• Освен големи пожари, Македонија често е сведок и на хаварии.
  • Процедурите се напишани во различни закони, но најголем дел во Законот за дирекција за заштита и спасување, Законот за животна средина и Законот за јавно здравје.
  • Иако Законот предвидува меѓусекторско тело за спречување и контрола на хаварии со претставници од повеќе институции, досега вакво тело не е формирано.
  • Институциите задолжени со закон, си ја префрлаат надлежноста едни на други и се изземаат од одговорност.

Големите пожари во Фалише, фабриката за стиропор во тетовско, пожарот во фабриката „Треска“ и последниот во Универзална сала отворија серија прашања околу реакцијата во ситуација кога постои директна опасност од изложеност на населението на хемиско загадување, но и од пожари во густо населени места кога горат материи кои се потенцијално опасни кога се шират во воздухот. Според надлежните институции со кои разговараше Дома, дел од луѓето кои интервенираа во пожарот во Фалиште уште трпат здравствени проблеми.

Каква беше реакцијата во овие случаи, но и каква треба да биде реакцијата и чија е одговорноста, пред сè, за превенирање на опасност во ситуација на потенцијални хаварии, се прашањата на кои Дома се обиде да најде одговори.

Повеќе институции споделуваат одговорност

Ингеренциите за реакција при вакви хаварии се на повеќе институции и се содржани во повеќе закони, одговорноста за превенција пред сè е кај правните субејкти кои работат со потенцијално опасни материи.

Дирекцијата за заштита и спасување, Институтот за јавно здравје, Центарот за управување со кризи, Министерството за животна средина, противпожарните бригади, но и општините и МВР се институциите кои реагираат во ситуација на хаварија, пожар во хемиска фабрика или сличен инцидент во кој е потенцијално загорзено локалното или населението во поширок радиус.

„Процедурите на некој начин се напишани во различни закони, во Законот за дирекција за заштита и спасување, но и во другите закони кои што допираат до истава облас, во Законот за животна средина, во Законот за Институт за јавно здравје. Прашањево како такво треба да повлече многу поголемо внимание од тоа што се остава на заборав и се остава на тоа дека ако ни се случи некогаќ, да видиме што ќе правиме. Дирекцијата за заштита и спасување во својата надлежност има формирано екипа за хемиски несреќи, за да покажеме дека истава со години наназад не функционирала воопшто и покрај тоа што имаме добиено проект од Европската унија, прекогранично со Република Грција пред четири години каде што е набавен инструмент за да може да измери до 250 супстанци коишто можат да бидат опасни по здравјето и животот на населението. Ние оваа година направивме напори, конечно тој тим да профункционира, објаснува директорот на ирекцијата за заштита  и спасување“, објаснува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

 

Фабриките кои се занимаваат со производство на  потенцијално опасни хемиски материи, но и складиштата за бои и лакови, нафтени деривати имаат законски пропишана одговорност, првенствено, да имаат План за спречување и заштита од вакви инциденти, да имаат обучени тимови за експресна реакција во ситуација на потенцијална хаварија.

havariite stanuvaat poopasni koga napishanite pravila ne se pochituvaat 7
Во член 145 од Законот за животна средина е регулирано дека секоја компанија мора да има план за спречување хаварии

Законот за животна средина предвидува дека, уште со добивањето дозвола за работа, овие компании е неопходно да имаат план за спречување хаварии кој треба да биде ажуриран и контролиран на шест месеци, обучен и сертифициран тим и план за реакција. Дирекцијата за заштита и спасување има ингеренции преку инспекцискиот надзор да контролира дали правните субјекти ја почитуваат оваа регулатива.

Првите секунди се клучни

Хавариите од овој вид и од таков степен секогаш се многу проблематични и затоа се многу важни првите минути и секунди на интервенција и затоа правните субјекти мора да бидат подготвени и да ја почитуваат регулативата, потенцира Максути.

