Поплавата и излевањето на водите од Маркова Река оваа недела можеа да доведат до вистинска природна катастрофа доколку временски услови беа само малку полоши. Поплавите на оваа река за жал не се исклучок, туку стануваат опасна традиција од година во година.

Маркова Река, со должина од 30 километри е десна притока на реката Вардар, која тече јужно од градот Скопје. Таа извира во гребенот на масивот на Мокра Планина. Според историските хидрографски податоци, својот максимум на водостој Маркова Река го има најчесто во раната пролет во време кога се топат снеговите на Караџица и Мокра Планина, па тогаш достигнува и пораст на водостојот од 2 до 4 метри. Во тој период доста чести се и нејзините излевања и поплави особено кај селото Батинци во чија близина постојат повеќе ископи на песок (бетонски бази) кои го менуваат текот на реката што секако придонесуваат до бреговата нестабилност, која под силен притисок од водата и наносите, започнува да еродира и ја пропушта водата надвор од бреговата линија.

Инаку, хидро системот Кадина Река-Маркова Река, преставува исклучително важен извор на вода за наводнување на земјиштето во Скопскиот регион и како таков е дефиниран како клучен за градење на климатска отпорност од суши според Стратегијата за отпорен град за Скопје. Според постари хидрографски планови, системот би требало да обезбеди со вода значаен дел од Скопската Котлина, па затоа е категоризиран како речен предел со стратешка важност според Секторската анализа.

Маркова Река е прогласена за жешка точка за поплави и природни катастрофи предизвикани од поплави според Стратешкиот план за намалување на ризици на град Скопје. Во Планот се предвидуваат низа на технички зафати, измени во политика на управување, како и меѓу секторска соработка која би довела до значајно намалување на штетата од поплавите. Со оглед на последната поплава, многу мал дел од овој план е постигнато.

Поплавите од изливања на реките од речните корита се честа природна појава што оставила страшни последици врз населението и населбите во Македонија низ вековите. Во Македонија, поплавите, метеоролошки најчесто настануваат по периоди на интензивни врнежи, сезонско топење на снежните талози во високите делови на планините. Од аспект на хидромеханика, поплавите често предизвикуваат штета поради лошите, оштетени, застарени или неадекватни системи за водна дренажа, пренасочување на вода и состојбата со водните акумулации.

Релјефот на Македонија исто така не помага во проблемите со поплавите, бидејќи најголемите населени места се наоѓаат често во или во близина на природните поплавни подрачја на реките. До сега статистички, Вардар, Црна Река и Струмица како реки со сите свои притоки биле главни предизвикувачи на поплави со големи штети врз инфраструктурата.

Календарски најголем дел од поплавите во Македонија се случуваат во рана есен или рана пролет поради временски промени. Овие природни зголемувања на речниот тек, стануваат дополнително поопасни поради оштетувањата на речните брегови поради експлоатација на песок и седимент и поради намалување и уништување на крајбрежната (рипариска) вегетација.

Под влијание на климатските промени, во иднина се очекуваат сè посилни и поинтензивни поплави кои директно ја загрозуваат јавната безбедност. До сега историски, неколку поплави во Македонија влегуваат во топ 10 листата за најсмртоносни природни катастрофи во последните 100 години. Оваа тема мора и треба да е приоритет во службите кои се грижат за заштита на јавното здравје и безбедност.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фото и видео: Томислав Георгиев

Монтажа: Ристо Душковски