Преку рударското лоби, странци ја кројат иднината на Македонија

17 февруари 2026

Изминатите години, југоисточна Македонија стана бојно поле меѓу локалните земјоделци и еко-активистите од една страна, и моќните странски рударски корпорации од друга. Иако поддржани од високи политички структури и следени со агресивни ПР-кампањи, овие проекти се соочија со силен отпор од граѓаните кои одбиваат да го жртвуваат своето здравје за профит.

Содржина

Битката против отворање рудници во југоисточна Македонија беше како судир со непобедливиот Голијат – моќни странски корпорации со милионски буџети, поддржани од локалната и централната власт, со скапи адвокатски тимови и агресивни ПР-кампањи делуваа супериорно пред еколошките активисти и земјоделци. Иако немаа финансиска моќ, медиумска поддршка или институционална заштита, тие станаа современиот Давид и ги принудија странските моќници да се спакуваат и да заминат од Македонија. Исходот стаса по деветгодишниот спор во кој, преку скапо платена пропаганда, ги убедуваа граѓаните дека рударството не е штетно за животната средина, а активистите кои се бунтуваа, се странски платеници кои се противат на благостојбата на земјата. И додека тие беа заплашувани и уценувани, а властите најчесто си молчеа,  „невидливи сили“ го туркаа проектот напред. Рударското лоби вложи сè за да наметне наратив што ќе го оправда отворањето рудници, и покрај јасното и масовно противење на локалното население.

Изградбата на рудникот во Казандол сега е стопирана, договорот е раскинат, но активистите предупредуваат дека битката не е завршена, зашто на терен се подготвува нова рударска офанзива.

Странски инвеститори доминираат во целиот рударски сектор, но тоа не ги спречува властите да предложат законско решение, со кое, како што велат активистите, се скратува процедурата за отворање рудници, а одлуката се префрла во рацете на политичката елита која треба да пресуди дали проектот е стратешки. Активистите се загрижени дека ваквиот пристап нема да значи воведување ред или поголема контрола за почитување на стандардите за заштита на животната средина, туку може да озакони неконтролирано издавање на концесии за отворање на рудници во турбулентни времиња кога битката за минерални суровини се заострува, а Балканот станува сè по атрактивен поради своето природното богатство.


Првите најави за отворање рудници во Иловица и во Казандол за првпат се слушнаа во јавноста во  2014 година но тогашните власти ги претставија како геолошки истражувања и за нив не се отвори јавна дебата, ниту јавноста се консултира за последиците. Населението не беше свесно дека зад дупчењата всушност се подготвува рударски проект кој може трајно да го измени целиот пејсаж и  кој ќе биде повод за  една од најдолготрајните еколошки битки во земјата.

Кога темата повеќе не можеше да се затскрива, отворањето рудници се претстави како  „вреден странски проект“, „инвестиција која ќе го забрза економски развој“ и ќе донесе „нови работни места“, без да се зборува за ефектите врз животната средина, почвата, водата.

Дозвола да изгради рудник за производство на катоден бакар во Казандол, доби украинската „Сардич МЦ“, за која медиумите пишуваа дека е поврзана со луѓе од власта . Иако владејачката гарнитура, ова никогаш јавно не го потврди, поддршката не изостана. Таа беше едвидентна уште на поставувањето камен-темелник каде што беше присутен техничкиот премиер, а неговиот претходник на Фејсбук напиша дека изградбта на рудник во Казандол е добра вест за Валадново и за регионот. И додека во институциите забрзано се подготвуваа и се одобруваа потребните документи – студии за оцена на влијание врз животната средина, урбанистички и просторни согласности, се продолжуваа концесиските договори – реакциите и забелешките на локалното население и на екпсертската јавност која бараше анализа на долгорочните еколошки и здравствени последици се маргинализраа.

Дилемите околу концесионерот „Сардич МЦ“

Кој стоеше зад концесионерот „Сардич МЦ“, никогаш до крај не се расчисти. Иако властите отворено се сомневаа, надлежните органи не поведоа постапка за ова прашање. Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, јавно проговори за сознанијата до кои дошле. „Во државата се влезени 18 милиони евра по основ на Казандол, а притоа никогаш не е откриен крајниот сопственик на тие средства. Влезени се средства од разни други места, но не и од Украина, а се вели дека е украинска инвестиција. Да не кажам од кои острови е влезено“, рече тогаш вицепремиерот Кочо Анѓушев. Од компанијата најавија тужба против Анѓушев и рекоа дека „финансиските контроли не утврдиле никакви неправилности“.

