновидност, особено кога станува збор за слатководни видови и живеалишта. На планински синџири, реки, езера и брегови, коишто се дом на бројни загрозени и ендемски видови, во последниве години им се заканува процес на регулаторно и економско прилагодување кон политиката за одржлив развој, особено со експлоатација на енергија од обновливи извори, меѓу кои најзначајна е хидроенергијата.

Проценката за прифатливост на постојните МХЕ покажа дека 74% од МХЕ во регионот не можат да бидат сметани за прифатливи од аспект на влијанието врз природните живеалишта.

Фотографија на која се гледа мало езеро, опколено со шума.

да се прошири меѓународната соработка и поддршка за изградба на капацитети во земјите во развој во активности што се поврзани со вода и канализација, вклучувајќи собирање вода, десалинизација, водна ефикасност, третман на отпадни води, рециклирање и повторна употреба на технологијата, како и поддршка и засилување на учеството на локални заедници во подобрувањето на управувањето со води и канализации

Секторот вода во регионот во моментов има три тека: пружање квалитетни и одржливи услуги за водоснабдување и канализации за граѓаните, исполнување на барањата од ЕУ за водите, заради почитување на претпристапната политика на унијата, и искладување со промената на климата што остава последици на водните ресурси, особено во урбани средини и енергетската криза што го пореметува економскиот раст.

Поттикнување на транснационална соработка меѓу земјите во регионот, со усогласување на законодавствата, со адекватна обука на раководен кадар, со програми за поддршка и финансиски инструменти за покривање на капитални трошоци за нови инфраструктури, сето ова е пожелно, со оглед дека земјите од Западен Балкан споделуваат слични еколошки, економски и социјални ограничувања.

Прекуграничните договори можат да ја поддржат културата на соработка и доверба, да се намалат ризици од катастрофи и да водат кон регионална и глобална безбедност на водите, притоа со целосно поефикасно вклучување на цивилното општество. Процентот на земји што имаат законски процедури за учество на локалните заедници во прашања со врска со управување водни ресурси изнесува над 70%, но сепак, процентот на земји со високо рамниште на учество останува константно низок (под 40 проценти). И покрај неретко само формално право на учество во управни постапки што се однесуваат на животната средина, локалните заедници во регионот упорно наоѓаат начини да дејствуваат врз одржливото управување со водите.

 

Автор: Јелена Јеремиќ

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.

Сподели