fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
oporavuvanjeto od kovid 19 da bide postaveno na pozeleni osnovi intro

Ние мора да го испорачаме она што го договоривме во Глазгов

Alok Sharma

Алок Шарма – претседател на Конференција за климатски промени на Обединетите Нации (COP 26)

Месец ноември оваа година беше момент на пресвртница за нашата планета. Државите од целиот свет се собраа во Глазгов, Обединето Кралство, на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP26. По две години маратонска работа и две недели трчање спринт во вид на преговори, успеавме да ја оствариме нашата цел – речиси 200 држави се согласија со Климатскиот договор од Глазгов. Станува збор за историски договор со кој можат да се гордеат сите 197 страни потписнички. Со сигурност можеме да кажеме дека успеавме да се задржиме на остварување на нашата цел – глобалното загревање да се ограничи на 1.5C над прединдустриските нивоа.

COP26 беше најголемиот политички настан досега кој бил одржан во Обединетото Кралство. Глазгов беше домаќин на претставници од 194 држави, 120 светски лидери и на 38.0000 акредитирани делегати.

Гледано однадвор, преговорите можеби изгледаа многу технократски, но стануваше збор за многу важни работи. Зборуваме за заштита на животот и на живеачката на оние кои се први изложени на климатската криза, а исто така и заштита на идните генерации кои, ако ние не успееме, ќе бидат осудени да живеат во свет кој е опасен, без ресурси и полн со неизвесност. Како што кажа и премиерот на Барбадос, Миа Мотли, кога станува збор за малите островски држави „1.5 степени е она што ни е потребно за да преживееме. Два степени значи да бидеме осудени на смрт”.

Науката ни кажува дека светот е веќе за 1.1C потопол (во просек) во споредба со прединдустрискиот период, а можеме веќе и да ги видиме ефектите од сето тоа врз милиони луѓе. Екстремните временски настани се во подем низ целиот свет а климатските промени не знаат за национални граници.

Глобалната соработка на која бевме сведоци во рамките на овој процес е нешто што би требало да му даде надеж на светот. Имаше определени несогласувања, но во свет кој е преполн со фрактурирана глобална политика, државите сепак успеаја да демонстрираат единство во однос на климата. Имаше зголемување на довербата помеѓу народите и изворна определеност да се дојде до договор.

Придвижуван од последните научни согледувања, овој наш Климатски договор од Глазгов го препознава јазот помеѓу тоа каде се сега државите во однос на нивните заложби за намалување на емисиите и каде треба да бидеме. Ја потенцира итната потреба од забрзано делување и исто така ги опфаќа заложбите на државите да ги ревидираат и зајакнат нивните цели за намалување на емисиите до 2030 година, и тоа да го направат во 2022 година.

За првпат, Договорот предвидува државите да прифатат план со кој јагленот ќе биде ставен настрана, како и неефикасните субвенции во однос на фосилните горива. А по шест години дискусија, Договорот ги финализира и останатите елементи предвидени со Правилникот од Париз (тоа се правила кои се однесуваат на Договорот од Париз за климатски промени кој беше потпишан во 2015 година), чие решавање ќе го ослободи неговиот целосен потенцијал.

Пактот исто така предвидува напредок во однос на финансиите кои се однесуваат на климатското делување, прилагодувањето, заштитата на луѓето и природата од ефектите од климатските промени и од загубата и штетите кои се резултат на климатската криза. Сите суштински прашања во борбата против климатските промени.

Надвор од преговарачките сали на оваа Конференција, го поздравивме објавувањето на нето нултите цели како и заложбите со кои се забрзува придвижувањето кон чиста енергија и чисти автомобили, ставањето кочница на опустошувањето на шумите и зголемувањето на финансиските средства потребни за климатска акција. Овие вредни аргументи, заедно со Климатскиот договор од Глазгов, почнуваат да ја заокружуваат сликата за тоа како ќе се поставиме сите ние како одговор на големиот глобален предизвик наречен климатски предизвик – да го одржуваме во живот лимитот од 1.5 степени.

На пример, согласно заложбите во Глазгов, целите за нето нулти емисии сега опфаќаат 90% од светската економија, што е зголемување за 30% проценти колку што беше на почетокот од разговорите за COP-26. Или, ги поздравуваме иницијативите како што е онаа за Партнерство за праведна енергетска транзиција со Јужна Африка во износ од 8.5 милијарди долари а со која се поддржува транзицијата кон чиста енергија, а сведоци сме и на тоа дека државите кои се дом на повеќе од 90% од шумите во светот се залагаат за запирање и рекултивирање на уништувањето на шумите. Исто така бевме сведоци и на најголемата поединечна мобилизација на Фондот за адаптација, кој им овозможува на заедниците кои се најранливи на климатски промени да се заштитат себеси.

Глазгов беше историско колективно постигнување, но тоа сепак е кревка победа. Можеме со сигурност да кажеме дека лимитот од 1.5C е жив но дека пулсот му е слаб. Сега зависи од секоја земја поединечно да го заштити и да го зајакнува во наредните години.

Од тие причини, работата на Велика Британија, како претседавач со COP-26, е само почеток на нештата. Во текот на следната година, ќе работиме со државите и ќе ги повикуваме да преземат активности и да го одржат своето ветување дадено со Договорот од Глазгов за зголемување на климатските амбиции до 2030 година и потоа. Не постои формален процес на следење на тоа до каде е промената на климатскиот систем, така што ние ќе мора да продолжиме со конструктивните притисоци и да ја градиме довербата и добрата волја кои се создадоа низ процесот на COP-26.

Мораме да го искористиме овој момент. Светот мора сега да зачекори и да преземе дополнителна активност во однос на финансирањето, прилагодувањето и исто така во однос на 1.5C. Наш долг кон оние кои се во првите редови на климатските промени, како и кон идните генерации, е да ги оствариме ветувањата за кои се договоривме во Глазгов.


Посетете ја официјалната интернет страница на дваесет и шестата Конференција на страните за климатски промени на Обединетите Нации (COP26).

Сподели