fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Што фалеше во Фалише ?

Што фалеше во Фалише?

  • На 22 ноември годинава претпладне изби пожар во магацин за бои, лакови и железарија во тетовско Фалише.
  • Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиентниот воздух нема мерна станица во Фалише, ниту пак има поставено мобилна станица во моментот кога гори.
  • Најблиската мерна станица е во Тетово која покажува значително повисоки вредности на јаглероден моноксид, јаглероден диоксид и азотни оксиди.
  • По информацијата дека горат опасни хемикалии во магацинот, речиси сите лица кои се гледаат на снимките и фотографиите во тој момент не носат апсолутно никаква заштита.
  • Институтот за јавно здравје не добиле ниту една информација ниту било побарано од нив да отидат на терен, ниту пак добиле мостри од почвата.

Околина на тетовско Фалише. 22 ноември 2023 година. Во 10:30 минути избувнува пожар во магацинот „Евроком“. За околу два часа, медиумите се веќе на терен. Таму е директорот на Центарот за управување со кризи и доктор од Центарот за јавно здравје од Тетово. На терен се и пожарникари. Во првата изјава, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов ја дава првата информација.

„Може колеги?

-Да, да!

-Може! Значи, еве тука дојдени сте Центар за управување со кризи, што воочивте?

Каква е состојбата?

-Околу 10:30 часот е добиена пријава за пожар во просториите на „Евроком“ магацин и продажба, каде што меѓу другото имало и поголема количина на бои и лакови и други хемикалии. Зборував со сопственикот, се работи за поголема количина, можеби и 100 тона. Сѐ уште не можат да утврдат колку точно средства имало во моментот на појава на пожарот бидејќи биле продадени во претходниот период. Во секој случај се работи за голема количина на хемиски материи кои што се фатени од огнот и мислам дека сите се изгорени или сите ќе изгорат!“

По оваа изјава, следеа вести во сите медиуми дека во Фалише горат 100 тони хемикалии. Но, веќе следниот ден, некои медиуми излегуваат со податок дека изгореле 14 тони хемиски супстанци.

„14 тони бои и лакови и други хемиски средства, а не 100 тони како што беше укажано од надлежните вчера, беа опожарени во голема огнена стихија која избувна во магацинот за мебел и железарија во тетовско Фалише“.

Малку од медиумите ја објавија оваа вест, најголем дел продолжија да известуваат дека изгореле 100 тони хемикалии. Разликата меѓу бројките е огромна, а тоа ја менува целата слика.

Фалише - фотографија од Стојанче Ангелов и пожарникар

Од самиот почеток количината на хемикалиите беше нејасна (Извор: ЦУК)

Десетина дена по избувнувањето на пожарот, го прашавме Ангелов која е вистината.

Најпрво да ја коригирам почетната информација за 100 тона што ја дадов јас во јавност, врз основа на исказ на сопственикот на овој магацин, бидејќи не се работи за хемиска фабрика, туку за магацин на големо којшто истовремено вршел и малопродажба. Вториот ден кога дојде при себе, затоа што првиот ден кога кажа 100 тона тој беше изваден од памет, беше исплашен, вознемирен, вториот ден откако ги средиле документите, ми кажаа дека имало околу 14 тона бои и лакови и други хемикалии. Околу 80% од овој магацин било железарија, така што е невозможно да има таква количина“, вели Стојанче Ангелов.

Првата изјава Ангелов ја даде меѓу 13 и 14 часот, а зад него се гледа огромен чад што излегува од отворите на објектот. Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиентниот воздух нема мерна станица во Фалише, ниту пак има поставено мобилна станица во моментот кога гори.

Најблиската е во Тетово  и според официјалната статистика, во моментот кога се снима изјавата, за три параметри -јаглероден моноксид, јаглероден диоксид и азотни оксиди, вредностите се значително повисоки. Тоа значи дека на самото место се неколкукратно поголеми бројки од овие.

Никој не носи заштитна опрема

По информацијата дека горат опасни хемикалии во магацинот,  речиси сите лица кои се гледаат на снимките и фотографиите во тој момент не носат апсолутно никаква заштита. Медиумските екипи, директорот на ЦУК, цивили, па дури и пожарникари, според видео и фото материјалот се во директна опасност. Токсикологот Андон Чибишев алармира дека е прекршен безбедносниот протокол.

sto fali na falise 4 1

Присутните на теренот немаа никaква заштитна опрема, дури ни обични маски (Извор: ЦУК)

„Многу од луѓето кои беа таму присутни беа без никаква заштитна опрема. Мислам, навистина, сите тие таму се изложуваат на опасност да си го загрозат здравјето. Ако веќе одат таму и професионално мораат да бидат присутни, требало некој да ги предупреди дека треба да се заштитат пред да одат во загаденото подрачје“, вели Чибишев.

