• На партиите во Македонија никогаш не им недостасуваа амбиции за таканаречените зелени политики.
• Ако најавите на министерот Меџити може да се сметаат за програма на ресорното Министерство, тогаш не може, а да не се забележи расчекорот меѓу таквите планови и програмата што пред изборите ја приложи ВМРО-ДПМНЕ пред избирачите.
• Во соопштението за активностите во изминатите 100 дена има само една точка која се однесува на животната средина, а тоа е дека се обезбедени средства за колекторот Трпејца.
• Од активностите што ги наведе министерот во отчетот за 100 дена работа, може да се заклучи дека партиската, па и владината програма се повеќе во функција на прелиминарно набљудување и нудење решенија отколку на вистинска претстава што ја очекува државата на планот на заштитата на животната средина и климатските промени.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори беше одвоено значајно место за животната средина. Планот предвидува(ше) обезбедување чист воздух за сите, управување и третман на отпадот, зачувување на езерата, управување со водните ресурси и речните текови и други активности меѓу кои и борба со урбаната бучава и заштита на природните ресурси како и борба со климатските промени.

На партиите во Македонија никогаш не им недостасуваа амбиции за таканаречените зелени политики. Па така и сегашната владејачка партија, во предизборието вети отворање на Зелен фонд на Македонија или уште наречен и Фонд за животна средина, за што дури и беше посочено дека ќе се реализира најбрзо што може по формирањето на новата влада. Намената на Фондот е во него да се слеваат сите средства од еколошки такси, надоместоци за животна средина и други еколошки давачки.

Легенда: Иако најавен како ургентна активности и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, Зелениот фонд не се најде на агендата во првите 100 дена на Владата

Стоте дена од формирањето на владата поминаа, уште малку кабинетот на премиерот Мицкоски ќе полни четири месеци, а Зелениот фонд го нема. Министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити на прес-конференцијата по повод стоте дена не го ни спомена Зелениот фонд кој беше најавен како ургентен од ВМРО-ДПМНЕ, и кој е дел и од програмата за работа на Владата што ја достави Мицкоски до парламентот.

Еден од плановите во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ беше и формирање на Централно инспекциско тело за справување со загадувањето на животната средина и со отпадот. Акцентот на работата на тоа тело треба да биде загадувањето на воздухот. Министерот за животна средина Изет Меџити говорејќи пред новинарите по стоте дена влада рече дела ќе се воспостават регионални системи за управување со отпад во пет административни региони. Како што најави, во Полошки регион ќе се спроведе реконструкција на регионалниот систем за управување со отпад Русино, ќе има една трансфер станица (Тетово), како и системи за складирање отпад и собирање кабаст отпад.

Во источниот и североисточен регион, рече Меџити, се очекува во најскоро време да биде објавен тендерот за изградба на централна постројка за управување со отпад како и изградба на 6 претоварни станици. Во Пелагониски и Југозападен Регион, најави дека ќе се реализира изградба на регионални системи за управување со цврст отпад, изградба на 4 трансфер станици, системи за складирање отпад, собирање кабаст отпад, затварање на депонијата во Новаци. Додека, пак, во Вардарски и Југоисточен регион ќе се спроведе реконструкција на регионалниот систем за управување со отпад во регионите со цврст отпад, трансфер станици, системи за складирање отпад, собирање кабаст отпад и затворање на депонијата Доброшинци.

ЕУ на помош

Против загадувањето на воздухот, државата ќе се бори со помош на ЕУ. Министерот Меџити рече дека е во тек имплементација на проектот „ЕУ за чист воздух“, од кој во нашата држава ќе бидат вложени 10 милиони евра за 4 града со најголеми скокови на концентрација на загадување на воздухот : Скопје, Куманово, Тетово и Битола.

„Со проектот ќе се делува на намалување на загадувањето од системите за греење со замена на стари неефикасни котли во 70 јавни установи, ќе се донираат 6 еколошки автобуси на Град Скопје, ќе се засадат зелени појаси и ќе поддржи создавање на предуслови за проширување на централното греење во Скопје со изработка на студија и набавка на инструменти за анализа на тешки метали во концентрациите на ПМ за Централната лабораторија“, подвлече министерот.

Ако овие најави на министерот може да се сметаат за сумирање на програмата на ресорното Министерство во животната средина, тогаш не може, а да не се забележи расчекорот меѓу таквите планови и програмата што пред изборите ја приложи ВМРО-ДПМНЕ пред избирачите. Ветувањата во таа програма беа дека ќе има поддршка на 150.000 домаќинства за зелена транзиција, составена од грантови и поволни кредити за приватните куќи и станови. Поддршката требаше да биде за енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, и субвенции до 50 отсто за сончеви колектори, топлински пумпи и фотоволтаични електрични централи.

Освен тоа, за разлика од навестувањето на министерот Меџити дека ќе бидат заменети неефикасни котли во 70 јавни установи, партиското ветување пред изборите беше дека ќе има целосна промена на начинот на загревање на институциите. „Повеќе од 600 објекти на државни и јавни институции користат мазут или цврсти горива загревање или за технолошки потреби. Ќе инвестираме во системи за загревање со нулта емисија на цврсти честички“, стоеше во партиската програма.