„Постапката за најбрзо дејствување ја има правниот субјект каде што се случува хаваријата. Затоа и секој правен субјект во државата, било да е приватен или општествен има законска обврска за исготвува планови и други документи пропратни, коишто се за пожари и за други несреќи коишто можа да се случат во текот на работењето. Исто така, законска обврска е на истиот правен субјект и да има екипа и таа да е обучена за таква несреќа. Свеста кај правните субјекти почнува да функционира по неколкуте несреќи, за жал учиме од грешките. Согласно план, проценка и правилник и елаборат за пожари, правниот субјект формира екипа којашто е обучена или треба да се обучува и да се сертифицира од ДЗС и да им се дадезадолежние во случај на на било каква несреќа, тие да бидат првите кои треба да реагираат. Ако несреќата ги надминува нивните капацитети, тогаш се обраќаат до надлежните институции. Во зависност од тоа за што се работи. Ако се работи за пожар треба да контактираат со противпожарната бригада. Ако се работи за хемиска несреќа, нормално дека можат да побараат тимот од ДЗС заедн со тимот од Министерството за одбрана којшто можат да дејствуваат. Во делот на евакуација, во случај на несреќа на работно место, согласно документит кои ги споменав, има командант на таа екипа којшто раководи со тимот кој бара и спорведува евакуација на вработените. Ако евакуацијата треба да опфаќа и поширок појас, тогаш се вклучуваат и другите институции, тоа е и Министерствот за внатрешни работи затоа што се регулира сообраќај, се регулира периметар за да може екипите внатре да работат и да спроведат тоа што треба да се спроведе со цел да се намалат ризиците и опасноста по здравјето и животот на луѓето“, вели Максути.

Ако инцидентот добива размери на хаварија и ги надминува капацитетите на субјектот во кој се случува пожар или истекување материи кои се опасни за населението реагираат институциите. Институтот за јавно здравје заедно со Дирекцијата за заштита и спасување носат одлука во однос на состојбата што се проценува на лице место.  Во случај на задгадување и истекување опасни материи во почвата и водата, Инспекцискиот надзор од Министерството за живона средина заедно со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување  решаваат за начинот на справување и намалување на ризиците.

„За да се заштити населението во околината прво се прави проценка дали тоа население треба или не треба да се евакуира. Таа проценка, по сандарди е пропишана преку Дирекцијата за заштита и спасување, а ја спроведуваат пред сè општините каде што се, кога станува за помал обед и претпријатијата коишто стопанисуваат. За да има евакуација на население, треба да има нешто поопасно кое би ги загрозило и во објектите каде што престојуваат затоа што самата евакуцаија од едно место на друго е опасност, ризик. Затоа се отиде на варијана да останат во своите домови, но со затворени прозорци, со постојниот кислород, со користење на шамивчиња ако имаат престој надвор“, објаснува Драган Тарчуговски, државен советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи.

Клучен проблем во ваквата поставеност е што фирмите и покрај сторгите законските критериуми и обврски кои им се пропишани во голем дел не ја почитуваат регулативата. Ова доаѓа од таму што казните за вкавите престапи кои ги одредуваат судовите се премали објаснува Максути. Вели, си пресметуваат дека многу поевтино им е да ја платат казната отколку да ги почтуваат правлата и да го инсталираат целиот заштитен систем.