 Ангелов вели дека е свесен оти тоа било грешка, но вели, секоја институција има свој протокол, а за да го следи протоколот на неговата, прво требало да поседуваат опрема.

„Јас бев на самото место, без заштитна опрема. Во моментот кога ми го пријавија пожарот во Тетово се наоѓав на езерото Козјак каде што имавме работа со ЦУК, оттаму директно заминав за Тетово. Но, сакам да укажам дека оние маски коишто ги користеа дел од луѓето, коишто беа на самото место, оние антиковид маски, медицински маски, се козметички маски. Од нив нема некое големо фајде. За вакво загадување како што имаше таму, тој црн и густ чад, потребни се сериозни заштитни маски за таа намена.

-Имате ли такви?

-Ние немаме, има скопската бригада. За жал, немаа ниту тетовските пожарникари што повеќе од 24 часа непрекинато беа на самото место. На четворица пожарникари им беше потребно амбулантски преглед првиот ден“, изјави Ангелов.

 Според Ангелов, потребната заштитна опрема ја има армијата, иако им е потребна и на многу други луѓе кои професионално мораат да се на вакви опасни места.

sto fali na falise 5 1

Токсикологот Чибишев вели дека ситуацијата бара поголема сериозност и акција околу населението, а не само апел (Извор: ЦУК)

Но, освен професионалците, Фалише се наоѓа на 7 километри источно од Тетово, а според последниот попис, во него живеат 612 лица. За нив, апел стигна околу 14 часот.

Апелирам до сите жители кои што живеат неколку километри од местото на пожарот да не ги отвораат прозорците и непотребно да не се движат надвор, сѐ додека не добиеме детални информации“.

Сепак, медицинскиот токсиколог вели дека ова е лаички апел и оти ситуацијата бара поголема сериозност и акција околу населението.

„Тој дел околу фабриката, на најмалку 1.000 м во пречник треба да се евакуира. Ако има луѓе, да се тргнат луѓето од таму додека не се изгасне пожарот и додека надлежните институции не го деконтаминираат подрачјето“, вели Чибишев.

 ИЈЗ ниту бил повикан на терен, ниту добил мостри

Следниот ден, за настанот даваше изјава и министерката за животна средина Каја Шукова.

„Евидентно е дека ќе има загадување на воздухот. За жал, не можеме да го измериме, бидејќи е од органски испарливи материи. Ќе има загадување и на водата и на почвата, бидејќи тие честички ќе се спуштат на површината и треба да внимаваат. Таму, ако има земјоделски култури, тоа секако не треба да биде употребливо и треба да се уништи“, изјави министерката Шукова.

Шукова во изјавата дадена во хотелот „Хилтон“ беше убедена дека ќе има загадување, но Ангелов кој и наредниот ден беше таму, рече дека дождот расчистил сѐ.

 „Во текот на ноќта дуваше некој умерен северен ветер, но и врнеше дожд, еве гледаме дека и сега врне дожд. Според мерењата кои што се прават во Тетово, ПМ честиците се во нормална граница во овој момент така што немаме загадување на воздухот“, рече Ангелов.

Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитетот на амбиентниот воздух, покажува нешто друго.

ПМ 10 честичките за периодот за кој зборува Ангелов се речиси двојно поголеми од дозволеното.

Сепак, Шукова најави дека ќе се направи анализа на воздухот, водата и почвата и оти Државниот инспекторат и Институтот за јавно здравје излегле на терен.

Но, од Институтот за јавно здравје не добиле ниту една информација ниту пак било побарано од нив да отидат на терен. Не се однесени ниту мостри во одделението за испитување на почвата.

Фотографија од возило на ЦУК кое е во непосредна близина на пожарот во Фалиште

Дали Фалише ќе биде само уште еден на листата пожари за кои нема да има разврска? (Извор: ЦУК)

 Десетина дена по избувнувањето на пожарот, ниту институциите, ниту медиумите не зборуваат и не бараат одговори за пожарот во Фалише. По сѐ изгледа, тој ќе остане само уште еден на листата пожари кои од 2017 година, до сега, во Тетово се осум. Пожари со многу галама додека гори и никаква разврска откако ќе се изгаснат.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска