fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
evropskite standardi vo zhivotnata sredina za nas se astronomski skapi feat

Европските стандарди во животната средина за нас се астрономски далечни и скапи

• Јавноста е малку запознаена со тоа до каде е приближувањето на земјата кон ЕУ во делот на животната средина.
• Исполнувањето на критериумите од Поглавјето 27 е еден од најтешките, најобемни и најскапи зафати
• Проценките се дека вкупно за спроведување на потребните промените се потребни од три до пет милијарди евра
• Државниот буџет за животната средина последниве години се намалува, а при ребалансите први на удар се парите за екологија
• Владата дури сега ветува формирање Фонд за животна средина што еколошките здруженија и експертите одамна го бараат

„Северна Македонија“ е „умерено подготвена“ по речиси сите критериуми кои Европската комисија ги проценува кога е во прашање подготвеноста на нашата земја за влез во Европската Унија. Ова е доминантната оценка во годинешниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија за 2022 година.

Вообичаено се анализираат оние делови на извештајот кои се однесуваат на политичките и економски критериуми, а надвор од фокусот на јавноста остануваат оценките за тоа колку Македонија е успешна кога се во прашање имплементацијата на обврските и препораките од Поглавје 27, кое се однесува на животната средина и на климатските промени.

Животната средина – жртва на економскиот развој

Тој дел на извештајот ретко стасува на насловните страници на медиумските изданија, „поклопен“ од она што се проценува дека е примарно и поважно за патот кон ЕУ, а тоа се политичките критериуми, борбата против криминалот и корупцијата, реформите, легислативата, надворешната политика.

Критериумите на ЕУ се групирани по кластери, па така Кластерот за Зелена агенда и одржлива поврзаност опфаќа: транспортна политика (Поглавје 14), енергија (Поглавје 15); трансевропски мрежи (Поглавје 21); животна средина и климатски промени (Поглавје 27). Во Извештајот на ЕК за 2022, Северна Македонија има добро ниво на подготвеност во трансевропските мрежи. Таа е умерено подготвена за транспортна политика и енергија, но затоа таа има само одредено ниво на подготвеност за животната средина и климатските промени.

Она што треба да е јасно, меѓутоа, е дека Европската Унија токму на поглавјето за животна средина му дава исклучително големо значење, а исполнувањето на критериумите за приближување на една земја кон членството во ЕУ од Поглавјето 27 како по правило е една од најтешките, најобемни и најскапи зафати.

bojana stanojevska 200x300 1„Во последните неколку извештаи на ЕК, забележливо е адресирање на речиси истите отворени прашања и проблеми од Поглавјето 27 што укажува дека заштитата на животната средина сè уште не е еден од главните приоритети на Владата и отсуствува политичка волја за посериозен исчекор, вели Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Таа како доказ го посочува државниот буџет за животна средина, кој од година во година се намалува и покрај тоа што има огромен број незавршени обврски од доменот на заштитата на животната средина и достигнувањето на ЕУ стандардите во таа област.

Така, според Центарот за правни истражувања и анализи, во 2020 година тој бил 10.486.569€, во 2019 година, 10.811.770€, додека во 2018 бил 10.925.590€. Но, исто толку загрижувачки е и фактот што при ребалансите на буџетот, највеќе страда токму заштитата на животната средина, односно се намалува и онака скромниот првично проектиран буџет за заштита на животната средина (28,42% во 2018, 22.77% во 2019 и 36,45% во 2020).

eu standardi za zhivotna sredina se skapi za nas infografik

Извор: Центар за правни истражувања и анализи

Инвестициите во Македонија во областа на животната средина досега главно биле со пари од ЕУ и од билатерална помош на странски држави, но оние што досега се реализирани, се само капка во морето на инвестиции кои се неопходни ако сакаме да задоволиме барем минимум критериуми за влез во ЕУ.

Главни предизвици каде се потребни промени

До датумот на пристапување, земјите-кандидатки мора да бидат способни ефективно да го применуваат целото законодавство и политика на ЕУ. Подготовките за членство претставуваат три посебни предизвици за секторот за животна средина:

  1. правни: над 200 делови од законодавството на ЕУ за животна средина треба да се транспонираат во националното законодавство за релативно краток временски период;
  2. административни: јакнење на капацитетите на администрацијата која треба да го имплементира и спроведува законодавството за животна средина;
  3. финансиски: потребни се значителни финансиски ресурси и инвестиции во инфраструктурата и технологијата за зајакнување на капацитетите и инфраструктурата.

Клучни области кои се анализираат во Поглавјето 27

Хоризонтално законодавство – главни делови од законодавството поврзани со доброто управување со животната средина; влијанието врз животната средина и стратешките проценки на животната средина, учеството на јавноста во процесот на донесување одлуки, пристапот до информации и пристапот до правдата.