Најавите на министерот Меџити се разликуваат од ветувањата на ВМРО- ДПМНЕ во однос на загревањето на државните и јавните институции и за решенијата против загадување на воздухот (Извор: Програма на ВМРО-ДПМНЕ)

ВМРО-ДПМНЕ на избирачите им вети и намалување на урбаното загадување на воздухот преку воведување нови методологии за превенција, поддршка на старт ап компании и иновации за помало загадување и чисти горива во такси – превозот. Ветија и донесување регулатива за зајакнување на општинската комунална редарска служба.

И во партиската и во владината програма што ја поднесе Мицкоски на стартот на мандатот, беше наведено дека такси-превозниците ќе бидат финансиски ослободени за набавка на возила без емисија на цврсти честици и со мала бучава. Ветија и нови велосипедски патеки, пешачки зони и зони со мала бучава, ослободување од данок и царина при купување на електрични патнички возила, намалување на трошоци за регистрација за 50 отсто за истите, 50 отсто поевтина патарина за такви возила како и  полначи за електрични возила на секоја бензинска станица.

politikata i zivotnata sredina glavna vo partiskite programi na marginite kaj vladite programa 3
Меџити во отчетот не ги спомена мерките што Мицкоски ги достави како владина програма во однос на такси-превозот, велосипедски патеки и печашки зони, ослободување од данок и царина за електрични патнички возила (Извор: Програма на Владата )

Меџити не спомна ниту најави такви мерки, но објави дека е во тек изработка на нов Национален план за намалување на загадувањето на воздухот кој ќе биде готов до крајот на годината. Тој рече и дека е во тек реализација на проект во соработка со УНДП во вредност од 2.5 милиони долари во кој се опфатени 5 општини: Струмица, Куманово, Кавадарци, Гостивар и Струга, а посочи и дека веќе се изработува Катастар на загадувачи на воздух на подрачјето на општините Струмица, Битола, Пробиштип, Крива Паланка, Делчево, Дебар и Свети Николе. Исто така и стакленичките емисии ќе бидат ставени под лупа за што се изготвува правилник за нивно следење и известување.

Преработката на отпадот е најважна

Ирена Мирчовска, претседателка на Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ – Кочани изразува разочараност што министерот не го спомна загадувањето во Кочани и што Кочани не е дел ниту од новиот Национален план за намалување на загадувањето на воздухот, ниту од Катастарот на загадувачи на воздух.

„Тоа е превид кој треба да се исправи. Мерки и решенија сигурно има, потребно е само да се има желба и волја за да истото се реши“, вели таа.

irena mircovska300x250Познат е фактот дека отпадот е втор понор на стакленички гасови (после индустријата) кои се главен причинител на климатските промени. Не знам колку се запознаени надлежните институции (а мислам дека доволно се), меѓутоа загадувањето на воздухот предизвикано токму од неконтролирано палење на градската (сега веќе микрорегионална депонија) во Кочани е сериозен проблем со веќе сериозни последици по здравјето на жителите на градот Кочани и околните села во последните 2-3 години“, ни изјави Мирчовска.

Таа ја поздравува идејата за регионални депонии односно централни постројки за одлагање на отпад, но смета дека поголем акцент треба да се даде на селекција и преработка на отпадот којшто е огромен потенцијал односно ресурс за добивање на енергија или секундарни суровини.

Од активностите што ги наведе министерот може да се заклучи дека партиската, па и владината програма се повеќе во функција на прелиминарно набљудување и нудење решенија отколку на имање вистинска претстава што (треба да) ја очекува државата на планот на заштитата на животната средина и климатските промени како понов феномен. Како и секоја друга област и животната средина е ставена на европскиот колосек чија „пруга“ завршува со далечинското управување кое прецизно ги набројува чекорите што треба да ги прави државата за да ги прифати европските практики за чиста средина.

politikata i zivotnata sredina glavna vo partiskite programi na marginite kaj vladite medjiti
Меџити на масата во животната средина е дочекан со стотици закони, правилници и проекти кои се засега само на хартија

Така и министерот Меџити како нов фронтмен на животната средина и просторно планирање е дочекан со стотици закони, правилници и проекти кои се само теоретски предуслов да се подобри оваа област од клучни значење за граѓаните. Со години наназад недонесениот Закон за климатска акција кој ги регулира обврските и санкциите за загадувачите, веќе треба да добие зелено светло. Осврнувајќи се на стоте дена на Владата, министерот рече дека работеле и на Законот за индустриски емисии, подзаконски акти од пакетот Закони за управување со отпад како и на ревизија на Националниот план за енергија и клима.

Зоран Шапуриќ, некогашен министер за животна средина вели дека за депониите е потребно поинакво решение.

politikata i zivotnata sredina glavna vo partiskite programi na marginite kaj vladite sapurikj Мора да имаме регионален пристап во изградба на депониите, односно да изградиме 6-7 регионални депонии во кои ќе се депонира само она што не може да биде опфатено со рециклирање како и други форми на преработка на отпадот. Затоа на овие депонии треба да бидат изградени и постројки за секундарна селекција на отпадот, за негова преработка како што се рециклирањето, компостирањето и други видови на преработка, а само она што нема да може да се преработи да се депонира“, вели тој.