Договорот со концесионерот „Сардич МЦ ДООЕЛ“, за експлоатирање на злато, сребро и бакар кај Казандол, беше раскинат во 2018 година, бидејќи беше утврдено дека концесионерот не ги исполнувал законските обврски, по што започна  долгиот арбитражен спор во кој концесионерот ја тужеше Македонија.

Паралелно со институционалните чекори, на терен започна и кампања за „придобивање доверба“. Претставници на странските корпорации  ветуваа работни места, изградба на инфраструктура и економски бенефити, уверувајќи дека рударството ќе биде „безбедно“ и „еколошки прифатливо“. Во исто време, првите сомнежи и реакции на загрижените граѓани беа окарактеризирани како неосновани стравови и отпор кон напредокот. Токму ваквиот настап го запали фитиљот на отпорот: земјоделци, еколошки активисти и локални жители почнаа сами да истражуваат што значи рудник со отворен коп во нивниот двор. Јавноста се сензибилира и започнаа да се организираат собири, имаше протести, се бараше одржување референдуми.

kazandol denes spasen od rudnikot 2
Казандол е симбол на една од најтешките и најдолгите еколошки битки во Македонија

Но, тогаш, наместо одговори, се соочија со навреди и обвинувања, а на сцена стапи рударското лоби кое користеше различни тактики за активистите да ги замолчи, а одлуките на институциите кои беа неповолни за нив, да ги блокира. Како оддеднаш да се вклучи цела мрежа на подржувачи – од локални власти, владини функционери, професори, експерти, бизнисмени и агресивни пи-ар кампањи – кои зборуваа во име на странската компанија, тврдејќи дека рударството е неизбежно и модерно, се обидуваа да ги минимизираат штетните последици врз животната средина, а преку дискредитација на активистите и индиректни заплашувања сакаа да спречат масовност на протестите.

Дискредитација наместо дијалог

Како растеше отпорот на локалното население, така се интензивираше и притисокот. Стојан Велков – Трн од „Здрава Котлина“ вели дека низ деветте години борба имало многу обиди да ги одвратат, дефоксуираат и обесхрабрат. Овие притисоци не доаѓале директно од газдите, туку преку посредници и платеници, а траат и до денес зашто битката против рудниците не е завршена.

„Има/ше обиди за поткуп, закани, телефонски повици, дури и посети од наши познаници кои убедуваа дека рудникот нема да е штетен, дека ќе донесе развој, обиди за лична деградација и за девалвација на отпорот, инфилтрирани ликови кои се претставуваа како противници, а всушност тие беа нивни платеници… Освен тоа, овие ‘невидливи’ сили имаат разработено позадинска шема на делување преку свои платени пајташи. Тоа се ликови без никаква морална ориентација, без скрупули, водени единствено од лични интереси, а ги има и на локално и на државно ниво, од најниските до највисоките ешалони“, вели Велков.

Тој нагласува дека, во обид да се намали отпорот, се давале и подароци, се частеле ручеци, се ветувало сè и сешто, а за да се протурка проектот, помагале и судии и адвокати.

„Преку локалците прават акции за доделување земјоделска механизација, вештачко ѓубриво, алати, организирање средби за презентација на рудник, пропратено со јадење, пиење, ветувања за работни места, лаги дека земјоделието и рударството можат да коегзистираат заедно, и на секој можен начин кој е податлив за колекција на безумници и предавници. За ситни и за крупни пари, креираат ‘орки’ кои си ги користат за свои цели. А пак оние ‘поголемите’ државни и локални функционери, судии, адвокати и сл., во сите години на отпор, ги користат за ‘буткање’ на грозоморните планови преку кочење на целосно легитимниот правен процес (за конечно одземање на концесијата поради неисполнети услови) низ судски лавиринти, обиди да се разубеди ‘гласачкото тело’ поднесуваат тужби и водат судски процеси против активисти, преку Министерство за рударство и енергетика, промени во интерес на рударските корпорации во Законите за рударство и за минерални суровини… Со еден збор стегање на обрачот од сите страни“, вели Велков.

Паралелно, се активираат портали, колумнисти и фејсбук-страници кои шират пораки за „зелен рудник“, „безбедни технологии“ и „лажни еко-активисти платени од странство“.

Притисоците не попуштија ниту кога по смената на власта беше раскинат договорот со Казандол. Напротив, компанијата тогаш ги оствари заканите и ја тужеше државата пред арбитражен суд барајќи оштета од 115 милиони евра. Процесот заврши во корист на државата, но случајот остана како опомена за сите власти – што може да се случи ако одлучат да преземат обврски без консулатција со локалното население.

Како пропадна референдумот против рудникот во Казандол?

Референдумот против отворањето на рудник во Казандол, Валандово, беше распишан дури по вториот обид. Иако Советот првично го прифати барањето на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, тогашниот градоначалник Николче Чурлиновски, првично, не ја потпиша одлуката, со различни образложенија – прво, тврдеше дека општината немала надлежност, а потоа бараше од Иницијативата да собираат потписи. По нивното обезбедување и повторното гласање на Советот, референдумот конечно беше распишан.

Сепак, гласањето не успеа поради недоволна излезеност. Од „Спас за Валандово“ тогаш тврдеа дека граѓаните биле изложени на притисоци.

„Валандово беше под окупација, под опсада од возила на странски амбасади, службени возила на други општини, лица кои вршеа притисоци и стоеја пред избирачките места, разни други сомнителни лица кои се возеа по градот и вршеа притисоци“, објаснуваат од Иницијатива СОС-Спас за Валандово на денот на гласањето.

За разлика од Валандово, референдумите во Дојран, Гевгелија и Богданци беа успешни, а граѓаните се изјаснија против експлоатација на руда во нивните општини.

Притисоците не попуштија ниту кога по смената на власта беше раскинат договорот со Казандол. Напротив, компанијата тогаш ги оствари заканите и ја тужеше државата пред арбитражен суд барајќи оштета од 115 милиони евра. Процесот заврши во корист на државата, но случајот остана како опомена за сите власти – што може да се случи ако одлучат да преземат обврски без консулатција со локалното население.


По сличен шаблон се туркаше и постапката и за отворање на рудникот во Иловица-Штука каде беше планирано да се копа бакар и злато, а концесијата ја доби канадската фирма Еуромакс Рисорсес, за што Дома објавија серија текстови.

Јавноста беше сведок на судски политички маневри кои во повеќе наврати завршуваа во корист на странската компанија. Најпрво беше уважена тужбата на компанијата за раскинување на договорот, а потоа следеше и одлука и за спојување на концесиите. И владините одулуки се носеа нетранспаретно, додека коалициските партнери демонстрираа разногласие. Министрите од ДУИ кои беа посочувани од јавноста дека на своја рака го туркаат проектот, отстапките ги оправдуваа со заплашување дека државата може да се соочи со тужба пред меѓународни арбитражни судови, што би предизвикало значителна штета врз буџетот. Ваквите пораки беа доживувани како форма на притисок врз јавноста, со цел да се оправдаат одлуките донесени во корист на концесионерот.

Овој развој на настаните следуваше по промената на сопственичката структура на „Еуромакс Рисорсес“ кога 25 проценти од акциите беа откупени од холандска компанија поврзана со познат тетовски бизнисмен.

Институциите без став поради тековниот судски спор

Во врска со проектот Иловица–Штука, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ни изјавија, дека поради активна судска постапка, не може да заземат став, за да не се влијае на процесот.

„Ги уверуваме граѓаните дека секоја идна одлука ќе биде донесена исклучиво врз основа на закон, стручни анализи, транспарентни постапки и целосно почитување на јавниот интерес и заштитата на животната средина“, се вели во кусиот одговор од Министерството.

Искуствата од Иловица – Штука, откриваат ист образец: странските инвеститори не настапуваат сами. Тие доаѓаат со поддршка – институционална, политичка, медиумска и локална.

Методите кои ги користи рударското лоби ги опишува и Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и долгогодишна еко-активистка.

„Се работи за огромна индустрија со големи профити. Имаат ресурси и луѓе“, вели таа, а како најилустративен пример за моќта на лобито го истакнува обидот за носење на законски измени со кој би се забранила употребата на цијаниди и сулфурна киселина во рудниците. Поповска вели дека овој нејзин предлог, кој јавно го најавила на еден од протестите против отворањето рудници, добил широка поддршка од еко-активистите и дел од пратениците, додека јавната расправа се претворила во сцена на жестоки напади, навреди и организирано опструирање.