Квалитет на воздухот – вклучува намалување на емисиите од стационарни извори како што се електрани и локални инсталации за централно греење, зајакнување на институциите за следење и собирање податоци и справување со загадувањето од сообраќајот.

Отпад – управувањето со комуналниот, индустрискиот и опасниот отпад во согласност со стандардите на ЕУ.

Вода – управување со отпадните води, подобрување на квалитетот на водата за пиење и имплементацијата на Рамковната директива за води.

Контрола на индустриското загадување и управување со ризик –имплентација на европската Директива за управување индустриски емисии.

Заштита на природата – развој на мрежата Натура 2000 за заштита на биодиверзитетот и екосистемите на земјите-кандидатки.

Колку ќе нè чини Поглавјето 27?

Ако се анализираат вкупните трошоци поврзани со обврските кои произлегуваат од Поглавјето 27, тие се драматично поголеми во однос на трошоците поврзани со другите поглавја. Поглавјето 27 го „бие глас“ дека е едно од најскапите и опфаќа околу една третина од севкупното законодавство што треба да се транспонира и околу половината од инвестициските трошоци за една земја кандидат која сака да стане членка на ЕУ.

За власта темата за инвестиции во животната средина како критериум за влез во ЕУ е речиси непостоечка. Претседателот Стево Пендаровски во изјава во 2019 година даде проценка колку би ја чинело Македонија усогласувањето со ЕУ критериумите кога е во прашање ова Поглавје.

„Уште од сега, грубо, поглавјето 27 би не чинело над пет милијарди евра, укажа шефот на државата“, додавајќи дека дава поддршка и за креирање национален фонд.

jadranka ivanova 200x300 1„Трошоците за постигнување на барањата се различни за секоја држава, што зависи пред се од економскиот развој и од состојбата со животната средина. Како генерално правило на проценка се зема дека за постигнување на барањата на законодавството за води потребни се околу 1 000 евра по жител, а за управување со отпад околу 100 до 120 евра по жител. Додека за останатите области од поглавјето се потребни дополнителни 30 % – 40 % од трошоците за водата“, вели Јадранка Иванова, експерт за апроксимација на законодавството во областа на заштита на животната средина.

Иванова посочува дека во документите изготвени во Министерството за животна средина и просторно планирање, покажале дека само за спроведување на две ЕУ директиви од делот за отпадни води Директивата за третман на урбани отпадни води и Директивата за вода за пиење, би биле потребни 1,2 милијарди евра инвестиции до 2041 година и транзициони периоди за спроведување по пристапувањето на државата во ЕУ.

Во Поглавјето 27 се водат преговори за 76 главни директиви, а за најскапите инвестиции од директивите земјите-кандидатки бараат транзициони периоди за нивно остварување. „За нас тоа би биле пречистителните станици“, вели Иванова.

Според неа, вкупната сума потребна за спроведување на потребните промени би се движела околу три милијарди евра.

„За точно определување на трошоците, но и за планирање на инвестициите, неопходно е секоја држава да направи Стратегија за инвестирање во животната средина со план за финансирање. Ова беше планирано да се направи со проект финансиран од ЕУ преку ИПА 2 фондовите, но за жал тој во два наврати беше прекинат – откажан“, потсетува таа.

Децениското запоставување на состојбите во животната средина и невложувањата во виталната инфраструктура и заштита на ресурсите и природата, како и несоодветното трошење пари се причина што усогласувањето со европските стандарди во оваа област сега за нашата земја се чини астрономски далечно и скапо.

Неопходно е да се утврдат приоритетите и да се направи добро планирање. ЕК посочува проблеми во речиси сите области. Сите прашања не можат истовремено да се решаваат уште повеќе што за решавање на некои е потребна долгорочна акција и посветеност, како и финансиски средства, посочува Иванова.

„Поразувачки е фактот што Република Северна Македонија во 21. век има проблеми на животната средина, карактеристични за земјите од третиот свет“, стои на официјалната страница на Владата на РСМ, каде, исто така, се наведува дека грижата за животната средина, меѓу другото, Владата ќе ја реализира преку обезбедување финансиски средства преку буџетот, ИПА помошта на ЕУ и „меките“ кредити на ЕБРД, ЕИБ и Светска банка за стимулирање јавно-приватни партнерства како и целосна транспарентност и широки консултации во областа.

По повеќегодишен молк, Владата сега ветува дека ќе формира и Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животнa средина ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, нешто што еколошките здруженија и експертите одамна го заговараат, а што би придонело за постабилни извори на финансии за отпочнување и завршување на долго одложуваните проекти кои Македонија би ѝ го промениле имиџот на земја од третиот свет и конечно би ја вратиле на европската мапа.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Југослава Дуковска