На нашето прашање зошто и покрај хиперпродукцијата на закони нема видливи резултати во заштитата на животната средина, Шапуриќ посочува дека навистина има многу закони но основниот закон во областа на животна средина т.н. еколошки устав, кој е донесен во 2005 година и после 27 измени и дополнувања е сѐ уште во сила без да се донесе нов закон, што создава тешкотии во примената. Македонија, вели тој, како земја кандидат има обврска постојано да го хармонизира националното законодавсто со законодавството на ЕУ, кое е многу динамично.

Притоа, се постигнати делумно задоволителни резултати, но практичната имплементација на истите е многу слаба. Тоа се должи на повеќе објективни и субјективни причини, како што се нереално поставени цели и динамиката на реализацијата. Има и недоволни административни капацитети, особено на локално ниво, лошо и нехумано урбано планирање, отсуство на политичка волја, недоволна едукација, лоши и само формално усвоени стратешки и плански документи, непостоењена специјализација за оваа проблематика“, смета Шапуриќ.

Фотографија од соопштение на Владата за 100 дена
Во соопштението за активностите во изминатите 100 дена има само една точка која се однесува на животната средина

На ниво на политика поврзана со климатските промени и владејачката партија и Владата, барем во програмата, се обврзаа на поголема заштита на националните паркови како и финансиска поддршка за Пелистер, Галичица, Маврово и Шар Планина кои припаѓаат во заштитената категорија. Се обврзаа и дека ќе прогласат нови заштитени подрачја во Македонија, како и тоа дека руралните и планинските места ќе добијат по 10 милиони садници, а урбаните 500 илјади. Секако овие планови за масовни пошумувања долго време беа коментирани од стручните лица од шумарството како популистички планови кои имаат мал или речиси никаков бенефит кон животната средина.

Нови заштитени локалитети

Министерот Меџити во резимето на стоте дена Влада рече дека веќе се прогласени за природна реткост два нови локалитети – „Дувало-Косел“ и палеонтолошкиот локалитет „Змијовец“. Оваа одлука иако се случи за време на оваа Влада, прогласувањето на нови локалитети е процес кој трае со години во кој се вклучени многу институции и тешко е да се прогласи исклучиво како успех на оваа Влада.

Во однос на партиско-владиното ветување за изградба на пречистителни станици во Велес, Штип, Виница, и доизградба на истите во Тетово и Скопје, вниманието на Министерството за животна средина и просторно планирање, барем на стартот на работата на Владата, се чини дека е на пречистителната станица во Скопје.

„Продолжува реализацијата на Пречистителна Станица – Скопје кој е инфраструктурен проект со исклучителна важност со кој конечно ќе се овозможи главниот град на државата адекватно да ги собира и пречистува отпадните води. Проектот со инвестициска вредност од 186 милиони евра е финансиран од заем на Република Северна Македонија со Европска Инвестициска банка (68 милиони евра), Европска Банка за Обнова и Развој (58 милиони евра) и неповратни грант средства во висина од 68,8 милиони евра од Инвестицискиот Фонд за Западен Балкан на Европска Унија“, рече министерот Меџити.

Македонија не може да се пофали со чиста животна средина. Неретко странски амбасади или невладини организации вршат интервентни чистења на разни локации со надеж дека ќе се подигне свеста за важноста на хигиена на јавниот простор.

Фотографии од диви депонии
И покрај ветувањата на сите влади од независноста досега, Македонија не може да се пофали со чиста животна средина (Фото: НП Маврово)

Владејачката партија вети расчистување на 70 нерегулирани депонии во Македонија, и иновативен чекор за трансформирање на регионалните центри за отпад во преработувачки центри на отпад. Владата во која оваа партија го има главниот збор сѐ уште е на почеток на мандатот, но во заштитата на животната средина и справувањето со климатските промени, се чини дека се поминати сите рокови. Покрај тоа, трендовите покажуваат и дека борбата против климатските промени може да стане луксуз за сиромашните држави.

Извештајот за климатски промени и развој (CCDR) покажа дека на Македонија ќе ѝ требаат 6,4 милијарди долари во следната деценија за зајакнување на отпорноста кон климатските промени и дека земјава може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Дарко Андоновски

Поврзани стории:

 Зелената агенда „црвенее“ во Западен Балкан – плановите се само на хартија

ЕУ ќе ги повлече парите ако до 2026 не го изградиме регионалниот центар за управување со отпад

Пет пари не даваат за заштита на Водно, Матка, Кале и Гази Баба

Национален срам „Маврово“

Ѓубрето во Скопје политичарите го гледаат само во предизборни кампањи

Илјадници тони отпад не се селектира бидејќи дел од фирмите не го пријавуваат

Не треба да ја чуваме природата само за атер на ЕУ

Ѓубре насекаде, акција само некаде

Еколошки пресврт или научна фантастика

Странци упорно ни плаќаат стратегии, ние уште поупорно не ги спроведуваме