„Имаше неверојатни напади, имаше и лични напади кон мене. Посебно помнам еден напад којшто беше многу безобразен: ‘Ма која си ти вака, просто претседателка на некоја си зелена партија, што ти знаеш, ќе измислуваш тука дека цијанидниот раствор бил отров? Па ти знаеш ли колку ќе биде разреден цијанидиниот раствор во хидројаловиштето? Тоа се глупости, ги лажеш луѓето!’“,  се присетува Поповска.

Сето тоа водело кон еден очекуван крај на седницата. „Салата едноставно се испразни – снема кворум“, раскажува Поповска. Пратеници од трите најголеми партии, координирано, го блокирале гласањето. Законот бил заглавен цела година – јасен сигнал, според неа, дека рударското лоби нема партиска боја, туку го води само интерес.

Дел од стратегијата, според соговорниците, е и дискредитација на отпорот, со  обвинувања дека активистите зеле пари, работеле за странски држави или правеле тајни договори се повторуваат со години.

„Тоа е класична техника – да ја релативизираш вистината и да го замориш отпорот“, вели Поповска, која признава дека честопати била на раб да тужи, но одлучила да не ја троши енергијата во судски лавиринти.

Граѓаните не можат секогаш да ги препознаат тактиките кои странските инвеститори ги користат за да ги придобијат. Ѓорѓи Ѓеоргиоски од иницијатива „Спас за Прилеп“ и „Зелена народна стража“ вели дека „почнуваат суптилно преку – откуп на земјиште, помош за локални проблеми, ветувања за патишта, работни места, па дури и готовина ‘на рака’“, а потоа следуваат посериозни притисоци.

Искуството на Ѓеоргиоски покажува дека во таканареченото рударско лоби има луѓе од секакви професии и од сите бранши, од сите градови во државава. Но, како најголеми лобисти ги смета од наши политичари, вработени во државни институции, до обични луѓе.  


Според активистите, битката не само што не е завршена, туку земјата се наоѓа пред нова рударска офанзива, доколку се усвојат предлог-законите за рударство и за геолошки истражување, со кои ќе се скратат постапките и роковите за отворање на рудниците кои ќе се прогласат за стратешки интерес. Особено загрижува фактот што Македонија доброволно се прилагодува на европскиот акт за критични минерални суровини, иако нема формална обврска за тоа.

Македонија не е изолиран случај и е дел од поширок балкански пакет, каде посиромашните држави стануваат цел за експлоатација поради поради пониските еколошки стнадарди и слаби институции, но и поради глобалните промени на политички план кои ја ограничуваат достапноста до минерални суровини.

„И ако се направи „cost-benefit“ анализа – што ќе добие државата, а што ќе изгуби во уништени земјоделски стопанства, уништен туризам, уништени други гранки коишто постојат, сега на тие места, каде што рудниците дефинитивно ќе ги уништат, каде што ќе има и раселување на народ, што тоа дополнително ќе значи со изгубено здравје на граѓаните, на живиот свет, на природата – за мене како еколог нема дилема дека така гледано, вакво рударство било каде, во сечиј двор, покрај секоја вода, во секое заштитено место, е недозволиво. Посебно кога се работи за металични минерални суровини за коишто сега има голема јагма“, додава таа.

„Со оваа таканаречена стратегија за рударство што моментално властодршците во Македонија сакаат да ја донесат, ни се заканува легализирање на нов неоколонијализам во Македонија, под кој ние би спаднале како обични робови на кои ќе им се ископува и уништува целата држава, целата природа и животна средина за туѓи интереси, вели Ѓеоргиоски.

Кој ги поседува најголемите рудници во Македонија?

Најголемите рударски компании во Македонија се во сопственост на странски инвеститори и според анализата на порталот пари.мк, во 2024, оствариле вкупен приход од над 265 милиони евра годишно и заработувачка од речиси 50 милиони евра. Тоа се Саса во Македонска Каменица, Боров Дол во Радовиш, Бучим Радовиш, Булмак 2016 во Пробиштип и Мермерниот комбинат во Прилеп.