„Имало и правни субјекти кои воопшто немале никаква документација, имало и несреќа, посебно несреќата во тетовско што се случи во една од фабриките за бои и лакови каде штетата беше огромна, меѓутоа ништо не можеше ниту од осигурителните компани да се покрие, ниту од било кој друг, ниту од државата, затоа што истиве наа никакви документи во однос на заштитата и спасувањето особено за работење со опасни материи. Не би сакал да ниту да навлегувам во детали, ниту да да кажам нешто што е надлежност на други институции, меѓутоа беше кажано дека особено фабриката во Тетово која гореше имаше испуштено доста опасни материи, канцерогени материи. Чисто сакам да упатам еден апел и да укажам дека дел од луѓето коишто интервенираа во тој пожар и ден денеска имаат проблеми со нивното здравје. Така што, штетите се огромни без разлика што мислиме дека некој пожар е далеку. Ние имавме друг пожар сега, многу брзо во центарот на Скопје кога гореше Универзална сала. Значи се што гори во населено место безразлика од што материја да е сепак испушта честички коишто се многу опасни особено по здравјето на децата и на луѓето со хронични болести. За жал, можам да ве уверам дека е многу ниско нивото на свеста. Јас можам да набројам дури и правни субјекти коишто воошто не треба да работат со опасни материи. Ние имам извршено и инспекциски надзори кај нив имаме и донесено решенија и за казни и за мерки коишто треба да да ги спроведат меѓутоа се сведуваме на тоа на суд да добијат некоја многу симболична казна, објаснува Максути.

Тело што постои само на хартија

Според Законот за животна средина, Владата треба да формира меѓуресорско тело за спречување и контрола на хаварии кое треба да се состои од девет члена и во кое треба да има претставници од повеќе институции. Тоа е предвидено во во членот 146а.

Фотографија на која е директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, кој е на лице место за време на пожарот во Фалише
При интервенцијата за пожарот во Фалише никој од присутните не носеше заштита (Фото извор ЦУК)

Но, нашите соговорници потврдуваат дека досега вакво тело не е формирано. Но, инсистираат дека  ако нешто е пропишано некаде и не е формирано или не функционира, не треба да се откажеме и дека секоја институција за себе треба да одговара за своите постапки, без разлика дали другите помагаат или одмагаат.

„На хартија постојат многу работи и многу тела во државата, но такво нешто функционално досега нема. Прашање е и колку ни е потребно бидејќи такво тело би било само доколку има ефекти надвор од државата. Надвор од државата ,ефекти од хемиски несреќи кај нас во суштина и нема, можеби само по течението на Вардар доколку дојде до голема хаварија во рафинеријата Окта или нафтоводот. Друго нешто со хемиски материи од таков обем со прекугранични ефекти не би имало, вели Тарчуговски.

Одговорноста за штета предизвикана врз животната средина во вакви случаи е заснована на принципот „загадувачот плаќа”. Идејата на законодавецот со ваквиот пристап е да превенира инцеденти од овој тип со тоа што исплаќањето на штетата трба да биде еден вид „закана“ за фирмите да ги преземаат сите потребни мерки.

Сите штетни последици од хаварии, пожари и истекувања опасни материи кои го загадуваат воздухот, водата и почвите се одговорност на правниот субејкт каде што се случил инцидентот. Според Законот, компанијата која го предизвикала загадување и други еколошки штети треба целосно да надомести и да овозможи враќање во првобитната состојба.

Пожарот во фабриката за бои и лакови во Фалише, но и оној веќе подзаборавениот во фабриката за стиропор во тетовско во 2022 година предизвикаа големо загадување на воздухот. Алармираа екологистите, но од Министерството за животна средина и во обата случаи тврдеа дека надминувањата на дозволените рамки се минимални. Затоа пак, пожарникарите кои по два дена се бореа со овие пожари имаа проблеми поради вдишувањето на чадот. Дел беа и амбулантно згрижени. Во двата случаи беше очигледно дека, пожарникарите не се ниту опремени како што е неопходно во вакци случаи. Во Фалише, локалното население доби препораки да не излегува од одма, да не отвора прозорци, два дена беше затворено локаното училиште, но други мерки, како и понатамошно следење на состојбата не видовме. Никогаш не беа објавени никакви анализи за тоа какви последици предизвикале овие пожари.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Катерина Ѓуровски и Катерина Топалова Дејановска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ, Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзана сторија

Што фалеше во Фалише?