Рудникот Саса е во сопственост на Централ Азија метал со седиште во Лондон, Боров Дол во кој се експлоатира бакарна руда е во сопственост на Солвеј Инвестмент Груп со седиште во Швајцарија. Булмак 2016 е дел од бугарската Минстрој Холдинг,  и е концесионер на двата рудника Злетово и Тораница.

Stone Works Holdings, холандска компанија во сопственост на PAVLIDIS MARBLE-GRANITE од Драма, Грција, поседува 89,25 проценти од акциите на Мермерниот комбинат во Прилеп.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека предлог-законите за геологија и рударство се во финална фаза на усогласување со забелешките добиени на ЕНЕР и европската регулатива, вклучително и директивите за критични суровини и заштита на животната средина. Паралелно, се ангажираат експерти од ЕУ кои ќе дадат стручно мислење и компаративна анализа со законодавствата на пет земји членки.

За загриженоста на граѓанските активисти, дека земјата би можела да стане рударска колонија и дека законот овозможува концесии и на приватен имот без согласност, од Министерството одговорија дека „новите закони го штитат јавниот интерес и приватната сопственост“, а експлоатацијата на минерални суровини ќе се врши според највисоки еколошки, технички и социјални стандарди.

na pletvar prilepskiot sivec ja istrebuva makedonskata sivka 11
Раната на Плетвар: Холандска компанија бележи милионски профит од експлоатацијата на белиот мермер, додека активистите алармираат дека Македонија се претвора во рударска колонија

Покрај донесувањето на Стратегијата за геолошки истражувања и новите закони за геологија и рударство, приоритет за оваа година е зачленувањето на земјата во сите релевантни европски и меѓународни организации од областа на минералните суровини.

„Ова претставува клучен стратешки приоритет, затоа што глобалната економија влегува во нова ера каде критичните минерали – како што се бакарот, никелот, литиумот, ретките земји – стануваат основен предуслов за енергетска транзиција, модерна индустрија, дигитална инфраструктура и национална безбедност“, нагласија од Министерството.

Рекордни приходи од концесии за минерални суровини

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека, иако поголем дел од рударските капацитети се во приватна и странска сопственост, минералните суровини се државна сопственост и се експлоатираат преку концесии. Рударството е важна гранка за економијата, со учество од околу 2% во БДП, значајна за вработување, извоз и локален развој.

Минатата година се наплатила значително поголема сума за концесии што според Министерството се должи на засилените инспекциските контроли. Додека до 2024 година, од 342 концесии биле наплатени над 561 милион денари, во 2025 година од 289 концесии наплатени се над 1,2 милијарди денари, вели податоците од Министерството.

Од извршени 484 надзори, поведени се осум прекршочни постапки и одземени се 53 концесии поради непочитување на законот, неплаќање на надоместоци, прекршување еколошки стандарди, нелегален пренос на концесии или експлоатација надвор од дозволените полиња.

preku rudarsko lobi strancija krojat idninata protesti 2
„Стоп за рудници “ – е гласот на народот против интересите на странскиот капитал. (Извор фото: Здрава котлина)

Од друга страна активистите остануваа цврсти: Рудници нема да има. Тие бараат мораториум на рударење со металични суровини, да се стопираат постапките за  отворање на нови рудници и да се изврши ревизија на  старите А-интегрираните еколошки дозволи, издадени кога еколошките стандарди биле многу пониски. Според нив, ваквите проекти каде интересите на граѓаните и животната средина се ставаат во втор план во корист на странски корпорации, може да предизвикаат долгорочни и немерлива штети.

Искуствата од југоистокот покажуваат дека државата мора сериозно да ги промени правилата во рударството, засновајќи ги на највисоки еколошки стандарди, современи и безбедни технологии, транспарентност, темелна проверка на странските инвеститори и задолжителна согласност од локалното население.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Македонија, Србија и БиХ на пат да станат рударски колонии

Карактеристично за трите земји е што домашните политички елити поддржуваат отворање нови рудници иако повеќе примери покажуваат дека надлежните државни институции немаат капацитет за контрола и спречување на загадувањето од…

Македонија се претвора во рударско Ел Дорадо

Во време кога жителите на Струмичката котлина, на Пробиштип и на други населени места во земјава отворено порачуваат дека не сакаат отворање рудници во близина на нивните живеалишта, по нарачка…

    Поврзани приказни